ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • bi12 Захарија 1:1-14:21
  • Захарија

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Захарија
  • Свето писмо — превод Нов свет
Свето писмо — превод Нов свет
Захарија

Захарија

1 Во осмиот месец од втората година на Дариј,+ на Захарија,+ синот на Верехија, син на Идо,+ пророкот, му дојде Јеховината реч: 2 „Јехова многу се разгневи на вашите татковци.+

3 Затоа кажи им: ‚Вака вели Јехова над војските: „ ,Вратете се кај мене,‘+ вели Јехова над војските, ‚и јас ќе се вратам кај вас‘,+ вели Јехова над војските“ ‘.

4 ‚Не бидете како вашите татковци,+ кои поранешните пророци ги повикуваа, велејќи им:+ „Вака вели Јехова над војските: ‚Вратете се, ве молам, од своите лоши патишта и од своите лоши дела‘ “ .‘+

‚Но тие не слушаа и не обрнаа внимание на она што им го зборував‘,+ вели Јехова.

5 ‚Каде се сега вашите татковци?+ Зар пророците+ живеат довека? 6 Зар моите зборови и моите уредби што им ги дадов на своите слуги, пророците,+ не ги стигнаа вашите татковци?‘+ А тие мораа да признаат: ‚Како што Јехова над војските науми да направи со нас,+ според нашите патишта и според нашите дела, така и постапи‘ “.+

7 На дваесет и четвртиот ден од единаесеттиот месец, а тоа е месецот шеват, во втората година на Дариј,+ на Захарија,+ синот на Верехија, син на Идо,+ пророкот, му дојде Јеховината реч. 8 Ова го видов ноќе: Ете, човек+ на црвен коњ+ што стои во долина меѓу миртини дрвја,+ а зад него има лисести, црвени и бели коњи“.+

9 И јас прашав: „Кои се овие, господару мој?“+

А ангелот што зборуваше со мене ми рече:+ „Јас ќе ти покажам кои се тие“.

10 Тогаш човекот што стоеше меѓу миртините дрвја одговори: „Ова се оние што Јехова ги испрати да ја обиколуваат земјата“.+ 11 И тие му се обратија на Јеховиниот ангел што стоеше меѓу миртите, и рекоа: „Ја обиколивме земјата,+ и ете, целата земја е во мир и почива“.+

12 И Јеховиниот ангел одговори: „О Јехова над војските, до кога нема да покажуваш милосрдие кон Ерусалим и кон градовите на Јуда,+ над кои твојата осуда трае овие седумдесет години?“+

13 А на ангелот што зборуваше со мене Јехова му одговори со пријатни, утешни зборови.+ 14 А ангелот што зборуваше со мене ми рече: „Објави ги следниве зборови: ‚Вака вели Јехова над војските: „Ревнувам за Ерусалим и за Сион со голема ревност.*+ 15 Со голем гнев се гневам на народите што се безгрижни,+ зашто јас се разгневив+ малку, а тие ја влошија неволјата“ ‘.+

16 Затоа вака вели Јехова: ‚„Ќе се вратам во Ерусалим со милосрдност.+ Во него ќе го изградам мојот дом,“+ вели Јехова над војските, „и преку Ерусалим ќе се оптегнува мерно јаже“ ‘.+

17 Објави ги и следниве зборови: ‚Вака вели Јехова над војските: „Во моите градови пак ќе се прелева добротата,+ и јас, Јехова, пак ќе се сожалам на Сион+ и пак ќе го изберам Ерусалим“ ‘ “.+

18 Ги подигнав очите и погледнав, кога ете — четири рога.+ 19 И го прашав ангелот што зборуваше со мене: „Што е ова?“ А тој ми одговори: „Тоа се роговите што ги распрснаа Јуда,+ Израел+ и Ерусалим“.+

20 Потоа Јехова ми покажа четворица занаетчии. 21 А јас го прашав: „За каква работа се дојдени овие?“

Тој одговори: „Ова се роговите+ што го распрснаа Јуда на таков начин што никој глава не подигна. А овие дојдоа за да ги исплашат, да ги соборат роговите на народите што подигаат рог против земјата на Јуда за да ја распрснат“.+

2 Ги подигнав очите и погледнав, кога ете — човек со мерно јаже во рацете.+ 2 Го прашав: „Каде одиш?“

А тој ми одговори: „Да го измерам Ерусалим и да видам колку е широк и колку е долг“.+

3 И ете, излезе ангелот што зборуваше со мене, а друг ангел му тргна во пресрет. 4 И му рече: „Трчај, кажи му на оној млад човек вака: ‚„Ерусалим ќе биде населен како град без ѕидови+ поради мноштвото луѓе и стока во него.+ 5 И јас ќе му бидам“, вели Јехова, „огнен ѕид наоколу+ и ќе го исполнам со својата слава“ ‘ “.+

6 „Одете! Одете! Бегајте од северната земја!“+ — вели Јехова.

„Јас ве расеав на сите страни“,*+ вели Јехова.

