ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • bi12 Јоил 1:1-3:21
  • Јоил

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Јоил
  • Свето писмо — превод Нов свет
Свето писмо — превод Нов свет
Јоил

Јоил

1 Речта Јеховина што му дојде+ на Јоил, синот на Фатуил:

2 „Чујте го ова, старешини, и послушајте, сите вие жители на оваа земја!+ Дали се случило вакво нешто во вашите денови или во деновите на вашите прататковци?+ 3 Раскажете им го тоа на своите синови, вашите синови нека им го раскажат на своите синови, а нивните синови — на следното поколение.+ 4 Што остави гасеницата, го изеде скакулецот,+ што остави скакулецот, го изеде младиот бескрилен скакулец, а што остави младиот бескрилен скакулец, го изеде лебарката.+

5 Разбудете се, пијаници,+ и плачете! Плачете горко,+ сите вие винопијци, поради виното,*+ зашто ви е одземено од уста.+ 6 Зашто, против мојата земја дојде народ моќен и безброен.+ Забите му се како заби на лав+ и има лавовски вилици. 7 Мојата лоза ја претвори во грозна глетка+ и од смоквата моја остави само пенушка.+ Ја соголи и ја фрли.+ Гранките ѝ побелеа. 8 Плачи, како што плаче девица опашана со козина+ за свршеникот* на својата младост.

9 Житните жртви+ и жртвите налевници+ исчезнаа од домот на Јехова. Свештениците, слуги+ на Јехова, тагуваат.+ 10 Ограбено е сѐ од полето,+ земјата тагува,+ зашто житото е ограбено, младото вино го нема,+ маслото го снема.+ 11 Земјоделците се посрамени,+ лозарите плачат горко поради пченицата и поради јачменот, зашто жетвата на полето пропадна.+ 12 Лозата се исуши и смоквата овена. Се исушија и калинката, и палмата и јаболкницата — сите дрвја во полето,+ зашто радоста побегна од човечките синови.+

13 Препашете се, свештеници, и удирајте се в гради од тага!+ Плачете горко, слуги на жртвеникот!+ Дојдете, поминете ја ноќта во козина, слуги на мојот Бог! Зашто, од домот на вашиот Бог ги снема житните жртви+ и жртвите налевници.+ 14 Прогласете свет пост!+ Свикајте свечен собир!+ Соберете ги старешините и сите жители на оваа земја, во домот на Јехова, вашиот Бог,+ и викајте кон Јехова да ви помогне.+

15 Леле, каков ден!+ Зашто, денот Јеховин е близу,+ доаѓа како опустошување од Семоќниот! 16 Зар не ни снема храна пред наши очи, радоста и веселбата од домот на нашиот Бог?+ 17 Сувите смокви изгнија под нивните лопати. Амбарите се опустошени. Плевните се урнати, зашто житото се исуши. 18 А добитокот воздивнува ли воздивнува! Колку збунето лутаат стадата говеда бидејќи нема што да пасат!+ И стадата овци ја трпат казната.

19 Кон тебе, Јехова, ќе викам+ бидејќи оган ги голтна пасиштата во пустелијата и пламен ги проголта сите дрвја во полето.+ 20 И полските ѕверови копнеат по тебе,+ зашто водните потоци пресушија+ и оган ги проголта пасиштата во пустелијата“.

2 „Затрубете во рог на Сион+ и огласете се со воен повик+ на мојата света гора.+ Нека треперат сите жители на оваа земја,+ зашто доаѓа Јеховиниот ден,+ зашто е близу! 2 Тоа е ден на темнина и мрак,+ ден на облаци и на густа темнина. Личи на светлината в зори што се шири по планините.+

Еве, народ броен и моќен,+ народ каков што никогаш немало+ и нема повеќе да го има во ниту едно идно поколение. 3 Пред него оган изедува,+ а зад него пламен проголтува.+ Пред него земјата е како градината Еден,+ а зад него гола пустелија. Ништо не му бега.

4 Сите од тој народ личат на коњи, а трчаат како бојни коњи.+ 5 Кога скокаат, како да тропотат коли по ридските врвови,+ како да потпукнува распламтен оган кога проголтува стрниште.+ Тие се како моќен народ построен во борбени редови.+ 6 Поради нив, народите ќе бидат во тешки болки+ и на сите ќе им се чита тегоба на лицето.+

7 Трчаат како јунаци.+ Се качуваат на ѕид како војници, и секој оди по својот пат и не скршнува од својата патека.+ 8 Не се туркаат еден со друг. Како силен човек на својата патека, тие продолжуваат напред. Па дури и некои да паднат меѓу стрелите, другите не се откажуваат.

