Добрата вест се проповеда на високите Анди
БЕВМЕ 18 души. Легнати на земјениот под во вреќи за спиење, се тресевме од студ додека го слушавме тропањето на поројниот дожд врз покривот од ребрест лим над нашите глави. Со оглед на состојбата на колибата во која се сместивме, се прашувавме дали можеби не сме првите луѓе што престојуваат во неа.
Што би натерало 18 луѓе да дојдат во едно вакво место? Одговорот беше едноставен — нашата желба да ја послушаме Исусовата заповед да ја проповедаме добрата вест „сѐ до крајот на земјата“ (Дела 1:8; Мат. 24:14). Бевме дојдени да проповедаме во изолирано подрачје на Андите во Боливија.
Како стигнавме дотаму
Воопшто не беше лесно ни да се стигне до овде. Дознавме дека до толку далечни места нема редовна линија со јавен превоз. Кога автобусот ни дојде, сфативме дека е помал отколку што си мислевме, па некои од нас мораа да стојат. Но, на крајот сепак стигнавме до нашето одредиште.
Целта ни беше да им проповедаме на луѓето во селата што беа расфрлани високо на Андите. Затоа, кога слеговме од автобусот, сите се подредивме во колона по еден и, натоварени со намирници, тргнавме угоре по стрмните планински патеки.
Иако селата изгледаа мали, куќичките беа расфрлани на големи растојанија, па ни требаа часови да го обработиме секое село. Сеедно колку многу одевме, секогаш се чинеше дека во далечината има уште една куќа. Не еднаш се загубивме во лавиринт од испреплетени патеки низ нивите.
„Зошто не дојдовте порано?“
Една жена беше толку трогната кога слушна колку долг пат сме поминале што ни дозволи да си зготвиме ручек во нејзината кујна, а ни даде и дрва за огнот. Кога слушна што кажува Библијата за состојбата на мртвите, еден човек праша: „Зошто не дојдовте порано?“ Толку беше заинтересиран што тргна да нѐ испрати додека си заминувавме од селото за да ни постави уште прашања по пат. Еден друг човек никогаш порано не беше чул за Јеховини сведоци, и нашите списанија многу му се допаднаа. Ни се заблагодари од срце и ни даде клуч од една колиба за да има каде да преноќеваме.
Една ноќ беше толку мрачно што, без да видиме, ги поставивме шаторите среде колонија на големи црни мравки. Тие брзо покажаа дека не сме добредојдени — почнаа да нѐ касаат! Бевме премногу уморни за да се преместуваме и, за среќа, наскоро мравките престанаа да ни обрнуваат внимание.
Иако во почетокот нѐ болеа грбот и ребрата бидејќи спиевме наземи, во текот на ноќта се навикнавме на тврдото тло. Сепак, и најмалата болка исчезнуваше кога наутро ќе го здогледавме видикот што се протегаше пред нас — недопрени долини по чии падини мрзливо се лизгаа облачиња и величествени снежни капи на планинските врвови што блескаа во далечината. Тишината ја нарушуваше само жуборењето на едно поточе и песната на птичките.
Потоа се миевме на потокот, разгледувавме заедно еден библиски стих и, по појадокот, полека тргнувавме нагоре кон другите оддалечени села. Качувањето навистина се исплати. Сретнавме една постара жена која заплака кога дозна дека во Библијата е запишано Божјето име, Јехова. Тоа длабоко ја трогна. Сега можеше да го користи Божјето име во своите молитви!
Еден постар човек рече дека Бог мора да се сетил на него, и запеа дека ангелите нѐ испратиле. Еден друг човек, кој беше многу болен и не можеше да излегува од дома, ни кажа дека никој од неговото село не се помачил да дојде и да види како е. Просто не можеше да верува дека ние доаѓаме од Ла Паз! Сретнавме и еден човек кој беше импресиониран што Јеховините сведоци ги посетуваат луѓето во нивните домови, за разлика од другите религии кои со камбани ги повикуваат сами да појдат в црква.
Ниту една куќа во тоа подрачје нема струја, па луѓето си легнуваат кога ќе се стемни а се будат со изгрејсонце. Затоа, ако сакавме да ги најдеме дома, моравме да почнеме да проповедаме во шест часот наутро. Во спротивно, повеќето од нив веќе ќе беа заминати на работа по нивите. Подоцна, некои од оние што веќе беа појдени да работат на полето беа спремни да прекинат за кратко и да ја сослушаат пораката од Божјата реч, а така му даваа и на добичето да здивне од влечењето на плугот. Мнозина од оние што ќе ги најдевме дома ни постилаа овчи кожи за да седнеме, а потоа го собираа целото семејство за да нѐ слуша. Во знак на благодарност за библиската литература што им ја оставивме, некои од земјоделците ни дадоа големи вреќи полни со пченка.
„Не ме заборавате“
Се разбира, за луѓето да дознаат повеќе за Библијата не е доволен само еден разговор. Многумина нѐ молеа пак да се вратиме за повеќе да ги поучиме за Библијата. Затоа досега веќе неколку пати патувавме во овој дел од Боливија.
Една постара жена, која беше пресреќна што пак се вративме, ни рече: „Вие сте ми како деца. Не ме заборавате“. Еден човек ни заблагодари за делото што го вршиме и нѐ покани да бидеме негови гости следниот пат кога ќе дојдеме. Можеби најголема награда за нашиот труд беше тоа што слушнавме дека една жена, со која се сретнавме при едно од претходните доаѓања, оттогаш се преселила во градот и веќе ја проповеда добрата вест.
До крајот на првото патување, ни снема петролеј за готвење и речиси целосно ги потрошивме резервите храна. Собравме доволно дрва за да запалиме оган, ја зготвивме последната храна што ни остана и пешки тргнавме назад. Не делеа километри од првиот град каде што можевме да фатиме автобус. Стигнавме откако веќе падна мрак.
На пат кон дома
И враќањето назад не беше лесно, бидејќи автобусот ни се расипа. По некое време ни запре еден камион, па се качивме во приколката, која веќе беше полна со луѓе. Така можевме да им проповедаме на другите во приколката, кои сакаа да дознаат зошто сме таму. Иако по природа се воздржани, општо земено, тамошните луѓе се срдечни и пријателски настроени.
По деветчасовно возење во приколката на камионот, конечно стигнавме дома — мокри и премрзнати. Сепак, патувањето не беше залудно. Попат се договоривме со една жена што живее во градот да почне да ја проучува Библијата.
Навистина е голема чест да им се објавува добрата вест на луѓе што живеат во толку далечни места. Проповедавме во четири поголеми села и во безброј мали селца. Не можевме а да не се сетиме на зборовите: „Колку се убави на планините нозете на оној што донесува добра вест и објавува мир, донесува добра вест за нешто подобро, објавува спасение“ (Иса. 52:7; Рим. 10:15).
[Слика на страница 17]
Подготвени да ја проповедаме добрата вест