Фасцинантните гравури во карпите на Вал Камоника
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ИТАЛИЈА
СО МИЛЕНИУМИ тие давале немо сведоштво за еден древен начин на живот. Станува збор за стилизирани фигури изгравирани во камен што прикажуваат лов, земјоделство, војна и обожавање. Во живописната Вал Камоника во Алпите на северна Италија, стотици илјади такви фигури го красат карпестиот предел.
Денес, под косите зраци на раното утринско сонце, посетителите на Вал Камоника сѐ уште можат јасно да ги видат овие гравури. Но, кој ги направил и зошто?
Камуните
Оваа убава долина го добила името по своите древни жители — Камуните. Тие првпат се појавуваат во историјата во 16 пр.н.е., кога биле покорени од Римјаните и ја изгубиле својата независност. Меѓутоа, гравурите во Вал Камоника почнале да се прават многу векови пред пристигнувањето на римските легиони.
Освен тоа, една анализа на она што го прикажуваат овие гравури — оружје, алати, домашни животни, мапи на села — ги наведува експертите на заклучок дека уметниците припаѓале на некое население што имало комплексна економија. Тие очигледно извршувале многу активности, кои вклучувале металургија, производство на текстил, земјоделство, сточарство и трговија.
Големиот број гравури биле направени во текот на првиот милениум пр.н.е., иако многу од нив се многу постари. Културниот врв на Камуните изгледа бил некаде помеѓу 1000 и 800 пр.н.е. Илјадници дизајни од тој период прикажуваат детали од нивниот начин на живот. На нив се гледаат луѓе врзани еден до друг и јавачи вооружени со копја, што укажува на заробени затвореници. Има и сликовити прикази на ковачи, запрежни коњи и коли, како и градби потпрени на столбови.
Инспирација од планините
Изучувачите ги опишуваат авторите на овие прикази како ‚уметници-свештеници‘, луѓе што биле поттикнати од религиозни или мистични влијанија. Тие можеби се изолирале на мирни места подалеку од населбите со луѓе за да размислуваат и медитираат. Во овој поглед, Камуните можеби биле особено инспирирани барем од два необични природни феномена што се случуваат овде секоја година во текот на неколку дена.
На пролет и на есен, сонцето се крева зад планината Пицо Бадиле, величествен врв што гледа над долината. Извесни денови пред да изгрее сонцето, сончевата светлина се прекршува околу планината, предизвикувајќи на млечното небо да се проектира една огромна сенка опкружена со светли зраци. Оваа побудувачка сцена сѐ уште е позната како „духот на планината“. А кога сонцето ќе зајде зад една тесна пукнатина на планината Конкарена, на другата страна на долината, еден спектакуларен зрак светлина, кој изгледа како да ја пресекува планината надве, се издигнува само неколку минути на сѐ потемното небо пред сосема да исчезне. Очигледно, во мислите на древните жители на долината, таквите појави што во тоа време биле необјасниви, му давале на тоа место натприродни обележја.
Голема концентрација од гравури се најдени на подножјето на планината Пицо Бадиле и во нејзина непосредна близина. Гравурите биле направени со алатки од камен, рог, коска и слонова коска. Понекогаш уметникот зацртувал линија со некоја зашилена алатка. Гравурите се со различна длабочина — од ознаки што само лесно ја допираат површината на карпата до бразди подлабоки од 3 сантиметри. Има и докази дека уметниците користеле бои во најразлични нијанси, иако тие бои повеќе не можат да се видат со голо око.
Гравури како еден вид молитва
Камуните можеби биле обожаватели на Сонцето. Ова објаснува една од најзастапените теми на гравурите — фигура што се моли со подигнати раце пред еден диск, веројатно симбол на Сонцето. Иако археологот Аузилио Приули го идентификува „култот на богот-Сонце“ како главен култ, тој спомнува и „помали култови“. Тој забележува: „Поворки, помирбени танци, жртви, ритуални борби и заеднички молитви биле највообичаени, најприкажувани религиозни чинови. Самиот чин на гравирање претставувал еден облик на молитва“. Но, молитви за што?
Според Емануел Анати, авторитет на полето на предисториска уметност во карпи, правењето гравури „се сметало за дел од активностите што биле неопходни за да се обезбеди економска и општествена благосостојба на групата и пријателски соживот со окултните сили“. Камуните очигледно се надевале дека ќе ја зголемат плодноста на полињата ако насликаат орање, дека ќе го зголемат изобилството на пасишта со прикази на стока што пасе, дека ќе стекнат надмоќ над непријателот со прикази на војна итн.
Вал Камоника е локација на Списокот на светско наследство, заштитена од Организацијата за образование, наука и култура при Обединетите нации (УНЕСКО). Интересно е тоа што изгравирани и насликани карпи постојат во најмалку 120 земји — во Африка, Азија, Австралија, Европа, Северна и Јужна Америка и на многу острови. Значајно е тоа што во уметноста во карпите секаде во светот се повторуваат слични теми. Ова сведочи за човековата природна желба да се изрази себеси и да им се обраќа на натчовечки духовни сили.
[Слики на страница 30]
Сончевите зраци минуваат низ една пукнатина на планината Конкарена
Вал Камоника е локација на Списокот на светско наследство
Гравури во карпите наменети да донесат успех во ловот
Фигура на човек што се моли со кренати раце
[Извори на слики]
Планина Конкарена: Ausilio Priuli, “IL Mondo dei Camuni”; гравури на карпа и човечка фигура: Parco nazionale delle incisioni rupestri: su concessione del Ministero per i Beni e le Attività Culturali. Ogni riproduzione ѐ vietata