Луњата — величествен крал на облаците
Од дописникот на Разбудете се! во Австралија
МНОГУ луѓе биле фасцинирани од облаците уште од времето кога биле деца. Еден 80-годишен човек се потсетува на раното детство, кога честопати лежел во тревата гледајќи ги облаците како „парадираат по небото“, како што се изразил. Се сеќава дека често се прашувал од што се направени облаците. Дали се од памук? Зошто секој од нив изгледа поинаку? Еден личел на брод што плови, друг личел на коњ кој се дига на задните нозе. А потоа се појавува еден надуен замок. Тие не престанувале да ја радуваат неговата детска фантазија додека пловеле по небото во една постојано променлива ревија на облици и големини. Сѐ до денес, вели тој, сѐ уште ужива да гледа додека облаците „прават шаради“ на небото. Можеби и Вие уживате во ова едноставно задоволство.
Меѓутоа, можеби најимпресивните и највеличествени облаци се оние кои знаат да „зборуваат“. Нивното име е кумуло-нимбуси, односно темни облаци. Темни и мрачни, овие облаци можат да се издигнат на височина од 16, па дури и повеќе километри на небото, и тие носат луњи. Кога има бура, од овие облаци може да севне молња и да испуштат предупредувачки татнежи од грмотевици додека се собираат на небото. Ноќе можат да приредат заслепувачка претстава од звуци и светлина, која ги надминува сите огномети кои се дело на човек. Тие го носат и го истураат својот дожд и град и потоа продолжуваат понатаму, оставајќи зад себе мирис на свеж, чист дожд, во многу случаи врз претходно спржената земја.
Како настануваат луњите
Во поново време, човекот може да ја гледа планетата Земја од вселената. Оттаму се гледа еден покривач од облаци кој лебди над голем дел од нејзината површина. Авторот Фред Хапгуд нѐ информира дека „во секој момент, половина од површината на Земјината топка, 250 милиони квадратни километри, е покриена со [облаци] — во облик на чаршаф, тркалезни, како памук, жица, гајтан, надуени, во сите степени на луминисценција и непроѕирност, како цветаат, се шират, пловат и исчезнуваат низ целиот свет“. Луњите се дел од оваа маса облаци — всушност, секоја година на Земјата настануваат 15.000.000 луњи, а околу 2.000 луњи се постојано активни.
Луњата настанува кога густиот студен воздух го прекрива влажниот воздух кој не е толку густ. Некој двигател, како што е соларната енергија, временската фронта или возвишувањето на теренот, предизвикува топлиот влажен воздух да почне да се издигнува низ студениот воздух. Настануваат воздушни струења, а топлотната енергија складирана во воздухот и водената пареа тогаш се претвораат во ветар и електрична енергија.
Атмосферските услови кои се потребни за да се создаде луња се највообичаени на места кои се поблиску до екваторот. Ова објаснува зошто Јужна Америка и Африка се континенти на кои најчесто се јавуваат луњи и зошто долго време се смета дека Централна Африка и Индонезија имаат најголема активност на луњи во светот. Според добиениот извештај има 242 денови со луњи годишно, забележани во Кампала (Уганда). Меѓутоа, луњите се појавуваат и во многу други делови на Земјата.
Огномет на небото
Две обележја на луњата, кои се сосема очигледни за сите, се грмотевицата и громот. Но, што ги предизвикува овие спектакуларни, честопати застрашувачки феномени? Громот едноставно е електричното празнење кое настанува кога разликите во електричните полнежи на две места се доволно големи за да го совладаат изолаторското дејство на воздухот. Ова може да се случи во еден облак, меѓу облаците, или меѓу облаците и земјата. Громот предизвикува воздухот моментално да се загрее до зачудувачки високи температури — дури и до 30.000 Целзиусови степени во моментот кога ударот ќе го ослободи своето електрично полнење.
