Откупнината — изгубената доктрина на христијанството
ОТКУПНИНАТА — верувањето дека Исус умрел за грешното човештво — е фундаментална за вистинското христијанство. Сепак, долго време оваа доктрина била предмет на критика и исмејување од теолозите на христијанството.
Зошто е така? Зарем самиот Исус не рекол во Марко 10:45: ”Синот човечки дојде, не да му служат, туку да служи и да ја даде душата како откупнина за мнозина“?.
Некои тврдат дека Исус никогаш не ги изговорил овие зборови, и дека биле измислени по неговата смрт под влијание на апостол Павле. Други докажуваат дека ”откупнината“ овде претставува стилска фигура или дека доктрината потекнува од грчката митологија! И така откупнината практично исчезнала од црковните учења.
Но, можеби се прашуваш како раните христијани ја разбирале смртта на Исус. Во 2. Коринтјаните 5:14, 15, Павле ни кажува: ”Љубовта Христова нѐ присилува, зашто тоа сме го просудиле, дека еден човек умрел за сите (. . .) за да оние кои живеат не би живееле за себе, туку за оној кој умре за нив и беше подигнат.“ Колку едноставно била кажана оваа доктрина — потполно ослободена од комплицираните измени што ќе ги претрпи подоцна во рацете на црковните теолози.
Дали е можно Павле да ја измислил оваа доктрина? Не, бидејќи во 1. Коринтјаните 15:3, тој објаснува: ”Ви го предадов најнапред она, што го бев и примил, дека Христос умре за нашите гревови, според Писмата“. Се разбира, долго пред Павле да ги напише своите писма, христијаните веќе ја сфатиле Исусовата смрт како жртвена, вистинска цена платена за да се откупи грешното човештво, како откупнина. И како што покажува Павле, тие разбрале дека Христовата смрт ги исполнува ”Писмата“, односно пророштвата како Псалми 22 и Исаија 52 во Хебрејските списи, или ”Стариот завет“.
Неодговорени прашања
Ако се решиш сам да ги испиташ фактите, ќе откриеш дека отпадничко учење се вовлекло во христијанството некаде по времето по апостолите (Дела на апостолите 20:29, 30; 2. Тимотеј 4:3, 4, НС). Сепак, верувањето во откупната жртва на Христос продолжило, како што покажуваат списите на раните црковни отци. Меѓутоа, подоцна, кога некои теолози пребарувале по доктрината за откупнина, наишле на некои тешки прашања, како на пример: На кого му била платена откупнината? И зошто било потребно тоа плаќање?
Во четвртиот век н. е., Григориј од Ниса и некои други го изложиле гледиштето дека откупнината му била платена на Сатана Ѓаволот! Се препирале дека Сатана го заробил човекот, и дека му била платена откупнина да го ослободи човештвото. Но, еден современик по име Григориј Назијански, уочил огромна празнина во оваа теорија. Таа подразбирала дека Бог му бил должен на Ѓаволот — навистина апсурдно! Но идејата за откупнината платена на Ѓаволот и покрај тоа се раширила и се задржала со векови.
Дали можело откупнината да му биде платена на самиот Бог? Григориј Назијански сметал дека и кај оваа идеја постоеле проблеми. Бидејќи ’не бевме во заедница [со Бог],‘ зошто би требало нему да му се плати откупнина? Понатаму, ’дали Таткото би можел да се радува на смртта на својот Син‘ барајќи откупнина? Наизглед тешки прашања кои се чини дека фрлаат сомневање на самата откупнина.
Смртта на откупнината
Твоето истражување на ова прашање може да те врати назад во раниот 12-ти век. Анселмо, надбискуп од Кантербери, се обидел да одговори на овие прашања во својата книга Cur Deus Homo (Зошто Бог стана човек). Книгата учела дека Христовата смрт послужила како средство за задоволување на божествената правда, но не како откупнина. Анселмо сметал дека да се прости гревот без откупнина е неправедно и би довело до тоа гревот да остане непоправен. ”Но Бог не може да остави ништо непоправено во Неговото Царство“, рекол Анселмо. Тогаш, како Бог ги исправил работите?
