Послание до Колошаните
1 Павле, преку Божјата волја апостол+ на Христос Исус, и Тимотеј,+ нашиот брат, 2 до светите и верни браќа во единство+ со Христос во Колоси:
Бог, нашиот Татко нека ви даде незаслужена доброта и мир!+
3 Му благодариме на Бог,+ Таткото на нашиот Господар Исус Христос, секогаш кога се молиме* за вас,+ 4 зашто чувме за вашата вера во Христос Исус и за љубовта што ја негувате кон сите свети+ 5 поради надежта+ во она што се чува за вас на небесата.+ За таа надеж сте чуле уште порано преку проповедањето на вистината, односно на добрата вест,+ 6 која дојде до вас и донесува плод+ и расте,+ како во целиот свет+ така и меѓу вас, од денот кога ја чувте и добро ја запознавте* вистината+ за Божјата незаслужена доброта.+ 7 Тоа е она што го научивте од нашиот сакан Епафрас,+ кој заедно со нас му робува на Господарот.* Тој ви е верен слуга Христов наместо нас, 8 а тој и нѐ извести за вашата љубов+ на која ве поттикнува духот.
9 Затоа ние, од денот кога чувме за тоа, непрестајно се молиме за вас+ и бараме да се исполните со добро познавање*+ на неговата волја во сета мудрост+ и способност за сфаќање што ја дава духот,+ 10 за да водите живот достоен*+ на Јехова+ и така потполно да му угодите, донесувајќи плод во секое добро дело+ и сѐ подобро запознавајќи го Бог,+ 11 примајќи ја од неговата славна моќ сета потребна сила+ за потполно да истраете+ и да бидете долготрпеливи со радост 12 и упатувајќи му благодарења на Таткото, кој ве направил достојни да имате удел во наследството+ на светите,+ кои се во светлината.+
13 Тој нѐ избави од власта на темнината+ и нѐ пренесе+ во царството+ на својот сакан Син,+ 14 преку кого сме ослободени со откупнина — простени ни се гревовите.+ 15 Тој е сликата+ на невидливиот+ Бог, првороден+ од сѐ што е создадено. 16 Зашто, преку него е создадено сѐ+ на небесата и на земјата, видливо и невидливо, било да се престоли било да се управи, било влади било власти.+ Сѐ е создадено преку него+ и за него. 17 Тој е пред сѐ друго+ и преку него настанало сѐ.+ 18 Тој е глава на телото, на собранието.*+ Тој е почетокот, првиот кој стана од мртвите,*+ за да биде прв+ во сѐ. 19 Зашто, Божјата волја беше во него да живее сета полнота+ 20 и преку него — откако воспостави мир+ преку неговата крв+ пролеана на маченичкиот столб*+ — да помири+ со себе сѐ,+ било на земјата било на небесата.
21 Навистина, вас, кои некогаш бевте отуѓени+ од Бог и му бевте непријатели бидејќи вашите мисли беа насочени кон зли дела,+ 22 Бог сега ве помири со себе+ преку неговото човечко тело, преку неговата смрт,+ за да ве доведе пред себе свети и неизвалкани+ и без никаква вина,+ 23 но само ако останете во верата,+ ако бидете утврдени+ и постојани+ во неа и ако не отстапите од надежта што ја стекнавте кога ја чувте добрата вест,+ која се проповедаше+ меѓу сите суштества+ под небото. На таа добра вест јас, Павле, ѝ станав слуга.+
24 Сега се радувам што поднесувам страдања за ваше добро+ и сметам дека во своето тело уште не сум страдал доволно+ поради Христос, во корист на неговото тело, кое е собранието.+ 25 Јас станав негов слуга+ според управителството+ што ми го довери Бог за ваше добро, за во потполност да ја проповедам речта Божја, 26 светата тајна,+ која беше скриена во минатите векови*+ и поколенија, а сега им е објавена+ на неговите свети, 27 на кои Бог сакаше да им го објави славното богатство+ на оваа света тајна+ меѓу незнабошците. Таа тајна е Христос+ во единство со вас, надежта дека со него ќе ја делите неговата слава.+ 28 Него ние го проповедаме,+ опоменувајќи го секој човек и поучувајќи го секој човек во сета мудрост,+ за да можеме секој човек да му го претставиме на Бог како зрел*+ ученик на Христос. 29 За тоа и се трудам и се борам+ со помош на неговата сила која дејствува во мене.+
2 Зашто, сакам да знаете колку се борам+ за вас и за оние во Лаодикија+ и за сите оние што лично не го виделе моето лице, 2 за да се утешат нивните срца,+ да бидат складно поврзани во љубов,+ за да стекнат големо богатство — разбирање*+ на вистината, разбирање во чија точност се сосема сигурни — и за да можат добро да ја запознаат* Божјата света тајна: Христос.+ 3 Во него се скриени сите богатства на мудроста и знаењето.+ 4 Тоа го велам за никој да не ве заведе со измамливи зборови.+ 5 Зашто, иако сум отсутен со телото, сепак во духот сум со вас,+ и се радувам гледајќи го редот што владее меѓу вас+ и вашата цврста вера+ во Христос.
