Најголемиот празник на балони во светот!
ВО ТЕКОТ на девет дена секој октомври, Албукерке (Њу Мексико, САД) се соочува со еден невообичаен проблем со сообраќајот. Возачите ја намалуваат брзината или запираат за да ги набљудуваат големите мноштва балони во живи бои што го исполнуваат ведрото есенско небо. Се работи за годишниот Кодаков меѓународен празник на балони во Албукерке, на кој доаѓаат повеќе од 800.000 посетители.
Лесно е да се сфати зошто сообраќајот забавува. Замислете си ја глетката! Стотици балони — обично високи од 15 до 25 метри — се подигаат заедно на свежиот утрински воздух, а потоа нежно лебдат на тивкото ветре над реката Рио Гранде и го надлетуваат градот Албукерке. Во далечината, живописните планини Сандиа, високи околу 3.000 метри, ја надополнуваат оваа восхитувачка глетка.
Откако за првпат се одржа на едно паркиралиште во 1972, бројот на учесници на овој настан доживеа феноменален пораст. Тогаш учествуваа само 13 балони, а во 1978, кога имаше 273 учесници, веќе беше најголем празник на балони во светот. Во 2003 година учествуваа повеќе од 720 балони. Екипите со балони пристигнаа од многу држави на САД, како и од 20-тина други земји. Претставници од медиумите на многу организации, како и безброј други фотографи придонесоа овој празник да стекне глас на „најфотографиран настан во светот“. Во 2000, кога се прославуваше новиот милениум, учествуваа повеќе од 1.000 балони, односно 20 проценти од сите регистрирани балони во светот.
Како функционираат балоните
Повеќето балони на овој празник се креваат кон небото со помош на топол воздух што се загрева со пламеник на пропан, сместен на отворот од балонот. Платното на балонот се прави од синтетички материјал обложен со полиуретан за да биде непропустливо. За секој балон се прицврстува корпа, односно гондола, во која се сместуваат пилотот и патниците, ако ги има. Балонот се дува во две етапи. Прво, со еден голем вентилатор се внесува ладен воздух во него додека лежи распослан на земја. Потоа, пламеникот со пропан дува топол воздух во делумно надуваниот балон. Поради топлиот воздух балонот се исправа нагоре, но сепак останува прицврстен за земјата сѐ додека пилотот не е спремен за полетување. Штом балонот ќе се најде во воздухот, пилотот може да го крева нагоре така што ги вклучува пламениците и додава повеќе топол воздух. За да се спушти долу, едноставно остава воздухот да се излади или, пак, отвора еден вентил на врвот на балонот за да излезе топлиот воздух.
На овој празник, балоните што се движат со помош на топол воздух обично се снабдени со толку пропан колку што е доволно за да останат во воздух неколку часа, најчесто малку пониско од 600 метри. Затоа, оние што управуваат со балоните — вклучувајќи ја и екипата што ги следи од земјата — мораат да бараат безбедни места за слетување. Пилотот и екипажот бараат чистинка на која нема електрични кабли и која е подалеку од прометните улици.
Некои од балоните на овој празник се полнат со хелиум или водород. Балоните исполнети со гас можат со денови да останат во воздух, за разлика од балоните што се движат со помош на топол воздух. Оние што управуваат со нив се натпреваруваат кој може да лета најдалеку, издигнувајќи се на височини од 3.000 до 4.500 метри.
Со балоните не е баш лесно да се управува наспроти ветрот кој честопати знае да ги носи каде што сака. Но, искусниот пилот може да го контролира курсот кревајќи се или спуштајќи се за да ги фати воздушните струи што ќе го носат во саканиот правец. Во овој поглед, Албукерке е идеално место за летање со балони бидејќи речната долина и планините наоколу создаваат една комбинација на воздушни струења што предизвикува ниски ветрови кои ги туркаат балоните во еден правец, и ветрови што дуваат високо и ги враќаат балоните во спротивниот правец.
Возбудлив настан
Повеќе од 2.000 доброволци соработуваат за да може овој празник да биде успешен и безбеден. Оној што го координира овој не така едноставен настан се нарекува балон-мајстор. Негова работа е да дава упатства за да се кренат стотици балони, нешто слично како управување со прометен аеродром. Само замислете си ја сцената! Кога се креваат нагоре, калеидоскопот од бои и креативни облици ги восхитува и возрасните гледачи и децата кои гледаат со широко отворени очи. Погледнете! Ене еден балон што личи на жаба, друг личи на мечка, а трет е како зајак! Онде има и еден мал диносаурус, џиновска крава што лета, две разлетани прасиња, златната рипка Суши, кутија од која излегува кукла на федер, огромна лименка носена од ветрот, каубојска чизма, снопче црвени феферонки и многу, многу други.
Кога ќе го види тоа мноштво од бои и креации на светлосиното небо, фотографот може навистина да се занесе! А квечерината носи уште една величествена глетка — додека полека паѓа мрак, небото е распослано со стотици балони и секој пламеник што гори изгледа како свеќа во фенер од хартија.
Малкумина од нас некогаш ќе го видат со свои очи овој празник на балони или лично ќе почувствуваат колку е возбудливо да се лета со балон. Но, додека размислувате за овие слики, можете да ѝ дозволите барем на Вашата фантазија да лета по есенското небо над Албукерке.
[Слики на страница 25]
1. За секој балон е потребна голема екипа, која обично се состои од четири до осум луѓе
2. Пламеник со пропан дува топол воздух за да се исправи балонот
3. Навечер балоните светлат со пламена боја
4. Балони во најразлични облици
[Извор на слика]
Фотографии 1 и 2: Raymond Watt/Albuquerque International Balloon Fiesta