7 „Оди, Сионе!+ Бегај, ти што живееш кај вавилонската+ ќерка! 8 Зашто, вака вели Јехова над војските кој, откако се прослави,+ ме испрати кај народите што ве ограбија:+ ‚Кој ве допира вас,+ ја допира зеницата на моето око.+ 9 Зашто, еве, замавнувам со раката на нив,+ и ќе им станат плен на своите робови‘ “.+ „И тогаш ќе знаете дека ме испрати Јехова над војските.“+

10 „Викај и радувај се, ќерко сионска,+ зашто, еве, доаѓам+ и ќе живеам среде тебе“,+ вели Јехова. 11 „И многу народи во тој ден ќе појдат по мене+ и ќе бидат мој народ,+ а јас, Јехова, ќе живеам среде тебе.“ Тогаш ќе знаеш дека Јехова над војските ме испрати кај тебе.+ 12 И Јехова ќе го земе Јуда како свој дел во светата земја+ и пак ќе го избере Ерусалим.+ 13 Нека молчи секој човек пред Јехова,+ зашто тој стана+ од своето свето живеалиште.+

3 И ми го покажа Исус,+ првосвештеникот, како стои пред Јеховиниот ангел, и Сатана*+ како му стои оддесно за да му се противи.+ 2 Тогаш Јеховиниот ангел+ му рече на Сатана: „Јехова нека те прекори,+ Сатано! Нека те прекори Јехова, кој го избра Ерусалим!+ Не е ли овој гламна истргната од оган?“+

3 А Исус, облечен во валкана облека,*+ стоеше пред ангелот. 4 Тогаш ангелот им се обрати на оние што стоеја пред него и им рече: „Соблечете ја од него валканата облека“. Потоа му рече нему: „Еве, го симнав од тебе твојот престап+ и ќе те облечат во свечена облека“.+

5 И реков: „Нека му стават чист турбан на главата“.+ И му ставија чист турбан на главата и го облекоа, а Јеховиниот ангел стоеше таму. 6 И Јеховиниот ангел го поттикна Исус, велејќи: 7 „Вака вели Јехова над војските: ‚Ако одиш по моите патишта и ако ги држиш моите заповеди,+ тогаш ти ќе му судиш на мојот дом+ и ќе ги чуваш моите дворови, и ќе ти дозволам слободно да им пристапиш на оние што стојат таму‘.

8 ‚Слушај, те молам, Исусе, првосвештенику, ти и твоите другари што седат пред тебе, зашто тие се знак!+ Зашто, еве, јас го доведувам својот слуга,+ Фиданката.+ 9 Зашто, еве го каменот+ што го ставив пред Исус! На тој единствен камен има седум очи.*+ Еве, на него врежувам знак,‘+ вели Јехова над војските, ‚и ќе го отстранам престапот на оваа земја во еден ден.‘+

10 ‚Во тој ден,‘ вели Јехова над војските, ‚ќе се довикувате еден со друг под лозата и под смоквата‘ “.+

4 И ангелот што зборуваше со мене се врати и ме разбуди, како што се разбудува човек од сон.+ 2 И ме праша: „Што гледаш?“+

А јас одговорив: „Еве, гледам светилник, сиот од злато,+ а горе врз него има сад, а и седум светилки.+ Седумте светилки на неговиот врв имаат седум цевчиња. 3 И две маслинки се покрај него,+ едната од десната страна на садот, а другата од левата“.

4 Тогаш му се обратив на ангелот што зборуваше со мене и го прашав: „Што претставува ова, господару мој?“+ 5 Ангелот што зборуваше со мене ми одговори: „Зар не знаеш што претставува тоа?“

А јас му реков: „Не знам, господару“.+

6 Тогаш тој ми одговори: „Ова е Јеховината реч до Зоровавел: ‚„Не со воена сила,+ ниту со моќ,+ туку со мојот дух“,+ вели Јехова над војските. 7 Која си ти, голема планино?+ Пред Зоровавел+ ќе станеш рамница. И тој ќе го донесе завршниот камен+ со извици:+ „Убавина! Убавина!“ ‘ “+

8 И пак ми дојде Јеховината реч: 9 „Рацете на Зоровавел го положија темелот на овој дом+ и истите тие ќе го довршат.+ И тогаш ќе знаеш дека Јехова над војските ме испрати кај вас.+ 10 Зашто, кој го презре денот на скромните почетоци?+ Народот, а и седумте очи ќе се израдуваат+ кога ќе го видат висулецот во рацете на Зоровавел. Овие седум очи се очите на Јехова.+ Тие ја пребаруваат целата земја“.+

11 А јас проговорив и го прашав: „Што претставуваат овие две маслинки од десната и од левата страна на светилникот?“+ 12 Проговорив и по втор пат и го прашав: „Што претставуваат гранките на овие две маслинки од кои, низ две златни цевки, се излева златна течност?“

13 А тој ми рече: „Зар не знаеш што претставува тоа?“

Одговорив: „Не знам, господару“.+

14 Тогаш тој рече: „Тоа се двајцата помазаници+ што стојат покрај Господарот на целата земја“.+

5 Потоа пак ги подигнав очите и погледнав, кога ете — свиток што лета.+ 2 А тој ме праша: „Што гледаш?“+

Му одговорив: „Гледам свиток што лета, дваесет лакти долг и десет лакти широк“.

