Да се радуваме во нашиот Величествен Творец
„Нека се весели Израилот на Својот [Величествен, NW] Создател; а синовите на Сион, нека се радуваат на својот Цар“ (ПСАЛМИ 149:2).
1. Каква е вистинската состојба на човештвото и покрај извиците: „конечно слобода“?
ДЕНЕШНИОВ свет го мачат „болки“. Тој израз го употребил Исус во своето пророштво кое се однесува на „свршетокот на светот“, катастрофалната ера која започна со I Светска војна во 1914 (Матеј 24:3-8). Многу политичари не гледаат ништо друго освен мрачна иднина. И покрај извиците: „конечно слобода“ во Источна Европа, еден некогашен претседател во таа област, ситуацијата накратко ја опиша на следниов начин: „Демографската експлозија и ефектот стаклена градина, дупките во озонот и СИДА-та, заканата на нуклеарниот тероризам и драматичното ширење на јазот помеѓу богатиот Север и сиромашниот Југ, опасноста од глад, исцрпувањето на биосферата и минералните извори на планетава, ширењето на комерцијалната телевизиска култура и растечката закана од регионални војни — сите тие, заедно со илјадници други фактори, претставуваат општа закана за човештвото“. Не постои никаква човечка сила која може да ја спречи оваа закана со конечна пропаст (Јеремија 10:23).
2. Кај кого е трајното решение за проблемите на човештвото, и кој чекор тој веќе го презел?
2 Меѓутоа, можеме да се радуваме што трајното решение го поседува нашиот Величествен Творец. Во Исусовото пророштво „свршетокот на светот“ се поврзува со неговата невидлива ‚присутност‘ (Матеј 24:3, 37-39, NW). За да го создаде ‚новото небо‘, Јехова го поставил Исус на неговиот престол како Месијански Цар, што претставува пророчки доказ дека овој историски настан се одиграл на небото во 1914 годинаa (2. Петрово 3:13). Како придружен владар со Суверениот Господ Јехова, Исус е сега овластен да им суди на народите и да ги одвои на Земјата кротките луѓе, слични на овци, од тврдоглавите, слични на јарци. Безбожните „јарци“ се обележани за „вечно отсечување“ (NW), а „овците“ за вечен живот во земското подрачје на Царството (Матеј 25:31-34, 46).
3. Која причина за радување ја имаат вистинските христијани?
3 Остатокот на духовниот Израел на Земјата, сега придружени со големо мноштво од тие послушни овци, има добра причина да се радува во Јехова, Царот на вечноста, додека тој ги доведува до кулминација своите величествени намери преку Царството на својот Син. Тие можат да речат: „Многу ќе се радувам во Господа, душата моја ќе се развесели во мојот Бог: зашто Он ме облече во спасителна облека, . . . Како што земјата ги произведува растенијата свои, и како што во градината расте сѐ што ќе се посее — така Господ Бог ќе направи да никне правда и слава пред сите народи“ (Исаија 61:10, 11). Тоа ‚никнување‘ се гледа по милионите кои сега се собираат од народите за да му пеат фалба на Јехова.
‚Забрзување‘
4, 5. а) Како било претскажано собирањето на Божјиот народ? б) Каков извонреден пораст е забележан во текот на службената 1992 година?
4 Собирањето се забрзува додека се приближува крајот на Сатановиот систем. Нашиот Величествен Творец изјавува: „Сиот народ твој ќе биде праведен, . . . фиданка од она што сум посадил, дело на рацете Мои, за Мое прославување. Од мал народ ќе се намножат илјади, од најслабиот — силен народ. Јас, Господ, ќе побрзам да го завршам [ќе го забрзам, NW] тоа навреме“ (Исаија 60:21, 22). Тоа забрзување на прекрасен начин е одразено во Извештајот на Јеховините сведоци од целиот свет за службената 1992 година, што се наоѓа од 12. до 15. страница од ова списание.
5 Во овој извештај изразит е новиот највисок број од 4.472.787 објавители на Царството, пораст од 193.967 — 5,4 отсто повеќе во однос на минатата година. Највисокиот број на 301.002 крстени во текот на 1992 исто така го одразува фактот дека мноштва ја прифаќаат библиската вистина. Колку сме радосни што во овој ‚ден на темнина и мрак, . . . има многуброен народ и силен‘, кој, како рој од скакулци, го шири сведоштвото за Царството „до крајот на земјата“! (Јоил 2:2, 25; Дела на св. апостоли 1:8). Од ледената Аљаска — каде што со авионот на Друштвото Стражарска кула беа извршени преку 50 посети во подрачја отсечени со снег — па до спржените пустини на Мали и Буркина Фасо и растурените острови на Микронезија, Јеховините слуги светлат како ‚светило за народите, за да се рашири [неговото] спасение до краиштата на земјата‘ (Исаија 49:6).
