Гледиште на Библијата
Треба ли христијаните да бидат пацифисти?
„Црквите треба повторно да станат пацифисти како што беа во првите векови на христијанството“ (Хјуберт Батлер, ирски писател).
ОТКАКО ја посетил Југославија после Втората светска војна, Хјуберт Батлер смело ги запишал горните зборови во еден есеј напишан во 1947, но кој не бил објавен сѐ до минатата година! Бил шокиран поради тоа што „христијанската црква за време на војната била соучесник во неописливи злосторства и многу се оддалечила од учењето на Христос“.
Батлер не се плашел да зборува јасно и гласно за непопуларни движења или групи. Кога го правел тоа, обично го правел сам. Без страв се изразувал кога го споредувал однесувањето на црквите со храбриот став на Јеховините сведоци, кои во The Irish Times биле опишани како „во секој случај најневина и најнепорочна аполитична религиозна секта од сите други“. Во својот есеј „Извештај за Југославија“, Батлер напишал дека Сведоците, кои „ја отфрлиле сета софистика по која лидерите во политичкиот и религиозниот живот ја оправдуваат војната“, биле донесени пред суд од страна на југословенските власти поради нивното одбивање да се приклучат кон военото движење.
Меѓутоа, дали е библиски исправно да се опишат Јеховините сведоци како пацифисти? Разјаснувањето на темата може да зависи од тоа што се подразбира под зборот „пацифист“. Батлер го употребил терминот за да ги пофали Сведоците за нивната храброст што одбиваат, при огромна лична цена, да земат оружје во војна. Но, за жал, многу луѓе кои се обземени од воената треска гледаат на пацифистот само како на „кукавица или предавник, кој [е] желен да ја избегне својата обврска спрема својот народ“. Дали тоа гледиште е исправно?
Противење на војна или насилство
Webster’s Ninth New Collegiate Dictionary вели дека пацифист е оној кој „силно и активно се противи на конфликт, а пос[ебно] на војна“. Го дефинира ‚пацифизмот‘ со „противење на војна или насилство како средство за решавање на спорови; особе[но] одбивање да се носи оружје на морална или религиозна основа“. Како би се применувале овие дефиниции на верниците во раното христијанско собрание?
Тие ‚одбивале да носат оружје на морална и религиозна основа‘ и избегнувале секаков ‚конфликт и војна‘. Зошто? Затоа што знаеле дека Исус рекол оти неговите следбеници ‚не се дел од светот‘ и дека „сите што се фаќаат за нож, од нож ќе загинат“ (Јован 15:19, НС; Матеј 26:52). Во The Early Church and the World, еден историчар ни кажува дека „барем до владеењето на Марко Аврелиј [161—180 н. е.], ниеден христијанин по своето крштавање не станувал војник“. Во The New World’s Foundations in the Old, еден друг вели: „Првите христијани мислеле дека е погрешно да се борат и не сакале да служат војска дури и кога на Империјата ѝ биле потребни војници“.
Налогот на христијаните бил да се проповеда добрата вест (Матеј 24:14; 28:19, 20). Сфатиле дека немаат налог од Бог да водат војна против неговите непријатели, така да се каже, да дејствуваат како Божји погубители (Матеј 5:9; Римјаните 12:17—21). Само тогаш кога таканаречените христијани ‚многу се оддалечуваат од учењето на Христос‘, како што изјавил Батлер, тие се заплеткуваат во војните на народите. Тогаш свештенството ги благословува војските и се моли за победа, честопати и на двете страни од конфликтот. (Спореди Јован 17:16; 18:36.) Во изминатите векови, на пример, протестантите и католиците воделе многу крвави војни кои довеле до „ужасите кои се [спуштиле] над Западна Европа, во кои двете страни се прогласувале себеси за инструменти на Божјиот гнев“, пишува Кенет Кларк во својата книга Civilisation. Аргументите кои биле дадени за да се оправда овој вид војување, вели Cyclopedia of Biblical, Theological, and Ecclesiastical Literature од Маклинтон и Стронг, „очигледно се развиле од желбата да ја смират граѓанската моќ и јасно дека се косат со древната христијанска доктрина и со целиот дух на Евангелието“ (Јаков 4:4).
Тотално против војна?
Меѓутоа, дали ‚древната христијанска доктрина и целиот дух на Евангелието‘ навистина биле пацифистички? Дали навистина би можело раните христијани да се опишат како пацифисти, како што претходно беше дефинирано? Не! Зошто не? Како прво, тие го признавале правото на Бог да води војна (2. Мојсеева 14:13, 14; 15:1—4; Исус Навин 10:14; Исаија 30:30—32). Освен тоа, тие никогаш не го оспорувале Божјето право да го овласти древниот Израел да се бори за него кога таа нација служела како негов единствен инструмент на Земјата (Псалм 143:1; Дела 7:45; Евреите 11:32—34).
Не само што Бог има право туку има и обврска на темел на правдата да ги отстрани злите луѓе од Земјата. Многу луѓе кои чинат зло никогаш нема да одговорат на Божјите стрпливи молби упатени до нив да ги поправат своите патишта (Исаија 45:22; Матеј 7:13, 14). Божјето толерирање на злото има граници (Исаија 61:2; Дела 17:30). Според тоа, христијаните сфаќаат дека на крајот Бог присилно ќе ги отстрани лошите луѓе од Земјата (2. Петрово 3:9, 10). Како што прорекува Библијата, тоа ќе биде при ‚јавувањето на Господ Исус од небото со ангелите на Својата сила, во пламенен оган да им се одмаздува на оние, кои не Го познаваат Бога, кои не се покоруваат на Благовестието на нашиот Господ Исус Христос‘ (2. Солунјаните 1:6—9).
Последната книга од Библијата го опишува овој конфликт како „војна во оној голем ден на Бога Седржителот“, односно Армагедон (Откровение 16:14, 16). Таа вели дека Исус Христос ќе предводи во тоа, дека тој „праведно . . . војува“ (Откровение 19:11, 14, 15). Исус Христос со право е наречен „Кнез на мирот“ (Исаија 9:6). Но тој не е пацифист. Тој веќе водел една војна на небото за да го исчисти од сите Божји бунтовни непријатели (Откровение 12:7—9). Наскоро ќе води уште една војна ‚за да ги погуби губителите на земјата‘. Меѓутоа, неговите следбеници на Земјата нема да учествуваат во тоа божествено судење (Откровение 11:17, 18).
Вистинските христијани го љубат мирот. Тие остануваат во потполност неутрални во светските воени, политички и етнички конфликти. Но, строго земено, тие не се пацифисти. Зошто? Затоа што ја поздравуваат Божјата војна која конечно ќе ја спроведе неговата волја на Земјата — војна која ќе го реши големото спорно прашање на универзалниот суверенитет и еднаш засекогаш ќе ја ослободи Земјата од сите непријатели на мирот (Јеремија 25:31—33; Даниил 2:44; Матеј 6:9, 10).
[Извор на слика на страница 29]
Христос исмејуван/The Doré Bible Illustrations/Dover Publications, Inc.