Расправајќи дека ’гревот го срамоти Бог‘, Анселмо рекол дека не би било доволно ”едноставно да се поврати она што било одземено“ со Адамовиот грев. Бидејќи Бог бил навреден, откупнината — дури и жртвувањето на еден совршен човек — не би било доволно. ”Во врска со направената навреда“, аргументирал свештеникот, ”требало да се поврати повеќе отколку што било одземено.“ (нагласено од нас.) Анселмо докажувал дека за тоа била потребна смртта на некој кој бил ”и Бог и човек“!
Без разлика каква би можела да биде твојата реакција на учењата на Анселмо, тие ги придобиле неговите современици и продолжиле да влијаат и во наше време. Зашто, со само еден удар, Анселмо ја зацврстил доктрината за Тројството и ѝ нанел смртоносен удар на откупнината, барем во христијанството! Зборот ”задоволување“ станал крилатица на теолозите, а терминот ”откупнина“ постепено почнал да избледува во нејасност. Сепак, теориите на Анселмо скоро потполно се темелеле на привидна логика, а не на Библијата. И како што поминувало времето, научниците како Тома Аквински почнале да ја дотеруваат Анселмовата теорија на ”задоволувањето“ со сопствена досетлива логика. Мудрувањата станале сѐ пораширени. Се множеле теориите за откупување, а расправите уште повеќе се оддалечувале од Светото писмо и сѐ подлабоко навлегувале во човечко мудрување, филозофија и мистицизам.
Реформацијата и откупнината
Но, да се вратиме малку поблиску до нашето време. Кога во 16. век избувнала бурата на протестанската реформација, се оформила една радикална група наречени Социнијанци.a Тие одрекувале дека Исусовата смрт на било кој начин ”може да ни донесе спасение,“ нарекувајќи го таквото уверување ”лажно, погрешно, и многу опасно (. . .) одвратно и на Библијата и на разумот“ (The Racovian Catechisme). Бидејќи Бог слободно простува, немало никаква потреба од задоволување на правдата. Тие тврделе дека Исусовата смрт откупувала на тој начин што ги поттикнувала луѓето да го имитираат неговиот совршен пример.
Навредена од ваквите и други ереси, католичката црква презела противнапад и го свикала Концилот во Тренто (од 1545 до 1563 н. е.). И додека биле заземени ставови по многу доктринарни спорни прашања, концилот останал нејасен и неопределен во поглед на откупнината. Зборувал за ’заслугата на Исус Христос‘ и го употребувал терминот ”задоволување“ но намерно го избегнувал терминот ”откупнина“. Поради тоа, црквата престанала да се придржува за било каков чисто библиски став. Вратата на мудрувањата останала ширум отворена.
Зошто не успеале религиозните водачи
Од Концилот во Тренто, теолозите — како католичките така и протестанските — создале безбројни теории за откупнината. (Види во рамката на стр. 7.) Сепак, не се дошло до никакво усогласување околу значењето на Христовата смрт. Теолозите се согласувале единствено во презирот што го имале кон библискиот термин ”откупнина“, и повеќе сакале да го игнорираат, омаловажат или занемарат со некое толкување. Значењето на Христовата смрт се толкувало со стручен жаргон, комплицирани плетеници на привидна логика и високозвучни термини, како што се ”морално влијание“ и ”репрезентативно физичко задоволување.“ Наместо да ја изградуваат верата во Христовата смрт, свештениците на христијанството го претвориле неговиот маченички столб во збунувачки камен на сопнување.
