Патување на најдолгата тролејбуска линија во светот
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО УКРАИНА
Можете ли со неколку парички да си купите незаборавно искуство? Да, ако купите билет за најдолгата тролејбуска линија во светот. Тролејбусот вози околу 95 километри, од Симферопол, кој се наоѓа во центарот на полуостровот Крим во јужна Украина, до Јалта, на сончевиот северен брег на Црното Море. Зошто не ни се придружите на ова фасцинантно патување?
ВО ЈАВНОТО сообраќајно претпријатие во Симферопол се запознаваме со Славњи Ѓорѓи Михајлович — накратко г-н Славњи. Тој работи овде од 1959 година и добро си ја знае работата. Г-н Славњи најнапред нѐ води во сообраќајниот музеј, каде што се изложени фотографии на мажите и жените што ја изградиле оваа тролејбуска линија. „За тролејбус е потребно многу повеќе отколку само асфалтиран пат“, објаснува тој. „Градежните работници подигнаа стотици столбови за да ги закачат многуте километри надземни електрични кабли. Инженерите проектираа електрични централи за да се обезбеди електрична енергија.“
„Зошто се користат тролејбуси на толку долг планински пат наместо автобуси што се движат на бензин?“, прашуваме.
„Тролејбусите загадуваат помалку од автобусите што се движат на бензин“, вели тој. „Сакавме да го заштитиме нашето наследство — недопрените планини и незагадените брегови.“
„Но, зарем можат неколку автобуси навистина да направат толкава штета?“, прашуваме ние.
„Неколку автобуси!“, одвраќа тој. „Замислете, кога беа најпопуларни пред неколку години, во текот на летото, тролејбусите поаѓаа на секои две-три минути и правеа вкупно 400 тури дневно.“
Имајќи го ова на ум, едвај чекаме да започне нашето патување.
Започнува патувањето
Поаѓаме од главната станица во Симферопол. Десетици електрични кабли над нашите глави се испреплетуваат правејќи сребрен лавиринт. Ја наоѓаме благајната и купуваме билети. Потоа се качуваме на тролејбусот бр. 52. Тргнуваме!
По 29 километри почнува искачувањето по планините. Наскоро сме во студените сенки на џиновските природни облакодери. Стрмни падини, покриени со зимзелени и листопадни дрвја, се протегаат надолу спојувајќи се со долините покриени со снег. Кога доаѓаме до врвот, за момент остануваме без здив од претстојното подеднакво спектакуларно спуштање. Еден кривулест пат пред нас се стопува со хоризонтот. Силните кочници на тролејбусот не дозволуваат брзината да излезе од контрола. Возачот безбедно нѐ спушта надолу!
На подножјето на планината влегуваме во градот Алушка, свртуваме десно и патуваме на југ по должината на крајбрежниот пат. Лево од нас е Црното Море. Десно — величествените Кримски планини се издигаат како заштитен ѕид.
Понатаму по патот, на периферијата на селото Пушкино, ја здогледуваме Мечкината Планина. Според легендата што ја кажуваат мештаните, некоја џиновска мечка се скаменила додека се обидувала да го испие Црното Море. Велат дека главата ѝ е под водата додека таа сѐ уште пие. Се прашувам: ‚Зошто селаните не речат дека мечката паднала во водата затоа што испила премногу вино? Зар не поминавме низ многу лозја?‘ Ова е земја на виното и дом на лозјето Масандра, победник на меѓународните натпревари.
Потоа, во селото Никита, се симнуваме од тролејбусот и ја посетуваме ботаничката градина Никитски. Градината е навистина меѓународна затоа што во неа има илјадници билки од целиот свет. Заедно со Тамара, која е добро информиран водич, уживаме во мирисот на големите зимзелени дрвја во близина на влезот. „Ова се ливански кедри“, објаснува таа. „Соломон го изградил својот храм со овие величествени дрвја.“ Нашиот водич е во право, бидејќи Библијата известува дека кедрите многу се користеле во тој огромен градежен проект на Соломон (1. Цареви 5:6—18).
Додека полека шеткаме по изгазените патеки од чакал, забележуваме една леја трнливи грмушки. „Ружи“, вели Тамара. „Во оваа градина има 200 видови и целосно расцветуваат кон крајот на мај и во почетокот на јуни.“ Подоцна доаѓаме до една обична грмушка висока околу 2,5 метри. „Ова е железно дрво (Parrotia persica)“, ни кажува Тамара, при што е очигледно дека многу ѝ се допаѓа тој примерок. „Ова издржливо дрво, кое е замена за метал, може да се кове со чекан како челична шајка. Дури тоне и во вода.“ Наскоро пристигнува еден тролејбус и среќни сме кога повторно седнуваме и си ги одмораме уморните нозе за време на краткото патување до Јалта, последната станица на тролејбусот. Мнозина ја помнат Јалта главно по историската конференција од II светска војна одржана во палатата Ливадија во 1945. На оваа конференција, водачите на трите главни сојузнички држави се состанаа за да го испланираат последниот напад и окупацијата на нацистичка Германија.
Патот назад
Наближува вечерта и време е да се качиме на тролејбус за да се вратиме дома. По патот има деца што продаваат цветни букети. Спонтано излегуваме за да купиме и веднаш нѐ опкружува група ревносни мали „бизнисмени“. „Какви се овие бисерно бели цвеќиња?“, ја прашувам Јана, 15-годишно девојче што има коса со боја на песок. „Кокичиња“, гордо одговара таа. Покажувајќи со главата кон ритчето од другата страна на патот, таа додава: „Ги собираме на онаа падина рано наутро кога почнува да се топи снегот.“
Наскоро повторно сме во тролејбусот, клацкајќи се до крајот на нашето патување. Како деца што првпат се возеле на тобоган, сакаме да се вратиме и да се возиме пак!
[Карти на страници 22 и 23]
(Види во публикацијата)
УКРАИНА
КРИМ
Црно Море
СИМФЕРОПОЛ
↓ Планината Чатир-Даг
Алушка
↓
Пушкино
↓ Мечкина Планина
Никита
↓ Масандра
Јалта
Ливадија
Планината Ај Петри
Алупка
[Слика на страници 22 и 23]
Планината Ај Петри
[Слики на страница 23]
Палатата Воронцов (Алупка)
[Слика на страница 23]
Мермерна Пештера, планината Чатир-Даг
[Слика на страница 23]
Мечкина Планина
[Слика на страница 24]
Замокот ‚Ластовичје гнездо‘, Јалта
[Слика на страница 24]
Винската визба Масандра (Јалта) со шишиња шери од 1775
[Слика на страница 24]
Водопадите Учансу (Јалта), високи преку 100 метри, се највисоки на Крим
[Слика на страница 24]
Историската палата Ливадија (Јалта)