СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 21
ПЕСНА 21 Барајте го најнапред Царството!
Чекај го градот што ќе остане
Желно го чекаме градот што ќе дојде (ЕВР. 13:14)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да видиме како Евреите поглавје 13 може да ни користи денес и во иднина.
1. Што прорекол Исус дека ќе се случи со Ерусалим?
НЕКОЛКУ дена пред својата смрт, Исус Христос дал детално пророштво чие прво исполнување било во текот на последните денови од еврејскиот поредок. Тој предупредил дека Ерусалим еден ден ќе биде „опколен од улогорени војски“ (Лука 21:20). Исус им кажал на своите следбеници штом ќе ги видат тие војски — за кои подоцна се покажало дека е римската војска — веднаш да ја напуштат Јудеја (Лука 21:21, 22).
2. Каков совет им дал апостол Павле на еврејските христијани кои живееле во Јудеја и Ерусалим?
2 Само неколку години пред римската војска да го опколи Ерусалим, апостол Павле напишал писмо кое содржело важна порака, а кое денес е познато како писмото до Евреите. Во тоа писмо, Павле им дал совет на христијаните во Јудеја и Ерусалим кој ќе им помогнел да се подготват за она што им претстоело. А што точно им претстоело? Ерусалим ќе бил уништен. Ако тие христијани сакале да преживеат, требало да бидат спремни да ги напуштат својот дом и работа. Затоа во врска со Ерусалим, Павле напишал: „Овде немаме град кој ќе остане“. Потоа додал: „Туку желно го чекаме оној што ќе дојде“ (Евр. 13:14).
3. Што е градот „со вистински темели“, и зошто го чекаме?
3 Христијаните кои одлучиле да ги напуштат Ерусалим и Јудеја веројатно се соочиле со презир и исмејување, но таа одлука им го спасила животот. Денес ние сме исмевани бидејќи не ја полагаме нашата доверба во луѓе ниту се трудиме да обезбедиме сигурен и удобен живот во овој свет. Тогаш, зошто правиме таков избор? Знаеме дека овој свет е привремен. Ние го чекаме градот „со вистински темели“, односно „оној што ќе дојде“, Божјето Царствоa (Евр. 11:10; Мат. 6:33). Во секој поднаслов од оваа статија ќе разгледаме: 1) како советот на Павле им помогнал на христијаните од првиот век да продолжат да го чекаат градот „што ќе дојде“, 2) како Павле ги подготвил за идните настани и 3) како неговиот совет ни помага нам денес.
ИМАЈ ДОВЕРБА ВО ОНОЈ ШТО НИКОГАШ НЕМА ДА ТЕ НАПУШТИ
4. Зошто Ерусалим бил важен за христијаните?
4 Ерусалим бил важен за христијаните. Во 33 год. од н.е., таму било основано христијанското собрание, и водечкото тело се наоѓало во тој град. Освен тоа, во тој град многу христијани поседувале свој дом и имале насобрано материјални работи. Сепак, Исус ги предупредил своите следбеници дека ќе треба да го напуштат Ерусалим, па дури и Јудеја (Мат. 24:16).
5. Како Павле ги подготвил христијаните за она што ќе се случело со Ерусалим?
5 За да ги подготви христијаните за она што следело, Павле им помогнал да се фокусираат на тоа како Јехова гледа на градот Ерусалим. Тој ги потсетил дека од Јеховина гледна точка, храмот, свештенството и жртвите кои биле принесувани во Ерусалим повеќе не биле свети (Евр. 8:13). Поголемиот дел од неговите жители го отфрлиле Месијата. Храмот во Ерусалим веќе не бил центар на чистото обожавање на Јехова и ќе бил уништен (Лука 13:34, 35).
6. Зошто зборовите на Павле од Евреите 13:5, 6 биле навремени за христијаните?
6 Кога Павле им пишал на Евреите, Ерусалим бил напреден град. Еден римски писател од тоа време го нарекол Ерусалим „најпознатиот град на Истокот“. Евреи од многу земји секоја година оделе таму за да ги прослават празниците, што придонесувало градот да напредува во економски поглед. Без сомнение, и на некои христијани им користеле овие поволни економски услови. Можеби затоа Павле им рекол: „Во вашиот живот нека нема љубов кон парите, туку бидете задоволни со она што го имате“. Потоа, цитирал од списите едно силно уверување кое Јехова им го дал на своите слуги: „Никогаш нема да те оставам и никогаш нема да те напуштам“. (Прочитај Евреите 13:5, 6; 5. Мој. 31:6; Пс. 118:6.) На христијаните кои живееле во Ерусалим и Јудеја им било потребно тоа уверување. Зошто? Бидејќи кратко откако ќе го добиеле ова писмо, тие ќе требало да ги напуштат својот дом, својата работа и поголемиот дел од она што го поседувале. Потоа, ќе требало да започнат нов живот на друго место, што немало да биде лесно.
