Воспитување тинејџери — улогата на разборитоста
Замисли дека си отишол во некоја странска земја чиј јазик не го знаеш. Се разбира, ќе ти биде многу тешко — но не и невозможно — да комуницираш. На пример, би можел да си набавиш разговорник и да научиш некои основни изрази на тој јазик. Или, пак, некој би можел да ти преведува за да се разбереш со другите.
ПОНЕКОГАШ, вакво чувство имаат родителите со деца на тинејџерска возраст. Како што е случај и со еден странски јазик, може да биде тешко — но не и невозможно — да се разберат постапките на тинејџерите. Сѐ што треба е да се потрудиш да го разбереш твоето дете додека минува низ оваа интересна, но и збунувачка фаза од неговиот развој.
Што се крие зад постапките
Ако некој младинец сака да се осамостои, не мора да значи дека е бунтовен. Библијата потврдува дека, со текот на времето, „човек ќе ги остави татка си и мајка си“ (1. Мојсеева 2:24). За да можат да преземат поголеми одговорности, младите треба да научат сами да донесуваат одлуки.
Да видиме што би можело да се крие зад постапките што ги забележале родителите што беа цитирани во претходната статија.
Лија од Британија се жали: „Син ми одеднаш стана своеглав и бунтовен“.
Слично како малите деца, тинејџерите постојано прашуваат: „Зошто?“ Меѓутоа, за разлика од времето кога биле мали, обично не ги задоволува само еден краток, едноставен одговор. Што се сменило? Апостол Павле напишал: „Кога бев дете... расудував како дете“ (1. Коринќаните 13:11). Бидејќи им се зголемува способноста за расудување, на младите им е потребно подетално објаснување за да можат да ја вежбаат својата „моќ на согледување“ (Евреите 5:14).
Џон од Гана вели: „Нашите ќерки станаа понесигурни во себе, особено во поглед на изгледот“.
Сеедно дали ќе настапи порано, подоцна или точно на време, брзиот пубертетски раст кај тинејџерите предизвикува претерана загриженост за изгледот. Девојчињата може да се израдуваат, да се уплашат или да бидат и радосни и уплашени кога ќе видат како нивното тело добива нов облик. Ако земеш предвид каков срам за нив претставува појавата на акни или колку време им треба за да се нашминкаат, лесно можеш да сфатиш зошто ти се чини дека тинејџерите поминуваат повеќе време пред огледалото отколку над книгите.
Даниел од Филипините објаснува: „Нашите деца станаа потаинствени и бараа поголема приватност. Повеќе сакаа да бидат со своите пријатели отколку со нас“.
Таинственоста може да биде опасна (Ефешаните 5:12). Меѓутоа, приватноста е сосема друга работа. Дури и Исус сметал дека е потребно да отиде на „пусто место за да биде сам“ (Матеј 14:13). Додека растат, и на младите им треба малку приватност, која возрасните треба да ја почитуваат. Тоа ќе им помогне да научат да размислуваат за работите и да ги анализираат — вештина која ќе им биде од корист понатаму во животот.
Пубертетот е и време кога една личност учи како да склопува пријателства. Точно е дека „лошото друштво ги расипува добрите навики“ (1. Коринќаните 15:33). Меѓутоа, точно е и уште нешто што го вели Библијата: „Вистинскиот пријател сака во секое време, и брат станува во неволја“ (Изреки 17:17). Ако еден тинејџер научи како да склопува и да задржува вистински пријателства, тоа може многу да му користи и кога ќе стане повозрасен.
Родителите треба да стекнат разборитост за да не ги толкуваат погрешно постапките на своите деца кога ќе настане некоја од овие ситуации. Се разбира, освен разборитост, на родителите им е потребна и мудрост, односно способност во дадена ситуација да реагираат на најдобриот можен начин. Како да го постигнат тоа?
[Истакната мисла на страница 5]
Бидејќи им се зголемува способноста за расудување, на младите им е потребно подетално објаснување на семејните правила