ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w25 Мај стр. 2-7
  • Следи го примерот на верните ангели

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Следи го примерот на верните ангели
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2025
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • АНГЕЛИТЕ СЕ ПОНИЗНИ
  • АНГЕЛИТЕ ГИ САКААТ ЛУЃЕТО
  • АНГЕЛИТЕ ПОКАЖУВААТ ИСТРАЈНОСТ
  • АНГЕЛИТЕ ПОМАГААТ СОБРАНИЕТО ДА ОСТАНЕ ЧИСТО
  • Ангелите — „духови чија должност е да служат“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2009
  • Што се ангелите?
    Одговор на библиски прашања
  • Како ангелите можат да ти помогнат
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1998
  • Ангели — како влијаат врз нас?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2006
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2025
w25 Мај стр. 2-7

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 19

ПЕСНА 6 Небесата ја објавуваат Божјата слава

Следи го примерот на верните ангели

Благословувајте го Јехова, ангели негови! (ПС. 103:20)

ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА

Да извлечеме некои поуки од примерот на верните ангели.

1-2. а) По што се разликуваме од ангелите? б) Што имаме заедничко со ангелите?

КАКО народ на Јехова, ние сме дел од едно прекрасно семејство кое му служи. Во тоа семејство се вклучени нашите браќа и сестри од целиот свет, како и милиони ангели (Дан. 7:9, 10). Кога размислуваме за ангелите, можеби помислуваме на тоа колку се различни од нас. На пример, ангелите биле создадени многу долго време пред луѓето (Јов 38:4, 7). Тие се многу помоќни од нас. Исто така, тие се свети и праведни до тој степен што ние како несовршени луѓе не можеме да го достигнеме (Лука 9:26).

2 Сепак, и покрај овие разлики, ние имаме многу заеднички работи со ангелите. На пример, како ангелите, и ние можеме да ги покажуваме прекрасните особини што ги има Јехова. Исто така, имаме слободна волја како што имаат и тие. Ангелите имаат свои лични имиња и свои карактерни црти, како и различни задачи во службата за Јехова, а истото е случај и со нас. Освен тоа, слично како ангелите, имаме потреба да го обожаваме нашиот Творец (1. Пет. 1:12).

3. Што можеме да научиме од верните ангели?

3 Бидејќи имаме многу заеднички работи со ангелите, од нивниот добар пример можеме да се охрабриме и да извлечеме важни поуки. Во оваа статија ќе разгледаме како можеме да го следиме примерот на верните ангели во поглед на понизноста, како и во поглед на љубовта кон луѓето, истрајноста и нивниот труд собранието да се зачува чисто.

АНГЕЛИТЕ СЕ ПОНИЗНИ

4. а) Како ангелите покажуваат дека се понизни? б) Зошто ангелите се понизни? (Псалм 89:7).

4 Верните ангели се понизни. И покрај тоа што имаат големо искуство и се многу моќни и мудри, тие се послушни на Јеховините упатства (Пс. 103:20). Кога ги извршуваат задачите што им ги дал Јехова, ангелите никогаш не се фалат со она што го прават, ниту пак ја користат моќта за да привлечат внимание кон себе. Тие со радост прават сѐ што ќе побара Јехова од нив, дури и ако другите никогаш не ги дознаат нивните имињаa (1. Мој. 32:24, 29; 2. Цар. 19:35). Тие одбиваат да прифатат каква и да било чест која му припаѓа само на Јехова. Зошто ангелите се толку понизни? Затоа што го сакаат Јехова и длабоко го почитуваат. (Прочитај Псалм 89:7.)

5. Како еден ангел покажал понизност кога го исправил апостол Јован? (Види ја и сликата.)

5 Размисли за еден настан од кој се гледа понизноста на ангелите. Во околу 96 год. од н.е., еден ангел чие име не го знаеме му покажал едно величествено видение на апостол Јован (Отк. 1:1). Како реагирал Јован? Тој паднал пред неговите нозе за да му се поклони. Но ангелот брзо го спречил, велејќи му: „Не прави го тоа! И јас сум само роб како и ти и твоите браќа... Поклони му се на Бог!“ (Отк. 19:10). Колку понизна постапка! Тој ангел не сакал да добие чест и слава, туку веднаш му го свртел вниманието на Јован кон Јехова Бог. Исто така, ангелот не сметал дека Јован е помалку важен од него. Точно е дека ангелот му служел на Јехова многу подолго и бил многу помоќен од Јован, но сепак понизно му рекол на апостолот дека и тој е роб како него. И, иако требало да го исправи, ангелот не го искарал овој остарен апостол, ниту пак постапил грубо со него. Наместо тоа, зборувал на љубезен начин. Тој веројатно сфатил дека Јован сакал да му се поклони бидејќи едноставно бил импресиониран од она што го видел.