6, 7. Каква неочекувана промена на настани била забележана во последниве години, и како реагирале Јеховините слуги на тоа?
6 Јехова е како тврдина и јака кула во заштитувањето и поддржувањето на својот народ. Во многу делови на Земјата, Јеховините сведоци мораа со децении да поднесуваат сурово угнетување и прогонство (Псалми 36:39, 40; 60:3, 4). Но неодамна, како со некое чудо, забраните и препреките се отстранети во околу 21 земја така што Божјиот народ сега може слободно да објавува дека нашиот Величествен Творец го устоличил Христос за Цар над Земјата (Псалми 2:6-12).
7 Дали Јеховиниот народ добро ја користи својата новодобиена слобода? Забележи го во табелата порастот во Бугариа, Романија и поранешниот Советски сојуз од источноевропскиот дел, па во Ангола, Бенин и Мозамбик во Африка. И во Заир, каде што сѐ уште постојат големи тешкотии, ширењето е извонредно. Со радост во своите срца, нашите ослободени браќа одговараат на повикот: „Славете Го [Заблагодарувајте му на, NW] Господа, зашто е добар . . ., Единиот Кој прави големи чудеса, зашто е вечна милоста Негова“ (Псалми 135:1, 4). Тие благодарности се изразени преку ревносната служба во собирање на луѓето слични на овци на страната на Царството.
8. Како новите фалители на Јехова ‚летале како облаци‘ во Источна Европа? а како во Африка?
8 Во текот на минатото европско лето, конгресите на Јеховиниот народ што се одржаа во поранешни комунистички земји беа извонредно посетени. А уште позачудувачки е бројот на крстените во овие земји. На сличен начин, во Того (Африка) на 10 декември 1991 беше укината забраната. Следниот месец националниот конгрес беше одржан. Споредено со месечниот просек од 6.443 објавители на подрачјето, бројот на присутните на овој конгрес достигна до 25.467, и 556 беа крстени — 8,6 отсто од бројот на објавителите. Како што ги опишува Исаија 60:8, новите фалители на Јехова „летаат како облаци, и како гулаби — кон гулабарниците свои“, во собранијата на Јеховиниот народ.
9. Кои подготовки се направени за христијаните во неодамна ослободените земји да можат ‚да јадат и да се наситат‘?
9 Гладот за духовна храна во Источна Европа и Африка исто така се смирува. Печатниците на Друштвото Стражарска кула во Германија, Италија и Јужна Африка со полни камиони испратија литература на повеќе јазици до духовно изгладнетите земји. Порано, повеќето Сведоци мораа заеднички да ги користат доста излитените списанија, а сега добиваат изобилие на духовна храна. Тие се радуваат што имаат учество во исполнувањето на пророштвото: „До наситка ќе јадете и ќе се наситувате и ќе го славите името на Господа, вашиот Бог, Кој пред вас изврши големи чудеса“ (Јоил 2:26).
Грижење за натамошно проширување
10. Со оглед на големиот број на присутни на Спомен–свеченоста, која покана е упатена до сите заинтересирани ?
10 Навистина е зачудувачка бројката од 11.431.171 присутни ширум светот на Споменот на Исусовата смрт, пораст од 781.013 или 7,3 отсто повеќе отколку минатата година. Добредојдовте сите вие новодојдени! Колку би било прекрасно кога сите овие новозаинтересирани поединци би се радувале на користа од домашна библиска студија со некој од Јеховините сведоци! (Види Исаија 48:17.) Годишниот службен извештај покажува дека 4.278.127 такви студии се водат секој месец, што претставува одличен пораст од 8,4 отсто. Меѓутоа, од оваа служба би можеле да извлечат многу поголема корист. Јеховините сведоци радо и редовно ги посетуваат оние кои се заинтересирани за да водат бесплатна библиска студија во нивниот дом, и на тој начин им помагаат цврсто да зачекорат по патот кој води во вечен живот (Јован 3:16, 36). Зошто не побараш таква студија? И запомни дека секогаш си добредојден во Царската сала! (Псалми 121:1; Римјаните 15:7).
11, 12. а) Кои проблеми се појавиле во некои земји? б) На кој начин се одвива „изедначување“ меѓу побогатите и посиромашните земји?
11 Оние собранија кои имаат прекрасни Царски сали се богато благословени. Ситуацијата е поинаква во земји каде што лојалните Сведоци многу години поднесуваа забрана и се состануваа тајно во мали групи. На поголем број такви места тие се сега слободни, но имаат малку Царски сали. На пример, во една африканска земја со 93 собранија, постојат само три Царски сали. Затоа состаноците обично се одржуваат на огромни парцели слободно земјиште. Едно собрание од 150 објавители има и по 450 редовни посетители на состаноците.
12 Во Источна Европа често е тешко да се купи земјиште или да се гради, но постигнат е извесен напредок. За 28. ноември 1992, во Полска беше планирано свечено отворање на прекрасна нова подружница. Дарежливите прилози за светското дело на Јеховините сведоци се користат за изградбата на сали и други простории. Така, доаѓа до „изедначување“ (NW) на тој начин што дарежливоста на браќата кои даваат од својот материјален „одвишок“ помага да се обезбедат духовните потреби на собранијата во земјите со неповолни прилики (2. Коринтјаните 8:13, 14).
Една милиарда часови!
13. Колку часа биле потрошени за проповедање и поучување во 1992, и чии напори се одразени во оваа бројка?
13 Што би сторил ти со милиарда часови? Сите оние кои ќе постигнат вечен живот ќе можат толку, па и повеќе часови да потрошат во продуктивна, задоволувачка служба за Јехова. Но, замисли си толку многу часови да стиснеш во една година! Токму тоа го постигнал Јеховиниот народ во текот на 1992. Ако ги собереме поединечните извештаи на сите објавители на Царството, добиваме нов највисок број од 1.024.910.434 часа што биле потрошени на најдобриот можен начин — во фалење на нашиот Величествен Творец, ‚поучувајќи пред народот и по куќите‘ (Дела на св. апостоли 20:20). Во просек, 4.289.737 Сведоци давале извештај секој месец. Тие доаѓаат од сите животни профили. Некои се ограничени во времето што можат да го дадат за делото на Царството. Тука спаѓаат семејни поглавари кои мораат да издржуваат домаќинство, постари луѓе, многумина со здравствени проблеми, како и деца кои сѐ уште одат на училиште. Сепак, извештајот на секој од нив е драгоцен одраз на љубовта спрема Јехова. (Спореди Лука 21:2-4.)
14. Како младите си ‚спомнуваат за нивниот [Величествен, NW] Творец‘?
14 Една помлада генерација расте во Јеховината служба и, за среќа, повеќето од нив ги применуваат Соломоновите зборови во Проповедник 12:1: „И спомнувај си за твојот Творец во дните на младоста своја“. Тие се сосредоточени на своите училишни задачи, а нивните предадени родители ги поучуваат и за духовни работи. Радосно беше да се види како еден убав број млади тинејџери стојат простум на неодамнешните конгреси, претставувајќи се за крштение. Исто така е радосно кога се знае дека многумина, додека изучуваат некој занает или вештина, прават практични подготовки за да бидат пионери штом ќе матурираат. На тој начин, ќе можат сами да се издржуваат, како што се издржувал и апостол Павле, одвреме–навреме правејќи шатори (Дела на св. апостоли 18:1-4).
15, 16. Како пионерите и другите полновремени слуги придонеле за напредокот на делото на Царството, и на каков благослов се радувале некои од нив?
15 Колку е огромен придонесот на пионерите и другите полновремени слуги за напредокот на делото на Царството! Редовите на пионерите во минатата година се зголемија на највисок број од 931.521. Додека секојдневно проповедаат од куќа до куќа и водат библиски студии во домовите на луѓето, тие стануваат делотворни кога се изразуваат на темел на Писмото. Освен тоа, многумина од нив ги исполниле условите да присуствуваат на двонеделната Школа за пионерска служба која им помага да развијат поголема способност и радост во вршењето на Божјето дело.
16 Секој од овие верни пионери може да се согласи со зборовите од Исаија 50:4: „Господ [Јехова, NW] Бог ми даде вешт јазик за да можам со зборови да го поткрепувам изнемоштениот“. Денес има многу поединци кои се изнемоштени од расипаниот свет околу нив, но наоѓаат закрепа преку речта што ја изговараат нашите верни пионери. (Спореди Приче Соломунове 15:23, ДК; Језекиил 9:4.)
Моќна градежна програма
17. Покрај духовното, кое материјално градење е забележано во последниве години?
