Татари — нивното минато, сегашност и иднина
УШТЕ од мал ја слушав изреката: Во секој Русин тече татарска крв. Отсекогаш мислев дека сум Русин, но неодамна роднините ми кажаа дека дедо ми бил Татар.a Кога ќе им го кажам ова на моите пријатели, некои велат дека и тие имаат татарско потекло.
За мене беше интересно кога дознав за некои познати Татари и нивните достигнувања во уметноста, спортот и на други полиња. На пример, познатиот балетан Рудолф Нуреев, кој изврши силно влијание врз балетот, е роден во татарско семејство во Русија. Во земјите од поранешниот Советски Сојуз живеат околу седум милиони Татари. Да ви раскажам што дознав за овој народ.
Нивното минато
Веќе многу векови, Татарите се спомнуваат заедно со монголските и турските народи. Во 13 век, тие учествувале во воените походи кои ги започнал монголскиот водач Џингис-хан.b Неговото царство било огромно, отприлика колку поранешниот Советски Сојуз. Во 1236 год., околу 150.000 негови војници се упатиле кон Европа, односно западно од планината Урал. Руските градови биле први на удар.
Кратко потоа, кога Монголите ја освоиле Русија, основале мешана монголско-турска држава, чиј западен дел некои го нарекуваат Златната Орда. Неговиот главен град, Сарај, се наоѓал на долна Волга. Во оваа држава спаѓале дел од Сибир и планината Урал, како и далечните Карпати и Кавказ во Украина и Грузија. Руските кнежевства биле присилени да ѝ плаќаат данок на Ордата. Во 15 век, Ордата се расцепкала на покраини, како што се Крим, Астрахан и Казањ.
Татарстан и главниот град Казањ
Во денешната мултиетничка Република Татарстан, која се наоѓа во најисточниот дел од европска Русија, живеат околу четири милиони жители. Зафаќа површина од околу 68.000 квадратни километри и се смета за една од „економски најразвиените членки на Руската Федерација“. Татарстан е водечки руски производител на нафта и природен гас. Се произведуваат и автомобили и авиони, а во оваа република има и неколку аеродроми.
Казањ е современ град со милион жители и се наоѓа на местото каде што реката Казањка се влева во Волга. Тој е еден од многуте градови во Русија со прекрасни подземни железници.c Секоја станица е во одреден стил. Некои имаат современ дизајн, а други се направени во ориентален или средновековен стил. Една станица во Казањ е украсена со 22 мозаични фрески на кои се прикажани мотиви од татарските сказни.
Федералниот Универзитет во Казањ го основал рускиот цар Александар I во 1804 год., а во него се наоѓа една од најголемите библиотеки во Русија. Оваа институција е влијателен образовен и културен центар и е претходник на другите универзитети во Татарстан. Од 5-те милиони публикации во библиотеката, 30.000 се древни ракописи, а некои од нив датираат уште од 9 век од н.е.
Вистинско задоволство е да шеташ во центарот на градот по улицата Бауманова. По улицата се наредени убави продавнички и кафулиња. Неодамна јас и мојата сопруга го посетивме Казањ. Откако го разгледавме градот, уживавме во пријатно крстарење по реката Волга.
Една од истакнатите знаменитости на Казањ е неговата прочуена тврдина, односно кремљ. Оваа стара тврдина, чии зданија датираат уште од 16 век, е единствената татарска тврдина во Русија која сѐ уште постои. Зад камените ѕидови на Казањскиот Кремљ се наоѓаат кулата Сјујумбике, објектите на владата на Татарстан, џамија и православна црква.
Во 2000 год., УНЕСКО го прогласи Казањскиот Кремљ за дел од светското наследство. Ноќе, поради отсјајот на светлата во реката, архитектурата од овој комплекс блеснува во сета своја убавина.
Луѓето и нивниот јазик
Татарите се најголемата популација на турски народи во Русија и се вели дека ги има околу 5.500.000. Меѓутоа, сѐ уште не може со сигурност да се потврди колку точно ги има низ оваа голема земја.
Татарскиот јазик е дел од групата турски јазици. Во оваа група спаѓаат и азербејџански, башкир, јакутски, казачки, киргиски, ногајски, тувиниански, туркменски, турски и узбечки. Некои од овие јазици се толку слични што луѓето што ги зборуваат можат да се разберат меѓу себе.
Низ целиот свет има над 100 милиони лица кои зборуваат на некој од турските јазици. На улиците низ градовите во Татарстан, луѓето ги користат и татарскиот и рускиот јазик, а истото е случај и со весниците и книгите, радиото и телевизијата. Во театрите во Татарстан се даваат претстави на татарски јазик во кои се прикажани главно историјата, фолклорот и секојдневниот живот на Татарите.
Натписите на излозите како и називите на улиците во Казањ се напишани и на руски и на татарски. Рускиот јазик има многу зборови од татарско потекло. Во Советскиот Сојуз, татарскиот јазик се пишувал најпрво со арапско писмо, а од 1928 год. почнала да се користи латиница. Од 1939 год., татарскиот јазик се пишува со еден облик на кирилица слична на руската.