3 Тогаш тој ми рече: „Тоа е проклетството што доаѓа на целата земја,+ зашто секој што краде+ остана без казна според она што е запишано на оваа страна, и секој што се колне+ остана без казна според она што е запишано на другата страна.+ 4 ‚Јас го испратив‘, вели Јехова над војските, ‚да влезе во куќата на крадецот и во куќата на оној што се колне лажно во мое име.+ И ќе престојува во неговата куќа и ќе ја уништи заедно со нејзината дрвена граѓа и со нејзините камења‘ “.+

5 Потоа ангелот што зборуваше со мене излезе и ми рече: „Подигни ги очите, те молам, и види што е тоа што излегува“.

6 А јас прашав: „Што е тоа?“

Тој рече: „Тоа што излегува е ефа“.* Па продолжи: „Вакви се злите по целата земја“. 7 И ете, се подигна една тркалезна оловна поклопка, и некоја жена седеше сред ефата. 8 А тој рече: „Ова е Злото“. И ја турна назад во ефата,+ а на отворот фрли тешко парче олово.

9 Потоа ги подигнав очите и погледнав, кога ете — се појавија две жени, со ветар во своите крилја. Крилјата им беа како крилја на штрк. И ја кренаа ефата меѓу земјата и небото. 10 А јас го прашав ангелот што зборуваше со мене: „Каде ја носат ефата?“

11 Тој ми одговори: „Во земјата Сенар+ за да ѝ изградат+ на жената куќа. И кога ќе биде довршена, таму ќе ја стават жената на нејзиното место“.

6 И пак ги подигнав очите и погледнав, кога ете — четири коли излегуваа меѓу две планини, а тие планини беа од бакар. 2 Во првата кола беа впрегнати црвени коњи,+ а во втората — црни коњи.+ 3 Во третата кола беа впрегнати бели коњи,+ а во четвртата — дамчести, шарени коњи.+

4 И му се обратив на ангелот што зборуваше со мене и му реков: „Што е тоа, господару мој?“+

5 А ангелот ми одговори: „Тоа се четирите небесни духа,+ кои излегуваат+ од местото каде што стоеја пред Господарот+ на целата земја.+ 6 Колата во која се впрегнати црните коњи тргнува кон северната земја,+ белите тргнуваат кон морето, а дамчестите тргнуваат кон јужната земја.+ 7 Шарените+ нека тргнат за да го пребараат и да го обиколат својот дел од земјата“.+ Потоа рече: „Одете, обиколете ја земјата!“ И тие почнаа да ја обиколуваат земјата.

8 Тогаш ми викна и ми рече: „Гледај! Оние што одат во северната земја го смируваат духот+ на Јехова во северната земја“.+

9 И пак ми дојде Јеховината реч: 10 „Нека се земе дел од прилогот на изгнаниците,+ кој го донесоа Хелдај, Товија и Једај, а ти дојди истиот ден и влези во домот на Јосија, синот на Софонија,+ со тие луѓе што дојдоа од Вавилон. 11 Па земи сребро и злато и направи раскошна круна+ и стави му ја на главата на Исус,+ синот на Јоседек, првосвештеникот. 12 И речи му:

‚Вака вели Јехова над војските: „Еве го човекот+ кому името му е Фиданка.+ Тој ќе изникне од своето место и ќе го изгради Јеховиниот храм.+ 13 Тој ќе го изгради Јеховиниот храм и него честа ќе го краси.+ Ќе седи и ќе владее на својот престол и ќе биде свештеник на својот престол,+ и меѓу тие две служби ќе владее согласност.+ 14 А раскошната круна нека остане во Јеховиниот храм за спомен+ на Хелем, Товија, Једај+ и Хен, синот на Софонија. 15 И оние што се далеку ќе дојдат и ќе го градат Јеховиниот храм“.+ И тогаш ќе знаете дека Јехова над војските ме испрати кај вас.+ Така ќе биде ако го послушате гласот на Јехова, вашиот Бог‘ “.+

7 Потоа, во четвртата година на цар Дариј,+ во четвртиот ден од деветтиот месец, а тоа е месецот кислев,*+ Јеховината реч му дојде на Захарија. 2 И Ветил ги испрати Сарацер, Регем-Мелех и неговите луѓе за да го смилостиват*+ лицето на Јехова 3 и да ги прашаат свештениците+ во домот на Јехова над војските, а и пророците: „Треба ли да плачам во петтиот+ месец и да постам, како што го правам тоа толку години?“+

