Облеката што ја носиме дали навистина е важна?
„НЕ ЗНАМ што да облечам!“ Дали овој повик за помош ти звучи познато? Се разбира, денешните модни куќи секогаш се спремни да Ви помогнат — или уште повеќе да Ве збунат — со своите најнови понуди.
За да биде одлуката уште потешка, во денешно време можеби сте охрабрени не да се дотерате, туку да се запуштите. За овој спротивен тренд на 90-тите, една уводна статија за модата вели: „Може да биде утешно да знаете дека не само што е во ред да изгледате малку заостанато, застарено, износено и општо земено избледено туку тоа е и пожелно“.
Да, во последниве години моќното рекламирање, телевизиските примери за имитирање, врсниците, самоистакнувањето, како и копнежот по идентитет, силно влијаеле врз гардеробата, особено кај младите. Некои од нив дури и крадат за да изгледаат како што треба.
Многу популарни стилови на 90-тите потекнуваат од такви маргинални култури од последниве години како што е хипи движењето во западното општество во 60-тите. Брадите, разбушавената долга коса и истутканата облека објавиле отфрлање на традиционалните вредности. Но, бунтовното облекување разгоре и едно ново усогласување, нов притисок од врсниците.
Облекувањето стана пошироко и поизразно средство за идентитет. Облеката, особено маичките, станаа рекламно пано кое без зборови рекламира популарни спортови и спортски херои, хумор, разочарување, агресивност, морал — или недостиг на морал — и комерцијални производи. Или, пак, тие можат да шокираат. Размислете за еден неодамнешен наслов во Newsweek: „Бруталноста како изјава на тинејџерската мода“. Таа статија цитирала еден 21-годишник кој зборувал за својата маичка: „Ја носам затоа што им кажува на луѓето во каква умствена состојба сум. Не примам совет од никого и не сакам никој да ми додева“.
Она што се покажува на градите и на грбот може да се разликува од еден до друг. Сепак, усогласувањето — со некој групен идентитет или со преовладувачкиот дух на бунтовност, егоизам, своеволност или насилство — е очигледно. Еден дизајнер прави дупки со истрели во облеката според упатствата на неговите муштерии. „Можат да си изберат дупки од пиштол, дупки од пушка или дупки од митралез“, вели тој. „Тоа е само модна изјава.“
Што изразува модата?
„Обично облеката е начин да се идентификувате себеси со некоја посебна група во општеството“, вели Јан де Телига, моден кустос во Powerhouse Museum, во Сиднеј (Австралија). Таа додава: „Вие ја бирате групата со која сакате да се идентификувате и се облекувате така“. Д-р Дајана Кени, која предава психологија на универзитетот во Сиднеј, изјавила дека како средство за класифицирање на луѓето, облеката е исто толку важна колку и религијата, богатството, вработувањето, етничките карактеристики, образованието и домашната адреса. Според списанието Jet, во едно училиште во Соединетите Држави во кое речиси сите се белци, избила расна тензија „поради тоа што белите девојки од училиштето носеле плетенки, широка облека и друга ‚хип—хоп‘ мода која е поврзана со црнците“.
Лојалноста на групата е јасно видлива и во некои субкултури, како што е музичката сцена: „Во многу случаи“, вели списанието Maclean’s, „облекувањето се совпаѓа со музичките вкусови: обожавателите на регето носат јаки бои и капи од Јамајка, додека оние кои го сакаат спортскиот рок носат скијачки капчиња и маички од ќебе“. Но, каква и да е разновидноста, немарниот, запуштен, скитнички изглед на сиромаштија, наречен излитен, може да чини цело богатство.
Што се случува со правилата за облекување?
„Сѐ е спротивно на она што можеби го мислите“, вели колумнистот Вуди Хоксвендер. „Машката мода, која некогаш се раководеше според строги правила, станува сѐ побунтовна . . . Сѐ треба да изгледа како да е нафрлено со вила“. Меѓутоа, овој тренд во некои околности може да покаже немарен став. Или, пак, може да изнесе на виделина недостиг на самопочитување или почит кон другите.
