СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 40
ПЕСНА 111 Имаме многу причини за радост
Јехова е изворот на нашата радост
Ќе дојдам кај Бог, поради кого радосно воскликнувам (ПС. 43:4)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да ни помогне да препознаеме што може да ни ја одземе радоста и како можеме повторно да си ја вратиме ако ја изгубиме.
1-2. а) Како се чувствуваат многумина денес? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?
ЛУЃЕТО денес постојано се во потрага по среќа. Но вистинската среќа едноставно им бега. Многумина се преплавени од чувства на празнина и тага. А ни слугите на Јехова не се имуни на ваквите чувства. Живееме во „последните денови“, и затоа понекогаш се бориме со ситуации и чувства кои се „особено тешки“ (2. Тим. 3:1).
2 Во оваа статија ќе разгледаме кои работи можат да ни ја украдат радоста и како може да ја вратиме ако ја изгубиме. Но, најпрво да видиме кој е изворот на вистинската среќа и радост.
ИЗВОРОТ НА ВИСТИНСКАТА СРЕЌА И РАДОСТ
3. Што учиме од творештвото за Јехова? (Види ги и сликите.)
3 Јехова отсекогаш бил среќен. А сака и ние да бидеме среќни. Затоа не нѐ изненадува што неговата радост ја гледаме во неговите творби — нашата прекрасна планета, бесконечниот спектар на бои, лудориите на животните и изобилството вкусна храна. Бог навистина нѐ сака и сака да уживаме во животот!
Слонче: Image © Romi Gamit/Shutterstock; пингвинчиња: Vladimir Seliverstov/500px via Getty Images; јариња: Rita Kochmarjova/stock.adobe.com; два делфини: georgeclerk/E+ via Getty Images
Лудориите на животните нѐ потсетуваат дека Јехова е среќен (види во пасус 3)
4. а) Зошто Јехова останува среќен и покрај страдањата во светот? б) Што ни дава Јехова? (Псалм 16:11).
4 Иако е „среќниот Бог“, Јехова е потполно свесен за болката и страдањата во светот (1. Тим. 1:11). Но тој не дозволува тоа да му ја одземе радоста. Знае дека сето страдање е привремено — самиот му одредил рок на траење. И стрпливо истрајува сѐ до денот кога засекогаш ќе ги отстрани сета тага и страдања. Во меѓувреме, Јехова разбира низ што минуваме и сака да ни помогне. Како го прави тоа? Еден начин е така што ни дава радост. (Прочитај Псалм 16:11.) Да видиме како му дал радост и на својот Син, Исус.
5-6. Зошто Исус е радосен?
5 Од сѐ што создал Јехова, Исус е најсреќната личност. Зошто? Еве две причини. 1) „Тој е сликата на невидливиот Бог“ и во секој поглед совршено ја одразува личноста на својот Татко (Кол. 1:15; 1. Тим. 6:15). 2) Исус поминал најмногу време со својот Татко, кој е изворот на среќа.
6 Исус е радосен бидејќи секогаш го прави она што неговиот Татко го бара од него (Изр. 8:30, 31; Јован 8:29). Поради неговата верност, Јехова се гордее со него (Мат. 3:17).
7. Како може да најдеме вистинска радост?
7 И ние можеме да најдеме вистинска радост ако стануваме сѐ поблиски со Јехова, изворот на среќата. Колку повеќе го запознаваме Јехова и го следиме неговиот пример, толку посреќни ќе бидеме. А ќе бидеме радосни и кога го правиме она што Бог го бара и кога знаеме дека тој е задоволен од насa (Пс. 33:12). Но што ако чувствуваме дека одвреме-навреме, или пак дури и постојано, ни недостига радост? Дали тоа значи дека Бог не е задоволен од нас? Не! Ние сме несовршени и понекогаш чувствуваме болка, тага или страдаме од депресија. Јехова го разбира тоа (Пс. 103:14). Да видиме кои работи можат да ни ја украдат радоста и како можеме да си ја вратиме.
НЕ ДОЗВОЛУВАЈ НИШТО ДА ТИ ЈА УКРАДЕ РАДОСТА
8. Како можат животните проблеми да влијаат врз нас?
8 Крадец бр. 1: Животните проблеми. Дали страдаш поради прогонство, природна катастрофа, сиромаштија, болест или старост? Кога се соочуваме со такви проблеми, лесно може да ја изгубиме радоста, особено кога немаме речиси никаква контрола врз ситуацијата. Библијата отворено кажува дека „болката во срцето го крши духот“ (Изр. 15:13). Бабис, еден старешина на кој во период од четири години му починале и братот и родителите, вели: „Се чувствував осамено и беспомошно. Понекогаш, се чувствував и растргнат бидејќи имав многу обврски и не можев да поминам онолку време колку што сакав со родителите и брат ми пред да починат“. Животните проблеми навистина можат да нѐ исцрпат и физички и емоционално.