4 И пак ми дојде речта на Јехова над војските: 5 „Кажи им на сиот народ* и на свештениците: ‚Кога постевте+ и тажевте во петтиот и во седмиот+ месец, и тоа седумдесет години,+ дали постевте за мене?+ 6 И кога јадете и пиете, зар не сте вие тие што јадат и пијат? 7 Зар не требаше да ги послушате зборовите+ што ги објави Јехова преку пророците во минатото+ додека Ерусалим и градовите околу него уште беа населени и во мир, и додека Негев*+ и Шефела*+ беа населени?‘ “

8 И на Захарија пак му дојде Јеховината реч: 9 „Вака вели Јехова над војските: ‚Судете според вистинската правда+ и покажувајте си еден на друг добрина*+ и милосрдие.+ 10 Не угнетувајте ја вдовицата,+ ниту детето без татко,+ ниту дојденецот,+ ниту оној што е во неволја,+ не смислувајте зло во своето срце еден против друг‘.+ 11 Но тие не сакаа да послушаат,+ туку тврдоглаво свртија грб+ и ги затнаа ушите за да не слушаат.+ 12 И своето срце+ го направија тврдо како каменот корунд за да не ги послушаат законот+ и зборовите што со својот дух+ им ги испраќаше Јехова над војските преку пророците во минатото.+ Затоа Јехова над војските многу се разгневи“.+

13 „ ,И така, како што јас викав, а тие не слушаа,+ така и тие викаа, а јас не слушав‘,+ вели Јехова над војските. 14 ‚И со виор ги распрснав меѓу сите народи,+ кои тие не ги познаваа,+ и земјата зад нив остана пуста, никој не минуваше низ неа, ниту, пак, се враќаше.+ И така пожелната земја+ ја претворија во ужасна глетка.‘ “

8 И пак дојде речта на Јехова над војските: 2 „Вака вели Јехова над војските:+ ‚Ќе ревнувам за Сион со голема ревност,+ и ќе ревнувам за него* со силен гнев‘ “.+

3 „Вака вели Јехова: ‚Ќе се вратам на Сион+ и ќе престојувам сред Ерусалим,+ и Ерусалим ќе се вика град на вистината,+ а гората на Јехова+ над војските — света гора.‘ “+

4 „Вака вели Јехова над војските: ‚Старци и старици пак ќе седат на ерусалимските плоштади,+ секој со стапот+ в рака поради својот долг живот. 5 И градските плоштади ќе се наполнат со момчиња и девојчиња, кои ќе си играат на неговите плоштади.‘ “+

6 „Вака вели Јехова над војските: ‚Ако биде тоа претешко во очите на остатокот на овој народ во оние денови, ќе биде ли претешко и во мои очи?‘*+ — вели Јехова над војските.“

7 „Вака вели Јехова над војските: ‚Еве, го спасувам својот народ од источна земја и од западна земја.+ 8 И јас ќе ги доведам, и тие ќе живеат сред Ерусалим,+ и ќе бидат мој народ,+ и јас ќе бидам нивни Бог, во вистина и во праведност.‘ “+

9 „Вака вели Јехова над војските: ‚Нека ви бидат силни+ рацете вам, кои деновиве ги слушате овие зборови од устата на пророците,+ кои беа таму во денот кога е положен темелот на домот на Јехова над војските, за да се изгради храмот.+ 10 Зашто, пред овие денови немаше ни плата за човек,+ ни плата за животно. Немаше мир од непријателот и за оној што патуваше,+ зашто ги подбуцнував сите луѓе едни против други‘.+

11 ‚Но сега со остатокот од овој народ нема да постапувам како во поранешните денови‘,+ вели Јехова над војските. 12 ‚Зашто, ќе се сее семето на мирот,+ лозата ќе го донесе својот плод,+ земјата ќе го даде својот род,+ а небото својата роса.+ И сето тоа ќе му го дадам како наследство+ на остатокот од овој народ.+ 13 И како што порано бевте проклетство меѓу народите,+ доме Јудин и доме Израелов,+ така сега ќе ве спасам и ќе бидете благослов.+ Не плашете се!+ Рацете нека ви бидат силни!‘+

14 Зашто, вака вели Јехова над војските: ‚„Како што наумив да ви нанесам неволја поради тоа што ме разгневија вашите татковци,“+ вели Јехова над војските, „и не зажалив,+ 15 така во овие денови наумив да им направам добро на Ерусалим и на домот на Јуда.+ Не плашете се!“ ‘+

16 ‚А ова треба да го правите:+ Зборувајте ја вистината еден со друг!+ На градските порти судете според вистината и донесувајте пресуди што водат кон мир.+ 17 Не смислувајте зло во своето срце еден против друг+ и не сакајте ги лажните заклетви,+ зашто сето тоа го мразам!‘+ — вели Јехова.“

18 И пак ми дојде речта на Јехова над војските: 19 „Вака вели Јехова над војските: ‚Постот во четвртиот,+ постот во петтиот,+ постот во седмиот+ и постот во десеттиот+ месец за домот Јудин ќе станат радост, веселба и радосни празници.+ Затоа сакајте ги вистината и мирот!‘+

20 Вака вели Јехова над војските: ‚Ќе доаѓаат народи и жители на многу градови,+ 21 и жителите на еден град ќе одат кај оние од друг град, велејќи: „Ајде да појдеме+ да го смилостивиме* лицето+ на Јехова и да го бараме Јехова над војските! Ќе појдам и јас!“+ 22 И ќе доаѓаат во Ерусалим многу племиња и моќни народи за да го бараат Јехова над војските+ и за да го смилостиват лицето Јеховино‘.