Која е основната причина за овој огромен неуспех? Католичкиот теолог Бонифацие А. Вилемс му го припишува на фактот што теолозите биле ”воспитувани во добро чувана изолација“ — предалеку од вистинските потреби на луѓето.b Дали си склон и ти да се согласиш со ваквото тврдење? Меѓутоа, Еремија 8:9 (НС) оди понатаму, укажувајќи на вистинскиот корен на проблемот: ”Погледај! Ја отфрлија и самата Јеховина реч, и каква мудрост имаат?“
Додуша, доктрината за откупнината може да покрене некои тешки прашања (2. Петрово 3:16). Но наместо одговорите да ги бараат во Библијата, теолозите употребувале човечка мудрост и логика (1. Коринтјаните 1:19, 20; 2:13, НС). Се осмелиле да одбијат било какви делови од Библијата кои не одговараат на нивните желби — или теории (2. Тимотеј 3:16, НС). Тие унапредувале небиблиски учења, како што е доктрината за Тројството (Јован 14:28). А нивниот најголем неуспех е тоа што спасението на човекот го направиле најважно, а ги запоставиле позначајните спорни прашања поврзани со Божјето име и Царство (Матеј 6:9, 10).
Застапник на откупнината
А сега те молиме префрли го твоето проучување во доцниот 19-ти век. Еден богобојазлив човек, Чарлз Тејз Расел, се одвоил од главните теолошки текови и почнал да го издава ова списание — Стражарска кула. ”Од првиот број“, се присеќавал Расел, ”тоа беше посебен застапник на Откупнината.“
До ден-денес, Стражарска кула служи за таа цел. Повеќе од сто години, давала здрави библиски причини да се верува во откупнината, и давала разумни библиски одговори на предизвиците од критиката. Затоа те покануваме да погледаш понатаму што вели Библијата во врска со смртта на Исус и нејзиното значење.
[Фусноти]
a Види во ”Социнијанците — Зошто го одбиле Тројството?“ во нашето придружно списание Пробуди се! од 8. октомври. 1989, стр. 21.
b Сепак, забележи ја самата теорија на Вилем во рамката горе.
[Рамка на страница 7]
ПРИМЕРИ НА ТЕОРИИ ЗА ОТКУПОТ
◻ РЕКТОРАЛНА ИЛИ ТЕОРИЈА НА УПРАВА: Холандскиот теолог Хуго Гроциус ја развил оваа теорија во 17-от век за да ги побие теориите на Социнијанците. Гроциус ја сметал Христовата смрт ”како еден вид на легална трансакција во која Бог има улога на Ректор или Управник, а човекот во улога на виновник“ (Encyclopædia of Religion and Ethics од Хејстингс).
◻ ТЕОРИЈА НА ЖИВОТОВАЖНО ПОМИРУВАЊЕ: Оваа теорија ја предложил протестанскиот теолог Кларенс Х. Хевит во 1946 година. Тој на Христовото дело не гледал како на плата за некој законски престап, туку како на ’ослободување од доминацијата на законот на гревот и смртта, и поттикнува на покајание и побожна тага, доведувајќи нѐ така пред Бог во поволна состојба за примање на проштение.‘
◻ ТЕОРИЈА НА ЖРТВЕН ЈАРЕЦ: Оваа теорија ја предложил католичкиот теолог Рајмунд Швагер во 1978 година. Тој ја отфрлил идејата дека Бог би ”барал око за око.“ На Христовата жртва гледа како на некој вид на катарза (прочистување) која на човечкото општество му овозможува од себе да ги отфрли вродените насилни склоности и така да се ослободи од нив.
◻ СОЦИО-ПОЛИТИЧКО ОТКУПУВАЊЕ: Баптистичкиот теолог Торвалд Лорензен во 1985 напишал: ”Бог не бара за грешниците само религиозно проштение, туку и политичко ослободување за сиромашните и угнетените. (. . .) Според тоа, Христовата смрт ни открива еден Бог кој е заинтересиран за оздравување на сите димензии на човечкиот живот.“
◻ ОТКУПУВАЊЕ ОД СОХРИСТИЈАНИТЕ: Римокатоличкиот теолог Бонифацие А. Вилемс [1970] го изедначува ”откупувањето“ со ”отфрлување на егоизмот и отворање на своите срца едни спрема други.“ Тој додава: ”Христијанското сфаќање на замена или страдање на застапникот е тоа што некој се чувствува поврзан со човечката раса која е оптоварена со гревот. (. . .) Според тоа, Црквата е пријателство на оние кои се спремни да живеат во посебна служба за другите.“
[Слика на страница 5]
Протестанските и католичките теолози развиле бројни теории за откупот и откупнината, но што учи Библијата?