Ќе им служи ли Земјата и на идните генерации?
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО КАНАДА
◼ По четиригодишно темелно истражување на позначајните екосистеми во светот, една група стручњаци и истакнати еколози кои го спроведоа истражувањето наречено Millennium Ecosystem Assessment (Милениумска проценка на екосистемите) го објави својот прв извештај. Во него, меѓу другото, беа наведени и следниве заклучоци: Во последниве педесет години, сѐ поголемата побарувачка на храна, вода за пиење, дрвена граѓа, суровини за текстилната индустрија и гориво ја наруши еколошката рамнотежа на Земјата во досега невидени размери и ја загрози нејзината способност да им служи и на идните генерации. Природната способност на Земјата да ги опрашува посевите, да го прочистува воздухот со помош на дивите растенија што произведуваат кислород и да ги рециклира хранливите материи преку океаните е исцрпена. Освен тоа, многу видови растенија и животни се на работ на истребување.
„Луѓето ја уништуваат планетата до тој степен што ги зголемуваат шансите некои екосистеми во природата потполно да исчезнат, а тоа може да води до болести, соголување на шумите или истребување на живиот свет на некои места во морињата... Им се нанесува непоправлива штета на мочуриштата, шумите, саваните, речните устија, крајбрежните риболовни подрачја и другите екосистеми што ги рециклираат воздухот, водата и хранливите материи и од кои зависи целокупниот жив свет“, пишува канадскиот весник Globe and Mail. Иако членовите на одборот што го водеше ова истражување сметаат дека човечкото општество може да го ублажи нарушувањето на еколошката стабилност, тие признаваат дека, за да се постигне тоа, „луѓето ќе треба од корен да го сменат својот однос кон природата“.
Може ли да се спаси нашава планета? Може, и тоа како! Бидејќи Бог ни дал ние да се грижиме за планетата што ја создал, треба да сториме сѐ што можеме за да ја чуваме околината (Псалм 115:16). Меѓутоа, само Бог може да ги обнови нарушените екосистеми. Нашиот „Величествен Творец“ ветува дека ќе преземе мерки во однос на Земјата и дека ќе ‚ѝ даде изобилство‘ (Јов 35:10; Псалм 65:9-13). Ова се однесува и на морињата, како и на целокупниот жив свет во нив бидејќи, како Творец, Јехова Бог има моќ над морињата (Псалм 95:5; 104:24-31). А она што тој ветува дека ќе го стори сигурно ќе се оствари бидејќи Бог „не може да лаже“ (Тит 1:2).
Многу е утешно да се знае дека Земјата ќе им служи и на идните генерации. Ова ги мотивира сите што се бојат од Бог да го фалат поради неговата безгранична мудрост, моќ и добрина, но и поради неговата огромна љубов кон сѐ што создал (Псалм 150:1-6).
[Извор на слика на страница 12]
Земјина топка: фотографија на NASA