23 Вака вели Јехова над војските: ‚Во тие денови, десет луѓе од сите јазици што ги зборуваат народите+ ќе фатат+ за скут еден Евреин,+ ќе го фатат, велејќи: „Ќе одиме со вас+ зашто чувме дека Бог е со вас“ ‘ “.+

9 Објава:+

„Јеховината реч е против земјата Хадрах и почива на Дамаск,+ зашто Јеховиното око е на земниот човек+ и на сите племиња на Израел. 2 Таа реч е и против Емат,+ кој се граничи со неа, и против Тир+ и Сидон,+ зашто се многу мудри.+ 3 Тир си изгради бедем, натрупа сребро како прашина и злато како кал од улиците.+ 4 Но ете, Јехова ќе му одземе сѐ што има и неговата воена сила ќе ја фрли в море,+ и оган ќе го проголта.+ 5 Аскалон ќе го види тоа и ќе се исплаши. И Газа ќе почувствува силна болка, а и Екрон+ исто така, зашто неговата надеж+ ќе биде осрамотена. И ќе го снема царот од Газа, а Аскалон повеќе нема да биде населен.+ 6 Незаконскиот+ син ќе живее во Азот,+ и ќе ја уништам гордоста на Филистејците.+ 7 Од устата ќе им го отстранам она што е извалкано со крв, и од забите+ она што е одвратно, а кој ќе остане, ќе му припадне на нашиот Бог и ќе биде како кнез*+ во Јуда,+ а Екрон ќе биде како Евусеец.+ 8 И ќе се улогорам како стража за својот дом+ за никој да не може ниту да доаѓа ниту да заминува. И надзорникот повеќе нема да доаѓа меѓу нив,+ зашто сега видов сѐ со свои очи.+

9 Радувај се многу, ќерко сионска!+ Викај победнички,+ ќерко ерусалимска! Еве, царот+ твој доаѓа кај тебе!+ Тој е праведен и спасен,+ понизен+ е и јава на магаре, на магаре — рожба на магарица.+ 10 И ќе ги уништам бојните коли во Ефрем и коњите во Ерусалим.+ Ќе бидат уништени бојните лакови.+ И тој ќе им зборува за мир на народите.+ Власта негова ќе биде од море до море и од Реката* до краиштата на земјата.+

11 А тебе, поради крвта на сојузот што го склучив со тебе,+ ќе ти ги ослободам затворениците+ од безводната јама.

12 Вратете се во тврдината,+ затвореници полни со надеж!+

Ти јавувам денес: ‚Двојно ќе ти вратам.+ 13 Зашто, Јуда ќе го затегнам како својот лак, Ефрем ќе го земам за стрела, и ќе ги подигнам твоите синови,+ Сионе, против твоите синови, Грцијо,*+ и ќе направам, Сионе, да бидеш како меч на јунак‘.+ 14 Над нив Јехова ќе се покаже+ и неговата стрела ќе полета како молња.+ Севишниот Господар Јехова ќе затруби во рог,+ ќе дојде со јужните виори.+ 15 Јехова над војските ќе ги брани, а тие ќе ги проголтаат+ и ќе ги покорат камењата фрлени со праќа. И тие ќе пијат+ и ќе подвикнуваат како да пиеле вино. И ќе бидат полни како сад, како аглите на жртвеникот.+

16 И Јехова, нивниот Бог, ќе ги спаси+ во тој ден како стадо од својот народ,+ зашто тие ќе блеснат над неговата земја како камење во круна.*+ 17 О, колку е добар,+ колку е убав!+ Момците ќе растат од жито, а девиците од младо вино“.+

10 „Барајте од Јехова дожд+ за време на пролетните дождови,+ од Јехова кој создава облаци за бура,+ и им дава на луѓето обилен дожд,+ и секому му го дава она што ќе се роди во полето.+ 2 Зашто, домашните идоли+ кажуваат натприродни објави, гаталците добиваат измамливи виденија,+ објавуваат безвредни соништа и залудно тешат.+ Затоа народот ќе отиде како стадо,+ и ќе биде во неволја зашто нема пастир.+