7. Зошто треба уште сега да ја зајакнеме нашата доверба во Јехова?
7 Поука за нас: Што ни претстои нам? Уништувањето на овој свет во големата неволја (Мат. 24:21). Како христијаните од првиот век, и ние мора да бидеме будни и подготвени (Лука 21:34-36). Во текот на големата неволја можеби ќе треба да оставиме нешто или сѐ што поседуваме, со потполна доверба дека Јехова никогаш нема да го напушти својот народ. Уште сега, пред да започне таа неволја, имаме прилика да покажеме во што ја полагаме нашата доверба. Прашај се: „Дали со моите постапки и цели покажувам дека имам доверба, не во богатството, туку во Бог, кој ветува дека ќе се грижи за мене?“ (1. Тим. 6:17). Се разбира, иако можеме да извлечеме поуки од она што се случило во првиот век, претстојната голема неволја ќе биде нешто што никогаш не се случило. Тогаш, како ќе знаеме што точно да правиме кога ќе започне таа неволја?
БИДИ ИМ ПОСЛУШЕН НА ОНИЕ ШТО ПРЕДВОДАТ
8. Какви упатства им дал Исус на своите ученици?
8 Неколку години откако го добиле писмото на Павле до Евреите, христијаните виделе дека римската војска го опколува градот Ерусалим. Тоа било знак дека е време да бегаат; Ерусалим ќе бил уништен (Мат. 24:3; Лука 21:20, 24). Но каде требало да бегаат? Исус само рекол: „Оние што ќе бидат во Јудеја, нека бегаат во планините!“ (Лука 21:21). Во таа област имало многу планини. Тогаш, во кој правец требало да одат?
9. Зошто можеби христијаните се прашувале во кои планини да бегаат? (Види ја и картата.)
9 Размисли во кои планини христијаните можеле да избегаат: планините во Самарија, планините во Галилеја, планината Хермон, планините во Ливан и планините од другата страна на реката Јордан. (Види ја картата.) Некои градови во тие планински предели можеби изгледале како безбедни засолништа. На пример, градот Гамла се наоѓал на остар гребен од една висока планина и бил тешко пристаплив. Некои Евреи го сметале овој град за идеално засолниште. Но, Римјаните го нападнале и го уништиле тој град, при што загинале многу од неговите жители.b
Имало многу планини во кои христијаните од првиот век можеле да побегнат, но не биле сите безбедни (види во пасус 9)
10-11. а) Како Јехова веројатно ги водел христијаните? (Евреите 13:7, 17). б) Како им користело на христијаните тоа што им биле послушни на оние што предводеле? (Види ја и сликата.)
10 Се чини дека Јехова ги водел христијаните преку оние што предводеле во собранието. Историчарот Евзебиј подоцна напишал: „На христијаните од собранието во Ерусалим, преку откровение кое Бог им го дал на некои мажи, им било заповедано... да го напуштат градот пред војната и да се населат во еден град во Переја, кој се викал Пела“. Пела бил одличен избор. Не бил далеку од Ерусалим и лесно можело да се стигне до него. Повеќето луѓе во Пела биле не-Евреи и затоа тој град главно не бил засегнат од конфликтот меѓу Римјаните и Евреите кои се бореле за слобода. (Види ја картата.)
11 Христијаните кои избегале во планините го примениле советот на Павле да им бидат послушни на оние што предводат во собранието. (Прочитај Евреите 13:7, 17.) Благодарение на тоа, преживеале. Тие го чекале градот „со вистински темели“, Божјето Царство, и затоа Јехова не ги напуштил (Евр. 11:10).
Пела била безбедно, но и блиско прибежиште за христијаните (види во пасуси 10-11)
12-13. Како Јехова го водел својот народ во тешки времиња?
12 Поука за нас: Јехова ги користи оние што предводат за да му обезбеди на својот народ конкретно водство. Библијата изобилува со примери кои покажуваат дека Јехова поставувал пастири за да го води својот народ во тешки времиња (5. Мој. 31:23; Пс. 77:20). И ние денес гледаме јасни докази дека Јехова продолжува да ги користи оние кои предводат.