9 Навалуваат во градот. Трчаат на ѕидот. Се качуваат на куќите. Влегуваат како крадци низ прозорците. 10 Пред нив земјата се тресе, небото трепери. Сонцето и месечината потемнуваат,+ а ѕвездите го повлекуваат својот сјај.+ 11 Јехова ќе го пушти својот глас+ пред својата војска,+ зашто неговиот логор е многу голем.+ Моќен е оној што ја извршува својата реч, зашто Јеховиниот ден е голем+ и многу страшен. Кој може да опстане?“+

12 „Затоа сега,“ вели Јехова, „вратете се кај мене со сето свое срце,+ со пост,+ со плачење и со тажење.+ 13 Раскинете ги срцата,+ а не облеката!+ Вратете се кај Јехова, вашиот Бог, зашто тој е милостив и милосрден,+ бавен на гнев+ и полн со милост,*+ и ќе му биде жал поради несреќата.+ 14 Кој знае дали нема да се одврати, да се сожали+ и да остави благослов,+ житна жртва и жртва налевница за Јехова, вашиот Бог?

15 Затрубете во рог на Сион!+ Прогласете свет пост!+ Свикајте свечен собир!+ 16 Соберете го народот! Посветете ја заедницата!*+ Свикајте ги старците! Соберете ги децата и доенчињата!+ Младоженецот нека излезе од својата соба и невестата од својата свадбена одаја!

17 Меѓу предворјето и жртвеникот+ нека плачат свештениците, слуги на Јехова, и нека кажат: ‚Сожали го, Јехова, својот народ, и не предавај го своето наследство на срам,+ па да владеат народите над него. Зошто да се зборува меѓу народите: „Каде е нивниот Бог?“ ‘+ 18 И Јехова ќе биде ревносен за својата земја+ и ќе му се смилува на својот народ.+ 19 Јехова ќе му одговори и ќе му рече на својот народ: ‚Еве, ви праќам жито, младо вино и масло, и со тоа ќе се наситите.+ Нема повеќе да дозволам да ве срамотат меѓу народите.+ 20 И оној од север+ ќе го протерам далеку од вас и ќе го растерам по безводна и запустена земја. Ќе му го свртам лицето кон источното море,+ а грбот — кон западното.+ Неговата смрдеа ќе се крене, неговата реа ќе се крева,+ зашто Бог ќе направи големо дело‘.

21 Не плаши се, земјо! Радувај се и весели се, зашто Јехова ќе направи големо дело.+ 22 Не плашете се, полски ѕверови,+ зашто пасиштата во пустелијата ќе се зазеленат,+ дрвото ќе го даде својот плод,+ смоквата и лозата ќе го дадат својот род.+ 23 И вие, синови на Сион, веселете се и радувајте му се на Јехова, вашиот Бог,+ бидејќи ќе ви даде есенски дожд во права мера+ и ќе излее врз вас дожд, дожд есенски и пролетен, како и порано.+ 24 И ќе се наполнат гумната со исчистено жито, а од каците ќе се прелева младо вино и масло.+ 25 Ќе ви ги надоместам годините што ги изедоа скакулецот, младиот бескрилен скакулец, лебарката и гасеницата — мојата голема војска што ја испратив кај вас.+ 26 Ќе јадете, и ќе се наситите со јадење,+ па ќе го фалите името на Јехова, вашиот Бог,+ кој со вас постапуваше на чудесен начин.+ Никогаш повеќе мојот народ нема да биде посрамен.+ 27 И тогаш ќе знаете дека јас сум сред Израел+ и дека јас сум Јехова, вашиот Бог, и дека нема друг.+ Никогаш повеќе мојот народ нема да биде посрамен.