9. Што може да ни помогне да си ја вратиме радоста? (Еремија 29:4-7, 10).
9 Што може да ни помогне да си ја вратиме радоста? Можеме повторно да бидеме радосни ако сме реалистични и благодарни. Светот ја промовира идејата дека треба да имаме идеален живот за да бидеме среќни. Но тоа не е точно. На пример, Јехова им дал упатства на еврејските изгнаници во Вавилон да ја прифатат новата реалност дека се заробеници во туѓа земја и да го дадат своето најдобро во тие тешки околности. (Прочитај Еремија 29:4-7, 10.) Која е поуката за нас? Труди се да ги прифатиш своите околности и биди благодарен за добрите работи во животот. Имај на ум дека Јехова постојано ќе ти помага (Пс. 63:7; 146:5). Ефи, која поради несреќен случај останала парализирана, вели: „Јехова, моето семејство и собранието многу ми помогнаа. Затоа би било неблагодарно од моја страна ако едноставно се откажам. Сакам да покажам дека сум им благодарна на Јехова и на браќата и сестрите за нивната огромна помош“.
10. Зошто може да бидеме радосни дури и кога се соочуваме со проблеми?
10 Дури и кога животот ни е далеку од идеален или кога нам или на нашето семејство ни се случуваат ужасни работи, сепак можеме да бидеме радосниb (Пс. 126:5). Зошто? Бидејќи нашата радост не зависи од околностите. Една пионерка по име Марија вели: „Кога се соочуваш со проблеми, тоа што остануваш радосен не значи дека ги потиснуваш своите чувства. Напротив, тоа значи дека не си ги заборавил Јеховините ветувања. Нашиот Татко ќе ни помогне да си ја зачуваме радоста“. Запомни, колку и да е тешко сега, сите наши проблеми се привремени — како стапалки на песочна плажа. Наскоро ќе исчезнат без никаква трага.
11. Како те храбри примерот на Павле?
11 Што ако почнеме да мислиме дека нашите проблеми се показател дека Јехова веќе не е задоволен од нас? Може да ни помогне ако размислуваме за други верни слуги на Јехова кои се соочиле со многу тешки ситуации. Размисли за примерот на апостол Павле. Исус лично го избрал да им ја проповеда добрата вест „на незнабошците, и на царевите и на Израеловите синови“ (Дела 9:15). Каква чест! Но, животот на Павле не бил без проблеми (2. Кор. 11:23-27). Дали навидум бесконечните проблеми со кои се соочил Павле значеле дека го изгубил Јеховиното одобрување? Секако дека не! Напротив, неговата истрајност покажала дека Јехова го благословува (Рим. 5:3-5). Сега размисли за твојата ситуација. И покрај неволјите со кои се соочуваш, ти верно истрајуваш. Затоа и ти можеш да бидеш уверен дека го имаш Јеховиното одобрување.
12. Како неисполнетите очекувања можат да ни ја украдат радоста?
12 Крадец бр. 2: Неисполнетите очекувања (Изр. 13:12). Љубовта и благодарноста кон Јехова нѐ поттикнуваат да си поставуваме цели во службата за него. Но ако си поставуваме нереалистични цели, би можеле да се разочараме (Изр. 17:22). Една пионерка по име Холи вели: „Сакав да одам на Школата за полновремени објавители, да служам во друга земја или да работам на градежниот проект Рамапо. Но моите околности се сменија и повеќе не можев да ги постигнам тие цели. Многу се разочарав. Обесхрабрувачки е кога сакаш да постигнеш некои работи, но не можеш“. Мнозина се чувствуваат така.
13. Ако околностите не ни дозволуваат да го правиме она што би сакале, кои реалистични цели можеме да си ги поставиме?
13 Што може да ни помогне да си ја вратиме радоста? Имај на ум дека Јехова не очекува од нас повеќе од она што можеме да го направиме; ниту пак ја одредува нашата вредност според она што можеме да го постигнеме во службата за него. Тој сака скромно и верно да му служиме (Мих. 6:8; 1. Кор. 4:2). На Јехова му е важно какви сме однатре, дури и ако не можеме да го правиме во службата за него она што би сакале. Би било ли разумно да очекуваме од себе повеќе од што очекува Јехова?c Секако дека не! Затоа, ако твоите околности не ти дозволуваат да го правиш она што сакаш во службата за Јехова, труди се да се фокусираш на она што можеш да го правиш. На пример, би можел ли да ги обучуваш помладите или да ги храбриш постарите? Би можел ли да си поставиш за цел да охрабриш некого така што ќе го посетиш, ќе му се јавиш на телефон или ќе му испратиш порака? Јехова ќе те награди со радост додека се трудиш да ги исполниш таквите смисловни и реалистични цели! И задржи на ум дека наскоро, во новиот свет, ќе имаме безброј можности да му служиме на Јехова на начини што не можеме ни да ги замислиме! Холи, која беше спомната претходно, рекла: „Понекогаш ќе застанам и ќе си помислам: ’Пред мене е вечноста. Со Јеховина помош, во новиот свет ќе можам да исполнам некои од моите цели‘“.
