Поглед во светот
◼ „Телевизорот што е вклучен по цел ден, сѐ поретките заеднички семејни оброци, па дури и тоа што количките за деца се направени така, што децата седат свртени напред“ ја спречуваат комуникацијата меѓу родителите и децата. Една последица е тоа што децата „се однесуваат бесно“ кога ќе тргнат на училиште затоа што не умеат да кажат што сакаат (THE INDEPENDENT, БРИТАНИЈА).
◼ Во Шпанија, 23 отсто од децата се вонбрачни. Во Франција, бројката е 43 отсто; во Данска, 45 отсто; а во Шведска, 55 отсто (INSTITUTO DE POLÍTICA FAMILIAR, ШПАНИЈА).
◼ Една третина од Британците спијат по помалку од пет часа ноќе, и затоа „послабо можат да се концентрираат, повеќе забораваат [и] лесно им се менува расположението“. Недоволното спиење може да го зголеми и „ризикот од дебелеење, дијабетес, депресија, развод и тешки сообраќајни несреќи“ (THE INDEPENDENT, БРИТАНИЈА).
„Бремена“ кукла
Во минатото, лекарите, медицинските сестри и другите лица што помагале при породувањето го стекнувале своето искуство грижејќи се за живи пациенти. Но, според еден извештај на Associated Press, сега „сѐ поголема популарност стекнува еден робот што симулира породување“, а се вика Ноела. „Бремената“ кукла, која е целосно програмирана да покажува реалистичен пулс и ширење на грлото на матката, може да се програмира на таков начин што ќе симулира разни компликации, и може да ‚се породи‘ релативно брзо или да има подолго и потешко породување. „Бебето“ кое Ноела ќе го роди може да има здрава розова боја или смртна модра боја, што би укажувало на недостиг на кислород. Зошто да се користи кукла за обучување на медицинскиот персонал? „Подобро е да се направи грешка на робот кој чини 16.000 евра отколку на жив пациент“, се објаснува во извештајот.
Насилство „од разонода“
„Сѐ почесто се случува малолетници да тепаат и да понижуваат некого, и тоа да го снимаат со својот мобилен телефон“, се вели во шпанскиот весник El País. Некои жртви никогаш не закрепнуваат од силното тепање. Зошто младите прават вакви злодела? „Не го прават тоа за да крадат или, пак, од расизам, или затоа што припаѓаат на некоја банда. Ново и страшно е тоа што прават вакви работи само од разонода“, објаснува списанието XL. „Понекогаш се пијани, а понекогаш не“, вели Бисенте Гаридо, психолог кој специјализира криминологија. „Сепак, заедничко обележје на ваквите малолетници е дека немаат грижа на совест.“
Мали „потрошувачи“
Според универзитетот Ла Сапиенса во Рим (Италија), уште на тригодишна возраст децата можат да прават разлика меѓу различни марки на производи, а на осумгодишна возраст стануваат „потрошувачи“. Телевизиските реклами играат голема улога во нивниот живот и ги претвораат во мали „диктатори“ кои вршат притисок врз родителите за да им купат одредени работи, се вели во весникот La Repubblica. „Опасноста се состои во тоа што [децата], на крајот, живеат и веруваат во еден нереален свет, каде што мора да го имаат сето она што се нуди (и се купува)“, наведува овој весник.
Мал интерес за тропските болести
Повеќето тропски болести не се предмет на медицинските истражувања. Зошто? „Жално е тоа што... фармацевската индустрија не се труди да изнајде [нови лекарства]“, вели Мајкл Фергусон, молекуларен биолог на Универзитетот Данди (Шкотска). Компаниите за производство на лекови немаат финансиска мотивација за вакво нешто со оглед на тоа што немаат никаква шанса да си ги вратат вложените средства. Тие компании се поспремни да произведуваат лекови за нарушувања како што се Алцхајмеровата болест, згоеноста и импотенцијата, бидејќи тие им носат голема заработка. Во меѓувреме, според списанието New Scientist, се проценува дека „секоја година, еден милион луѓе во светот умираат од маларија, за која сѐ уште нема безбедни и делотворни лекови“.