Кога за првпат го чув името Јехова
Раскажал Павол Ковар
Имаше жестоко бомбардирање, и едвај успеавме да стигнеме до едно импровизирано засолниште. Бомбите почнаа да паѓаат како дожд. Кога местото каде што се криевме се затресе, еден од останатите затвореници почна гласно да се моли: „О Јехова, спаси нѐ! Спаси нѐ, те молам, заради твоето име!“
ОВА го доживеав на 8 јануари 1945 год., како воен затвореник во Линц (Австрија). Во тоа засолниште нѐ имаше околу 250 души, и сите го преживеавме бомбардирањето. Надвор сѐ беше опустошено. Срдечната молитва што ја чув ми остави многу длабок впечаток, иако воопшто не се сеќавам кој ја кажа. Пред да дознаете како открив на крајот кој е Јехова, би сакал да ви раскажам нешто за себе.
Роден сум на 28 септември 1921 год. во една куќа близу Крајне — село во западна Словачка, која во тоа време беше дел од Чехословачка. Моите родители беа ревносни протестанти. Во неделите наутро, татко ми редовно ни читаше од семејната Библија, а јас, мајка ми и моите тројца браќа внимателно слушавме. Сепак, не можам да се сетам дека татко ми некогаш го користеше името Јехова. Нашиот живот беше едноставен, но бевме задоволни со она што го имавме.
Во 1939 год. завладеа страв бидејќи почна Втората светска војна. Мнозина добро се сеќаваа на стравотиите на Првата светска војна, која се водеше 20 години пред тоа. Во 1942 год., ме регрутираа во Армијата на Словачка. Иако Словачка официјално беше на страната на Германија, во август 1944 год. беше направен неуспешен обид да се обнови демократскиот систем. Јас бев еден од илјадниците заробени словачки војници што беа префрлени на териториите под управа на Германија. На крајот, завршив во Гузен, помал логор веднаш до озлогласениот логор Матхаузен, во близината на Линц.
Воен заробеник
Требаше да работиме во една фабрика за авиони близу до селото Санкт Георген ан дер Гузен. Јас бев доделен во пиланата. Немавме доволно храна, а од јануари 1945 год. добивавме уште помалку затоа што нацистите губеа на сите фронтови. Единствениот топол оброк беше малку супа. Секое утро доаѓаа работници од главниот логор во Матхаузен. Чуварите честопати ги претепуваа до смрт оние што немаа сила да работат, а потоа останатите затвореници ги товареа телата во количка и ги носеа во крематориумот.
И покрај тешките околности, се надевавме дека наскоро војната ќе заврши. На 5 мај 1945 год., четири месеци по бомбардирањето што го спомнав на почетокот, ме разбуди голем метеж, па отрчав до дворот. Чуварите ги немаше, оружјето беше собрано на еден куп, а портите беа ширум отворени. Можевме да го видиме другиот логор што се наоѓаше на другата страна од ливадата. Ослободените логораши бегаа од него како пчели од запалена кошница. Откако беа ослободени, тие почнаа да се одмаздуваат. Сѐ уште јасно можам да се сетам на тоа големо крвопролевање.
Во знак на одмазда, затворениците ги претепуваа до смрт капоата — затвореници кои соработуваа со затворските чувари. Честопати, капоата беа посурови дури и од нацистичките чувари. Можев да видам како еден затвореник тепа еден капо до смрт, викајќи: „Тој го уби татко ми. Успеавме да преживееме, но овој го уби пред два дена!“ До вечерта, целата ливада беше полна со стотици мртви капоа и други затвореници. Подоцна, пред да си заминеме, се прошетавме низ логорот и ги видовме справите за погубување — особено гасните комори — и печките.
