ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | КОЈА Е ПОРАКАТА НА БИБЛИЈАТА?
Добра вест за сите луѓе!
Воскресението на Исус им ја зајакнало верата и им ја разгорело ревноста на учениците. Додека апостол Павле патувал низ Мала Азија и Средоземјето, основал собранија и ги храбрел христијаните да останат цврсти и покрај жестокото прогонство и моралната расипаност на луѓето околу нив. Иако наишло на противење, христијанството брзо се ширело.
И самиот Павле бил в затвор. Но, и оттаму им напишал писма на христијанските собранија за да ги охрабри и да им даде некои совети. Тој ги предупредил на една уште поголема опасност — отпадништвото. Под водство на Божјиот свет дух, Павле прорекол дека меѓу христијаните ќе се појават „свирепи волци“ кои „ќе изнесуваат искривени учења“ и ќе „ги повлечат по себе учениците“ (Дела 20:29, 30).
Ова отпадништво се појавило кон крајот на првиот век. Во тоа време, воскреснатиот Исус му дал на апостол Јован откровение во кое на многу сликовит начин било прикажано што ќе се случува во иднина. Како што напишал Јован, ниту противниците ниту лажните учители нема да спречат да се исполни Божјата намера со Земјата и со луѓето. „Секој народ и племе и јазик и народност“ ќе ја чуе добрата вест за Божјето Царство (Откровение 14:6). На Земјата повторно ќе има рај и секој што сака да му биде послушен на Бог, може да живее во него.
Зарем ова не е „добра вест“? Дознај нешто повеќе за Божјата порака што е запишана во Библијата и види како може таа да ти помогне денес и во иднина.
Ако сакаш да ја читаш Библијата, можеш да ја преземеш од www.jw.org/mk или да ја читаш онлајн на околу 50 јазици. На оваа интернет-страница можеш да ја најдеш брошурата Добра вест од Бог!, книгата Што навистина учи Библијата?, како и други публикации во кои ќе прочиташ зошто може да имаш доверба во Библијата и како да ги примениш корисните совети што ги содржи таа. Би можел да побараш повеќе информации и од Јеховините сведоци.
На темел на Дела, Ефешаните, Филипјаните, Колошаните, Филимон, 1. Јованово и Откровение.