Поглед во светот
„Зачестеноста на пребарувања што го содржат зборот ‚порно‘ на Гугл се зголеми за трипати во однос на 2004 год.“ (THE ECONOMIST, БРИТАНИЈА).
„Кога една млада [Русинка] ќе стапи во брак... веројатноста маж ѝ да ја удри или кавгите да станат насилни е околу 60 отсто“ (МОСКОВСКИЕ НОВОСТИ, РУСИЈА).
„Еден од седум научници или лекари во Обединетото Кралство видел како некој колега намерно фалсификува податоци за време на истражувањата или за потребите на некоја публикација“ (BRITISH MEDICAL JOURNAL, БРИТАНИЈА).
„Бројот на лица во САД што се избориле со ракот е 12 милиони, што е за четири пати повеќе отколку во 1971 година... Ова најчесто се должи на раното откривање на болеста преку снимање, поефикасното лекување и редовните контроли“ (UC BERKELEY WELLNESS LETTER, САД).
Непосредно пред божиќните празници во 2011 год. дојде до тепачка помеѓу 100-тина свештеници и монаси од различни конфесии во Црквата на Христовото раѓање во Витлеем. „Се работи за безначаен проблем... што се случува секоја година“, изјави претставник на полицијата. „Никој не беше уапсен затоа што сите учесници беа Божји луѓе“ (НОВИНСКА АГЕНЦИЈА „РОЈТЕРС“, САД).
Голем зелен ѕид низ цела Африка
Еден панафрикански проект што го покрена Африканската Унија во 2007 год. има за цел да го спречи ширењето на пустината со помош на зелен ѕид. Од Сенегал на запад, па сѐ до Џибути на исток, 11 земји сега садат милиони семиња од соодветни видови во обид да создадат појас од вегетација долг 7.600, а широк 15 километри. „Мораме да засадиме растенија што нема да бидат уништени за граѓа“, вели Алиу Гисе, професор по екологија на растенијата на Универзитетот Чејк Анта Диоп во Дакар (Сенегал). Иницијаторите на овој проект се надеваат дека пошумените области ќе служат и како природен резерват и како извор на одржливи ресурси за локалните заедници.
Зошто се проѕеваме?
Научниците не можат да објаснат зошто секое живо суштество на оваа планета се проѕева — во повеќето случаи и до неколкупати дневно. Се проѕеваат дури и бебињата во матката. Истото е случај и со ежовите, ноевите, змиите и рибите. Постојат разни противречни теории, но истражувачите не се задоволни со ниедна од нив. Многу научници сметаат дека наглото земање воздух при проѕевањето, кое трае просечно шест секунди, овозможува поголем доток на кислород до мозокот. Но, „засега научниците немаат докази што ќе го поткрепат ова тврдење“, стои во списанието Science News. Новите истражувања спроведени врз стаорци наведуваат на заклучок дека „проѕевањето можеби служи како термостат кој го лади мозокот кога ќе прегрее“. Но, никој не може со сигурност да го потврди тоа.