6 Затоа, како што го прифативте Христос Исус, Господарот,* така живејте* во единство+ со него! 7 Бидете вкоренети+ во него, изградувајте се+ во него и утврдувајте се во верата,+ токму како што сте поучени. Изобилувајте со вера и со благодарења до Бог.+
8 Пазете се некој да не ве заведе+ со мудрување*+ и со празна измама,+ која се темели на човечки преданија, на начелата на овој свет,+ а не на Христовите учења. 9 Зашто, во Христос живее отелотворена сета полнота+ на божествената+ природа.+ 10 И така преку него, кој е глава на секоја управа и власт,+ ништо не ви недостасува. 11 Во единство+ со него вие сте обрежани+ со обрежување кое не е направено со раце, туку со соблекување на грешното тело,+ со обрежување кое им е својствено на слугите на Христос, 12 зашто со него сте погребани во неговото крштавање,+ а во единството со него сте и воскреснати+ поради вашата вера+ во делотворната сила на Бог,+ кој го воскресна од мртвите.+
13 Вас, кои бевте мртви поради своите престапи и поради необрежаноста на своето тело, Бог ве оживеа и ве обедини со него.+ Милостиво ни ги прости сите наши престапи+ 14 и го избриша+ пишаниот документ,+ кој со своите одредби+ беше против нас и ни се спротивставуваше.+ Го отстрани од патот приковувајќи го+ на маченичкиот столб.*+ 15 Ги разголи владетелите и властите,+ и јавно ги покажа и ги спроведе поразени+ во победничка поворка,+ победувајќи ги со маченичкиот столб.
16 Затоа, никој да не ви кажува+ што да јадете и да пиете+ и да не ви заповеда да славите празници+ или млади месечини+ или саботи,*+ 17 зашто тоа е само сенка+ на она што доаѓа, а самата стварност+ е Христос.+ 18 Да не ве лиши+ од наградата+ никој што ужива во лажна понизност и во почитување* на ангели, кој ги „застапува“* своите виденија и без причина е горделив на своето телесно размислување, 19 а не се држи за главата,+ за оној од кого целото тело — снабдено со сѐ што е потребно и складно поврзано+ со зглобови и врски* — расте со растот што го дава Бог.+
20 Ако сте умреле+ заедно со Христос во однос на начелата+ на овој свет,+ тогаш зошто, како да му припаѓате на светот, се подложувате на прописите:+ 21 „Не фаќај, не вкусувај,+ не допирај!“+ — 22 кои се однесуваат на она што пропаѓа со употребата, кога тоа се човечки заповеди и учења?+ 23 Тие прописи се гледаат во почитувањето на Бог какво што луѓето сами си го наметнале и во лажната понизност и строгост спрема телото.+ Тие, всушност, изгледаат како мудрост, но немаат никаква вредност во борбата против угодувањето на телото.+
3 Но, ако сте воскреснати+ со Христос, барајте го она што е на небото,+ каде што Христос седи оддесно на Бог.+ 2 Мислете на она што е на небото,+ а не на она што е на земјата.+ 3 Зашто, вие умревте,+ и вашиот живот+ е скриен со Христос во единство+ со Бог. 4 Кога ќе се покаже Христос, нашиот живот,+ тогаш и вие ќе се покажете+ со него во слава.+
5 Според тоа, усмртете+ го она што е земно во вашите делови на телото:+ блудот, нечистотијата, сексуалната страст,+ лошата желба и лакомоста,+ која е идолопоклонство. 6 Поради тоа доаѓа Божјиот гнев.+ 7 По тој пат и вие некогаш одевте, кога живеевте во тоа.+ 8 Но сега отфрлете го сето ова:+ гневот, лутината, злобата, погрдниот говор,+ а безобразни зборови+ да не излегуваат од вашата уста. 9 Не лажете се еден со друг.+ Соблечете ја старата личност+ и нејзините дела, 10 а облечете ја новата личност,+ која се обновува преку доброто познавање* на Божјата волја според сликата+ на оној што ја создал. 11 Тука нема повеќе ниту Грк ниту Евреин, ниту обрежување ниту необрежување, ниту туѓинец, ниту Скит,* ниту роб, ниту слободен,+ туку Христос е сѐ и во сите.+
12 Според тоа, како Божји избраници,+ свети и сакани, облечете се во најдлабока сомилост,+ љубезност, понизност,+ благост+ и долготрпеливост.+ 13 Поднесувајте се еден со друг и спремно простувајте си еден на друг,+ ако некој има жалба+ против некого. Како што Јехова спремно ви прости вам,+ така правете и вие. 14 Освен тоа, облечете се во љубов,+ зашто таа совршено ве поврзува.*+
15 И мирот+ Христов нека владее во вашите срца,+ мирот на кој сте и повикани во едно тело.+ И бидете благодарни! 16 Речта Христова потполно нека ве исполни со сета мудрост.+ Поучувајте+ се и опоменувајте се еден со друг со псалми,+ со фалбени песни за Бог, со пријатни духовни песни.+ Пејте му на Јехова во своите срца.+ 17 И што и да правите со збор или со дело,+ сѐ правете во името на Господарот* Исус,+ благодарејќи+ му преку него на Бог, Таткото.
18 Жени, бидете им подложни на своите мажи,+ како што прилега во Господарот. 19 Мажи, сакајте ги своите жени+ и немојте да се гневите на нив.+ 20 Деца, слушајте ги своите родители+ во сѐ, зашто тоа му се допаѓа на Господарот. 21 Татковци, не огорчувајте ги своите деца,+ за да не станат малодушни. 22 Робови, слушајте ги своите земни господари во сѐ,+ не само кога ве гледаат, како такви кои им угодуваат на луѓето,+ туку со искрено срце, во страв од Јехова.+ 23 Што и да работите, правете го тоа со сета душа+ како за Јехова,+ а не како за луѓето, 24 знаејќи дека од Јехова+ ќе ја добиете соодветната награда — наследството.+ Робувајте за Господарот, за Христос!+ 25 А на оној што врши неправда, ќе му се врати+ она што го направил неправедно, зашто Бог не е пристрасен.+
4 Господари, постапувајте со своите робови праведно и чесно,+ знаејќи дека и вие имате Господар на небото.+
2 Истрајте во молитвата,+ бдејте во неа и благодарете.+ 3 Молете се истовремено и за нас,+ Бог да ѝ отвори врата+ на нашата порака, за да ја проповедаме светата тајна+ за Христос, поради која и сум во окови.+ 4 Молете се да ја објавам така како што и треба да ја објавам.+
5 Однесувајте се* мудро спрема оние што се надвор од собранието.+ Откупувајте си време.*+ 6 Вашиот збор секогаш нека биде пријатен,+ зачинет со сол,+ да знаете секому да му одговорите како што треба.+
7 А за тоа како сум, сѐ ќе ви раскаже Тихик,+ мојот сакан брат, верен слуга, кој со мене му робува на Господарот.* 8 Го праќам кај вас токму за да знаете како сме и да ги утеши вашите срца.+ 9 Со него го праќам и Онисим,+ мојот верен и сакан брат, кој дојде откај вас. Тие ќе ви раскажат сѐ за тоа како е овде.
10 Ве поздравуваат Аристарх,+ мојот затворски другар, и Марко,+ братучедот на Варнава (за кого уште од порано ви е заповедано да го примите+ убаво ако дојде кај вас), 11 и Исус наречен Јуст, кои се од обрежаните. Тие се моите единствени соработници во службата за Божјето царство, тие ми помагаа и ме зајакнуваа. 12 Ве поздравува Епафрас,+ кој дојде откај вас, роб на Христос Исус. Тој секогаш се бори за вас во своите молитви, за да се одржите до крај зрели+ и да имате цврсти уверувања во поглед на сѐ што е Божја волја. 13 Навистина сведочам за него дека многу се труди за вас и за оние во Лаодикија+ и за оние во Хиераполис.
14 Ве поздравуваат Лука,+ саканиот лекар, и Димас.+ 15 Поздравете ги браќата во Лаодикија, како и Нимфа и собранието во нејзината куќа.+ 16 А кога ова писмо ќе се прочита кај вас, нека се прочита+ и во собранието на Лаодикијците, а вие прочитајте го она од Лаодикија. 17 И кажете му на Архип:+ „Внимавај да ја извршиш службата што си ја примил во Господарот“.
18 Јас, Павле, ви го пишувам овој поздрав со сопствена рака.+ Мислете на моите окови.+ Незаслужената доброта нека биде со вас.
Или: „секогаш молејќи се“.
„Добро ја запознавте“ (грчки: епигино́ско) — види ја фуснотата за Ри 1:28.
Види го додатокот 11.
Во врска со изразите „добро познавање“ и „сѐ подобро запознавајќи го“ (грчки: епи́гноси) во стиховите 9 и 10, види ја фуснотата за Ри 1:28.
Буквално: „да одите достојно“.
Види ја фуснотата за изразот „собрание“ во Мт 16:18.
Буквално: „првородениот од мртвите“.
Види го додатокот 8.
Види ја фуснотата за Мт 12:32.
Или: „потполн; совршен“.
Види ја фуснотата за Мр 12:33.
„Добро да ја запознаат“ (грчки: епи́гноси) — види ја фуснотата за Ри 1:28.
Види го додатокот 11.
Буквално: „одете“.
Буквално: „со филозофија“.
Види го додатокот 8.
Буквално: „сабати“. Види ја фуснотата за Мт 12:1.
Или: „обожавање“.
Или: „стапува/влегува во“. Павле цитира израз кој во паганските мистериски култови се користел при обредите на иницијација (воведување).
Или: „лигаменти“.
„Доброто познавање“ (грчки: епи́гноси) — види ја фуснотата за Ри 1:28.
Името „Скит“ овде се користи и како општ назив за луѓе кои биле сметани за заостанати и нецивилизирани.
Буквално: „која е врска на совршенството“.
Види го додатокот 11.
Буквално: „Одете“.
Или: „Добро користете го времето што го имате (секоја можност што ќе ви се укаже)“.
Види го додатокот 11.