3 Гневот мој пламна против пастирите+ и ќе се пресметам+ со водачите што се како јарци.+ Зашто, Јехова над војските погледна на стадото свое,+ на домот Јудин, и си го направи како величествен коњ+ во бој. 4 Од него е поглаварот,+ од него е оној што е владетел и потпирач,+ од него е бојниот лак,+ од него е секој што управува со работите,+ сите тие доаѓаат од него. 5 И ќе бидат како јунаци+ кои во бојот газат кал по улиците.+ И ќе се борат затоа што Јехова е со нив,+ а оние што јаваат на коњи ќе бидат посрамени.+ 6 И ќе го зајакнам домот на Јуда, ќе го спасам домот на Јосиф.+ И ќе им дадам место за живеење, зашто ќе им се смилувам,+ и ќе биде како да не сум ги отфрлил,+ зашто јас сум Јехова, нивниот Бог, и ќе ги услишам.+ 7 И оние од Ефрем ќе бидат како јунак,+ срцето нивно ќе се радува како од вино.+ Нивните синови ќе го видат тоа и ќе се радуваат,+ срцето нивно ќе се весели поради Јехова.+

8 ‚Ќе им свирнам+ и ќе ги соберам, зашто ќе ги откупам+ и ќе бидат многубројни, како што беа многубројни оние пред нив.+ 9 И ќе ги расеам меѓу народите,+ во далечни места ќе се сеќаваат на мене,+ ќе оживеат со своите синови и ќе се вратат.+ 10 И ќе ги вратам од египетската земја,+ ќе ги соберам+ од Асирија, и ќе ги доведам во галадската земја+ и на Ливан, и ќе нема доволно место за нив.+ 11 Ќе поминам низ морето, ќе му нанесам неволја+ и ќе ги удрам брановите во морето,+ сите длабочини на Нил ќе пресушат.+ И ќе биде урната гордоста на Асирија,+ ќе биде отстранет жезолот на Египет.+ 12 Јас, Јехова, ќе ги зајакнам,+ и тие ќе одат во мое име‘+ — вели Јехова.“

11 „Отвори ги вратите, Ливане,+ за оган да ги проголта кедрите твои!+ 2 Плачи горко, смреко, зашто кедарот падна, зашто моќните стебла се опустошени.+ Плачете горко, големи стебла васански, зашто непроодната шума е соборена.+ 3 Чујте го горкото плачење на овчарите,+ зашто нивното величество е опустошено.+ Чујте го рикањето на младите лавови, зашто се опустошени честаците на Јордан.+

4 Вака вели Јехова, мојот Бог: ‚Паси ги овците одредени за колење,+ 5 кои купувачите нивни ги колат,+ а никој не ги се смета за виновни.+ А оние што ги продаваат+ велат: „Нека е благословен Јехова зашто ќе се збогатам!“+ И нивните пастири немаат сомилост кон нив‘.+

6 ‚Ни јас повеќе нема да имам сомилост кон жителите на оваа земја‘,+ вели Јехова. ‚Еве, го предавам секој човек во рацете на неговиот ближен+ и во рацете на неговиот цар.+ И тие ќе ја пустошат земјата, а јас нема никого да избавам од нивните раце.‘ “+

7 И заради вас, несреќници од стадото,+ го пасев стадото+ одредено за колење.+ И зедов два стапа.+ Едниот го нареков Наклоност,+ а другиот Врска.+ Така го пасев стадото. 8 Најпосле, во еден месец*+ отстранив три овчари, зашто повеќе немав трпение со нив,+ а и јас ним им бев одвратен. 9 Потоа реков: „Нема повеќе да ве пасам!+ Која мора да пцовиса, нека пцовиса! Која мора да исчезне, нека исчезне!+ А тие што ќе останат, нека си го изедат месото една на друга!“+ 10 И го зедов својот стап Наклоност+ и го исеков+ за да го раскинам сојузот што го склучив со својот народ.+ 11 И на тој ден беше раскинат, а несреќниците од стадото,+ кои ме набљудуваа,+ на тој начин спознаа дека тоа беше реч од Јехова.

12 Тогаш им реков: „Ако е тоа добро во ваши очи,+ дајте ми плата, ако не е, не давајте ми“. И ми ја исплатија платата — триесет сребреници.+

13 Тогаш Јехова ми рече: „Фрли ја во ризницата+ таа голема вредност со која ме проценија!“+ И ги зедов тие триесет сребреници и ги фрлив во ризницата на Јеховиниот дом.+

14 Тогаш го исеков и својот друг стап, Врската,+ за да го раскинам братството+ помеѓу Јуда и Израел.+

15 И Јехова ми рече: „Земи ја и опремата на бескорисниот овчар.+ 16 Зашто, еве, јас ќе дадам во земјата да се подигне овчар.+ Нема да води грижа за исчезнатите овци,+ нема да ги бара младите, нема да ги лечи повредените.+ Оние што можат да стојат нема да ги храни, од згоените месото ќе го јаде+ и папците ќе им ги откинува.+ 17 Тешко на мојот безвреден овчар,+ кој го остава стадото!+ Меч ќе му се надвие над раката и над десното око. Раката сосема ќе му се исуши,+ а десното око сосема ќе му потемни“.

