Можеш ли да имаш доверба во Божјите ветувања?
ЈЕХОВА БОГ, нашиот Творец, секогаш бил верен на својата реч. „Јас реков“, изјавил тој. „И ќе го направам“ (Исаија 46:11). Откако ги довел Израелците во Ветената земја, Божјиот слуга Исус Навин напишал: „Не остана неисполнет ниеден збор од сите добри зборови, кои Господ им ги беше рекол на домот Израилев: сѐ се исполни“ (Исус Навин 21:45; 23:14).
Од времето на Исус Навин, па сѐ до доаѓањето на Месијата, биле исполнети стотици пророштва инспирирани од Бог. Еден таков пример е случајот кога човекот кој повторно го изградил Ерихон претрпел казна која со векови однапред била проречена (Исус Навин 6:25а; 3. Царства 16:34). Уште еден пример за тоа е ветувањето, навидум невозможно да се исполни, дека изгладнетите жители на Самарија ќе добијат изобилство храна следниот ден по прорекувањето. Во 4. Царства, поглавје 7, можеш да прочиташ како Бог го исполнил тоа ветување.
Подемот и падот на светските сили
Бог ги инспирирал библиските писатели да запишат детали во врска со подемот и падот на светските сили. На пример, Бог го употребил својот пророк Исаија да го претскаже падот на моќниот Вавилон скоро 200 години пред да се случи тоа. Всушност, Мидјаните, кои склучиле сојуз со Персијците, биле идентификувани во Библијата како освојувачи (Исаија 13:17-19). Но, уште позачудувачко е тоа што Божјиот пророк го означил персискиот цар Кир како оној кој ќе преземе водство при тоа освојување, иако Кир не бил сѐ уште ни роден кога било запишано пророштвото! (Исаија 45:1). Но постојат и други пророштва.
Пророкот Исаија исто така претскажал како ќе се изврши освојувањето на Вавилон. Тој напишал дека заштитните води на градот, реката Еуфрат, ‚мора да се исушат‘ и дека ‚портите [на Вавилон] нема да бидат затворени‘ (Исаија 44:27–45:1). Овие конкретни детали биле исполнети, како што известил историчарот Херодот.
Додека Вавилон сѐ уште бил моќен, Бог го употребил и својот пророк Даниил да каже кои светски сили ќе настапат после него. Даниил имал визија за еден симболичен овен со два рога кој успеал да ги победи сите други ‚ѕверови‘. Даниил не оставил место за сомневање во врска со тоа кого го претставува дворогиот овен, туку напишал дека тој е „мидијскиот цар и персискиот“ (Даниил 8:1-4, 20). Навистина, токму како што било проречено, Медо-Персија станала следната светска сила кога го освоила Вавилон во 539 пр. н. е.
Во таа визија од Бог, Даниил потоа видел ‚еден козел [со] знаменит рог меѓу очите свои‘. Даниил го продолжил својот опис: ‚Видов кога тој се приближи до овенот, свирепо се фрли на него и му ги скрши двата рога; и немаше никој да го избави овенот од него. Тогаш козелот многу се возгордеа; но кога се засили, големиот рог му се скрши и на тоа место му изникнаа четири‘ (Даниил 8:5-8).
Божјата Реч не остава место за сомневање во врска со значењето на сето тоа. Забележете го објаснувањето: „Косестиот козел е царот на Грција, додека големиот рог што се наоѓа меѓу неговите очи, тој е нејзиниот прв цар: тој е здробен и место него излегоа други четири: тоа се четирите царства што ќе се издигнат од тој народ, но не со негова сила“ (Даниил 8:21, 22).
Историјата покажува дека „царот на Грција“ бил Александар Велики. По неговата смрт во 323 пр. н. е., неговото царство било поделено меѓу четворицата негови генерали — Селекиј I Никатор, Касандар, Птолемај I и Лизимах. Токму како што прорекла Библијата, „место него излегоа други четири“. Како што било проречено, ниеден од нив никогаш немал толкава сила каква што имал Александар. Навистина, исполнувањата биле толку зачудувачки што таквите библиски пророштва се наречени „однапред напишана историја“.
Ветениот Месија
Бог не само што ветил дека еден Месија ќе ги ослободи луѓето од влијанието на гревот и смртта туку дал и мноштво пророштва за да се идентификува Ветениот. Разгледајте само неколку од тие пророштва на кои Исус не можел да влијае за да се исполнат.
Стотици години однапред било проречено дека Ветениот ќе се роди во Витлеем и дека ќе го роди девица. (Спореди Михеј 5:2 со Матеј 2:3-9; Исаија 7:14 со Матеј 1:22, 23.) Било проречено дека ќе биде издаден за 30 сребреници (Захарија 11:12, 13; Матеј 27:3-5). Исто така, било проречено дека нема да му биде скршена ниедна коска од телото и дека ќе се фрла ждрепка за неговата облека. (Спореди Псалм 33:20 со Јован 19:36; Псалм 21:18 со Матеј 27:35.)
Посебно значаен е фактот што Библијата претскажала кога ќе дојде Месијата. Божјата Реч прорекла: „Од времето кога излезе законот [зборот, НС] за обновувањето на Ерусалим, до Христа Владиката се седум седмици и шеесет и две седмици“ (Даниил 9:25). Според Библијата, времето кога излегол зборот за обновувањето и повторното изградување на ѕидовите на Ерусалим, било во 20-тата година од владеењето на царот Артаксеркс, а световната историја укажува дека тоа било во 455 година пр. н. е. (Неемија 2:1-8). Овие 69 годишни седмици завршиле после 483 години (7 x 69 = 483), односно во 29 година н. е. Истата таа година Исус бил крстен и помазан со свет дух, станувајќи Месија, или Христос!