17 Духовниот напредок на Јеховините сведоци ширум светот бара и материјален пораст. Станува неопходно да се прошират просториите за печатење, канцелариите и бетелските домови и да се градат Царски и конгресни сали. Затоа од Јеховините сведоци се бара да станат градители и во физичка смисла. Слично градење се одвивало во времето на цар Соломон. Соломон го изградил храмот за Јеховино обожавање според „градежниот план . . . што му беше дошол преку инспирација“ (NW), што му го дал Јехова на неговиот татко, царот Давид (1. Летописи 28:11, 12). Така, Соломон не само што ги изградувал своите слушатели со драгоцени зборови на мудрост, туку управувал и со материјално градење на една величественост каква што светот никогаш не постигнал (3. Царства 6:1; 9:15, 17-19).
18, 19. а) Кои градежни проекти кои брзо напредуваат ги спроведува Јеховината организација? б) Како Јеховиниот дух се покажал и во материјалното, како и во духовното градење?
18 Денес, Јеховините сведоци не градат по божествено инспирирани градежни планови, туку го имаат Божјиот дух. Како во времето на Израел, тој ги мотивира да градат на таков начин кој ги зачудува луѓето од светот (Захарија 4:6). Времето е кратко и без одлагање се потребни Царски сали и други згради. Во некои земји се вообичаени брзо изградените Царски сали. Во минатите 10 години, на пример, Канада известува дека биле изградени 306 сали, секоја за помалку од два дена. Поради брзото ширење на Јеховиното дело ширум светот, моментално се градат или се планираат вкупно 43 нови згради на подружници или проширувања на подружници. Освен тоа, во Бруклин е при крај 30-катна станбена зграда каде што ќе бидат сместени околу илјада бетелски доброволци. Исто така во државата Њујорк, во Патерсон, изградбата на библискиот образовен центар, најголемиот проект со кој Друштвото Стражарска кула некогаш се зафатило, оди многу побрзо од предвиденото.
19 Тие проекти напредуваат со ефикасност и квалитетна работа која ги зачудува добро информираните градежни компании од светот. Зошто? Поради огромниот придонес од страна на предадените Сведоци на Јехова. Неговиот дух ги мотивира не само да пружаат материјална поддршка, туку и со цело срце да го вложуваат своето време и енергија. Градежните терени врват од добро обучени и предадени работници. Нема работнички штрајкови и нема забошотување во работата. Јеховиниот дух ја дава мотивацијата, исто како што ги мотивирал и градителите на шаторот за обожавање во времето на Мојсеј, како и оние кои го граделе храмот во времето на Соломон. Духовноста е истакнатата особина која се бара од овие работници. (Спореди 2. Мојсеева 35:30-35; 36:1-3; 39:42, 43; 3. Царства 6:11-14.)
20. а) До кој обем уште ќе се проповеда добрата вест? б) Кој благословен изглед го очекува Јеховиниот народ?
20 Откако го завршил храмот Соломон продолжил со својата градежна програма (2. Летописи 8:1-6). До кој обем уште ќе се шири современото сведочење — паралелно со потребата од градење на сали и други простории — не знаеме. Но знаеме дека кога оваа добра вест за Царството ќе се проповеда до обемот до кој Јехова ќе одлучи, тогаш ќе дојде крајот, ‚големата неволја‘ (Матеј 24:14, 21, ДК). На Земја која повеќе нема да ја уништуваат алчните луѓе, Јеховиното уредување на „ново небо и нова земја“ тогаш ќе донесе невидени благослови за човештвото. Затоа да ‚се веселиме и да се радуваме довека за она што Бог го создава‘ и да му ја даваме сета фалба на нашиот Величествен Творец! (Исаија 65:17-19, 21, 25).
[Фуснота]
a Види „Да дојде Царството твое“ (срп.) издадено од Христијанската верска заедница на Јеховини сведоци, стр. 105-116, 186-189.
Можеш ли да објасниш?
◻ Кои причини ги имаме да се радуваме во нашиот Величествен Творец?
◻ Какви порасти биле известени во текот на службената 1992 година?
◻ За какви богати благослови се известува од земјите каде што сведочењето порано беше забрането?
◻ Како младите и пионерите придонеле за порастот во Јеховината организација?
◻ Како Јеховиниот народ бил вработен како во материјалните, така и во духовните градежни дела?
[Рамка на страница 17]
Минатата година беа потрошени преку една милијарда часови во делото на проповедање и поучување
[Табела на страници 12-15]
ИЗВЕШТАЈ НА ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ ОД ЦЕЛИОТ СВЕТ ЗА 1992 СЛУЖБЕНА ГОДИНА
(Види во публикацијата)
[Слика на страница 10]
Стотиците илјади кандидати за крштение минатата година покажаа дека Јехова го благословува делото на проповедање и поучување
[Слика на страница 16]
Голем број млади луѓе си ‚спомнуваат за својот Величествен Творец‘