14. Што друго може да ни ја украде радоста?
14 Крадец бр. 3: Задоволствата пред сѐ друго. Некои ги користат социјалните мрежи за да го рашират ставот дека ќе сме вистински среќни ако си угодуваме себеси. Тие ги поттикнуваат луѓето да се фокусираат на работи како хоби, шопинг и патувања. Не е погрешно да уживаме во овие работи. Јехова сака да уживаме во убавите работи кои ги создал. Меѓутоа, мнозина сфатиле дека она што мислеле дека ќе им донесе радост, всушност, им ја одзело радоста. Ева, која служи како пионер, вели: „Ако твојот живот се врти околу тоа да си ги задоволиш желбите, ништо нема да ти биде доволно“. Трчањето по задоволства може да направи да се чувствуваме празно и разочарано.
15. Што може да научиме од цар Соломон?
15 Искуството на цар Соломон покажува дека трчањето по задоволства може да ни ја украде радоста. Тој се обидел да најде среќа со тоа што си ги задоволувал личните желби. На пример, уживал во добра храна, прекрасна музика и во сите убави нешта што во негово време можеле да се купат со пари. Но тоа не го направило среќен. Тој рекол: „Окото не може да се нагледа, ниту увото може да се наслуша“ (Проп. 1:8; 2:1-11). Идеите на светот во врска со тоа што носи вистинска радост се како фалсификувани пари. Иако изгледа дека имаат некаква вредност, со нив не може да се купи ништо.
16. Како тоа што ќе им правиме добро на другите ќе ни помогне повторно да бидеме радосни? (Види ги и сликите.)
16 Што може да ни помогне да си ја вратиме радоста? Исус нѐ поучил дека „повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35). Еден старешина по име Алекос вели: „Се трудам да правам мали работи за другите. Колку повеќе давам, толку повеќе го тргам фокусот од себе, а тоа ме прави радосен“. Што можеш ти да правиш за другите? Ако забележиш дека на некој му е тешко, обиди се да го охрабриш. Можеби нема да успееш да му ги решиш проблемите, но можеш да го утешиш така што внимателно ќе го слушаш, ќе покажеш сочувство и ќе го потсетиш да го фрли својот товар на Јехова (Пс. 55:22; 68:19). Можеш и да го увериш дека Јехова не го напуштил (Пс. 37:28; Иса. 59:1). Би можел дури и да се понудиш практично да му помогнеш, на пример, така што ќе подготвиш некое јадење или ќе одите заедно на прошетка. Покани го да одите заедно во служба; тоа ќе му помогне да се разведри. Дозволи му на Јехова да те користи како алатка во неговите раце. Тоа што ќе се фокусираш на другите наместо на себе, ќе ти донесе вистинска радост (Изр. 11:25).
Наместо да се фокусираш на твоите желби, фокусирај се на потребите на другите (види во пасус 16)d
17. Како нашата радост е поврзана со Јехова? (Псалм 43:4).
17 Можеме да бидеме вистински среќни ако стануваме сѐ поблиски со нашиот небесен Татко. Библијата нѐ уверува дека Јехова е оној поради кого радосно воскликнуваме. (Прочитај Псалм 43:4.) Можеме да се чувствуваме безбедно сеедно низ што поминуваме во животот. Затоа, да го задржиме фокусот на Јехова, изворот на нашата радост! (Пс. 144:15).
ПЕСНА 155 Радост бескрајна
a Види ја рамката „Како Јехова ни дава радост“.
b За еден таков пример, на jw.org види го интервјуто на Денис и Ирина Кристенсен кое излезе во Извештај бр. 5 од Водечкото тело (2023).
c За повеќе информации, види ја статијата „Имај разумни очекувања и ќе бидеш радосен“ во Стражарска кула од 15 јули 2008.
d ОПИС НА СЛИКАТА: Една сестра оди на шопинг и си купува многу работи, но поголема радост ѝ носи кога купува букет цвеќе за една постара сестра на која ѝ треба охрабрување.