ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | КОЈА Е ПОРАКАТА НА БИБЛИЈАТА?
Како сме настанале?
Во првата книга од Библијата, 1. Мојсеева, со само неколку зборови е кажано како настанала вселената: „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“ (1. Мојсеева 1:1). Откако ги создал растенијата и животните, Бог ги создал и првите луѓе, Адам и Ева. Тие се разликувале од животните затоа што можеле да покажуваат особини како Божјите и имале слободна волја. Затоа, носеле одговорност за своите постапки. Ако го слушале Бог, ќе можеле да бидат првите родители на едно огромно семејство кое ќе живеело спокоен, совршен живот засекогаш на Земјата.
Но, еден ангел ги искористил луѓето за да ги оствари своите себични цели. Со тоа станал Сатана, што значи „Противник“. Зборувајќи преку една змија, Сатана ја измамил Ева дека ќе ѝ биде подобро без Бог. Адам и Ева се повеле по Сатана и му свртеле грб на својот Творец. Поради таа погрешна одлука, нашите први родители го изгубиле вечниот живот и на сите нас ни пренеле грев, несовршенство и неизбежна смрт.
Веднаш потоа, Бог објавил дека има намера да ја поправи тешката ситуација во која се нашле луѓето, и на потомците на Адам им дал можност да добијат вечен живот. Бог прорекол дека едно „потомство“, една посебна личност, ќе го уништи Сатана и ќе го отстрани сето страдање што го трпиме поради него, Адам и Ева (1. Мојсеева 3:15). Кој требало да биде тоа „потомство“? Времето ќе го дало одговорот.
Во меѓувреме, Сатана правел сѐ за да го спречи исполнувањето на Божјата намера, која е за наше добро. Гревот и злобата брзо се рашириле. Затоа, Бог решил да ги уништи злобните луѓе со потоп. Му рекол на праведниот Ное да направи една арка, односно огромен пловен објект, за да се спасат тој, неговото семејство и животните за кои Бог му рекол да ги земе во арката.
Една година после Потопот, Ное и неговото семејство излегле од арката и стапнале на една исчистена Земја. Но, ветеното „потомство“ сѐ уште не се појавило.
На темел на 1. Мојсеева поглавја 1-11; Јуда 6, 14, 15; Откровение 12:9.