Пет начини да го подобрите квалитетот на Вашиот живот
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ЦЕНТРАЛНОАФРИКАНСКА РЕПУБЛИКА
ИНФЛАЦИЈАТА, болеста, неисхранетоста, сиромаштијата — овие проблеми се широко распространети во земјите во развој. А на повидок нема никакво брзо решение, барем не од човечка гледна точка. Ако живеете во некоја земја во развој, можете ли да сторите нешто за да го подобрите квалитетот на Вашиот живот? Да, можете! Следат пет предлози кои можеби ќе Ви изгледаат корисни и практични.
Број 1: Засадете градина
„Кој си ја обработува земјата, ќе се наситува со леб“, вели Библијата во Изреки 28:19. Всушност, можеби ќе се изненадите кога ќе видите колку може да се произведе од прилично мало парче земја. Во својата книга Le jardin potager sous les tropiques (Зеленчуковата градина во тропите), авторот Хенк Вајенберг тврди дека едно парче земја од 50 до 100 метри квадратни може да произведе доволно зеленчук за да исхрани едно шестчлено семејство.
Зошто да ги трошите своите средства за работи кои можете да ги одгледате сами? Во зависност од почвата и од климата, веројатно ќе можете да одгледате окра, пипер, спанаќ, магдонос, тропска трева, млад кромид, маниока, тикви, слатки компири, шеќерна трска, домати, краставици и пченка веднаш до Вашата куќа. Во најмала рака, таквата градина може да ја надополни исхраната на Вашето семејство, па можеби дури и ќе имате вишок производи кои ќе можете да ги продавате.
Ако имате доволно земја, би можеле да размислите и за тоа да засадите различни овошки. Во некои случаи, само една овошка може да произведе повеќе плодови отколку што можете да изедете Вие и Вашето семејство. Ако научите нешто за ѓубрењето — процес на преработка на мртвите органски материи и нивно користење како ѓубриво — тоа ќе Ви помогне да го подобрите своето производство на храна. Дрвјата можат да направат нешто повеќе отколку само да произведуваат храна и додатен приход за Вашето семејство. Добропоставените дрвја можат да даваат и сенка, да го прочистуваат воздухот и да ја направат Вашата околина поубава и попријатна.
Но, што ако не знаете многу за градинарството? Имате ли пријатели, соседи или познаници кои имаат искуство во овој поглед? Тогаш, зошто не ги прашате за помош или совет? Исто така, можеби ќе бидете во можност да купите или да позајмите некои книги за градинарство. (Видете ја статијата „Зошто не одгледувате зеленчукова градина?“ во изданието на Разбудете се! од 22 мај 1974 [англ.].)
Број 2: Купувајте на големо
Дали основните работи како што се брашното, оризот и маслото ги купувате во мали количини? Ако е така, можеби губите голем дел од Вашиот буџет. Наместо тоа, ако е воопшто можно, обидете се да ги купувате таквите работи на големо, делејќи го трошокот со две, три или повеќе семејства. Купувањето на големо може да Ви заштеди пари и тогаш кога има сезонско овошје и зеленчук. Во некои случаи, веројатно ќе можете да купите нешто дури и по набавна цена.
Број 3: Научете ја вештината на конзервирање храна
Купувањето на големо го покренува прашањето за тоа како да се складираат расипливите продукти. Сушењето храна е една популарна и практична метода. Голем број жени во Африка заработуваат за живеачка сушејќи овошје, окра, мешунки, тиква, семки од тиква и билки. Сушењето не бара некоја посебна опрема. Продуктот може да се постави на една чиста површина или да се обеси, можеби покриен со тенко платно за да ги одврати мувите. Воздухот и сонцето ќе го сторат останатото. (Видете ја статијата „Можете ли да преживеете со помалку?“ во изданието од Разбудете се! од 8 август 1975 [англ.].)
Број 4: Пробајте со одгледување животни
Можно ли е да одгледувате свои пилиња, кози, гулаби или други животни? На многу места месото станало луксузен производ. Но, со мала помош од другите, можете да научите како да одгледувате мало стадо животни. Уживате ли да јадете риба? Тогаш, би можеле да се обидете да научите како да направите мал рибник. Месото, јајцата и рибата содржат железо, калциум, витамини, минерали и протеини, кои се витални за здравјето на Вашето семејство.
Број 5: Одржувајте исправна хигиена
И хигиената е важна за здравјето на Вашето семејство. Нечистите услови привлекуваат стаорци, муви и лебарки, кои се причина за секакви болести. Одржувањето исправна хигиена ќе Ве чини време и напор. Но, трошокот за чистотата е помал од трошокот за лековите и лекарските сметки. Мерилата за чистота можеби донекаде се разликуваат од човек до човек и од земја до земја. Сепак, постојат неколку општи начела кои важат секаде.
Земете ги за пример тоалетните простории. Во селските подрачја честопати се допушта да бидат валкани и дотраени и оттука тие се главен извор на болести и заболувања. Локалните здравствени работници сигурно можат да Ви дадат упатства за тоа како да се соѕида хигиенски клозет или полски клозет по многу ниска цена.
Што е со Вашиот дом? Дали е уреден и добро одржуван? Дали мириса на чисто? А што е со кујната? Дали е уредна и чиста? Храната мора да биде чиста и исправно зготвена за да биде здрава. Микробите и паразитите изобилуваат во загадена вода. Затоа, филтрирајте ја или зовривајте ја водата пред да ја користите. Мијте го приборот за јадење со врела вода и темелно измијте си ги рацете пред да фаќате храна. Чувајте ја водата во чисти, затворени садови.
На кучињата, мачињата, пилињата и козите не треба да им се допушта да се врткаат во кујната — доколку сакате да одржите хигиенски услови. Не треба ниту на стаорците и глувците да им се допушта да лазат по тенџерињата и тавчињата, валкајќи ја храната. Една едноставна стапица за стаорци може да го отстрани проблемот. (Видете „Да се пресретне предизвикот на чистотата“ во Разбудете се! од 22 септември 1988 [англ.].)
Конечно, само Божјето Царство потполно ќе ги реши сите проблеми на човештвото (Матеј 6:9, 10). Меѓутоа, во меѓувреме овие едноставни предлози можат да Ви помогнат да го подобрите квалитетот на Вашиот живот.
[Слики на страница 22]
Засадете градина
[Слики на страница 23]
Купувајте на големо
[Слики на страница 23]
Научете ја вештината на конзервирање храна
[Слики на страница 24]
Пробајте со одгледување животни
[Слики на страница 24]
Одржувајте исправна хигиена