Громот може да се класифицира како лентовидна молња, разгранета молња или плочеста молња. Ако електричното празнење изгледа како некој посебен канал, станува збор за лентовидна молња. Ако каналот е видливо разделен или разгранет, тогаш тоа е разгранета молња. Ако светкавицата е во облакот, односно внатрешна, тоа е познато како плочеста молња. Авторитетите велат дека повеќето од молњите што ги гледаме се молњи меѓу облак и земја.
Громот им нанесува штета на живите суштества — дури и ги усмртува и ги повредува луѓето и животните. Луѓето на плажите и на терените за голф и оние кои се излезени во селските подрачја се изложени на најголем ризик затоа што не се заштитени од електричното празнење. (Видете ја рамката на страница 22.)
Само околу 30 проценти од луѓето кои ќе ги удри гром умираат, а случаите на долготрајни повреди се ретки доколку веднаш се укаже прва помош. Меѓутоа, спротивно на популарниот мит, громот може да удри и удира повеќе пати на исто место!
Громот започнува многу пожари. Тој може да уништи големи подрачја земја. Приближно 10 проценти од шумските пожари во Соединетите Држави се предизвикани од гром. Тие се причина за изгорувањето на повеќе од 35 проценти од сите шуми и честаци кои биле уништени во пожар во таа земја.
Но, громовите можат да бидат и корисни. На пример, на шумите тие им користат на неколку начини. Пожарите кои настанале од гром ја намалуваат ниската вегетација кога пожарот е помал. Тоа може да го намали ризикот од поопасните големи пожари кои стигнуваат до крошните на дрвјата. Громот доведува и до корисна промена на гасовитиот азот, којшто растенијата не можат да го користат како гас. Громот го претвора овој гас во азотни состојки, кои се неопходни за создавање на растителни ткива и за развиток на семињата кои, пак, обезбедуваат протеини неопходни за животот на животните. Се проценува дека од 30 до 50 проценти од азотните оксиди кои ги има во дождот се добиени од громовите и дека секоја година на овој начин се добиваат, во глобала, 30 милиони тони сврзан азот.
Најголема корист од бурите
Луњата може да ослободи огромно количество вода. Главната причина за огромните количества врнежи за кратко време е тоа што интензивното подигање на силната бура задржува големо количество вода и потоа ја ослободува наеднаш. Мерењата покажаа дека таквите врнежи паѓаат со стапка од осум инчи на час. Се разбира, таквите големи врнежи можат да имаат и негативна страна.
Кога бурата се движи полека, само релативно мала површина земја го добива поголемиот дел од врнежите, а тоа може да предизвика порој. За време на таква бура, прелевањето по површината предизвикува да надојдат потоците и реките. Се проценува дека околу една третина од вкупната штета од поплави во Соединетите Држави е предизвикана од порои предизвикани од луњи.
Сепак, дождовите од бурите се многу корисни. Големи количества вода се складираат во почвата и во резервоарите и браните. Истражувањето покажало дека од 50 до 70 проценти од водениот талог во некои подрачја доаѓа од луњите, па затоа во тие места дождот од бурите е неопходен за живот.
Што е со градот?
Еден многу штетен аспект на луњите е тоа што тие честопати се придружени со силен град. Градот се создава кога дождовните капки ќе замрзнат и потоа ќе се зголемуваат додека воздушните движења ги носат горе-долу. Има некои извештаи за зрна град со неверојатна големина и тежина. Се вели дека во 1925, во Германија паднало едно зрно град со димензии од 26 на 14 на 12 сантиметри. Се проценува дека тежело повеќе од 2 килограми. Едно од најголемите зрна град кои воопшто се забележани во Соединетите Држави паднало во државата Канзас во 1970. Ова зрно град имало периметар од 44 сантиметри и тежело 776 грама. Зрно град со толкава големина кое паѓа од висина на облаците е доволно големо за да убие човек.