Важно е да се спомене тоа дека луѓето во времето на Исус очекувале токму тогаш да се појави Месијата, како што забележал христијанскиот историчар Лука (Лука 3:15). Римските историчари Тацит и Светониј, еврејскиот историчар Јосиф и еврејскиот филозоф Филон Јудај, исто така, посведочиле за таа состојба на исчекување. Дури и Аба Хилел Силвер, во својата книга A History of Messianic Speculation in Israel (Историја на месијански шпекулации во Израел) признава дека „Месијата бил очекуван околу втората четвртина од првиот век н. е.“ Тој рекол дека тоа било поради „популарната хронологија од тоа време“, која делумно потекнува од книгата Даниил.
Со оглед на овие информации, не треба да нѐ изненадува тоа што Библијата, исто така, покажува кога треба Месијата да се врати за да ја започне својата царска власт. Хронолошките докази содржани во пророштвото на Даниил го истакнуваат точното време кога „Севишниот“ требало да му го предаде своето земско владетелство на „најпонизниот од човештвото“ (НС), Исус Христос (Даниил 4:14-22 [17-25, НС]; Матеј 11:29). Се споменува период од „седум времиња“, односно седум пророчки години, а пресметано е дека тој период завршува во 1914 година.a
Крајот нема датум
Меѓутоа, 1914 година е датум само за почетокот на Христовото владеење „меѓу непријателите [Негови]“ (Псалм 109:1, 2; Евреите 10:12, 13). Библиската книга Откровение ни открива дека во времето кога Христос ќе почне да владее на небото, тој ќе го фрли Сатана Ѓаволот со неговите ангели долу на Земјата. Пред да ги избрише од постоење злобните духовни личности, Библијата вели дека за „малку време“ тие ќе предизвикаат многу проблеми на Земјата (Откровение 12:7-12).
Важно е тоа дека Библијата не наведува никаков датум кога ќе заврши тоа „малку време“ и кога Христос ќе почне да дејствува како Уништувач на Божјите непријатели во Армагедон (Откровение 16:16; 19:11-21). Всушност, како што можеше да се забележи во претходната статија, Исус рекол да се биде подготвен затоа што ниеден човек не го знае датумот на тој настан (Марко 13:32, 33). Кога некој оди подалеку од она што го рекол Исус, како што направиле раните христијани во Солун и некои други по нив, тогаш има лажни, односно неточни предвидувања (2. Солунјаните 2:1, 2).
Потребно е исправање на гледиштето
Пред втората половина од 1914 година, многу христијани очекувале Христос да се врати во тоа време и да ги однесе на небото. На тој начин, во едно предавање одржано на 30 септември 1914 година, А. Х. Макмилан, еден Истражувач на Библијата, навел: „Ова е најверојатно последното јавно предавање што ќе го одржам затоа што наскоро ќе си одиме дома [на небото]“. Јасно е дека Макмилан не бил во право, но тоа не било единственото неисполнето очекување што го имал тој или другите Истражувачи на Библијата.
Истражувачите на Библијата, познати од 1931 година како Јеховини сведоци, исто така очекувале дека во 1925 година ќе го доживеат исполнувањето на некои прекрасни библиски пророштва. Тие претпоставувале дека во тоа време ќе започне земното воскресение, преку кое ќе се вратат во живот верните мажи од минатото, како Авраам, Давид и Даниил. Неодамна, многу Сведоци нагаѓале дека настаните кои се поврзани со почетокот на Христовата Милениумска влада можеби ќе започнат во 1975 година. Нивните предвидувања се темелеле на сфаќањето дека тогаш ќе започне седмиот милениум од човечката историја.
Овие погрешни гледишта не значеле дека Божјите ветувања се погрешни, односно дека тој згрешил. Никако! Грешките, односно погрешното сфаќање, како во случајот со христијаните од првиот век, се должеле на тоа што тие не се држеле за Исусовото предупредување: ‚Не го знаете времето‘. Погрешните заклучоци не се должеле на злоба или на неверност спрема Христос, туку на горлива желба Божјите ветувања да се исполнат во нивно време.
Затоа, А. Х. Макмилан подоцна објаснил: „Научив дека треба да си ги признаеме грешките и да продолжиме да ја истражуваме Божјата Реч за да добиеме поголемо просветлување. Без разлика на промените што ќе мораме одвреме навреме да ги направиме во нашите гледишта, тоа нема да ја промени милостивата подготовка за откупнината и Божјето ветување за вечен живот“.
Навистина, можеме да им веруваме на Божјите ветувања! Луѓето се тие кои се склони да грешат. Според тоа, вистинските христијани ќе задржат став на чекање како послушност спрема Исусовата заповед. Тие ќе останат будни и спремни за Христовото непосредно доаѓање како Божји Уништувач. Тие нема да дозволат лажните предвидувања да го замаглат нивниот разум и да ги наведат да го игнорираат вистинското предупредување за крајот на светот.
Тогаш, што да се каже за верувањето дека овој свет ќе заврши? Дали навистина постојат докази дека тоа ќе се случи наскоро, за време на вашиот животен век?
[Фуснота]
a Види во книгата Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата, страници 138-141, издадена од Библиското и трактатно друштво Стражарска кула од Њујорк, инк.
[Слика на страница 7]
Во врска со падот на Вавилон биле претскажани конкретни детали
[Слики на страница 9]
Исус не можел да влијае да се исполнат повеќето од пророштвата кои се однесувале на него