12 Објава:

„Речта Јеховина за Израел“, вели Јехова, кој ги оптегна небесата,+ ѝ ги положи темелите на земјата+ и го создаде духот+ на човекот во неговата внатрешност. 2 „Еве, ќе направам Ерусалим+ да биде пехар поради кој ќе се тетерават сите околни народи.+ И Јуда ќе биде под опсада, како и Ерусалим.+ 3 И во тој ден+ ќе направам Ерусалим да биде тежок камен+ за сите народи. Сите што ќе го дигаат ќе си направат длабоки рани. Ќе се соберат против него сите народи на земјата.+ 4 Во тој ден,“+ вели Јехова, „ќе ги удрам сите коњи+ со збунетост, нивните јавачи со лудило.+ Ќе ги отворам+ своите очи над домот на Јуда, и сите коњи на народите ќе ги удрам со слепило. 5 И кнезовите*+ на Јуда во своето срце ќе речат: ‚Жителите на Ерусалим се нашата сила која доаѓа од Јехова над војските, нивниот Бог‘.+ 6 Во тој ден ќе направам кнезовите на Јуда да бидат како мангал меѓу дрвјата+ и како запален факел во штотуку ожнеано жито.+ И ќе ги голта надесно и налево сите околни народи,+ а жителите на Ерусалим и понатаму ќе живеат во својот град, во Ерусалим.+

7 Јехова прво ќе ги спаси шаторите на Јуда за да не се издигне над Јуда убавината на Давидовиот дом и убавината на жителите на Ерусалим. 8 Во тој ден Јехова ќе биде заштита околу жителите на Ерусалим,+ па оној што ќе се сопне меѓу нив ќе биде во тој ден силен како Давид,+ а Давидовиот дом ќе биде моќен како бог,+ како Јеховиниот ангел пред нив.+ 9 И во тој ден сигурно ќе ги истребам сите народи што доаѓаат против Ерусалим.+

10 А врз Давидовиот дом и врз жителите на Ерусалим ќе излеам дух на милост+ и молитва,+ и тие ќе гледаат во оној кого го прободоа,+ ќе го тажат, како што се тажи син единец, и горко ќе го оплакуваат, како што се оплакува првороден син.+ 11 Во тој ден тажењето во Ерусалим ќе биде големо, како што беше тажењето во Хададримон во долината Мегидо.+ 12 И земјата ќе тажи,+ секое семејство посебно: семејството на Давидовиот дом посебно, и жените нивни посебно;+ семејството на домот на Натан+ посебно, и жените нивни посебно; 13 семејството на домот на Леви+ посебно, и жените нивни посебно; семејството на Симеј+ посебно, и жените нивни посебно; 14 и сите останати семејства, секое семејство посебно, и жените нивни посебно.+

13 Во тој ден+ ќе се отвори извор на вода+ за Давидовиот дом и за жителите на Ерусалим за да се измијат од гревот+ и од гадоста.+

2 И во тој ден“, вели Јехова над војските, „ќе ги искоренам од земјата имињата на сите идоли,+ и тие повеќе нема да се спомнуваат, а и пророците+ и духот на нечистотијата ќе го отстранам од земјата.+ 3 А ако се случи да пророкува уште некој, татко му и мајка му, кои го родиле, ќе му речат: ‚Нема повеќе да живееш зашто кажуваше лаги во Јеховино име‘. Татко му и мајка му, кои го родиле, ќе го прободат поради тоа што пророкувал.+

4 Во тој ден, секој пророк, кога ќе пророкува, ќе се посрами+ од своето видение и нема да носи пророчка наметка+ за да лаже. 5 И ќе рече: ‚Јас не сум пророк. Јас сум земјоделец, зашто еден човек ме купи како роб уште кога бев млад‘. 6 И некој ќе го праша: ‚Какви се тие рани што ги имаш по телото?‘ А тој ќе одговори: ‚Ги добив во куќата на оние што многу ме сакаат‘.“

7 „Разбуди се, мечу, против мојот пастир,+ против човекот кој ми е другар!“+ — вели Јехова над војските. „Удри го пастирот,+ нека се разбегаат овците од стадото!+ И милостиво ќе ја свртам раката кон безначајните.“+

8 „И од целата земја“, вели Јехова, „две третини ќе бидат истребени, погубени,+ а третата ќе остане во неа.+ 9 И таа третина ќе ја поминам низ оган,+ ќе ја пречистам како што се пречистува сребро+ и ќе ја испитам како што се испитува злато.+ И ќе го повикаат моето име, а јас ќе се оѕвијам.+ Ќе речам: ‚Тоа е мојот народ‘,+ а тие ќе речат: ‚Јехова е нашиот Бог‘.“+

14 „Еве, доаѓа денот Јеховин,+ и пленот твој ќе се раздели среде тебе. 2 И ќе ги соберам сите народи за војна+ против Ерусалим. Градот ќе биде освоен,+ куќите ограбени, жените силувани.+ Половина град ќе отиде во изгнанство,+ но преостанатиот народ+ нема да биде истребен од градот.+

