Дали е најважно што сакам јас?
ДВЕ деца си играат. Едното му ја истргнува од раце на другото дете својата омилена играчка и вришти: „Моја е!“ Уште од најрана возраст, несовршените луѓе покажуваат извесна мера себичност (1. Мој. 8:21; Рим. 3:23). Освен тоа, во светот преовладува ставот ‚секој да си гледа само за себе‘. Ако не сакаме да бидеме такви, мораме со сите сили да се бориме против нашите себични склоности. Во спротивно, може лесно да ги спрепнеме другите и да си го расипеме пријателството со Јехова (Рим. 7:21-23).
Апостол Павле нѐ поттикнал да имаме на ум како ќе влијаат нашите постапки врз другите. Тој напишал: „Сѐ е дозволено, но не е сѐ корисно. Сѐ е дозволено, но сѐ не изградува“. Потоа додал: „Не бидете им за спрепнување [на другите]“ (1. Кор. 10:23, 32). Според тоа, кога станува збор за личен вкус, мудро е да се запрашаме: ‚Дали сум спремен да се откажам од некои работи на кои имам право само за да се зачува мирот во собранието? Дали сум спремен да се држам за библиските начела, дури и кога тоа не е најлесно?‘
...при изборот на вработување
Повеќето луѓе сметаат дека секој лично одлучува што ќе работи и дека тоа има мало — или никакво — влијание врз другите. Но, размисли за она што се случило со еден деловен човек од едно гратче во Јужна Америка. Тој бил познат како коцкар и пијаница. Меѓутоа, откако почнал да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци, го применувал она што го учел и постепено се менувал на подобро (2. Кор. 7:1). Кога посакал и самиот да проповеда јавно заедно со другите од собранието, еден старешина тактично го поттикнал да размисли за своето занимање. Веќе некое време, овој човек работел како главен набавувач на чист алкохол од шеќерна трска — производ што има многу намени, но во тој регион луѓето обично го мешаат со безалкохолни пијалаци и го пијат за да се опијат.
Човекот сфатил дека, ако проповеда јавно, а сѐ уште продава алкохол, тоа би се одразило лошо врз угледот на собранието и би можело да му го наруши пријателството со Бог. Иако има големо семејство за кое мора да се грижи, престанал да продава алкохол. Сега продава хартиени производи, и така го издржува семејството. Овој човек, неговата жена и две од нивните пет деца сега се крстени. Тие ревносно ја проповедаат добрата вест без да се срамат од нешто.
...при изборот на пријатели
Кога станува збор за дружење со некој што не ги дели нашите верувања, дали се работи само за личен избор или, пак, се вклучени и некои библиски начела? Една сестра сакала да оди на забава со едно момче што не е Сведок. Иако била предупредена дека тоа е опасно, сметала дека има право да оди на забавата, и отишла. Кратко откако стигнала таму, некој ѝ дал пијалак измешан со јак седатив. По неколку часа, кога се разбудила, сфатила дека нејзиниот таканаречен пријател ја силувал! (Спореди со 1. Мојсеева 34:2.)
Точно е дека дружењето со некој што не ги дели нашите верувања нема секогаш таков страшен крај, но Библијата сепак нѐ предупредува: „Кој оди со мудрите, ќе стане мудар, а кој си има работа со безумни, лошо ќе си помине“ (Изр. 13:20). Нема сомнение — кога избираме лошо друштво, се изложуваме на опасност! Во Изреки 22:3 пишува: „Паметниот човек го гледа злото и се трга, а глупавите одат понатаму и ја трпат казната“. Нашите пријатели можат да влијаат врз нас и врз нашиот однос со Бог (1. Кор. 15:33; Јак. 4:4).
...во облекувањето и изгледот
Секоја сезона, модата и стиловите се менуваат. Меѓутоа, библиските начела за облекувањето и изгледот остануваат исти. Павле ги поттикнал христијанките „да се облекуваат пристојно, а притоа да бидат скромни и разборити“ — начело кое важи и за мажите (1. Тим. 2:9). Павле не рекол дека треба да се облекуваме крајно едноставно, ниту дека сите христијани мораат да имаат ист вкус. Сепак, зборувал за скромност. Еден речник го опишува скромниот човек како некој „што има или искажува умерено или понизно мислење за сопствените вредности... ненаметлив или непретенциозен по изглед“.
Треба да размислиме: ‚Можам ли искрено да речам дека сум скромен ако упорно сакам да го искористам своето право да се облекувам на начин со кој ќе привлечам внимание? Дали, поради мојата облека, на луѓето им оставам погрешен впечаток во врска со мојот карактер и со мојот морал?‘ Можеме да избегнеме да бидеме „причина за спрепнување“ во овој поглед со тоа што ‚нема да се грижиме само за себе туку и за другите‘ (2. Кор. 6:3; Фил. 2:4).
...во деловните зделки
Кога во собранието во Коринт се појавиле сериозни проблеми поради измама или нечесни зделки, Павле напишал: „Зошто попрвин не ја претрпите неправдата? Зошто попрвин не ја прежалите штетата?“ Павле ги советувал Коринќаните да бидат спремни дури и да се откажат од нешто, наместо да ги изведуваат браќата пред суд (1. Кор. 6:1-7). Еден брат од САД сериозно го сфатил овој совет. Тој имал несогласување со својот работодавач, кој исто така е христијанин. Се работело за парите што работодавачот му ги должел. Следејќи ги библиските совети, овие двајца браќа повеќепати разговарале, но не успеале да најдат решение за проблемот. На крајот, за проблемот ‚му кажале на собранието‘, односно на неговите претставници, старешините (Мат. 18:15-17).
За жал, сѐ уште не можеле да го решат проблемот. По многу молитви, работникот решил да се откаже од поголемиот дел од парите што сметал дека работодавачот му ги должи. Зошто? Подоцна рекол: „Поради тоа несогласување, ја изгубив радоста и потрошив скапоцено време кое можев да го искористам за христијански активности“. Откако ја донел одлуката, братот повторно почнал да чувствува радост и видел дека Јехова ја благословува неговата служба.
...дури и во малите работи
Ако сме спремни да се откажеме од нешто што го сакаме, ќе имаме благослов дури и кога станува збор за мали работи. На првиот ден од обласниот конгрес, еден брачен пар пионери стигнале доволно рано и си фатиле места за седење токму таму каде што сакале. Но, кога веќе почнувала програмата, во преполната сала набрзина влегло едно големо семејство со неколку деца. Кога виделе дека не можат да најдат доволно места, пионерите им ги понудиле своите. Така сите од семејството можеле да седат заедно. Неколку дена по конгресот, пионерите добиле писмо во кое семејството ја изразило својата благодарност. Во писмото објасниле колку биле разочарани затоа што задоцниле. Но, поради љубезноста на пионерите, разочарувањето преминало во радост и благодарност.
Кога имаме можност за тоа, спремно да ги жртвуваме своите желби во корист на другите. Кога покажуваме љубов која „не ја бара својата корист“, помагаме да се задржи мирот во собранието и нашиот мир со ближните (1. Кор. 13:5). Но, што е најважно, така го задржуваме и пријателството со Јехова.
[Слика на страница 20]
Дали си спремен, ако е потребно, да се откажеш од она што ти лично би сакал да го носиш?
[Слика на страници 20 и 21]
Дали си спремен да им го отстапиш своето место на браќата?