Еден ангел го спречува апостол Јован да му се поклони и да му оддаде почит.

Ангелот покажал понизност кога зборувал со Јован и го исправил (види во пасус 5)


6. Како можеме да бидеме понизни по примерот на ангелите?

6 Како можеме да бидеме понизни по примерот на ангелите? И ние можеме да ги извршуваме задачите во службата за Јехова без да се фалиме и без да се обидуваме да добиеме заслуга за она што сме го постигнале (1. Кор. 4:7). Освен тоа, не треба да мислиме дека сме подобри од другите затоа што му служиме на Јехова подолго од нив или затоа што имаме одредени задачи кои тие ги немаат. Всушност, колку повеќе одговорности имаме, толку повеќе треба да се сметаме за помали (Лука 9:48). Исто како ангелите, ние сакаме да им служиме на другите. Не сакаме да ги наведеме да мислат дека ние сме поважни од нив.

7. Како можеме да покажеме понизност кога треба да исправиме некого или да му дадеме совет?

7 Понизност можеме да покажеме и кога треба да исправиме некого или да дадеме совет некому, на пример на некој наш соверник или на нашето дете. Понекогаш треба да дадеме директен совет. Но, исто како ангелот кој љубезно го исправил Јован, и ние можеме да дадеме директен совет без да придонесеме личноста да се чувствува обесхрабрено. Ако не мислиме дека сме подобри од другите, тоа ќе ни помогне да дадеме библиски совет на љубезен начин и со почит (Кол. 4:6).

АНГЕЛИТЕ ГИ САКААТ ЛУЃЕТО

8. а) Според Лука 15:10, како ангелите покажуваат дека ги сакаат луѓето? б) Каква улога имаат ангелите во проповедничкото дело? (Види ја и сликата.)

8 Ангелите не го игнорираат она што ни се случува, ниту пак мислат дека ние сме неважни. Тие ги сакаат луѓето. Ангелите се радуваат кога некој грешник ќе се покае, односно кога некоја изгубена овчичка ќе му се врати на Јехова или кога некој ќе го смени својот начин на живот и ќе ја прифати вистината. (Прочитај Лука 15:10.) Исто така, ангелите се активно вклучени во проповедничкото дело (Отк. 14:6). Иако не им проповедаат директно на луѓето, тие можат да нѐ водат до некој што сака да учи за Јехова. Се разбира, не можеме со сигурност да кажеме дека ангелите нѐ воделе во секој конкретен случај. Јехова може да користи и други начини за да им помогне на луѓето да дознаат за него или за да ги води своите слуги до нив. На пример, може да го користи неговиот свет дух (Дела 16:6, 7). Сепак, тој ги користи своите ангели во голема мера. Затоа, кога ја проповедаме добрата вест, можеме да бидеме уверени дека ангелите се тука да ни помогнат. (Види ја рамката „Тие добиле одговор на нивните молитви“.)b

Еден брачен пар со количка за сведочење се движи по една улица во градот. Ангелите се одозгора и ја водат сестрата за да ја забележи потиштената млада жена која седи на една клупа.

Еден брачен пар само што завршил со сведочење на јавно место. Додека си одат накај дома, сестрата здогледува една жена која изгледа потиштено. Сестрата сфаќа дека ангелите можат да нѐ водат до оние кои можеби ја бараат вистината. Таа е поттикната да ја утеши жената (види во пасус 8)


Тие добиле одговор на нивните молитви

Дали е можно ангелите да биле вклучени во следниве искуства?

  • Додека сведочело преку телефон заедно со својата мајка, едно 12-годишно девојче од Перу зборувало со една жена која го молела Бог да ѝ прати некој за да ѝ помогне. Жената рекла дека тоа било одговор на нејзините молитви и почнала да ја проучува Библијата. Кратко потоа, таа почнала да присуствува на состаноците.

  • Една жена во Романија проучувала некое време, но потоа престанала. Подоцна, додека работела за едно семејство во Италија, таа сакала пак да проучува. Но, бидејќи не познавала ниту еден Сведок во Италија, го молела Јехова за помош. Кратко потоа, семејството за кое работела ја замолило да оди да испазари нешто. Тие ѝ дале совет да не разговара со сопственикот на продавницата и ѝ рекле: „Тој е Јеховин сведок и зборува со муштериите за Библијата“. Кога отишла во продавницата, братот ѝ сведочел. За неа, ова било одговор на нејзините молитви. Таа почнала повторно да проучува и ги направила потребните промени за да му служи на Јехова. Освен тоа, поради нејзиниот добар пример, еден од нејзините синови почнал да ја проучува Библијата и да присуствува на состаноците.

