Писмо од Русија
Патување „на крајот на светот“
НАШИОТ мал авион полета од Јакутск и постепено се креваше над низината Тујмаада. Зад себе оставивме безброј заледени езера со различни облици и големини, и веќе летавме над Верхојанските Планини, чии снежни врвови блескаа на сончевата светлина. На крајот, откако поминавме 900 километри, слетавме во селото Депутатски.
Така започнаа моите патувања во Република Саха, позната и како Јакутија — прекрасна, но сурова земја поголема од цела Западна Европа. Во ова место температурите се движат од +40°С во лето до -70°С во зима, а од земјата се ископуваат фосили од огромни, одамна изумрени животни. Иако поминаа неколку години откако последен пат бев таму, се сеќавам како да беше вчера на малите гратчиња обвиткани во густа магла, на разиграната поларна светлина и на веселите, издржливи Јакути.
Селото Депутатски не беше нашата крајна цел. Мојот придружник и јас требаше да појдеме и во некои други села. Првото беше Хајир, уште 300 километри на север, во близина на Лаптевското Море во северен Сибир. Зошто решивме да дојдеме тука? Претходно, еден Јеховин сведок отишол во овие села и нашол многу луѓе што сакале да дознаат нешто повеќе за Библијата. Испадна дека најблиску им бевме ние во Јакутск, на оддалеченост од околу 1.000 километри! Ни беше јасно дека на тие луѓе им треба охрабрување и помош.
Кога пристигнавме во Депутатски, најдовме еден човек што одеше во Хајир. Тој се понуди да нѐ одвезе со својот автомобил за мали пари. Малку се двоумевме кога му го видовме автомобилот — стар, испочукан советски модел што ужасно мирисаше на бензин. Сепак, решивме да ризикуваме, и таа вечер тргнавме со него. Ни на крај памет не ни паѓаше што нѐ чека.
Седиштата во автомобилот беа замрзнати исто како тундрата надвор, и не ни требаше многу време за да сфатиме дека воопшто нема да се одмрзнат. Го замоливме возачот да запре што поскоро и почнавме да претураме во нашите торби за да си најдеме топла волнена облека, која ја навревме на себе, иако веќе бевме добро облечени. И покрај тоа, ни беше многу студено.
Нашиот возач, кој беше навикнат на поларните услови, беше навистина добро расположен. Одеднаш нѐ праша: „Сте ја виделе ли некогаш поларната светлина?“ Јас не ја бев видел никогаш, па затоа запре и излеговме од автомобилот. За момент заборавивме на сѐ друго. Стоев стаписан, восхитувајќи им се на разиграните, разнобојни траги од светлина што се креваа и се спуштаа над нас. Глетката беше чудесна — ни се чинеше дека ќе ја допреме само ако ја пружиме раката!
Во мугрите, некаде длабоко во заледената тундра, се заглавивме во еден снежен нанос. Му помогнавме на возачот да ја извлече колата од снегот — и уште неколку пати потоа — додека одевме кон Хајир по патиштата пробиени низ длабокиот снег. Дури откако се раздени, сфатив дека тие „патишта“ беа, всушност, смрзнати реки! На крајот, кон пладне, 16 часа откако тргнавме од Депутатски, стигнавме во Хајир. Иако си мислевме дека ќе се разболиме откако студот ни влезе во коски, следното утро станавме сосема свежи. Само прстите на нозете ми беа малку вкочанети, веројатно поради смрзнатиците. Селаните ми дадоа некаква мечкина маст за да ги истријам со неа.
Во нормални услови, ќе одевме кај луѓето во нивните домови и ќе им зборувавме за добрата вест. Меѓутоа, во Хајир, штом селаните ќе чуеја дека сме дошле, доаѓаа и нѐ бараа! Секој ден, во текот на две и пол недели, ја проучувавме Библијата со локалното население, понекогаш од рано наутро до доцна навечер. Беше прекрасно да се запознаат толку срдечни, гостољубиви луѓе што се интересираат за духовни работи. Неколку постари жени ни рекоа: „Веруваме во Бог. Тоа што дојдовте овде, на крајот на светот, е доказ дека има Бог!“
Локалните обичаи ни беа многу интересни. На пример, веднаш до својата куќа луѓето редат парчиња мраз како што се редат дрва за огрев. Кога им треба вода, само земаат едно парче и го ставаат во огромен чајник над огнот за да се стопи. Селаните нѐ послужија со одлична арктичка риба наречена чир, вкусна кога се подготвува како строганина, локален специјалитет. Рибата се смрзнува веднаш штом ќе се улови. Потоа се сече на тенки парчиња, се мака во смеса од сол и бибер и веднаш се јаде. Селаните со уживање ни раскажуваа и за фосилите, како што се забите од мамути, и за фосилизираните дрвја, кои често ги наоѓаат во тој крај.
Од Хајир патував стотици километри и до другите села на Јакутија, најмногу со авион, за да ги посетам луѓето што се интересираа за Библијата. Луѓето во тие места се многу срдечни и мили. Еднаш запознав едно дете што дознало дека ми е малку страв да летам со авион. За да ме охрабри, ми напиша една картичка. На картичката нацртало две врапчиња и мал авион, и напишало: „Саша, кога ќе леташ со авион, не плаши се дека ќе паднеш. Матеј 10:29“. Многу бев трогнат кога го прочитав тој библиски стих! Таму стојат Исусовите зборови за врапчињата: „Ниту едно од нив не паѓа на земја без да знае вашиот Татко“.
Ви раскажав само неколку од многуте впечатоци што ги имав од Јакутија. Таа студена, сурова земја секогаш ќе ме потсетува на срдечните, мили луѓе кои навистина живеат „на крајот на светот“.
[Слики на страница 25]
Јакутите се срдечен и гостољубив народ