Пословици на народот Акан — огледало на општествените норми
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ГАНА
ШТО е пословица? Еден речник го дефинира зборот пословица како „куса реченица што луѓето често ја цитираат и што дава совет или кажува нешто за животот“. Народот Јоруба од Нигерија ја дефинира пословицата поживописно, нарекувајќи ја „коњ со кој брзо може да се стигне до откривањето на нови идеи“.
Важноста на пословиците, односно поговорките, се гледа во оваа пословица, која му е добро позната на народот Акан во Гана: „На мудриот му се зборува во пословици, а не во проза“. Поентата е дека на мудриот не треба секогаш да му се одржи предавање за да се убеди која постапка е исправна. Соодветно кажаната пословица поттикнува на размислување, дава разбирање и може да мотивира да се прави она што е исправно.
Во Гана, пословиците многу се користат на венчавките и на погребите, а се проткајуваат и во народната музика. Исто така, и дипломатските преговори не можат да се замислат без нив. Говорникот или пратеникот честопати вешто користи пословици.
Кај народот Акан, вештото користење пословици е знак на мудрост. Интересно е што во Библијата се вели дека цар Соломон — човек што бил прочуен по својата мудрост, ученост и дипломатија — знаел 3.000 пословици. Се разбира, пословиците во Библијата биле инспирирани од Бог и секогаш се точни, за разлика од пословиците што се темелат на човечкото искуство и увид. Човечките пословици, колку и да се мудри, никогаш не треба да се рамнат со оние што се во Библијата. Сепак, да разгледаме некои пословици на народот Акан.
Концепт за Бог
Во Гана, во поговорките честопати се признава постоењето на Бог, а тоа се гледа и во многу пословици на народот Акан. Во филозофијата на овој народ нема место за атеистички идеи. На пример, една пословица гласи: „Никој не му го покажува Бог на едно дете“. Постоењето на Бог е сосема очигледно дури и за едно дете. Оваа пословица често се користи кога станува збор за нешто што детето автоматски ќе го научи без многу да му се покажува.
Една друга пословица на народот Акан гласи: „Дури и ако бегаш од Бог, сепак си под него“. Значи, човек се залажува ако се обиде да го игнорира Бог. Многу одамна Библијата кажала нешто слично, велејќи дека Божјите очи „се на секое место и ги набљудуваат и лошите и добрите“ (Пословици 15:3). Сите сме одговорни пред Семоќниот.
Израз на општествените норми и вредности
Како што е случај со пословиците на другите култури, и пословиците на народот Акан се ризница на општествени норми и вредности. На пример, моќта на изговорениот збор добро е истакната во овој пример: „Полошо е да се спрепнеш со јазикот отколку да се спрепнеш со ногата“. Нескротливиот јазик може навистина да предизвика голема штета и може да значи живот или смрт (Пословици 18:21).
Меѓутоа, кога се зауздува, јазикот може да биде вистински миротворец, како што ни потврдува поговорката „Во присуство на јазикот, забите не се расправаат“. Поентата овде е дека работите можат да се средат на пријателски начин помеѓу оние што се во спор — на пример, помеѓу маж и жена — ако разговараат смирено. Па дури и ако тоа не е ефикасно, ако вешто се користи јазикот додека се решава спорот, може да се спречи расправијата.
Практична мудрост
Колку вредат проникливоста и промисленоста јасно се гледа во многу поговорки во кои е истакната практичната мудрост. Непромислениот, брзоплет човек што не размислува за последиците од своите постапки би можел да биде посоветуван со оваа максима: „Прво најди каде ќе бегаш, а потоа задевај ја кобрата“.
Родителот што забележал некои лоши особини кај детето ќе сака да ѝ обрне внимание на оваа пословица: „Ако забележиш како расте стракче што може да ти влезе во око, нема да го наостриш туку ќе го откорнеш“. Да, која и да е лоша особина треба да се откорне — или да се пресече во корен — пред да „процвета“ и да стане вистински проблем.
Алудирање на културните обичаи и навики
Понекогаш е неопходно да се разбере една култура за да се сфати смислата на нејзините пословици. На пример, во народот Акан се смета дека е неучтиво да се прават гестови со левата рака пред другите, особено пред постарите. На ова правило на бонтонот се алудира во пословицата: „Не се користи левата рака за да се посочи патот до родниот крај “. Со други зборови, човек треба да го цени она што го има, вклучувајќи го и своето потекло.
Една пословица што алудира на традиционалниот обичај при оброците во еден типичен дом на народот Акан гласи: „Детето што ќе научи да си ги мие рацете, јаде со возрасните“. За време на оброците, членовите на домаќинството се групирани според возраста. Меѓутоа, детето што се однесува добро, особено во поглед на физичката чистота и бонтонот, може да има чест да седне на масата со татка си и со другите возрасни. Оваа пословица ја подвлекува мислата дека угледот повеќе зависи од однесувањето отколку од возраста.
