Ќе опстане ли сибирскиот тигар?
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО РУСИЈА
Студен зимски ден на крајниот исток од Русија. Времето е ведро. Еден голем тигар трча по снежната покривка за да му избега на хеликоптерот што го брка. Во моментот кога еден снајперист нишани од леталото, животното скока на едно дрво и заканувачки почнува да рика. Одекнува истрел. Хеликоптерот се спушта, а патниците излегуваат од него и внимателно се приближуваат кон застреланиот ѕвер.
ДАЛИ станува збор за ловокрадство? Не, тоа се само истражувачи кои, наместо куршуми, користат стрелки за успивање. Нивната цел е да испитуваат едно од најзагрозените животни во светот — реткиот сибирски тигар.a
Прекрасно животно
Порано, сибирски тигри имало во Кореја, северна Кина, Монголија, па дури и крај Бајкалското Езеро во Русија. Но, во изминатиов век, нивниот број драстично опадна. Единствено прибежиште им е тешко проодниот планински венец покрај Јапонското Море, кој се наоѓа северно од Владивосток (Русија).
Тигрите меѓусебно се распознаваат по миризбата, што на мажјаците им овозможува да ги пронајдат женките во сезоната на парење. Женката раѓа по две-три младенчиња. Кога ќе се родат, младите се слепи и одвај стојат на ноџињата. Меѓутоа, за разлика од домашните мачиња, сибирските тигарчиња не предат. Наместо тоа, тие тивко ’ржат додека цицаат млеко. Овој период трае пет-шест месеци, а потоа преминуваат на месо. Во почетокот ловат заедно со мајките, а откако ќе наполнат 18 месеци, почнуваат да ловат и самите. Младите тигри остануваат со нив и до две години, а потоа заминуваат и си избираат своја територија.
Сибирските тигри што живеат во дивината се прилично големи. Мажјакот обично тежи околу 270 килограми, а може да биде подолг и од 3 метри сосе опашката. Лесно можат да ги поднесат студените снежни зими бидејќи имаат густо крзно по целото тело, па дури и на долната страна од шепите, што им помага да не пропаѓаат во снегот.
Крзното им е портокалово, со темни шари. Секој тигар има различни шари, исто како што секој човек има различен отпечаток на прстите. Кога стојат во место, не се забележуваат бидејќи совршено се вклопуваат во шумскиот пејзаж. Но, ако зимно време излезат на отворено, изложени се на голема опасност бидејќи крзното јасно се оцртува на снегот. Тоа го користат луѓето — нивните единствени непријатели.
Загрозен вид
Сибирскиот тигар се храни со крупен дивеч, како што се елените, маралите и дивите свињи. Но, во дивината во источен Сибир, бројот на овие животни е исто така мал. Во шума на површина од 1.000 квадратни километри има храна за само четири до пет тигри. Според тоа, на сибирските тигри им е неопходна голема територија за да преживеат.
Долги години, големите и тешко проодни шуми во Сибир беа идеално живеалиште за овие големи животни. Луѓето, кои се единствената закана за опстанокот на овие диви мачки, ретко се осмелуваа да стапнат тука. Но, странските фирми за сечење дрвја неодамна соголија поголем дел од сибирските шуми.
Сечењето на шумите го намалува бројот на елени, марали и диви свињи, а со тоа и на сибирските тигри. Во обид да го спречи тоа, руската влада поддржува огромни природни резервати како што е Сихоте Алињ. Но, кога тигрите ќе излезат од нив, може да им паднат в раце на ловокрадците што се занимаваат со трговија со ретки сувенири. Забите, канџите, коските и крзната од овие животни, па дури и од младите тигри, достигнуваат баснословни цени.
Ќе биде ли спасен?
Се вложуваат големи напори сибирскиот тигар да се спаси — борба во која мештаните предводат. Како резултат на тоа, бројот на овие животни постепено расте. При едно пребројување во 2005 год., беше утврдено дека во Сибир има од 430 до 540 тигри.
Од друга страна, пак, сибирските тигри што не се на слобода брзо се множат. Во зоолошките градини низ целиот свет има околу 500 сибирски тигри. Зошто тогаш да не се ослободат некои од нив за да се зголеми нивниот број во дивината? Научниците се колебаат да го сторат тоа. Еден истражувач објаснува: „Нема смисла да ги пуштат на слобода сѐ додека не им се обезбеди сигурна иднина“.
Сите живи суштества, во кои спаѓаат и големите мачки, се доказ дека Творецот, кој им обрнува внимание и се грижи за нив, е мудар и моќен (Псалм 104:10, 11, 21, 22). Многу луѓе што вистински го ценат неговото творештво се уверени дека ќе дојде време кога на сибирскиот тигар никогаш повеќе нема да му се заканува истребување.
[Фуснота]
a Овој тигар е познат и како усуриски, но и како амурски тигар бидејќи сега може да се најде само по должината на реката Амур во најисточниот дел на Русија.
[Рамка/слика на страници 16 и 17]
НАЈГОЛЕМАТА МАЧКА
Сибирскиот тигар е втор по големина, веднаш по овој хибрид добиен со вкрстување на лав и тигрица, кој може да достигне должина до 3 метри и тежина над 500 килограми. Обично се раѓаат во зоолошките градини, а во дивината се ретки, ако воопшто ги има.
[Извори на слики на страница 16]
Горе: © photodisc/age fotostock; долу: Hobbs, courtesy Sierra Safari Zoo, Reno, NV