Почнав да учам за вистинскиот Бог
Бев дома кон крајот на мај 1945 год. Во меѓувреме, моите родители не само што го дознале Божјето име што го чув во засолништето туку и станале Јеховини сведоци. Кратко време откако се вратив, ја запознав Олга, една девојка што го сакаше Бог, и подоцна истата година се оженив со неа. Нејзината ревност за библиската вистина ме поттикна и понатаму да ја проучувам Библијата. За време на еден од нашите последни собири пред 1949 год., кога комунистичкиот режим им забрани на Сведоците да проповедаат, јас, Олга и педесетина други лица се крстивме во реката Вах кај Пјештани. По некое време ни се родија ќерките Олга и Власта.
Јан Себин, братот што помогна повторно да се организира проповедањето по Втората светска војна, беше чест гостин во нашиот дом, и со него многупати одев во служба. Продолживме да проповедаме, иако комунистите преземаа сѐ поостри мерки против нас. Бевме претпазливи додека сведочевме, и за кратко време почнавме да ја проучуваме Библијата со многу лица. Откако Јан си замина од нашиот крај, јас и жена ми продолживме да се грижиме за нив. Честопати се сретнавме на нашите собири со некој од овие драги пријатели, кои беа таму со нивните деца и внуци. Колку среќни бевме поради тоа!
Посебна служба
До 1953 год., многу од браќата што го организираа проповедањето беа во затвор. Затоа, бев замолен да проповедам на едно подрачје што беше оддалечено околу 150 километри од нашиот дом. Секоја втора седмица, во сабота попладне веднаш по работа, фаќав воз од Нове Место над Вахом за да стигнам во Мартин, град во северна Словачка. Таму ја проучував Библијата со заинтересираните лица до доцна навечер и во текот на целиот нареден ден. Во недела навечер повторно се враќав со воз во Нове Место. Обично пристигнував околу полноќ и ноќта ја поминував кај еден многу гостољубив постар брачен пар. Оттаму одев директно на работа, а со семејството се гледав во понеделник навечер. За време на викендите кога бев отсутен од дома, Олга се грижеше за нашите ќерки.
Потоа, во 1956 год., бев поканет да служам како покраински надгледник, што значеше дека ќе треба да ги посетувам и духовно да ги зајакнувам собранијата на нашето подрачје. Бидејќи многу од браќата што служеа како покраински надгледници беа во затвор, сфатив дека треба да ја прифатам оваа одговорност. Јас и жена ми бевме уверени дека Јехова ќе ни помогне.
Комунистичкиот закон налагаше секој да има световно вработување. Оние што немаа работа владата ги сметаше за паразити и за товар на општеството и ги испраќаше во затвор. Од таа причина, не го напуштив работното место. Секој месец, два викенда поминував дома во духовни и други активности со своето семејство, а два посетувајќи по едно од шесте блиски собранија во покраината.
Печатење литература под забрана
Покраинските надгледници имаа задача да ги обезбедат сите собранија со библиска литература. Во почетокот, списанијата се умножуваа главно рачно или на машина за пишување. Подоцна можевме да добиеме филмски негативи од Стражарска кула, кои им ги испраќавме на собранијата. Потоа, списанијата се умножуваа на фотохартија. Бидејќи можеше да биде сомнително ако купуваш голема количина ваква хартија, оние што ја купуваа мораа да бидат храбри и претпазливи.
Штефан Хучко го правеше тоа ревносно и многу успешно, а доказ за тоа е следниов пример. Еднаш, навратил кај еден фотограф во друг град, кој се наоѓа далеку од местото каде што живееше, за да купи фотохартија, но бидејќи во дуќанот немало никој, тргнал да си оди. Во тој момент ја здогледал љубезната продавачка, која претходно му ветила дека ќе му нарача хартија. Само што планирал да ѝ пристапи, влегол полицаец. Тогаш и продавачката го видела Штефан и радосно му рекла: „Другар! Имате среќа. Ви стигна нарачката“.
Штефан набрзина се снашол и ѝ рекол: „Жал ми е, другарке, ама сте се препознале. Мене ми треба само еден филм“.
Се вратил кај колата, но немал срце да замине без да ја земе скапоцената фотохартија за која, всушност, дошол. Затоа, откако го соблекол палтото, ја симнал капата и се обидел малку да си го смени изгледот, се вратил во дуќанот и тргнал право кон продавачката. „Бев тука пред една седмица и вие ми ветивте дека ќе ми нарачате фотохартија. Дали нарачката стигна?“ — ѝ се обратил.