За среќа, градот обично е многу помал и поверојатно ќе предизвика неприлики отколку смрт. Исто така, поради природата на луњите кои предизвикуваат град, подрачјата погодени со штетен град се релативно мали. Меѓутоа, загубите во земјоделските насади предизвикани од град во светот се проценуваат на стотици милиони долари годишно.
Торнада и луњи
Можеби најопасниот резултат од луњите е торнадото. Речиси сите торнада се поврзани со луњите, но сите луњи не се придружени со торнада. Кога ќе се создаде, торнадото е тенок столб од воздух кој диво се врти, со просечен дијаметар од неколку стотини јарди, кој се протега од некој облак до земјата. Брзината на ветровите во најсилните торнада може да достигне повеќе од 400 или 500 километри на час. Заедничкото дејство на силните ротациони ветрови и подигањето на воздухот во центарот, може да сруши згради и да разнесе смртоносен отпад низ воздухот. Торнада се јавуваат во многу земји во светот.
Визуелно помалку драматични, но сепак потенцијално штетни, се праволиниските ветрови поврзани со спуштањата на воздухот и микропукотници. Спуштањето на воздухот може да предизвика ветрови кои нанесуваат штета на земјиштето или во близина на земјиштето, кои можат да достигнат брзина од 150 километри на час. Микропукотниците се посилни и можат да достигнат повеќе од 200 километри на час.
Очигледно е дека на луњите треба да гледаме со почит и дека треба да бидеме свесни за опасностите од нив. Тие се само една од многуте фасети на создавањето, за која сѐ уште треба многу да учиме.
[Рамка/слика на страница 22]
Мерки на претпазливост при удари од гром
Австралијанскиот одбор за итни случаи ги предлага следниве мерки на претпазливост кога има луња.
Заштита на отворено
◼ Побарајте засолниште во некое возило со цврст кров или во некоја зграда; избегнувајте мали градби, платнени шатори и изолирани или мали групи дрвја.
◼ Ако сте на отворен простор под ведро небо далеку од засолниште, клекнете (одделно), по можност во некоја дупка, со нозете споени, и тргнете ги металните предмети од главата и од телото. Не легнувајте, но избегнувајте да бидете највисокиот објект во близината.
◼ Ако Вашата коса се наелектризира или ако слушате зуење од блиските предмети, како што се карпите и оградите, веднаш префрлете се на друго место.
◼ Не пуштајте летало или макета на авион со контролни жици.
◼ Под отворено небо не држете в рака долги или метални објекти, како што се рибарски стапови, чадори и палици за голф.
◼ Не се допирајте и не се приближувајте до метални градби, жичани огради или метални жици за сушење алишта.
◼ Не јавајте на коњ и не се возете со велосипед и во отворени возила.
◼ Ако возите, забавете или паркирајте подалеку од високи објекти како што се дрвја и електрични жици. Останете во затворени возила и приколки, но не ги допирајте и не се наслонувајте на металните елементи.
◼ Ако пливате или серфувате, веднаш излезете од водата и засолнете се.
◼ Ако се возите со чамец, излезете на брегот колку што е можно поскоро. Ако не е безбедно да го направите тоа, побарајте заштита под некоја висока градба како што е некој мост или насип. Погрижете се јарболот и јажињата на едрилицата да бидат соодветно поврзани со водата.
Заштита во затворен простор
◼ Тргнете се од прозорците, електричните апарати, цевките и други вградени метални елементи.
◼ Избегнувајте да користите телефон. Ако е потребно да се јавите итно, нека биде колку што е можно пократко.
◼ Пред да настапи луњата, исклучете ја надворешната антена и доводот на струја до радиото и до телевизорот. Исклучете ги компјутерските модеми и извори на струја. Потоа држете се понастрана од електричните апарати.
[Извор на слика]
Од публикацијата Severe Storms: Facts, Warnings and Protection (Жестоки бури: факти, предупредувања и заштита).