Неволјите во војната ме подготвија за животот
РАСКАЖАЛ ЕРНСТ КРЕМЕР
„Ова е вашата соба.“ Со овие зборови, мојот партнер и јас бевме дочекани во Габон, во Западна Африка. Во таа соба имаше место само за еден душек. Во неа живеевме шест месеци.
МОЈОТ живот на една фарма во II светска војна ме подготви да живеам во тешки услови. Кога избувна војната во 1939, нацистичка Германија брзо ја зазеде Полска. Тогаш имав четири години. Живеев со родителите, имав две постари и една помала сестра, и уште еден помал брат. Татко ми нѐ предупреди да бидеме подготвени за тешките времиња што ќе настапат ако Германија ја изгуби војната.
Живеевме во Ловенштајн, едно германско селце во Долна Шлезија, која сега ѝ припаѓа на Полска. На нашата фарма, која беше голема околу 25 хектари, одгледувавме жито и добиток. Татко ми исто така беше и управител на земјоделците во тој крај. Кога го зазедоа тој крај, нацистите го користеа татко ми да ги организира земјоделците за да ѝ дадат поддршка на војната.
Во Првата светска војна татко ми служел во коњицата, а сега беше поштеден од воената обврска затоа што работеше за нацистите. Моите родители веќе долго време беа отпишани од црквата бидејќи беа разочарани од начинот на кој свештениците постапуваа за време на I светска војна. Затоа јас израснав без да се интересирам за религија.
Тргнав на училиште во 1941, но го мразев училиштето и сметав дека има поинтересни работи отколку да се гледа во училишната табла. Во почетокот на 1944, само неколку месеци пред да заврши војната, Русите го нападнаа Бреслав (денешен Вроцлав), главниот град на Долна Шлеска. Во една сабота навечер можевме да го видиме градот, оддалечен речиси 50 километри, осветлен од оган од минофрлачи и од експлозии од бомби фрлени од авиони. Наскоро моравме да побегнеме во планините. Кога заврши војната, се вративме дома во Ловенштајн.
По војната
По војната настапија ужасни времиња. Жените беа силувани, а пљачкањето беше секојдневна работа. Ни го украдоа поголемиот дел од добитокот.
Татко ми беше уапсен во јули 1945. По седум ноќи брутално испитување, го пуштија. По три месеци, повторно го уапсија и го одведоа. Никогаш повеќе не го видовме. Двајца Полјаци ни ја зедоа фармата и тврдеа дека била нивна. Во април 1946, на сите Германци од селото им рекоа да си заминат и да си го земат само она што можат да го понесат со себе.
Мајка ми беше подготвена на такво нешто, и затоа не нѐ фати паника. На една количка стави голема кошница во која се наоѓаше постелнината, а секој од нас носеше по еден ранец полн со она што ни требаше. Полската милиција нѐ напика во товарни вагони — 30 души во еден вагон. По околу две седмици, пристигнавме на нашата цел во северозападна Германија, недалеку од Холандија.
Владата одреди нашето семејство да биде сместено во две соби на една фарма оддалечена околу 8 километри од Квакенбрик. Бевме вкупно 19 души, вклучувајќи ги и нашите роднини. Со текот на времето, некои од роднините беа преместени кај други фармери и оттогаш не бевме толку натрупани.
Мајка ми многу се жртвуваше за нас децата и честопати гладуваше за да остане јадење за нас. Првата зима немавме доволно дрва за огрев. Ѕидовите и таваните беа покриени со дебел слој мраз, а собите личеа на ледени пештери. За среќа, имавме топла постела и преживеавме.
Контакт со Сведоците
Некаде во 1949, вујна ми ѝ даде на мајка ми примерок од списанието Стражарска кула. Кога прочита една статија, мајка ми се потсети дека, во војната, на радио чула како Хитлер осудува некое ‚легло луѓе‘, кои го претскажале падот на Германија. Мајка ми се прашуваше кои се тие луѓе. Кога во Стражарска кула прочита дека тоа се Јеховините сведоци, се заинтересира и одлучи да ја проучува Библијата со нив.
Еден ден, во април 1954, ја запознав брачната двојка Сведоци што проучуваа со мајка ми. По студијата, ја зедов брошурката Can You Live Forever in Happiness on Earth? (Дали можеш засекогаш да живееш среќно на Земјата?) и се претплатив на Стражарска кула. Откако ја прочитав брошурката, бев уверен дека сум ја пронашол вистината. Затоа ѝ ја дадов на газдарицата за која работев да ја прочита. Кога ја прашав што мисли за неа, таа рече: „Пишува многу убави работи, но премногу се убави за да бидат вистинити. Просто не можам да верувам во тоа“.
„А јас сум уверен дека ова е вистината“, ѝ реков, „и ќе ја следам.“ Нишајќи со главата, таа рече: „Оваа порака е за некој кроток човек. Ти си премногу ‚див‘ за да бидеш Сведок“. Но, јас почнав да правам промени во мојот живот.
Иако во тоа место немаше Сведоци, самиот проучував и секоја седмица возев околу 10 километри со велосипед за да присуствувам на состаноците. Потоа отидов на еден покраински собир, каде што беа собрани повеќе собранија на Сведоци за да го обожаваат Бог. Таму, за првпат отидов во јавната служба на проповедање заедно со другите. Наскоро почнав редовно да го правам тоа. На 14 јули 1954, мајка ми и јас се крстивме. Подоцна, на возраст од 80 години и баба ми стана Сведок.
Работата на фармата ми одземаше премногу време, па затоа дадов отказ и се вработив во еден шумски резерват. Потоа нашето семејство се пресели во Ројтлинген, гратче во близина на Штутгард. Додека бевме таму, Сведок стана и мојата помала сестра Ингрид. Никој друг од моите браќа и сестри не стана Сведок.
Полновремено проповедање
Во 1957, татко ми конечно беше официјално прогласен за мртов. Затоа мајка ми доби пензија со која можеше да живее без да ѝ помагам материјално. Бидејќи повеќе немав финансиски семејни обврски, почнав да работам со скратено работно време и, во април 1957, почнав да проповедам полновремено како пионер. Потоа добив покана да служам како специјален пионер. Кога чу за тоа, еден Сведок ме викна во својата канцеларија и ми рече: „Сигурен сум дека ќе ти треба малку помош“. Тогаш ми даде 500 германски марки. Со нив си купив облека колку што ми требаше и ми останаа уште 200 марки.
Во 1960, се пријавив доброволно да служам во Австрија, каде што со уживање проповедав во малото селце Шајбс, а кратко време и во градот Линц. Но подоцна во истата година имав тешка сообраќајна несреќа со мотоцикл и си ја скршив десната нога. По неколку операции, можев да продолжам да служам во местото каде што бев доделен. Меѓутоа, во 1962 морав да се вратам дома во Ројтлинген затоа што имав проблеми со престојот. Додека бев таму, имав уште една операција со која ми беше извадена металната прачка што ми ја ставија во ногата. Бидејќи ми требаа пари за да ги покријам медицинските трошоци, шест месеци прекинав со пионерската служба за да работам.
Еден патувачки надгледник, кога го посети собранието во кое служев, ме советуваше да поднесам молба за да служам во канцеларијата на подружницата на Сведоците, која тогаш се наоѓаше во Визбаден (Германија). Го сторив тоа, и по две недели добив телеграма да отидам таму колку што е можно поскоро. По една седмица, во мај 1963, веќе бев во подружницата во Германија, наречена Бетел, и работев на една ротациона преса на која се печатеа списанија.
Се посветив на учењето
Бетел беше најубавото место во кое дотогаш сум живеел, и брзо се навикнав на тешката работа. Во 1965 отидов во Шпанија и тајно однесов библиска литература, бидејќи таму беше забрането проповедничкото дело. При таа посета ми се роди желба да научам уште еден јазик, и го одбрав англискиот. Ја користев секоја прилика за да учам. Некаде во тоа време, во Германија беше формирана првата група на англиски јазик, и јас ѝ се придружив. Првиот пат кога проучував студиска статија на Стражарска кула на англиски јазик, ми требаа седум часа. Вториот пат ми требаа само пет часа, и тогаш сфатив дека напредувам.