  • Еден брачен пар Сведоци одлучил да ја продаде својата кола. Кога еден човек заедно со својата сопруга дошле да ја видат колата, Сведоците им објасниле зошто ја продаваат. Тие им рекле дека сакаат да си ги намалат трошоците за да имаат повеќе време да им помагаат на другите да учат за Библијата. Човекот кој бил заинтересиран да ја купи колата рекол: „Вчера се молев: ’Те молам, Боже, испрати ми некој што ќе може да ми помогне. Се чувствувам празно. Морам да ја пронајдам вистината‘“. Таа случајна средба за него била одговор на неговата молитва. Тој и неговата сопруга прифатиле библиски курс, а и нивните две ќеркички почнале да ја проучуваат Библијата. Ова семејство сега присуствува на христијанските состаноци.

9. Како можеме да ги сакаме луѓето по примерот на ангелите?

9 Како можеме да ги сакаме луѓето по примерот на ангелите? Кога ќе чуеме известување дека некој повторно бил примен во собранието, можеме да се радуваме исто како што се радуваат и ангелите. Можеме да го увериме нашиот соверник дека го сакаме и дека сме среќни што повторно му служи на Јехова (Лука 15:4-7; 2. Кор. 2:6-8). Примерот на ангелите можеме да го следиме и така што ќе правиме сѐ што можеме во проповедничкото дело (Проп. 11:6). И, исто како што ангелите нѐ поддржуваат нас додека ја објавуваме добрата вест, и ние можеме да наоѓаме начини да ги поддржуваме нашите браќа и сестри во службата на проповедање. На пример, би можеле да направиме план да одиме во служба со некој понов објавител. Или би можеле да им помогнеме на браќата и сестрите кои се постари или имаат здравствени проблеми да учествуваат во службата.

10. Што можеме да научиме од искуството на Сара?

10 Што ако поради нашите околности не можеме да правиме во службата за Јехова онолку колку што би сакале? Можеме да најдеме други начини за да соработуваме со ангелите во проповедничкото дело. Размисли за искуството на Сара,c една сестра од Индија. Откако служела како пионер околу 20 години, Сара се разболела и повеќе не можела да станува од кревет. Разбирливо е што била многу потиштена. Но, по некое време, Сара успеала да си ја врати радоста затоа што добивала помош од браќата и сестрите од собранието и затоа што редовно ја читала Библијата. Се разбира, таа требало да најде нови начини за да ја извршува службата. Бидејќи не можела ниту да седи за да пишува писма, Сара можела да сведочи само преку телефон. Затоа, таа им се јавила на нејзините повторни посети, а тие ѝ кажале за други лица кои би можеле да бидат заинтересирани да ја проучуваат Библијата. Кој бил резултатот? За само неколку месеци, Сара имала 70 библиски курсеви! Таа не можела да постигне да проучува со сите и затоа замолила неколку објавители од собранието да проучуваат со некои од нив. Многумина од оние што проучуваат, сега присуствуваат на нашите состаноци. Колку мора да се среќни ангелите кога соработуваат со браќа и сестри, како што е Сара, кои прават сѐ што можат во проповедничкото дело!

АНГЕЛИТЕ ПОКАЖУВААТ ИСТРАЈНОСТ

11. Како верните ангели покажале извонредна истрајност?

11 Верните ангели се извонреден пример за истрајност. Тие поднесуваат неправда и злоба илјадници години. Ангелите виделе како Сатана и многу други духовни суштества, кои порано му служеле на Јехова заедно со нив, се побуниле против Бог (1. Мој. 3:1; 6:1, 2; Јуда 6). Библијата ни кажува дека еден верен ангел морал со денови да се бори со моќен демон (Дан. 10:13). Освен тоа, од времето на Адам и Ева па сѐ до денес, ангелите гледаат дека само мал број луѓе избираат да му служат на Јехова. И покрај сето тоа, овие верни ангели продолжуваат да му служат на Јехова со радост и со жар. Тие знаат дека, во вистинското време, Бог ќе ги отстрани сите неправди.

12. Што може да ни помогне да истраеме?

12 Како можеме да бидеме истрајни по примерот на ангелите? Исто како ангелите, и ние може да бидеме сведоци на неправди или да се соочиме со противење. Но, и ние сме уверени дека, во вистинското време, Бог ќе ја отстрани сета злоба. Затоа, исто како верните ангели, ние не се откажуваме „од правење добро“ (Гал. 6:9). А и Бог ни ветува дека ќе ни помогне да истраеме (1. Кор. 10:13). Можеме да го молиме Јехова да ни го даде неговиот свет дух кој ќе ни помогне да бидеме стрпливи и радосни (Гал. 5:22; Кол. 1:11). Што ако се соочиш со противење? Имај потполна доверба во Јехова и немој да се плашиш. Јехова секогаш ќе ти помага и ќе те зајакнува (Евр. 13:6).

