„Што се случи со моето дете?“
Скот и Сандраa не можеа да си дојдат при себе кога нивната 15-годишна ќерка влезе во дневната. Косата повеќе не ѝ беше руса, туку дречливо црвена! Но, она што го кажа ги вџаши уште повеќе.
„Кој ти дозволи да си ја исфарбаш косата?“
„Никој, ама не ми забранивте да го сторам тоа.“
„Зошто не нѐ праша?“
„Зашто знаев дека нема да ми дозволите!“
СКОТ И САНДРА можат да потврдат дека тинејџерските години се навистина „луди години“ — не само за младите туку и за нивните родители. Многу татковци и мајки воопшто не се спремни за наглите промени кај нивното дете кога тоа ќе навлезе во пубертет. „Ќерка ни се смени преку ноќ“, се сеќава Барбара, една мајка од Канада. „Се прашував: ‚Што се случи со моето дете?‘ Како некој да ни ја зел додека сме спиеле и да ја заменил со друга!“
Вака не се чувствува само Барбара. Еве што изјавија за Разбудете се! неколку родители од разни краишта на светот:
„Кога имаше околу 17 години, син ми одеднаш стана своеглав и бунтовен“ (Лија, Британија).
„Нашите ќерки станаа понесигурни во себе, особено во поглед на изгледот“ (Џон, Гана).
„Син ми сакаше самиот да донесува одлуки. Не сакаше никој да му кажува што да прави“ (Селин, Бразил).
„Ќерка ни повеќе не сакаше да ја гушкаме и да ја бакнуваме“ (Ендру, Канада).
„Нашите синови станаа поагресивни. Наместо да ги прифаќаат нашите одлуки, почнаа да се противат и да се расправаат околу нив“ (Стив, Австралија).
„Ќерка ми ги криеше чувствата. Се повлече во себе и збеснуваше секогаш кога ќе се обидев да ја наведам отворено да зборува“ (Џоан, Мексико).
„Нашите деца станаа потаинствени и бараа поголема приватност. Повеќе сакаа да бидат со своите пријатели отколку со нас“ (Даниел, Филипини).
Како родител на тинејџер, можеби и ти се соочуваш со вакви ситуации. Ако да, биди сигурен дека е можно да го запознаеш „туѓинецот“ во својата куќа — твојот син, односно твојата ќерка на тинејџерска возраст. Прочитај како може Библијата да ти помогне во тоа.
Мудрост и разборитост
Една библиска изрека гласи: „Стекни мудрост, стекни разборитост“ (Изреки 4:5). И двете особини се многу потребни за да излезеш на крај со еден тинејџер. Разборитоста ќе ти помогне да не се концентрираш само на неговите постапки, туку да сфатиш и со што се соочува. Потребна ти е и мудрост за да му помогнеш да стане зрел човек.
Немој да мислиш дека не си му потребен на твоето дете само затоа што се чини дека никако не можете да се сложите. Всушност, на тинејџерите не само што им треба туку и сакаат помош од родителите за да ја пребродат оваа тешка фаза. Како можат разборитоста и мудроста да ти помогнат во тоа?
[Фуснота]
a Имињата во оваа статија се сменети.