Во 1966 добив покана да го посетам 43-тиот клас на Гилеад, школа во Соединетите Држави наменета за оспособување слуги на Јеховините сведоци за мисионерското дело. Во април 1967, по дипломирањето, Гунтер Решке и јас бевме доделени во Габон, во Западна Африка. Кога пристигнавме во Либервил, главниот град на Габон, живеевме во малата собичка што ја опишав во почетокот, а облеката ја закачувавме во трпезаријата. По шест месеци се преселивме во друг мисионерски дом.
Во Габон најтешко ми беше да научам француски. Конечно, по многу напори, донекаде го совладав францускиот. Потоа, во 1970, нашето проповедничко дело во Габон беше ненадејно забрането и мисионерите мораа да ја напуштат земјата за две недели.
Во Централноафриканската Република
Заедно со други мисионери, бев доделен во Централноафриканската Република. Официјален јазик во таа земја беше францускиот, но за да можеме да им проповедаме на повеќето луѓе, моравме да го научиме јазикот санго. Бевме испратени да отвориме мисионерски дом во градот Бамбари, на околу 300 километри од главниот град Банги. Во Бамбари немаше ниту струја ниту вода, но на двете тамошни собранија им требаше нашата помош. Поради искуството што го имав од војната во Европа, ми беше многу полесно да се справам со животните услови во Бамбари и во другите места каде што одев потоа.
Откако служев две години во Бамбари, добив задача да ги посетувам собранијата како патувачки надгледник. Во таа земја имаше околу 40 собранија и јас поминував по една недела во секое собрание во кое бев доделен. Имав мал автомобил, но кога неасфалтираните патишта беа во премногу лоша состојба, го користев јавниот превоз.
Банги беше единственото место во целата земја каде што можеа да се поправаат возила. Бидејќи многу патував додека ја извршував службата, купив прирачници за поправка на возила, си набавив алатки и најчесто сам си го поправав автомобилот. Еднаш пукна лежиштето на карданскиот зглоб на осовината, и автомобилот не можеше да мрдне. Се наоѓав на околу 60 километри од најблиското населено место, па затоа исеков парче тврдо дрво од шумата и од него направив лежиште за зглобот. Го подмачкав со многу масло, го прицврстив за осовината со една жица и успеав да продолжам понатаму.
Да се служи во дивината, во селските подрачја, беше посебен предизвик затоа што обично малкумина знаеја да читаат или да пишуваат. Во едно собрание само еден човек знаеше да чита, но имаше говорна маана. Статијата од Стражарска кула обично беше тешка, но кога гледав како членовите на собранието вложуваат искрени напори да го разберат она што се разгледува, мене верата ми се зајакнуваше.
Потоа ги прашував сите во групата да ми кажат каква корист извлекле од статиите кога не можеле потполно да ги разберат. Добив прекрасен одговор: „Црпиме охрабрување еден од друг“ (Евреите 10:23—25).
Иако многу од моите христијански браќа беа неписмени, од нив научив многу за животот и за тоа како да живеам. Сфатив колку вреди библискиот совет ‚да ги сметаме другите за подобри од себе‘ (Филипјаните 2:3). Од моите африкански браќа научив многу за љубовта, за љубезноста, за гостопримството и за тоа како да се преживее во дивината. Зборовите што при разделбата на денот на моето дипломирање ни ги кажа брат Натан Нор, тогашниот претседател на школата Гилеад, за мене добија многу поголемо значење. Тој рече: „Да останеме понизни, никогаш да не мислиме дека знаеме сѐ. Тоа не е точно. Имаме уште многу да учиме“.
Животот во африканската дивина
Додека ги посетував собранијата, отседнував кај локалните браќа. Обично, седмицата на мојата посета беше како празник, посебно за децата. Така беше затоа што браќата од собранието во кое бев на посета одеа на лов или на риболов и посебно се трудеа да има изобилство храна за сите.
Кога живеев со браќата во нивните колипки, јадев сѐ — од термити до месо од слон. На менито редовно имаше мајмуни. Дивите свињи и бодликавото прасе беа особено вкусни. Се разбира, немаше гозба баш секој ден. Во почетокот ми требаше време за организмот да ми се привикне на тој начин на исхрана, но потоа мојот желудник можеше да свари речиси сѐ што ќе ми послужеа. Научив дека за желудникот е добро да се јаде папаја сосе семки.