13 На пример, кога изби пандемијата со КОВИД-19, оние што предводат им дадоа водство на собранијата. Старешините добија упатства како да се погрижат за духовните потреби на браќата и сестрите. Кратко откако започна пандемијата, одржавме историски конгрес на повеќе од 500 јазици преку интернет, телевизија и радио. Не престанавме да добиваме духовна храна. Како резултат на тоа, останавме обединети. Можеме да бидеме уверени дека без разлика со какви неволји ќе се соочиме во иднина, Јехова ќе продолжи да им помага на оние што предводат да носат мудри одлуки. Освен што ќе имаме доверба во Јехова и ќе бидеме послушни на неговите заповеди, кои други особини ќе ни помогнат да се подготвиме за големата неволја и да постапуваме мудро во текот на тој многу тежок период?
ПОКАЖУВАЈ БРАТСКА ЉУБОВ И ГОСТОЉУБИВОСТ
14. Според Евреите 13:1-3, кои особини требало да ги покажуваат христијаните пред да биде уништен Ерусалим?
14 Кога ќе започне големата неволја, ќе треба да си покажуваме љубов еден на друг како никогаш порано. Во тоа време, ќе треба да го следиме примерот на христијаните кои живееле во Ерусалим и Јудеја. Тие секогаш си покажувале љубов еден на друг (Евр. 10:32-34). Но во последните неколку години пред Ерусалим да биде уништен, христијаните требало да покажуваат братска љубов и гостољубивост во уште поголема мера.c (Прочитај Евреите 13:1-3.) Истото ќе важи и за нас во текот на големата неволја.
15. Зошто христијаните требало да покажуваат братска љубов и гостољубивост откако избегале?
15 Кога римската војска го опколила Ерусалим и потоа ненадејно се повлекла, христијаните избегале земајќи со себе релативно малку работи (Мат. 24:17, 18). Требало да си помагаат еден на друг додека патувале кон планините и додека се привикнувале на својот нов дом. На повеќето браќа и сестри им биле потребни храна, облека и место за живеење. Со тоа што меѓусебно си помагале и го делеле она што го имале, христијаните можеле да покажуваат љубов и гостољубивост еден кон друг (Тит 3:14).
16. Како можеме да им покажуваме љубов на соверниците на кои им е потребна нашата помош? (Види ја и сликата.)
16 Поука за нас: Љубовта нѐ поттикнува да им ја пружиме на соверниците нашата помош кога таа им е потребна. Многу браќа и сестри биле спремни да се грижат за духовните и материјалните потреби на своите соверници кои станале бегалци поради војни или природни катастрофи. Една сестра од Украина која го напуштила својот дом поради војната рекла: „Ја чувствувавме Јеховината рака како нѐ води и ни помага преку нашите браќа. Тие толку убаво нѐ пречекаа и ни помогнаа во Украина, во Унгарија, а сега и тука во Германија“. Оние кои покажуваат гостољубивост кон браќата и сестрите и се грижат за нивните потреби се алатки во рацете на Јехова (Изр. 19:17; 2. Кор. 1:3, 4).
На нашите браќа и сестри кои се бегалци им е потребна нашата помош (види во пасус 16)
17. Зошто е важно уште сега да развиваме братска љубов и гостољубивост?
17 Без сомнение, потребата за таква помош ќе биде многу поголема во иднина отколку денес (Авак. 3:16-18). Јехова уште сега нѐ обучува да развиваме братска љубов и гостољубивост, особини кои ќе ни бидат многу потребни во тоа време.
ШТО НИ ПРЕТСТОИ
18. Како може да се угледаме на христијаните од првиот век?
18 Како што потврдува историјата, христијаните кои избегале во планините успеале да го преживеат уништувањето на Ерусалим. Тие го напуштиле градот, но Јехова никогаш не ги напуштил нив. Што може да научиме од нивниот пример? Не знаеме како точно ќе се одвиваат настаните во иднина. Но, го имаме предупредувањето на Исус да бидеме подготвени (Лука 12:40). Го имаме и советот што Павле го дал во писмото до Евреите. Тој совет важи и за наше време како што важел и во првиот век. А го имаме и Јеховиното уверување дека никогаш нема да нѐ остави ниту да нѐ напушти (Евр. 13:5, 6). Да продолжиме желно да го чекаме градот што ќе остане — Божјето Царство — и да уживаме во вечните благослови кои тоа ќе ги донесе (Мат. 25:34).
ПЕСНА 157 Конечно мир
a Во библиски времиња, со градовите честопати владеел цар. Еден таков град можел да се смета за царство (1. Мој. 14:2).
b Ова се случило во 67 год. од н.е., кратко откако христијаните избегале од Јудеја и Ерусалим.
c Зборот што е преведен со „братска љубов“ може да се однесува на љубов кон блиски роднини, но Павле го употребил за да ја опише силната љубов која ја чувствуваме кон браќата и сестрите од собранието.