„Да, да, стигна“, одговорила таа. „Но, знаете што е интересно? Пред само неколку минути дојде еден човек со кого многу си личите. Човек да не може да поверува — како да сте родени близнаци!“ Штефан набрзина зел цел куп хартија и си заминал, благодарен што Јехова ја обезбедил.
Во 1980-тите години, почнавме скришум да печатиме библиска литература на шапирографи и на мали офсет печатарски машини. Со текот на времето, можевме да печатиме речиси исто толку списанија, книги и брошури колку што имаше и Сведоци, па дури и повеќе.
Непожелни гости
Еден ден во 1960-тите години, ми беше кажано да се пријавам во воениот оддел на фирмата за која работев. Тројца луѓе во цивилна облека почнаа да ме испрашуваат: „Колку време одиш на состаноци кај Јеховините сведоци и со кого?“ Бидејќи не им кажав ништо конкретно, ми рекоа дека ќе контактираат со мене и друг пат. Тоа беше мојата прва средба со Службата за државна безбедност, т.е. тајната полиција.
По кратко време, ме зедоа од работа и ме одведоа во полициската станица. Ми дадоа лист хартија на кој требаше да ги напишам имињата на другите Сведоци. Околу еден час подоцна, иследникот се врати, но листот сѐ уште беше празен. Му објаснив дека не можам да го исполнам тоа барање. Следната седмица се повтори истото, но овојпат бев тепан, а на заминување низ ходникот ме испратија со клоци.
Полицијата престана да ме малтретира една година, и тогаш ми прати еден човек со кого бев затворен во нацистичкиот концентрационен логор. Тој ми рече: „Мораме нешто да смениме во пристапот со вас, Сведоците. Во затвор ставаме еден Сведок, а на слобода излегуваат петмина“. Целта на владата беше да стекне барем некаква контрола над нашите активности. Меѓутоа, бев решен да не кажам ништо што ќе им помогне да успеат во тоа.
Бев еден од оние што тајната полиција со години ги посетуваше повремено. Понекогаш се однесуваа со нас пријателски, а понекогаш ќе испратеа некого од нас во затвор. Благодарен сум што никогаш не бев затворен, но овие непожелни средби траеја сѐ до падот на комунизмот во Чехословачка во 1989 год.
Неколку седмици потоа, ме посети еден висок претставник на државната безбедност од Братислава за да ми се извини. „Да беше до мене, никогаш немаше да те малтретираме“, ми рече тој. Потоа од колата извади две ќесиња со конзервирано овошје и ми ги подари.
Јехова е цврста кула
Иако првите 40 години како Јеховин сведок служев под забрана, бев многу среќен и исполнет. Она што го доживеавме во тоа време уште повеќе ги зближи нашите верни браќа и сестри. Многу ги ценевме тие пријателства и се потпиравме на меѓусебната доверливост.
Смртта на мојата драга сопруга Олга, во март 2003 год., ми остави голема празнина. Таа цело време беше верен брачен партнер со кого ревносно одев во служба. Сега и понатаму служам како старешина во нашето христијанско собрание и се трудам да ги најдам оние што сакаат да учат за Библијата. Името Јехова, кое за првпат го чув во едно засолниште за време на Втората светска војна, беше и остана цврста кула за менеa (Изреки 18:10).
[Фуснота]
a Брат Павол Ковар почина на 14 јули 2007 год. додека оваа статија се подготвуваше. Имаше 85 години.
[Слика на страница 12]
Во 1942 год., кога служев во Армијата на Словачка
[Слика на страница 12]
Подоцна бев во затворот во Гузен (во заднина)
[Извор на слика]
© ČTK
[Слика на страница 12]
Во неделите наутро, татко ми редовно ни читаше од Библијата
[Слика на страница 13]
На денот кога се зедовме во 1946 год.
[Слика на страница 15]
Со Олга, кратко пред да почине