Во една статија за тоа како учениците ги сфаќаат наставниците, списанието Perceptual and Motor Skills (Перцептивни и моторни вештини) објаснува дека, „иако наставникот кој носи фармерки се смета дека внесува забава во училницата, неговите мислења помалку се почитуваат и тој најчесто е избиран како наставник кој изгледа дека не знае ништо“. Истото списание коментира дека „наставничката облечена во фармерки се смета за забавна, пристаплива, без особено знаење, наложува мало почитување, не личи на наставник и кај сите е омилена“.
Во меѓувреме, во светот на бизнисот имаме уште еден моден тренд: облекување за престиж. Во последниве години сѐ повеќе жени сакаат да се искачат на скалата на бизнисот. „Се облекувам за да нападнам“, вели Мари, директор на една издавачка куќа. „Сакам да се истакнам. Сакам да се претставам како нешто што изгледа фантастично“, додава таа. Мари е искрена кога открива дека се сосредоточува на себеси.
Популарната мода неизбежно си го наоѓа патот и во црквите. Некои од оние кои повеќе мислат на модата дури ја користеле својата црква за да се покажат во својата најнова облека. Сепак, денес свештенството, иако украсено во своите грациозни наметки, честопати со презир гледа од говорницата врз собранието облечено во фармерки и патики или во помодна облека.
Зошто таква опсесија со себеси и со идентитетот?
Помодната облека — особено меѓу младите — велат психолозите, е еден аспект на егоцентризам поради тоа што изразува желба за внимание на јавноста. Тоа го опишуваат како „хронична тенденција од страна на адолесцентот да се смета себеси за предмет на вниманието на другите“. Всушност, тој или таа вели: „Мислам дека Вие сте опседнати со мене исто како што јас сум опседнат со себе“ (American Journal of Orthopsychiatry).
Филозофиите кои го ставаат човекот во центарот на настаните и го отфрлаат Бог како неважен, го потхраниле и мислењето (честопати раширено од рекламите) дека Вие, како поединец, сте најважната личност во вселената. Проблемот е во тоа што сега има речиси шест милијарди вакви ‚најважни‘ личности. Милиони во религиите на христијанскиот свет попуштиле под ваквата материјалистичка навала, стремејќи се кон „добар живот сега“. (Споредете 2. Тимотеј 3:1—5.) Кон ова додадете го поткопувањето на семејството и на вистинската љубов, и нема да изненади тоа што многу, особено млади, посегнуваат кон сѐ за да добијат чувство на идентитет и сигурност.
Меѓутоа, оние што се заинтересирани за своето облекување и за својата положба пред Бог, се прашуваат: До кој степен треба да се повинам на променливите норми на облекување? Од каде да знам дали мојата облека е пригодна? Дали таа праќа збунувачки, па дури и погрешни сигнали за мене?
Дали сум прикладно облечен?
Што ќе облечеме е работа на личен избор. Нашите лични вкусови се разликуваат, како и нашите финансиски средства. И обичаите се разликуваат од место до место, од земја до земја и од еден климатски регион до друг. Но, каква и да е Вашата ситуација, имајте го на ум следново начело: „Сѐ има свое време, и секоја работа под небото има свое време“ (Проповедник 3:1). Со други зборови, облекувајте се според приликата. И второ, ‚скромно одете со својот Бог‘ (Михеј 6:8, NW).
Тоа не значи дека треба да се облекувате претерано скромно туку, напротив, на начин кој е ‚уреден‘ и кој одразува „здрави мисли“ (1. Тимотеј 2:9, 10, NW). Честопати, ова едноставно значи да се покажува воздржаност — особина која списанието Working Woman ја поврзува со добар вкус и елеганција. Како едно непишано правило, никогаш не допуштајте Вашата облека да биде тоа што прво ќе влезе во просторијата и ќе ги обземе другите. Working Woman вели: „Облекувајте се . . . на таков начин што луѓето ќе можат да гледаат зад Вашата облека и ќе ја видат Вашата вредност како личност“.