Народни традиции
На времето, Татарите се занимавале со лов и сточарство. Дури и денес, традиционалната кујна вклучува многу јадења со месо. Едно од нив е белеш, омилено јадење на многу татарски семејства. Обично се прави како пита полнета со компири, месо, кромид и зачини. Питата се пече околу два часа. Потоа, се сече на масата пред сите, додека е сѐ уште жешка.
Еден од можеби најстарите и најпознати татарски државни празници е Сабантуи. Овој празник се темели на еден пагански обичај при кој луѓето се молеле заедно и принесувале жртви на богот на Сонцето и на духовите на предците. Тие верувале дека преку таквите жртви ќе ја продолжат семејната лоза, животните повеќе ќе се множат и жетвата ќе биде обилна.
Татарите сакаат коњи. Тие се важен дел од нивната традиција затоа што порано Татарите биле номади. Во Казањ се наоѓа еден од најдобрите хиподроми во светот, со 12 коњушници и ветеринарна амбуланта. Во него има дури и базен за коњите!
Што носи иднината
Во Коранот пишува: „Ние запишавме во Зебурот, после споменот [на Тевратот], дека земјата ја наследуваат Моите добри робови“ (Ел-Енбија [21]:105). По сѐ изгледа овој цитат е земен од Псалмите на Давид запишани во Библијата повеќе од 1.500 години порано. Во Псалм 37:29 стои: „Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“.
Од кој народ и етничка група ќе бидат тие среќни и праведни луѓе? Едно пророштво од инџилот (записи од Новиот завет) го дава одговорот: „Големо мноштво луѓе, кои никој не можеше да ги изброи, од сите народи и племиња и народности и јазици“ (Откровение 7:9). Колку прекрасен ќе биде животот кога луѓе од најразлични народности ќе живеат обединето како браќа по целата Земја!d
[Фусноти]
a Татарите се голема турска етничка група и ги има главно во Русија.
b Види ја статијата „Азиските номади и нивното царство“ во Разбудете се! од мај 2008.
c Други руски градови со подземни железници се Екатеринбург, Москва, Нижни Новгород, Новосибирск, Санкт Петербург и Самара.
d Нешто повеќе за Божјата намера има во брошурата Водството на Бог — нашиот пат до Рајот, издадена од Јеховините сведоци.
[Рамка на страница 25]
БОЖЈЕТО ИМЕ НА ТАТАРСКИ ЈАЗИК
Во книгата Религиите во светот (Dinnər Tarixb) од татарскиот писател М. Хужаев стои дека Адам бил создаден од страна на Јахве Алах, односно Јехова Бог. Исто така, татарското издание на Петокнижието, т.е. првите пет книги во денешните Библии, има фуснота за 1. Мојсеева 2:4, во која за Божјето име се вели: „Можно е древните Евреи да го изговарале ова име како Јахве“.
[Рамка на страница 26]
ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ ВО ТАТАРСТАН
Јеховините сведоци во Русија одржуваат курсеви по татарски јазик затоа што имаат силна желба да им ја кажуваат на луѓето добрата вест за Божјето Царство. Една жена од Татарстан рекла: „Ме трогнува до солзи тоа што можам да учам за Бог на мојот мајчин јазик“.
Во 1973 год., една мала група Јеховини сведоци почнаа да одржуваат состаноци за проучување на Библијата на татарски јазик. Во 1990-тите, Јеховините сведоци почнаа да објавуваат библиска литература на татарски.e Потоа, во 2003 год., беше основано првото татарско собрание на Јеховините сведоци во Набережние Челни, во Република Татарстан. Денес во Русија има 8 собранија и 20 групи на татарски јазик.
Во 2008 год., делегати од Астрахан, од Приволшката област, од планината Урал, од западен Сибир и од далечниот север присуствуваа на обласниот конгрес на татарски јазик. Моментално, во Татарстан има 36 собранија и групи на татарски, руски и руски знаковен јазик, во кои има 2.300 лица што им ја пренесуваат на луѓето вистината за Бог.
[Фуснота]
e Организацијата Watch Tower Bible and Tract Society издава Библии и библиска литература на преку 560 јазици.
[Рамка/слика на страница 27]
ЕДЕН СПОРТИСТ СТАНУВА ПАСТИР
Пјотр Марков е роден 1948 год., во едно село во Татарстан. Во својата околина 30 години бил прочуен по своите достигнувања во борењето и кревањето. Еднаш успеал да подигне тежина од 32 килограми 130 пати едноподруго. Но, откако стана Јеховин сведок, познат е по тоа што зборува со другите за Бог на татарски и на руски јазик и им помага да се справат со проблемите во животот.
На тој начин, Пјотр го следи примерот на нашиот грижлив Творец, за кого во Исаија 40:11 се вели: „Како овчар ќе го пасе своето стадо. Со рака ќе ги собере јагнињата, ќе ги носи во пазувите. Грижливо ќе ги води доилките“.
[Слика]
Денес Пјотр служи како духовен пастир
[Карта на страница 24]
(Види во публикацијата)
РУСИЈА
ПЛАНИНА УРАЛ
МОСКВА
Санкт Петербург
РЕПУБЛИКА ТАТАРСТАН
Казањ
Волга
[Слика на страница 25]
Казањскиот Кремљ покрај реката Казањка
[Извор на слика]
© Michel Setboun/CORBIS
[Слика на страница 26]
„Белеш“ е омилено јадење на многу татарски семејства