Во дивината можат да се случат секакви неочекувани работи. Еднаш луѓето мислеа дека сум мами-вотер. Се вели дека тоа е белиот дух на некој умрен човек, кој живее во водата. Луѓето веруваат дека тој дух може да одвлече со себе некого долу под водата. Еден ден, кога излегував од една рекичка откако се искапав, едно девојче, кое дошло да наполни вода, ме виде и почна да вреска и да бега. Кога еден друг Сведок се обиде да објасни дека јас не сум дух, туку проповедник што е овде на посета, луѓето не му веруваа. Тие тврдеа: „Белец никогаш не би дошол дури до овде“.
Честопати спиев под ведро небо, на свеж воздух. Секогаш носев мрежа против комарци, бидејќи таа ме штитеше и од змии, скорпии, стаорци и од други животинки. Неколку пати бев нападнат од мравки и тогаш ме заштити токму мрежата против комарци. Една ноќ ја свртев џебната ламба кон мрежата и видов дека целата е прекриена со мравки. Веднаш избегав, затоа што тие мравки можат да убијат дури и лавови, иако се толку мали.
Додека бев во јужниот дел на Централноафриканската Република, во близина на реката Конго, им проповедав на пигмеите, кои навистина живеат само од она што го дава земјата. Тие се вешти ловци и знаат што може а што не може да се јаде. Некои од нив зборуваат санго и со радост нѐ слушаа. Се согласуваа да ги посетиме повторно, но кога ќе се вратевме, ќе видевме дека се преселиле на некое друго место. Во тоа време никој од нив не стана Сведок, но подоцна дознав дека во Република Конго некои пигмеи станале Сведоци.
Пет години служев како покраински надгледник во Централноафриканската Република. Патував низ целата земја, а најчесто ги посетував собранијата во дивината.
Служба во подружницата во Нигерија
Во мај 1977, бев повикан да служам во канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Лагос (Нигерија). Во оваа густо населена земја во Африка тогаш имаше речиси 100.000 Сведоци, а во подружницата служеа околу 80 души. Мене ми дадоа да работам во гаражата, што вклучуваше сервисирање на возилата.
Во 1979 му се вратив на земјоделството, она што го работев кога растев во Европа. Фармата, на која се одгледуваше храна за персоналот на подружницата, се наоѓаше во Иларо, на околу 80 километри од Лагос. Таму научив дека земјоделството во тропската дождовна шума е сосема поинакво од земјоделството во Европа. Откако работев таму три и пол години, се вратив во Лагос и повторно работев во гаражата.
Во 1986 бев префрлен во Игедума, на околу 360 километри од Лагос, каде што се градеше нов комплекс на подружницата. Овој објект беше свечено отворен во јануари 1990. Во него има печатница, мала фарма и згради за живеење во кои се сместени повеќе од 500 души. Овој комплекс се протега на површина од 60 хектари земја оградена со ѕид висок скоро два метра. Сега служам како надгледник на фармата и на одржувањето на земјиштето, за што се грижи персонал од околу 35 луѓе.
Веќе 27 години живеам во Нигерија и навистина уживав во најразличните задачи во подружницата. Среќен сум што мајка ми му остана верна на Јехова и што мојата помлада сестра, Ингрид, која 14 години служеше како специјален пионер, сѐ уште му служи на Јехова заедно со својот сопруг.
И покрај предизвиците со кои се соочував, навистина уживав во службата за Јехова и за моите духовни браќа во Западна Африка. Благодарен сум за доброто здравје што го имам досега и се молам да го задржам за да можам активно да му служам на нашиот величествен Бог Јехова.
[Карта на страница 21]
(Види во публикацијата)
Нигерија
Централноафриканска Република
Габон
[Извор на слика]
Mountain High Maps® Copyright © 1997 Digital Wisdom, Inc.
[Слика на страница 18]
Со мајка ми, Гертруд, и сестра ми Ингрид во 1939
[Слика на страница 20]
Служам како мисионер во Габон
[Слика на страница 20]
Додека бев во Централноафриканската Република, живеев во вакви села