Младите прашуваат . . .
Како можам да избегнам да бидам задушен од мојот пријател?
„Мојата пријателка се однесуваше како да ме поседува. Не ми даваше да дишам“ (Холи).
„ИМА пријатели поприврзани од брат“, вели една мудра изрека (Изреки 18:25). А ако ти имаш пријател кој ги дели твоите убедувања, смисла за хумор или интереси, вие сигурно сакате да бидете заедно. Една младинка по име Каролин вели: „Блискоста на моите пријателства со некои во христијанското собрание е резултат на тоа што заедно учествуваме во активностите“. Како Јеховин сведок, Каролин одвоила еден месец во кој планирала да помине 60 часа во евангелизаторското дело. Нејзините пријатели ги организирале своите распореди за да ја поддржат во ова дело!
Но, иако заедништвото има свои користи, понекогаш тоа може да биде претерано. Холи, цитирана на почетокот, се чувствува задушена од една своја пријателка. Но, таа не е единствената што го чувствува тоа. Холи забележува: „Изгледа дека тоа им се случува и на другите. Тие речиси живеат во џебот на другиот сѐ додека не дојде до голема експлозија. Потоа со недели не разговараат“.
Проблемот лежи во тоа што не е лесно да му кажеш на пријателот дека се чувствуваш задушен и дека ти треба поголема слобода. Можеби се плашиш дека ќе ги повредиш неговите чувства. Исто така, можеби се плашиш дека ќе го загрозиш вашиот однос. Меѓутоа, да се остави еден разумен простор во едно пријателство поверојатно ќе помогне отколку што ќе повреди.
Да илустрираме: Во еден јавен парк во Сиднеј (Австралија), едно големо дрво морало да се огради со синџиреста ограда. Зошто? Затоа што реки од посетители постепено го набивале земјиштето и ги задушувале корењата. Незаштитено, дрвото би умрело. Истото може да важи и за пријателствата. Премногу заедништво може да задуши еден однос. Царот Соломон напишал: „Не оди често во куќата на пријателот свој, за да не му додеваш и да не те намрази“ (Изреки 25:17).
Потреба од време за себе и од приватност
Зошто Соломон го рекол ова? Како прво, сите ние имаме потреба од извесно време за себе и од приватност. Дури и Исус Христос имал таква потреба. Иако бил близок со своите ученици, одвреме навреме заминувал „за да се помоли насамо“ (Матеј 14:23; Марко 1:35). И богобојазливиот Исак наоѓал време за да биде сам (1. Мојсеева 24:63). И тебе ти е потребна извесна мерка време за да ги извршиш таквите работи како што се домашната задача, куќните работи и твоето лично проучување на Библијата. А ако твоите пријатели покажуваат недостиг на обѕирност со тоа што ќе ги превидат твоите потреби во овој поглед, лесно може да се разгори огорченост.
Затоа, не плаши се да му кажеш на пријателот кога ти е потребно малку време за себе. Бидејќи христијанската љубов „не бара свое“, вистинскиот пријател обично ќе се обиде да покаже разбирање (1. Коринтјаните 13:4, 5; Изреки 17:17). „Во периодот на моите завршни испити“, пишува една младинка, „моите пријатели многу ме поддржуваа и ме разбираа. Не ми беше непријатно да ги замолам да си заминат кога ми требаше време да учам. Лесно ми е да бидам искрена со моите пријатели; тие знаат дека сите имаме одговорности.“
Се разбира, Златното правило бара и ти да покажеш иста таква обѕирност кон пријателите (Матеј 7:12). Една млада личност по име Тамара пишува: „Тоа што имам многу одговорности дефинитивно ме направи да бидам посвесна за потребата на мојата пријателка да има време за себе“. А кога Тамара има должности дома, нејзините пријатели не ја тераат да ги изврши набрзина или да ги остави за подоцна. Напротив, Тамара вели: „Обично ќе ми помогнат да си ја завршам работата за да можеме потоа заедно да правиме нешто“. Колкаво само богатство се таквите несебични пријатели — и каква само корисна употреба на заедничкото време!
„Раширете се“
Постои уште една причина зошто е мудро да се остави малку простор во едно пријателство. Кога го вложуваме целото свое време и емоции само во едно пријателство, можеби сме склони да запоставиме други важни односи — како што е нашиот однос со родителите, со браќата и сестрите, како и со другите христијани. Исто така, многу го ограничуваме и својот емоционален и духовен раст. Библијата вели: „Железо железо остри, и човек го изострува погледот на пријателот свој“ (Изреки 27:17). Очигледно, можеш да добиеш само мало ‚изострување‘ преку дружењето само со едно лице — особено кога тоа е твој врсник.
Затоа Библијата одвраќа од тесноград избор на пријатели кои се групираат или се издвојуваат. Таа нѐ подбудува ‚да се рашириме‘ (2. Коринтјаните 6:13, NW). „Дури и кога имаш некој посебен однос“, советува книгата Moods and Feelings, „важно е да одвоиш време за да се видиш и со други пријатели.“
Не е секогаш лесно да се примени овој совет. Еден христијански младинец по име Мајкл вели: „Трој и јас правевме сѐ заедно, како во собранието така и во нашето дружење. Бевме неразделни. Потоа, во собранието се досели еден друг млад Сведок. Тој и јас сакавме заедно да служиме како полновремени евангелизатори, па затоа почнавме да го минуваме времето заедно“. Со каков резултат? „Трој престана да зборува со мене“, вели Мајкл, „па откако неколку пати напразно се обидов да ги средиме работите, и јас престанав да зборувам со него. Тоа траеше една година.“ Нивното пријателство тој го опишува како „љубоморна посесивност“.
Меѓутоа, во еден здрав однос, пријателите не се однесуваат еден кон друг како да се поседуваат. Затоа, ако некој пријател дава отпор на твоите напори да се рашириш, треба искрено да разговарате. Можеби едноставно му треба да го увериш дека сѐ уште го цениш неговото или нејзиното пријателство. Јасно дај до знаење дека и понатаму заедно ќе соработувате во некои работи.
Мора да се признае дека можеби на твојот пријател ќе му биде потребно време за да се прилагоди на таа помисла. На пример, шеснаесетгодишната Зенета чувствувала бодежи на љубомора кога нејзината блиска пријателка почнала да минува време со другите. Но, Зенета вели дека ги победила тие чувства „благодарение на молитвата и на личната библиска студија“. Така, таа можела да задржи близок однос со својата пријателка. И Трој, пријателот на Мајкл, ја совладал првобитната љубомора, па тие повторно станале добри пријатели. Можеби ќе биде така и со твојот пријател. Всушност, долгорочно гледано, раширувањето ќе им користи на сите кои се вклучени. Седумнаесетгодишната Деби открила дека, тогаш кога нејзините пријатели ќе стекнат нови пријатели, „честопати тие стануваат и мои пријатели“.
Но, што ако твојот пријател едноставно одбива да ги прифати овие промени во вашиот однос? Можеби нема друг избор освен да тргнете на различни страни. Меѓутоа, пред да заклучиш дека сѐ е изгубено, зошто не ги прашаш своите родители како тие гледаат на работата? На крајот на краиштата, богобојазливите родители навистина се твоите најблиски пријатели. А тие може да имаат и некои практични предлози кои можат да ти помогнат да го спасиш пријателството без да ја компромитираш својата потреба од повеќе простор.
Минувај време со вистински пријатели
Еден збор на предупредување: Да се рашириш не значи да бидеш непробирлив во твојот избор на пријатели. Една книга за пријателството вели: „Природно е да станеш како луѓето со кои минуваш многу време. Понекогаш ова може да се случи без да бидеш свесен за тоа. Може да почнеш да размислуваш и да постапуваш како твоите врсници без оглед на тоа што мислиш ти лично. На тој начин, твоите врсници може да те контролираат“. Библијата ја кажала истата мисла пред илјадници години кога рекла: „Кој се состанува со мудри, мудар ќе биде; а кој другарува со безумни, глупав ќе биде“ (Изреки 13:21).
Кога си на училиште или на работа, можеби ќе мораш да минуваш време со луѓе кои не се заинтересирани за тоа да му служат на Јехова. Но, кога избираш блиски другари, запомни го библискиот совет: „Лошите другари го рушат добриот карактер“ (1. Коринтјаните 15:33, Today’s English Version).
Исто така, запомни дека поважно од секое друго човечко пријателство е пријателството со нашиот Творец, Јехова Бог. Деби, цитирана претходно, има неколку добри пријатели. Сепак, нејзин совет е „да се погрижиш Јехова секогаш да биде на прво место“. Верниот Авраам од дамнината го правел тоа, па затоа Јехова посебно го нарекол ‚Мој пријател‘ (Исаија 41:8). Размисли и за ова: Јехова не приговара ако посветуваш време на твоите пријатели кои исто така го љубат него; всушност, тој охрабрува на тоа. Каков само вистински Пријател е тој!
[Слика на страница 26]
Вистинските пријатели ја признаваат меѓусебната потреба за приватно време