Дали ќе се вознесеш на небо?
МНОГУ луѓе веруваат дека после смрта ќе одат на небо. Но некои мислат дека ќе бидат вознесени на небото на начин којшто се нарекува екстаза. Очекуваш ли и ти такво нешто?
Екстазата е „ненадејно исчезнување на милиони и милиони луѓе без никаква трага за тоа каде се отидени!“ Така рекол еден протестантски евангелист. Според Evangelical Dictionary of Theology, терминот „екстаза“ се однесува на „црквата која е обединета со Христос при неговото второ доаѓање“.
За некои е вознемирувачка помислата да ги остават зад себе пријателите и членовите на семејството за да се сретнат со Исус Христос. Па сепак, мнозина веруваат дека екстазата мора да се одигра. Дали тоа ќе се случи? Ако да, кога?
Различни гледишта за екстазата
Библијата покажува дека пред почетокот на Христовото ветено Илјадагодишно Царство ќе постои период на така наречена „голема неволја“ (Даничиќ–Караџиќ). Исус рекол: „Ќе има голема неволја каква што немало од постанокот на светот до сега, ниту ќе ја има“ (Матеј 24:21; Откровение 20:6). Некои екстазата ја ставаат пред големата неволја. Други ја очекуваат за време на големата неволја. А трети, мислат дека екстазата ќе дојде после таа неспоредлива неволја.
Сфаќањето дека екстазата ќе се случи после големата неволја преовладувало сѐ до почетокот на XIX век. Тогаш, во Англија се развило едно движење што го предводел еден поранешен црковен свештеник на Ирската црква, Џон Нелсон Дарби. Тој и истомислените англиканци станале познати како Браќа. Од својата база во Плајмут, Дарби патувал за да проповеда во Швајцарија и насекаде во Европа. Тврдел дека Христовото враќање ќе се одигра во две етапи. Тоа би започнало со тајна екстаза во која „светците“ ќе бидат вознесени пред еден седумгодишен период на неволја да ја опустоши Земјата. Потоа Христос би се појавил видлив, придружен од овие „светци“, и тие заедно би владееле на Земјата илјада години.
Дарби ја нагласил потребата да се биде одвоен од светот, а оние кои ги делеле неговите сфаќања на крајот станале познати како Недопирливи браќа. Б. В. Њутн предводел една поинаква секта која верувала во екстазата, но не во таква која би се случила пред големата неволја. Александер Рис, кој верувал во екстазата после големата неволја, тврдел дека „теориите за Тајна Екстаза претставуваат закана за надежта во Христовото Доаѓање“.
Оние кои го застапуваат мислењето дека екстазата ќе се одигра пред големата неволја веруваат дека оваа разлика во гледиштата е доволно сериозна за да се одрази на „природата на [нивната] надеж во поглед на Христовото доаѓање“. Други ја ставаат довербата во „теорија за делумна екстаза“, верувајќи дека оние кои му се најлојални на Христос ќе бидат најпрво екстатирани, а (повеќе) посветовните ќе бидат земени подоцна“.
Многу евангелски групи објавуваат претстојно екстатирање на верните христијани. Меѓутоа, со оглед на различните гледишта, една брошура, издадена од Британската Елим Пентекостална Црква, вели: „Иако веруваме во еден широк спектар на настани коишто се поврзани со враќањето на Господ Исус . . ., во толкувањето на пророштвата е дозволена слобода, соодветно на убедувањата на поединецот. Многумина прифаќаат недогматски став и стрпливо очекуваат настаните сами да ја откријат пророчката програма“.
Божјата инспирирана Реч, Библијата, е мерилото според кое треба да ја мериме веродостојноста на сите верувања (2. Тимотеј 1:13; 3:16, 17). Затоа, да видиме што таа кажува за екстазата?