Дали размислувате за брак? Во тој случај, размислете за оваа пословица на народот Акан: „Бракот не е палмино вино што треба само да се проба“. Продавачите на палмино вино, ферментиран пијалак што се добива од палмата, обично им дозволуваат на купувачите да пробаат малку од виното пред да одлучат колку да купат и дали воопшто да купат. Меѓутоа, бракот не може да се проба на таков начин. Оваа пословица ја истакнува трајноста на брачната врска и неприфатливоста на пробните бракови.
Внимателно набљудување на работите
Многу поговорки потврдуваат дека предците на народот Акан внимателно ги набљудувале луѓето и животните. На пример, со внимателно набљудување на кокошката и нејзините пилиња настанала оваа пословица: „Пилето што седи крај мајка си, ја добива ногата од скакулецот“. Што значи ова? Ако некој се изолира, лесно го забораваат кога ќе треба да се поделат убавите работи.
Секој што видел мртва жаба, многу добро може да ја сфати вистинитоста на изреката: „Колку е долга жабата се гледа дури откако ќе умре“. Оваа пословица често се кажува кога некој не е ценет. Во таква ситуација, оној што не е ценет се теши со фактот дека неговото отсуство може да биде прилика луѓето потполно да ги согледаат неговите добри особини.
„Стенографски“ пословици
Иако пословиците на народот Акан се пренесувале од генерација на генерација по усмен пат, многу изреки се зачувани и во симболичната уметност. Таквите уметнички дела можат да се видат во дрворезите, жезлата, златните тегови и традиционалните ткаенини, како и во дезените на модерните материјали. Посетителите на уметничките галерии во Гана можат да видат слики на човек што се качува на дрво додека друг човек му помага. Ова е сликовит приказ на следнава пословица: „Ако се качуваш на добро дрво, некој може да те поттурне одоздола“. Пораката што стои зад тоа е очигледна — ако се стремиш по вредни цели, другите можат да те поддржат.
Особено погребите се прилика за она што еден писател го нарекува „говор на ткаенината“. Тажната атмосфера во таа прилика навистина наведува на длабоко размислување за животот. Според тоа, шарите кои можат да се видат на облеката што се носи на погребите пренесуваат пораки со филозофска основа. На пример, ткаенината на која е прикажана скала или скалила потсетува на пословицата: „Никој не се качува сам на скалата на смртта“.a Ова е опомена за секого понизно да гледа на себеси и да не живее како смртта да не му може ништо (Проповедник 7:2).
Кај народот Акан, пратениците или говорниците во името на традиционалните владетели се многу вешти во красноречивото користење на пословици. Исто така, тие носат жезло со мотиви кои прикажуваат некое начело што народот го цени. На пример, птица што зграпчува глава на змија е „стенографска“ форма на изреката: „Ако ја фатиш змијата за главата, остатокот е обично јаже“. Која порака ни ја пренесува ова? Справи се со проблемите одлучно — по незаобиколен пат.
Бонтон во користењето на пословиците
Како што е случај и со секоја друга илустрација, кога и како треба да се користи некоја пословица зависи и од темата на разговор и од слушателите. Убавината на нечие аргументирање може да се намали со неисправната употреба на пословици. И бидејќи во некои култури употребата на пословици претставува важен дел од бонтонот при комуницирањето, секаква погрешна употреба од страна на говорникот може да влијае врз тоа луѓето негативно да гледаат на него.
Во Гана, старешините во заедницата се сметаат за составувачи и чувари на пословиците. Затоа, пред да се каже некоја поговорка, честопати се кажува фразата: „Нашите старешини велат . . .“ А кога некој говорник зборува пред слушатели кои се многу постари од него, учтиво е пред да употреби пословица, да каже: „Вие, старешини, велите . . .“ Од почит, еден помлад говорник не би сакал да остави впечаток дека ги поучува своите старешини со мудрите зборови од пословицата.
Некои значајни забелешки
Пословиците можат да се кажат или пред или по некое аргументирање. Исто така, тие можат да бидат толку вешто проткаени во разговорот, што на човек му треба остроумност за да сфати дека се алудира на некоја пословица. На пример, во врска со некоја понизна и мирољубива личност, припадник на народот Акан би можел да рече: „Кога би зависело само од тој и тој, во ова село немаше да се чуе истрел“. Ова нѐ потсетува на пословицата: „Кога би зависело само од полжавот и желката, немаше да има борба во шумата“. Овие две суштества се сметаат за кротки и ненаметливи и не се борбени. Луѓето што ги имаат овие особини придонесуваат за мир.
Меѓутоа, ако сакате некој припадник на народот Акан да Ви изрецитира низа пословици, можеби ќе успеете да го натерате да Ви каже само една: „Мора да заспиеш за да сонуваш“. Со други зборови, како што човек не може да сонува додека е буден, така не можат да се користат ни пословици вон контекст. Нивната употреба зависи од околностите.
[Фуснота]
a Вредно е да се забележи дека овој мотив го има на ткаенини во различни бои и не е ограничен само на темните ткаенини што обично се користат на погребите.