Справување со целијакијата
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ФИНСКА
„Со какво брашно го направи овој колач?“
„Па, пченкарно брашно.“
„А со што го подмачка тавчето?“
„Со презла.“
„Во тој случај, се извинувам, но јас не можам да јадам.“
ДОКОЛКУ боледувате од целијакија, веројатно Ви е познат ваквиот незгоден разговор. Ова заболување на дигестивниот систем се јавува кога телото не може да поднесе една заедничка состојка на многу прехрамбени производи. Проблемот лежи во глиадинскиот дел на глутенот, кој го има во житото, јачменот, ’ржта и овесот. Глутенот е безопасен за повеќето луѓе, но кај оние кои имаат целијакија, тој може да го уништи епителот на тенкото црево, намалувајќи ја неговата способност да ги апсорбира хранливите материи.
Во симптомите на целијакијата може да спаѓаат болки во желудникот, отекување, дијареа и намалување на телесната тежина. Се разбира, овие симптоми се присутни кај повеќе болести, па затоа може да биде тешко да се дијагностицира целијакија. „Со години ми велеа дека страдам од ‚синдром на надразливо дебело црево‘“, вели заболената Џуди.
Целијакијата обично се манифестира во детството, но кај некои заболени симптомите се појавуваат дури во средните години. Меѓутоа, лекарите велат дека, барем во некои од овие случаи, заболувањето можеби постоело цело време, иако прикриено. Во секој случај, ако не се лекува, целијакијата може да биде тешка. Типично за децата со вакво заболување е да бидат ситни и истоштени, со отечен стомак и недоразвиени мускули. Бидејќи при ова заболување е нарушена апсорпцијата на витамините, може да се појават уште некои болести, вклучувајќи анемија, рахитис и скорбут. Кај напредните случаи може да се појави деформација на коските или остеопороза. Во ретки случаи, целијакијата може да биде дури и смртоносна, особено кај возрасните чие боледување било долго и сериозно. Сепак, со правилно лекување, повеќето луѓе кои имаат целијакија можат да се справат — па дури и да го ублажат — своето заболување.
Што може да се стори?
Најдобар лек за целијакија е исхраната без глутен — т. е. исхрана со која се избегнуваат сите прехрамбени производи кои содржат жито, ’рж, јачмен и овес. Предизвик е да се следи еден таков режим. Еден заболен вели: „Кога прв пат чув дека повеќе не смеам да јадам жито, јачмен, ’рж или овес, си помислив: ‚Па, тоа е лесно. Едноставно нема да јадам леб и печива‘. Но, кога конечно сфатив во колку различни артикли ги има овие житарици — особено житото — бев шокиран!“
Луѓето кои имаат целијакија мораат внимателно да ги читаат налепниците на прехрамбените производи. Иако мора да избегнуваат жито, ’рж, јачмен и овес, пациентите кои се болни од целијакија можат да јадат производи од хејда, пченка, ориз, соја, просо и компири. Има и неколку комбинации брашно без глутен кои се дозволени. Точно е дека може да биде обесхрабрувачки кога ќе се открие дека полиците во супермаркетите најмногу се наполнети со ‚забранети прехрамбени производи‘. Но, не обесхрабрувајте се. Наместо тоа, сосредоточете се на храната што можете да ја јадете а не на онаа што не можете. Со текот на времето, купувањето прехрамбени производи нема да биде толку страшно.
Можеби изгледа дека исхраната без глутен ќе го наруши Вашиот друштвен живот. Но, не се повлекувајте од другите само поради тоа што имате целијакија. Наместо тоа, кажете им на Вашите пријатели што е целијакија и нека знаат како можат да Ви помогнат да останете на исхрана без глутен. Кога другите ќе ги знаат Вашите потреби, веројатно ќе им биде мило да Ви излезат во пресрет. Ако некои даваат забелешки кои покажуваат бесчувствителност, не се огорчувајте. Вашата пријателска реакција ќе ги охрабри да бидат посочувствителни.
Со текот на времето, некои пациенти со благи случаи на целијакија можат повторно да внесат глутен во исхраната. Без оглед на тоа дали ова е случај и со Вас или не, задржете позитивен став. „Задржете ги на ум добрите страни што се вклучени“, препорачува една пациентка која е болна од целијакија. Добри страни? Таа продолжува: „Целијакијата не е заразна и лекувањето е едноставно и јасно — строга диета. Колку подолго се држите за неа, толку подобро ќе се чувствувате. Сосема веројатно, ќе можете да се чувствувате сосема добро и покрај тоа што страдате од целијакија.
[Рамка на страница 19]
Давање поддршка
Ако познавате некого кој има целијакија, немојте да мислите дека тој само прави проблеми со тоа што одбива да јаде извесни прехрамбени производи. Воздржувајте се од давање такви бесчувствителни забелешки како што се „Како може да биде болен некој кој изгледа толку здрав?“ Што е најважно, не се обидувајте да го убедувате заболениот од целијакија да јаде нешто со глутен, можеби велејќи: „Само малку не може да ти наштети“. Сигурно дека може! Запомнете, тенкото црево на пациентот со целијакија го смета глутенот за отров и реагира во склад со тоа.
Не е тешко да се задоволат потребите за исхрана на пациентот со целијакија. Неколку промени во списокот за купување ќе направат прифатливи доволен број прехрамбени производи. Ќе може дури и да подготвите сѐ според „условите“ на пациентот со целијакија. Всушност, сите гости можат да уживаат во оброците без глутен. Веројатно нема дури ни да ја препознаат разликата. Освен тоа, пациентот со целијакија нема да биде наведен да се чувствува како да е во центарот на вниманието — и за тоа ќе биде благодарен!
[Слика на страница 18]
Луѓето со целијакија мора да избегнуваат жито, јачмен, ’рж и овес