3 И Јехова ќе излезе и ќе војува против тие народи+ како во денот на својата војна, во денот на бој.+ 4 И нозете негови во тој ден ќе стојат на Маслинската Гора што лежи спроти Ерусалим, на исток.+ И Маслинската Гора+ ќе се расцепи по средина,+ од исток до запад. И ќе настане многу голема долина, половина гора ќе се помести кон север, а половина кон југ. 5 И ќе бегате во долината на моите гори,+ зашто долината меѓу горите ќе се протега до Асел. Ќе бегате како што бегавте од земјотресот во деновите на Озија, царот на Јуда.+ И Јехова, мојот Бог, ќе дојде,+ и сите свети со него.+

6 Во тој ден, ќе го нема драгоценото светло+ — сѐ ќе смрзне.+ 7 Тоа ќе биде ден познат како Јеховин ден.+ Тогаш нема да има ни ден ни ноќ.+ Навечер ќе има светлина.+ 8 Во тој ден, ќе потечат живи води+ од Ерусалим,+ половината кон источното море,+ а половината кон западното.+ Така ќе биде и лете и зиме.+ 9 И Јехова ќе биде цар на целата земја.+ Во тој ден, Јехова ќе биде еден,+ и неговото име ќе биде едно.+

10 Сета земја ќе стане како Араба,+ од Гева+ до Римон,+ јужно од Ерусалим, кој ќе се подигне и ќе биде населен на своето место,+ од Венијаминовата Порта+ до местото на Првата Порта, па дури и до Аголната Порта и до кулата на Ананел,+ до винското гмечало на царот. 11 Народот ќе живее во него, и проклетството на уништувањето повеќе нема да го погоди.*+ Ерусалим ќе живее без страв.+

12 А ова е напаста со која Јехова ќе ги удри сите народи што ќе војуваат против Ерусалим:+ месото ќе им изгние уште додека се на нозе,+ очите ќе им изгнијат во очните дупки, јазикот ќе им изгние во устата.

13 И во тој ден, меѓу нив ќе се прошири збрка од Јехова,+ и секој ќе го фаќа за рака својот ближен, и раката на едниот ќе се крева против раката на неговиот ближен. 14 И Јуда ќе војува во Ерусалим. Ќе се собере богатството на сите околни народи: злато, сребро и облека во големо изобилство.+

15 А иста таква напаст ќе ги погоди и коњите, маските, камилите, магарињата и сета стока што ќе биде во тие логори.

16 А секој што ќе остане од сите народи што ќе дојдат против Ерусалим+ ќе доаѓа од година во година+ за да му се поклони на Царот,+ Јехова над војските,+ и да го слави Празникот на сениците.+ 17 А ако некој од народите+ на земјата не дојде+ во Ерусалим за да му се поклони на Царот, Јехова над војските, врз него нема да врне дожд.+ 18 Ако египетскиот народ не се појави и не дојде, и врз него нема да врне дожд. Врз него ќе дојде напаста со која Јехова ги удира народите што не доаѓаат да го слават Празникот на сениците. 19 Тоа ќе биде казна за гревот на Египет и за гревот на сите народи што нема да дојдат да го слават Празникот на сениците.+

20 Во тој ден, на коњските ѕвонци ќе пишува+ ‚Јехова е свет‘.+ И лонците+ во домот Јеховин ќе бидат како садовите+ пред жртвеникот.+ 21 Секој лонец во Ерусалим и во Јуда ќе биде свет за Јехова над војските. И сите што принесуваат жртви ќе дојдат, ќе ги земат и ќе готват во нив.+ И во тој ден повеќе нема да има Ханаанци+ во домот на Јехова над војските.“+

Или: „Горам од љубомора, од голема љубомора, за Ерусалим и за Сион“.

Буквално: „во четирите небесни ветрови“.

Или: „Противникот“. Види ја фуснотата за изразот „Сатана“ во Јов 1:6.

Се мисли на облека извалкана со измет.

Односно „седум пара очи“, зашто на хебрејски именката „очи“ е во двоина.

Една ефа е 22 литри. Види го додатокот 13.

По изгнанството во Вавилон, 9. месец од еврејскиот лунарен календар го добил името кислев. Види го додатокот 14.

Буквално: „омекнат“.

Буквално: „народ од земјата“ (хебрејски: ам хаарец). Види ја фуснотата за Агеј 2:4.

Или: „југот“, односно јужниот дел на Ветената земја.

Или: „низината“.

Или: „лојална љубов“. Види ја фуснотата за 1Мо 19:19.

Или: „Љубоморно ќе го бранам Сион со голема љубомора, љубоморно ќе го бранам“.

Или: „Ако тоа е невозможно во очите на остатокот од овој народ во оние денови, зарем ќе биде невозможно и во мои очи“, според Септуагинтата (LXX). Спореди со Мт 19:26.

Буквално: „омекнеме“.

Или: „шеик“.

Односно, Еуфрат.

Буквално: „Јаване“. Види 1Мо 10:2.

Или: „дијадема“.

Или: „лунарен месец“. Види го додатокот 14.

Или: „шеиците“.

Или: „и нема повеќе да стане херем“. Види ја фуснотата за 2Мо 22:20.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели