Филателија — интересно хоби и голем бизнис
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО БРИТАНИЈА
ЗА ФИЛАТЕЛИЈАТА, или собирањето на поштенски марки, се вели дека е „најголемото светско хоби“. Првите марки биле само ‚парчиња хартија, покриени со леплив слој одзади, така што корисникот можел со малку навлажнување да ги прицврсти на задната страна од писмото‘, според британскиот поштенски реформатор Сер Роланд Хил (1795—1879). Неговите ‚парчиња хартија‘ станале толку популарни што поштенските марки денес се фалени како изум кој во целиот свет го променил правецот на комуникацијата.
За колекционерите и за трговците, вредноста на марките варира практично од скоро ништо па до астрономски суми од милион или повеќе долари. Како е тоа можно кога поштенските марки се толку обични? И што ги прави толку привлечни и вредни?
Уникатната „Пени блек“
Првите рачно отпечатени марки кои означувале однапред платена поштарина, биле изум на трговецот Вилијам Докра, кој во 1680 ја основал Лондонската пошта „Пени“. На поштата која била донесена во канцеларијата за прием на пратки ѝ била ставана марка и жиг во облик на триаголник со дупла линија на кој биле испишани зборовите ПОШТАРИНА ПЛАТЕНА КАЈ ПЕНИ. На тој начин, поштата била подготвена за доставка преку куририте на Докра. Но другите разнесувачи на пошта енергично се спротивставиле на таквото уредување затоа што мислеле дека со тоа е загрозена нивната егзистенција. Државната пошта исто така гледала на поштата на Докра како на повреда на нивниот монопол.
Дури во почетокот на XIX век, поштенските реформи успеале да постигнат пени-поштарината да биде достапна низ целата земја. Во мај 1840, во Британија излезе во продажба првата самолеплива поштенска марка и наскоро беше позната како „Пени блек“. (Види ја фотографијата.) Таа не била перфорирана и секоја марка морала да се исече од еден лист хартија.
Во 1843, Бразил беше втора земја, после Британија, која издаде самолепливи поштенски марки, валидни за употреба низ целата земја. Постепено, и други земји ја присвоиле нивната примена на внатрешна поштарина. Подоцна, за да се олесни испораката во странство, се развила светска поштенска унија. Денес, Универзалната поштенска унија, со седиште во Берн (Швајцарија), претставува специјализирана агенција на Обединетите нации.
Колекциите имаат своја приказна
Како што се проширувала меѓународната комуникација, секоја земја дизајнирала и печатела карактеристични марки. Некои марки, наречени комеморативни, илустрираат истакнати настани и луѓе; други марки, наречени стандардни, се јасно одредени за редовна употреба во серии на вредности за да ги задоволат различните поштенски потреби. Се проценува дека низ годините, околу 600 поштенски управи издавале по 10.000 нови марки годишно. И сериозниот проучувач на марки (филателистот) и оној кој само ужива да собира марки за забава, можат да најдат нешто за свој вкус во разновидноста од четвртина милион марки кои досега се издадени!
Очигледно, со толкав квантитет и разновидност на марки, ниеден колекционер не може да очекува да поседува примерок од секој вид марка која била некогаш издадена. Наместо тоа, многумина се одлучуваат да собираат марки по одредени теми. Теми за колекција се: агрикултура, Антарктик, Библија, вселена, геологија, Европа, енергија, Есперанто, животни, индустрија, јаглен, кино, летање, медицина, мостови, музика, оган, олимписки игри, ОН, печурки, пештери, поштенски услуги, природа, птици, пчеларство, религија, спорт, транспорт, фотографија, цвеќарство, црвен крст, па дури и временските прилики. Постојат марки на секоја можна тема.
Други колекционери се сосредоточуваат на варијациите на марките. Што вклучува тоа? Погледнете ја повторно марката „Пени блек“. Дали ги забележувате буквите отпечатени во долните ќошеви на марката? Во почетокот, тие марки биле печатени на листови хартија, составени од по 240 поединечни марки поредени во 20 хоризонтални редови од по 12. Првата марка во горниот ред ги имала буквите AA; а последната во тој ред AL, и сѐ така по азбучен ред до TA и TL на почетокот и на крајот од 20-от ред. Буквите биле рачно продупчени во ќошињата на дизајнот во завршните фази на составувањето на фотографската плоча. Ако марките на повеќе писма со кои работи поштенскиот службеник имаат две исти букви, тогаш тој ќе се сомнева дека се фалсификувани.
Иако се смета дека биле издадени 68 милиони поединечни „Пени блек“ марки, еден колекционер кој денес поседува неупотребена марка има нешто ретко и вредно — нешто што кошта од 4.200 до 6.800 американски долари.
Покрај вештите варијации во дизајнот, марките кои се отпечатени од различни плочи, на хартија со различни водени печати (блед дизајн на хартијата видлив само кога ќе се држи наспроти светло), па дури и оние со различен број перфорации (дупчињата на рабовите) го привлекуваат интересот на специјализираните колекционери. За да успеат, на таквите стручњаци им е потребно повеќе од пинцета (Никогаш немојте да ги користите прстите!) и лупа. Средствата за мерење ги откриваат разликите во дупчињата; ултравиолетовите ламби ја покажуваат оштетеноста, скриената фосфоресценција и други ситни детали.
Некои колекционери покажуваат посебен интерес за грешките во дизајнот и во отпечатувањето на марките. За нив е важно да се поседуваат марки што другите колекционери ги превиделе. Видете ја разликата во вредноста. Според пресметките од 1990, една „Ред пени“ марка од 1841 година без буквата А — грешка на првата марка во вториот ред од листот, вредела 1.300 пати повеќе отколку марка без таква грешка!
Марките се голем бизнис
Во денешно време, собирањето марки привлекува најразлични вложувачи. Вистинскиот вложувач купува папки со ретки класични марки за кои трговците сметаат дека во текот на еден одреден временски период најверојатно ќе им се зголеми вредноста. Кога инвестицијата ќе созрее, трговецот се обидува да го продаде поседот на клиентот по највисоките можни цени. „Кога се работи за користени марки, се бара поштенскиот жиг да биде јасен и читлив — често пати најобичните марки со совршени или необични поштенски жигови се релативно ретки и, според тоа, вредат и додатна сума пари. Состојбата на марката е од пресудна важност за нејзината вредност“, пишува Џејмс Вотсон, стручњак за марки.
Во 1979, лондонскиот Daily Mail известил дека „во последните пет години, класичните марки (оние кои датираат од 1840 до 1870) се ценат повеќе отколку делници и други видови инвестиции и, во многу случаи, дури и повеќе од цените на куќи“. На една папка со седум ретки марки која во 1974 вредела 84.700 американски долари, вредноста ѝ пораснала на 306.000 американски долари.
Во 1990, еден оглас во Time International известил: „Како инвестиција, марките доживеаја големи промени. Во 1970-тите, цените многу бргу пораснаа затоа што шпекулантите кои очекувале профит од ретки марки си создале инвестициски папки. Но, во 1980 кога Лондон ја прикажа за јавноста својата Светска изложба на марки, нивните соништа се срушија и шпекулантите открија дека единствените луѓе кои се спремни да го поддржуваат пазарот се колекционерите кои разумно се повлекле. ‚Кога вложувачите се обиделе своите папки да ги претворат во пари, откриле дека многу марки не биле толку ретки колку што тие претпоставувале‘“, и на тој начин изгубиле. Какво предупредување е ова за оние кои инвестираат во поштенски марки!
Затоа, како колекционер, па дури и како филателист, стреми се да бидеш урамнотежен. Уживај во твоите марки. Учи од нив — за светот, неговата географија, народи и култури. Немој да дозволиш собирањето да ти стане опсесија. Внимателно процени го твојот интерес за марките и тоа спореди го со многу поважните работи во животот.
[Слика на страница 25]
„Пени блек“
[Слики на страница 26]
Марки од Австрија, Шпанија и Британија