28 Потоа ќе излеам од својот дух+ на најразлични луѓе,+ и вашите синови и ќерки+ ќе пророкуваат, вашите старци ќе сонуваат соништа, а вашите младичи ќе гледаат виденија. 29 Дури и на слугите и на слугинките ќе излеам од својот дух во оние денови.+

30 И ќе дадам предзнаци на небото+ и на земјата, крв, оган и столбови од дим.+ 31 Сонцето ќе се претвори во темнина+ и месечината во крв,+ пред да дојде големиот и страшен Јеховин ден.+ 32 И секој што ќе го повика името на Јехова ќе биде спасен,+ бидејќи оние што се избавени, како што рече Јехова, ќе бидат на гората Сион+ и во Ерусалим. Ќе бидат и меѓу преживеаните, кои Јехова ги повикува.“+

3 „Зашто, ете, во тие денови и во тоа време,+ кога ќе ги вратам заробениците на Јуда и Ерусалим,+ 2 ќе ги соберам и сите народи+ и ќе ги доведам во долината на Јосафат,+ и таму ќе им судам поради мојот народ и наследство, Израел,+ кого го распрснаа меѓу народите, а мојата земја ја разделија.+ 3 За мојот народ фрлаа ждрепка,+ момче даваа во замена за блудница,+ а девојче продаваа за вино, за да можат да пијат.

4 А вие, што имате вие со мене, Тире, Сидоне+ и сите вие филистејски+ краишта? Со вакви дела ли ми враќате? А ако вие постапувате така со мене, јас брзо и спремно ќе ви ги вратам вашите дела на ваша глава.+ 5 Зашто, вие ми го зедовте среброто и златото,+ и моите драгоцени работи ги однесовте во вашите храмови,+ 6 а синовите на Јуда и синовите на Ерусалим им ги продадовте+ на синовите на Грците*+ за да ги одведете далеку од нивниот крај.+ 7 Еве, јас ги подигам за да се вратат од местото каде што ги продадовте,+ а вам ќе ви ги вратам на ваша глава вашите дела.+ 8 Вашите синови и ќерки ќе им ги предадам* на синовите на Јуда,+ а тие ќе ги предадат на Савците,+ далечен народ,+ зашто Јехова рече така.

9 Објавете го ова меѓу народите:+ ‚Подгответе се за војна!* Подигнете ги јунаците!+ Нека пристапат! Нека дојдат сите војници!+ 10 Прековете ги своите плугови во мечеви и своите српови+ во копја. Кој е слаб, нека каже: „Силен сум!“+ 11 Помогнете си едни на други, дојдете, сите околни народи,+ и соберете се!‘ “+

О Јехова, нека слезат таму твоите силни воини!+

12 „Нека станат народите и нека дојдат во долината на Јосафат,+ бидејќи таму ќе седнам за да им судам на сите околни народи.+

13 Замавнете со српот,+ зашто жетвата е зрела.+ Дојдете, слезете, зашто винското гмечало се наполни.+ Од каците се прелева, зашто злобата нивна е голема.+ 14 Мноштва, мноштва се во долината на одлуката,+ зашто денот Јеховин е близу во долината на одлуката.+ 15 Сонцето и месечината ќе потемнат, а ѕвездите ќе го повлечат својот сјај.+ 16 Јехова ќе рикне од Сион како лав, од Ерусалим ќе го пушти својот глас.+ Небото и земјата ќе се затресат,+ но Јехова ќе биде прибежиште за својот народ+ и тврдина за синовите на Израел.+ 17 И тогаш ќе знаете дека јас сум Јехова, вашиот Бог,+ кој живее на Сион, на својата света гора.+ А Ерусалим ќе биде свето место,+ и туѓинци повеќе нема да минуваат низ него.+

18 И во тој ден од планините ќе капе вино,*+ по ридовите ќе тече млеко, а во сите речни корита на Јуда ќе тече вода. Од домот на Јехова ќе бликне извор+ и ќе ја напојува Долината Ситим.*+ 19 Египет ќе се претвори во пустош,+ а Едом во пустина, во гола пустелија,+ поради насилството над синовите на Јуда, во чија земја пролеаја невина крв.+ 20 А земјата на Јуда ќе биде населена довека+ и Ерусалим од поколение до поколение.+ 21 За невина ќе ја сметам нивната крв, која порано не ја сметав за невина.+ Јехова ќе живее на Сион.“+

Или: „слаткото вино“.

Буквално: „сопственикот (господарот)“.

Или: „лојална љубов“. Види ја фуснотата за 1Мо 19:19.

Хебрејски: кахал. Види ја фуснотата за 2Мо 12:6.

Буквално: „синовите на Јаван“; односно „Јаванците“ или „Јонците“.

Буквално: „продадам“.

Буквално: „Посветете војна!“

Или: „слатко вино“.

Буквално: „Долината на акациите“. За изразот „долина“, види го додатокот 12.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели