Родени се нови творби!
МУДРИОТ цар Соломон еднаш рекол: „Нема ништо ново под сонцето“ (Проповедник 1:9). Тоа е случај со физичкиот свет во кој живееме, но како е со оргомното подрачје на Јеховината духовна творба? Всушност, во тоа подрачје некој кој е поголем од Соломон, кој бил најголемиот човек кој некогаш живеел, станал главна нова творба. Како се случило тоа?
Во 29. г. н. е., совршениот човек, Исус, дошол на реката Јордан за да биде крстен од Јован Крстител. „И штом се крсти, Исус веднаш излезе од водата. Одеднаш Му се отворија небесата, и Го виде Духот Божји да слегува како гулаб и да се спушта над Него. И ете, глас од небесата говореше: ‚Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја!‘“ (Матеј 3:16, 17). Така, човекот Исус Христос бил првиот од новата творба, помазан да ја врши Божјата волја. Подоцна, на темел на неговата жртвена смрт, Исус станал Посредник на нов сојуз помеѓу Бог и една избрана група луѓе. Секој од нив станал „нова творба“, роден со Божји дух за небесна надеж, со изглед да владее со Исус во неговото небесно Царство (2. Коринтјаните 5:17; 1. Тимотеј 2:5, 6; Евреите 9:15).
Низ вековите, овие помазани, духовно родени христијани биле собирани во заедница со Христос како вистинско христијанско собрание, кое само по себе е нова творба. Бог го повикал од овој свет за одредена намера, како што изјавил апостолот Петар: „Вие сте род избран, царско свештенство, свет народ, луѓе придобиени [народ за посебна своина, NW], за да ги возвестите совршенствата на Оној, Кој ве повикал од темнина во Својата чудна светлина“ (1. Петрово 2:9). Како Христос Исус, Божјата првобитна нова творба, оваа нова творба која следувала има првенствена обврска да ја проповеда добрата вест (Лука 4:18, 19). Поединечно, неговите членови, кои конечно бројат 144.000, мораат ‚да се облечат во новиот човек, создаден според Бога во правда и светост“ (Ефесјаните 4:24; Откровение 14:1, 3). Тоа бара да го негуваат „плодот на Духот“, опишан во Галатјаните 5:22, 23, и верно да се грижат за нивното управителство (1. Коринтјаните 4:2; 9:16).
Што е со оваа нова творба во денешно време? Во 1914 година, како што покажува библискиот временски план, се исполниле зборовите од Откровение 11:15: „Царството на светот стана царство на нашиот Господ и на Неговиот Христос, и Он Ќе царува во сите векови!“. Првиот потфат на Христос, како новопоставен Цар, бил да го исфрли Сатана и неговите демонски ангели од небото долу во близина на Земјата. Тоа донело ‚тешко на земјата‘ во вид на прва светска војна, како и неволјите што се поврзани со неа (Откровение 12:9, 12, 17).
Тоа исто така им послужило како знак на преостанатите од новата творба на Земјата дека мораат да учествуваат во исполнувањето на Исусовото пророштво: ‚Ќе биде проповедано ова Евангелие за [воспоставеното] царство по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот“. Што е тој „крај“? Исус понатаму објаснува: „Тогаш ќе биде мака [голема неволја, ДК], каква што не била од почетокот на светот па досега, а и нема да биде. И, ако не се скратат оние дни, никој не би се спасил; но заради избраните ќе се скратат тие дни“ (Матеј 24:3-14, 21, 22).
Јеховиниот дух ги поттикнал овие помазаници од неговата нова творба да се вработат во најобемната проповедничка акција што некогаш се одиграла на Земјава. Од неколку илјади во 1919, бројот на овие ревносни објавители на Царството пораснал на околу 50.000 во средината на 1930-тите години. Како што било проречено, „гласот им се разнесе по целата земја, и зборовите нивни — до краиштата на вселената [населената земја, NW]“ (Римјаните 10:18).
Дали преостанатите на Земјата од новата творба ќе бидат единствените кои се собрани за спасение? Не, бидејќи пророштвото навело дека Божјите ангели ќе ги задржуваат ветровите на големата неволја сѐ додека не биде завршено собирањето не само на тие духовни Израелци кои се одредени за небо, туку и на другите, „големо мноштво народ, кое што никој не можеше да го преброи, – од сите племиња и колена, народи и јазици“. Какво ќе биде нивното одредиште? Па, тие ќе излезат неповредени „од големата неволја“ (ДК) за да се радуваат на вечен живот на рајската Земја! (Откровение 7:1-4, 9, 14).
За среќа, ова големо мноштво, собрано од околу 229 земји, брзо пораснало на скоро 4.500.000 активни Сведоци. А доаѓаат уште многу други, како што покажува бројот од 11.431.171 присутни на Спомен-свеченоста по повод Исусовата смрт, одржана на 17. април минатата година. Од сите овие милиони, само 8.683 кои се изјаснуваат дека им припаѓаат на преостанатите од новата творба, зедоа од симболите на Спомен-свеченоста. Членовите на оваа мала група никогаш не би можеле самите да го извршат денешното огромно дело на проповедање. Милионите кои го сочинуваат големото мноштво сега работат рамо до рамо со нив на завршувањето на делото (Софонија 3:9, ДК). Освен тоа, добро оспособените членови на големото мноштво сега вршат управни и други одговорни работи заедно со помазаното Водечко тело на духовниот Израел, исто како што Нетинејците работеле со свештениците на поправањето на ѕидовите на Ерусалим (Неемија 3:22-26).
Создавање на „ново небо и нова земја“
Колкава радост го придружува ова собирање! Токму онака како што рекол Јехова: „Ете, Јас создавам ново небо и нова земја, а поранешните нема повеќе да се спомнуваат, ниту на ум ќе доаѓаат. А вие ќе се веселите и ќе се радувате довека за она што Јас го создавам: зашто, ете, Јас ќе го создадам Ерусалим за веселба, а народот негов — за радост. Ќе се радувам за Ерусалим и ќе се веселам за Мојот народ; и нема повеќе да се чуе глас во него од плачење и глас од пискот“ (Исаија 65:17-19). Новите небеса на Јеховината творба конечно ќе ги сочинуваат Христос Исус и 144.000 воскреснати членови на новата творба кои биле откупени од човештвото во текот на изминатите 19 столетија. Таа е многу, многу пославна отколку било која земска влада што владеела во дословниот Ерусалим, дури и од онаа од времето на Соломон. Таа е отелотворение на Новиот Ерусалим, небесен град, опишан во сета негова блескава убавина во Откровение, поглавје 21.
Новиот Ерусалим е Христовата духовна невеста, неговите 144.000 помазани следбеници кои му се придружуваат на својот младоженец на небото по нивната смрт и духовно воскресение. Во Откровение 21:1-4 тие се опишани како ‚слегуваат од Бога, од небото‘, односно, тој ги употребува за да ги насочи благословите кон човештвото тука на Земјата. На овој начин се исполнува пророштвото: „Ете ја скинијата на Бога меѓу луѓето, и Он ќе живее со нив; тие ќе бидат Негов народ, а Сам Бог ќе биде со нив — нивни Бог. И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина“.
Колку би требало да бидеме благодарни што Бог ги создал тие нови небеса! За разлика од краткотрајните, расипани владетелства кои толку долго го измачувале човештвото, оваа подготовка за влада што ја направил Бог ќе биде трајна. Новата творба и нејзиното духовно потомство, големото мноштво, воскликнува заради Божјето натамошно ветување: „Зашто, како што новото небо и новата земја, кои Јас ќе ги создадам, ќе бидат секогаш пред лицето Мое, вели Господ, така ќе постои и потомството ваше и името ваше“ (Исаија 66:22).
„Новата земја“ започнала со ова потомство на помазаниците од новата творба. Тоа е новото, богобојазливо општество на човештвото на Земјата. Омразата, злосторствата, насилството, расипаноста и неморалот коишто постојат во човечкото општество денес, бездруго ја истакнуваат потребата од потполна промена во ново земско општество кое ќе дејствува под водството на добротворните нови небеса. Токму тоа го планира Јехова. Исто како што создал нови небеса, така тој ја создава новата земја, собирајќи го големото мноштво како јадро на мирољубивото ново светско општество. Само ова општество ќе биде сочувано во живот „од големата неволја“ (ДК) (Откровение 7:14).
Што можеме да очекуваме после големата неволја? Зборувајќи им на своите апостоли, првите од оние кои треба да ги сочинуваат новите небеса коишто ќе управуваат со новата Земја, Исус ветил: „Вистина, ви велам, дека вие што врвите по Мене, при повторното раѓање, кога Синот Човечки ќе седне на престолот на славата Своја, ќе седнете и вие на дванаесет престоли и ќе судите над дванаесетте Израилеви колена“ (Матеј 19:28). Сите 144.000 од овој Нов Ерусалим ќе учествуваат со Исус во судењето на човештвото. Тогаш љубовта ќе ги замени себичноста и омразата како темел на кој се гради човечкото општество. Племенските, расните и националистичките проблеми ќе бидат искоренети. Воскресението постепено ќе ги врати нашите сакани. Верното човештво кое ќе брои на милијарди, ќе стане големо, обединето семејство, издигнато до вечен живот на Земја која ќе биде претворена во рај.
Ова ќе биде многу повеќе од утопија или идила. Тоа ќе биде трајна творба — ‚ново небо и нова земја кои ги очекуваме според Неговото ветување, на кои ќе се настани правда‘ (2. Петрово 3:13). Секако, тоа е прекрасен изглед, величествено ветување од оној кој рекол: „Ете, сѐ ново создавам“, и кој ја додал изјавата што вдахнува вера: „Овие зборови се вистинити и верни“ (Откровение 21:5).