АНГЕЛИТЕ ПОМАГААТ СОБРАНИЕТО ДА ОСТАНЕ ЧИСТО

13. Која посебна задача ја имаат ангелите за време на последните денови? (Матеј 13:47-49).

13 Милиони луѓе низ целиот свет се заинтересирани за добрата вест. Некои од овие луѓе ги преземаат потребните чекори за да станат вистински христијани, а други не. За време на последните денови, Јехова им дал на ангелите една посебна задача — да ги „одвојат злите од праведните“. (Прочитај Матеј 13:47-49.) Значи, ангелите имаат задача да го чуваат собранието чисто. Но, тоа не значи дека секој што ќе престане да проучува и да се дружи со Јеховиниот народ, од која и да било причина, никогаш нема да може да се врати во собранието. Ниту пак значи дека никогаш нема да има проблеми во собранието. Сепак, можеме да бидеме сигурни дека ангелите вложуваат голем труд за нашите собранија да останат чисти.

14-15. Како можеме да се грижиме за моралната и за духовната чистота на собранието по примерот на ангелите? (Види ги и сликите.)

14 Како можеме да се грижиме за чистотата на собранието по примерот на ангелите? Така што ќе го правиме нашиот дел за да го зачуваме нашето собрание чисто во морален и во духовен поглед. За таа цел, избираме пријатели кои го сакаат Јехова и се држиме подалеку од сѐ што би можело да ни го наруши пријателството со него (Пс. 101:3). Исто така, можеме да им помагаме на нашите соверници да му останат верни на Јехова. На пример, што треба да правиме ако дознаеме дека некој наш соверник направил сериозен грев? Бидејќи го сакаме, ќе го поттикнеме да зборува со старешините. Ако тој не го направи тоа, треба да ги известиме старешините за она што се случило. Ние сакаме нашиот соверник кој си го нарушил пријателството со Јехова да добие помош што е можно побрзо (Јак. 5:14, 15).

15 За жал, некои кои направиле сериозен грев треба да бидат отстранети од собранието. Во таков случај, ние престануваме да се дружиме со нивd (1. Кор. 5:9-13). Ова помага собранието да остане чисто. Исто така, со тоа што избираме да не се дружиме со оние што се отстранети, ние всушност им покажуваме љубов. Нашиот цврст став може да ги поттикне да сфатат дека треба да му се вратат на Јехова. Ако го направат тоа, ние ќе се радуваме заедно со Јехова и со неговите ангели (Лука 15:7).

Слики: 1. Две сестри седат на една клупа во парк и пијат кафе. Додека едната сестра зборува, другата гледа во спротивен правец. 2. Подоцна, сестрата која зборуваше им пристапува на двајца старешини во салата за состаноци.

Што треба да правиме ако дознаеме дека некој наш соверник направил сериозен грев? (види во пасус 14)e


16. На кои начини ќе се трудиш да го следиш примерот на ангелите?

16 Голема чест е тоа што Јехова ни дозволува да дознаеме нешто повеќе за ангелите и да соработуваме со нив! Да го следиме нивниот пример така што ќе ги покажуваме нивните убави особини како што се понизноста, љубовта кон луѓето, истрајноста и грижата за моралната и духовната чистота на собранието. Ако го следиме примерот на верните ангели, и ние ќе можеме да му служиме на Јехова како дел од неговото семејство во сета вечност.

КАКО МОЖЕМЕ ДА ГО СЛЕДИМЕ ПРИМЕРОТ НА АНГЕЛИТЕ ВО ПОГЛЕД НА...

  • понизноста?

  • љубовта кон луѓето?

  • трудот што го вложуваат за собранието да остане чисто?

ПЕСНА 123 Верно се држиме за теократскиот ред

a На небото има стотици милиони ангели. Но, во Библијата се запишани имињата само на двајца од нив — Михаел и Гавриел (Дан. 12:1; Лука 1:19).

b За повеќе искуства, гледај го видеоклипот Извештај бр. 1 од Водечкото тело (2021).

c Името е сменето.

d Како што беше објаснето во Извештај бр. 2 од Водечкото тело (2024), доколку на собраниски состанок дојде некое лице што е отстрането од собранието, објавителите можат, на темел на својата библиски обликувана совест, да одлучат дали кратко ќе го поздрават и ќе му изразат добредојде.

e ОПИС НА СЛИКАТА: Една сестра ја поттикнува својата пријателка да зборува со старешините за гревот што го направила. Откако поминало некое време, сестрата им кажува на старешините за она што се случило бидејќи нејзината пријателка не го направила тоа.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели