Јехова ги менува времињата и годините во Романија
ВЕТРИШТА на промени ја зафатија Источна Европа во 1989. За само неколку месеци, влади кои некогаш стоеја како непобедливи тврдини се срушија како домино. Покрај политичките трансформации дојдоа и општествени, економски и, што е од најголем интерес за Јеховините сведоци, религиозни промени. Од една земја во друга, Јеховините сведоци добиваа службено признание и им беше вратена слободата да ја вршат својата религиозна активност.
Но изгледаше дека работите ќе бидат поинакви во Романија. Владата имаше толку силен стисок над луѓето што изгледаше дека ветриштата на промените ќе имаат мало влијание. Додека Јеховините сведоци таму слушаа што се случуваше во другите источноевропски земји, се прашуваа: ‚Дали ние некогаш ќе имаме слобода на обожавање пред Армагедон?‘ Нивните срца копнееја по времето кога ќе можат да се состануваат на христијанските состаноци со нивните духовни браќа и сестри, јавно да ја проповедаат добрата вест, и отворено да ги проучуваат библиските публикации без цело време да ги кријат. Сето тоа изгледаше како сон.
А потоа сонот стана вистина! Тоа се случи во декември 1989. На изненадување на сите, преку ноќ падна режимот на Чаушеску. Тие христијани одеднаш најдоа олеснување. На 9. април 1990, Јеховините сведоци беа законски признаени како религиозна организација во Романија. Јехова ги промени времињата и годините за тамошните 17.000 активни Сведоци. (Спореди Даниил 2:21.)
Долга историја
Во 1911, Карол Сабо и Јосиф Кис се вратиле во Романија од Соединетите Држави, каде што ги научиле библиските вистини и ги предале своите животи на Јехова за да ја вршат неговата волја. Сакале да ја споделат добрата вест со своите сонародници. Кога стигнале во Романија, веднаш почнале да проповедаат. Кога избила Првата светска војна, биле уапсени заради она што го вршеле. Сепак, семето на Царството што го посеале почнало да дава резултати. До 1920, кога делото било реорганизирано, во Романија имало околу 1.800 објавители на Царството.
До тоа време, револуционерниот дух што се разгорел на Балканот сѐ повеќе и повеќе се чувствувал во Романија, а немирите насекаде зеле замав. И покрај тешките времиња, нашите духовни браќа го продолжиле делото. Во 1924, Watch Tower Society отворило канцеларија на улица Регина Марија 26 во Клуј-Напока за да се грижи за делото во Романија, Унгарија, Бугарија, Југославија и Албанија.
Но, политичката ситуација станала многу напната, и освен проблеми од страна на властите, имало проблеми внатре во организацијата. Годишникот од 1930 (англ.) известува: „Поради неверноста на оној кого Друштвото таму го испрати, браќата се расеани и нивната доверба е многу разнишана. Друштвото бара некаква прилика за повторно да го обнови делото во таа земја, но месните власти забрануваат сѐ, и мораме да чекаме Господ да отвори поповолен пат“. Потоа, во 1930, Мартин Маѓароши, романски Сведок, крстен во 1922, бил наименуван како нов слуга на подружницата, а подружницата подоцна била преселена на улица Кришана 33, во Букурешт. После долга борба, во 1933 Друштвото конечно било регистрирано како законско друштво во Романија.
Тешкотиите продолжиле
Тешки искушенија продолжиле да ги снаоѓаат Сведоците во Романија. Годишникот од 1936 (англ.) известува: „Сигурно дека во ниеден дел од Земјата браќата не работат со поголеми тешкотии од оние во Романија“. И покрај сите тешкотии, извештаите од службата за 1937 споменале 75 собранија со 856 објавители во Романија. На Спомен-свеченоста имало 2.608 присутни.
Романија не била поштедена додека траела II Светска војна. Во септември 1940, генерал Јон Антонеску ја приграбил власта во владата и започнало владеење слично на Хитлеровото. Терористичките дела станале сосема вообичаени. Биле уапсени стотици наши браќа, претепани и измачувани. Брат Маѓароши бил уапсен во септември 1942, но сепак од затвор можел да го координира делото за Трансилванија.
Прогонствата продолжиле кога Хитлеровите трупи навлегле во земјата во 1944. Еден извештај од Букурешт ги опишал условите под нацистичкиот режим: „Јеховините сведоци во оваа земја беа ужасно прогонувани. Беа затворани со комунисти, обвинувани од хитлеровското свештенство дека се полоши од комунистите, многумина од нас беа осудени или на 25 години затвор, или доживотно, или на смрт“.
Војната конечно престанала и, на 1. јуни 1945, канцеларијата на Друштвото во Букурешт продолжила со активност. И покрај потешкотиите за добивање на хартија, оддадени работници отпечатиле преку 860.000 брошури и преку 85.000 примероци на Стражарска кула на романски и унгарски. Јехова богато го благословил нивниот напорен труд. До 1946 биле крстени околу 1.630 нови лица. Врвна точка таа година бил националниот конгрес што се одржал во Букурешт на 28. и 29. септември. Свештенството прилично се трудело да се вмеша и да го прекине овој конгрес, но не успеале, и околу 15.000 луѓе присуствувале на јавното предавање. За прв пат браќата во Романија можеле да одржат таков конгрес.
Друштвото го испратило во Романија братот Алфред Рутиман од швајцарската подружница. Во август 1947, бил во можност да зборува пред повеќе од 4.500 браќа на 16 локации и да ги изградува за она што претстоело. Набргу требало повторно да дојдат притисоци врз Сведоците, овој пат од страна на комунистичкиот режим. Во февруари 1948, властите ја забраниле нашата печатарска и проповедничка активност. Подоцна, во август 1949, канцеларијата на улица Алион 38 била нападната. Потоа многу браќа, вклучувајќи го брат Маѓароши, биле уапсени. Овој пат, обвинети дека се империјалисти, биле одведени во затвор или на принудна работа. Следните 40 години делото беше забрането и Јеховините сведоци многу страдале. Освен таа неволја, внатре во организацијата имало проблеми предизвикани од непријатели. На крајот, во 1989 режимот на Чаушеску беше соборен и тие беа слободни! Што ќе направат сега со нивната слобода?
Повторно јавно проповедање
Сведоците не губеа време. Веднаш почнаа да проповедаат од куќа до куќа. Но тоа не беше лесно за оние кои со години храбро го спроведувале делото илегално преку неформално сведочење. Беа нервозни што сега можеа да проповедаат јавно. Повеќето од нив никогаш не го правеле тоа, а последниот пат кога некој од нив проповедал од куќа до куќа било кон крајот на 1940-те години. Какви резултати имаат тие? Да видиме.
Добро место за почеток е главниот град Букурешт кој има 2,5 милиони жители. Пред две години, во градот имаше само четири собранија. Сега има десет собранија, а на Спомен-свеченоста во 1992 дојдоа повеќе од 2.100 души. Бидејќи се водат многу напредни библиски студии, наскоро може да се формираат нови собранија.
Крајова е град во југоисточниот дел од земјата со околу 300.000 жители. Сѐ до 1990, во целиот град имаше само околу 80 Сведоци. Потоа стана популарен пионерскиот дух и делото тргна напред. Само во 1992, се крстија 74 лица, а се водеа 150 библиски студии. Сега, со преку 200 објавители, желно бараат соодветно место за Царска сала.
Во Тргу-Муреш, една сестра Сведок и двајца браќа отишле кај православниот свештеник за да ја испишат од црковните регистри. Кога ја дознал целта на нивната посета, свештеникот ги поканил внатре и многу убаво разговарале. Тој потоа им рекол: „Ви завидувам, но не во негативна смисла. Ние би требало да го вршиме делото што вие го вршите. Штета што православната црква е заспан џин!“ Ја зел брошурата Дали треба да се верува во Тројство? и еден примерок на Стражарска кула. Сестрата е среќна што повеќе не му припаѓа на ‚заспаниот џин‘ (Откровение 18:4).
Важно е тоа што поголемиот дел од оние кои ја спознаваат вистината, се млади луѓе. Зошто? Очигледно многу очекувале од промените во владата, но се разочарале. Среќни се што спознале дека само Јеховиното Царство може да донесе трајно решение на нашите проблеми (Псалми 145:3-5).
Големи работи во мали места
Околиш е мало село во северна Романија. Во 1920, еден човек, кој се викал Пинтеа Мојсе, се вратил од рускиот фронт каде што бил воен затвореник. Некогаш бил католик, но пред да се врати станал баптист. После три недели, го посетиле Истражувачите на Библијата, како што тогаш биле познати Јеховините сведоци. После таа посета, тој изјавил: „Сега ја пронајдов вистината за Бог“. До 1924, во Околиш имало група од 35 луѓе.
Денес, кога месното население брои 473 жители, таму има 170 објавители на Царството. Секој објавител има околу две куќи за свое подрачје, а работат и во околните села. Сепак, тие се оптимисти. Тукушто изградија прекрасна Царска сала која прима 400 лица. Сета работа ја извршија месните Сведоци.
Валеа Ларга е местото каде што браќата Сабо и Кис се сместиле во 1914. Во 1991, меѓу неговите 3.700 жители имаше осум собранија и 582 објавители на Царството. На Споменот во 1992 имаше 1.082 присутни — скоро секое трето лице во таа долина.
Специјалните пионери го отвораат патот
Специјалните пионери играат важна улога во пренесувањето на добрата вест до луѓето во подалечните предели. Веднаш штом била допуштена слобода за проповедање, Јонел Албан почнал да работи во два града, два дена во седмицата во Оршова и пет дена во Турну Северин.
Кога пристигнал Јонел, во Оршова немало Сведоци. Првата седмица започнал библиска студија со едно 14-годишно момче. Момчето за два месеца направило толку многу промени што и еден негов пријател и еден сосед почнале да проучуваат. Соседот, Роланд, кој бил католик, зачудувачки напредувал. После само месец и пол му се придружил на Јонел во проповедничкото дело, а за пет месеци се крстил. Веднаш стапил во полновремената служба. И мајка му почнала да проучува и се крстила на Обласниот конгрес „Светлоносци“ во 1992. Сега во Оршова има десет објавители кои водат 30 домашни библиски студии.
Првиот кој ја прифатил вистината во Турну Северин бил рецепционерот во хотелот каде што престојувал Јонел. После два месеца, човекот станал некрстен објавител, а за три месеци се крстил. Тој е сега еден од 32-та објавители кои водат вкупно 84 домашни библиски студии.
Една друга специјална пионерка, Габриела Гејца, служела како општ пионер дури и кога нашето дело било забрането. Нејзината желба била да работи таму каде што потребата била поголема. Ѝ било доделено пространо подрачје. Понекогаш патувала од 100 до 160 километри за да ги посетува заинтерсираните луѓе. Еден град каде што работела бил Мотру, каде што имало само четворица Сведоци. „Поради зголемената активност во Мотру, свештениците и другите религиозни групи почнаа да ни се спротивставуваат“, раскажува таа. „Влијаеја на градоначалникот и на полицијата да вршат притисок врз семејствата кои ме сместуваа. Тие ме исфрлуваа и затоа скоро секој месец морав да барам ново место за престој.“
Габриела почнала да проучува со една атеистка во Оршова која рекла дека не ја интересираат ниту религијата ниту Библијата. Но жената почнала да ја брани Библијата после само четири месеци проучување. Иако нејзиниот сопруг ја заклучил надвор навечер и ѝ се заканил дека ќе се разведе од неа или ќе ја убие, таа ја задржала својата беспрекорност. Уште пред да се крсти, водела десет библиски студии.
Прекрасни изгледи за иднината
Во август 1992, Романија постигна највисок број од 24.752 објавители во 286 собранија. На Споменот присуствуваа преку 66.000 лица. Во малата подружница во Букурешт, 17 работници на најдобар начин се трудат да се грижат за духовните потреби на своите браќа. Тие се радуваат што наскоро ќе започне изградбата на поголема подружница.
Јеховините сведоци во Романија не можат а да не се чудат на сите брзи промени во последниве неколку години. Тие му се благодарни на Јехова Бог што се дел од меѓународното собрание кое го носи неговото име и кое ги води луѓето до точно спознание за него и за неговата непроменлива намера. После толку многу години на потешкотии и прогонство, многу му се благодарни на Јехова што тој навистина ги променил времињата и годините во Романија!
[Карта на страница 23]
(Види во публикацијата)
УНГАРИЈА
РОМАНИЈА
Букурешт
Клуј-Напока
Крајова
Тргу Муреш
Оршова
Турну Северин
Мотру
Турда
БУГАРИЈА
[Слики на страници 24 и 25]
1. Околу 700 Сведоци собрани во шума во 1947
2. Леток за едно јавно предавање во 1946
3. Конгрес во Алба Јулија во 1992
4. Сведочење во Клуј-Напока денеска
5. Царска сала близу Турда
6. Бетелската фамилија во Букурешт