Списанието Перцептивни и моторни вештини вели: „Еден куп литература која ја испитува улогата на облекувањето во оставањето впечаток и невербалната комуникација покажува дека облеката е еден важен знак кој се користи во првата проценка на другите“. Во склад со тоа, една жена во своите 40-ти, која порано уживала во својата моќ да привлекува со начинот на кој се облекувала, вели: „Тоа ми создаваше големи проблеми затоа што ја замаглуваше линијата помеѓу професионалното и приватното. Секогаш имаше деловни партнери кои сакаа да излеземе на вечера“. Една сметководителка, опишувајќи еден спротивен стил, раскажува: „Гледав како се однесуваа мажите кон жените кои се облекуваа немарно или, пак, се облекуваа во сосема строг машки стил. Нив ги сметаат за агресивни жени кои удираат во најслабата точка и затоа повеќе им додеваат“.
Една млада девојка по име Џефи открила дека дава збунувачки сигнали кога се потшишала во помоден стил. „Мислев дека само изгледам ‚поинаку‘“, се присетува таа. „Но, луѓето почнаа да ме прашуваат: ‚Дали навистина си Јеховин сведок?‘ Тоа ми беше непријатно.“ Џефи морала да си постави некои сериозни прашања. Всушност, зарем не е вистина дека „од преполнето срце“ не зборува само нашата уста туку и нашето облекување и дотерување? (Матеј 12:34). Што открива Вашата облека — срце кое има намера да привлече внимание кон Творецот или кон себеси?
Облекувајте се со ,здрави мисли‘
Размислете и за тоа каков ефект има Вашата облека врз Вас. Облекувањето за престиж или претераното дотерување можат да го надујат Вашето его, неуредното облекување може да ги засили негативните мисли што ги имате за себе, а маичките кои ја рекламираат Вашата омилена филмска или спортска ѕвезда или некој друг херој можат да Ве втурнат во обожавање на херои — идолопоклонство. Да, Вашата облека им зборува на другите — и им кажува нешто за Вас лично.
Што вели за Вас Вашата облека ако се облекувате наконтено или заводливо? Дали ги зајакнувате особините на личноста за кои, всушност, треба да се борите да ги надминете? Освен тоа, каква личност се обидувате да привлечете? Советот што е запишан во Римјаните 12:3 може да ни помогне да ја победиме егоцентричноста, суетата и негативното размислување. Таму апостол Павле нѐ советува ‚да не мислиме повеќе [за себе], отколку што треба да мислиме, туку да мислиме скромно [со здрави мисли, NW]‘. Да се има ‚здрави мисли‘ значи да се биде разумен.
Ова е особено важно за оние кои имаат доверливи и одговорни положби. Нивниот пример силно влијае врз другите. Секако, оние кои посегнуваат по предности во службата во христијанското собрание и нивните христијански сопруги би покажале преку нивната облека и дотерување еден став на скромност и почитување. Никогаш не би сакале да бидеме како човекот кого Исус го издвоил во својата илустрација за свадбената гозба: „Кога влезе, пак, царот да ги види гостите, забележа еден необлечен во свадбени алишта“. Кога дознал дека тој човек нема оправдана причина да носи таква облека која покажува непочитување, „царот им рече на слугите: ‚Врзете му ги рацете и нозете, земете го и фрлете го‘“ (Матеј 22:11—13).
Затоа, важно е родителите со збор и со пример да негуваат во своите деца здрави ставови за облекувањето и добар вкус. Тоа би можело да значи дека понекогаш родителите ќе треба да бидат цврсти додека расудуваат со своите синови или ќерки. Но, колку само охрабрувачки е кога ќе добиеме неочекувана пофалба за високите норми на облекување и однесување на нашите млади и на себеси!
Да, Јеховините слуги се ослободени од суетата, скапата мода и опсесијата со себеси. Нив ги водат божествените начела, а не духот на светот (1. Коринтјаните 2:12). Ако живеете според тие начела, нема да Ви биде многу тешко да направите избор во облекувањето. Освен тоа, како една добро избрана рамка за слика, Вашата облека нема ниту да ја прикрие Вашата личност ниту да ја навреди. И колку повеќе се трудите да бидете како Бог толку повеќе ќе ја негувате духовната убавина која е далеку над границите на Вашата гардероба.