ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w94 1/6 стр. 19-23
  • Ни дадоа пример

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Ни дадоа пример
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1994
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Учење на библиските вистини
  • Пионерска служба во Австралија
  • Поканети на странско подрачје
  • Брак, забрана и војна
  • Живот во концентрациони логори
  • Ослободување и значајна повторна средба
  • Назад во Австралија
  • Јехова докажа дека е со мене
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
  • Мисионерската доделба стана наш дом
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2002
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1994
w94 1/6 стр. 19-23

Ни дадоа пример

РАСКАЖАЛ КРЕИГ ЗАНКЕР

Осум години жена ми Гејл и јас сме пионери, полновремени слуги на Јеховините сведоци. Последните шест години служиме меѓу абориџинското население во зафрлените краеви на Австралија. Ние само го следиме добриот пример што ни го дадоа моите родители и баба ми и дедо ми.

ДОЗВОЛЕТЕ да ви раскажам нешто интересно за дедо ми и баба ми. Секогаш нагалено сме ги викале Опа и Ома, што на холандски значи дедо и баба. Дедо ми Чарлс Харис сѐ уште служи ревно во Мелбурн, каде што живее скоро 50 години.

Учење на библиските вистини

Опа се родил во едно мало гратче на Тасманија, австралиската островска држава. Во 1924, кога имал 14 години, на една лицитација, татко му купил еден морнарски ковчег. Тој ковчег се покажал како вистинско духовно богатство затоа што содржел комплет книги напишани од првиот претседател на Watch Tower Bible and Tract Society, Чарлс Тејз Расел.

Изгледа дека татко му на Опа не бил посебно заинтересиран за книгите, но Опа почнал да ги чита и веднаш сфатил дека тие содржат животоважни библиски вистини. Затоа почнал да ги бара Меѓународните истражувачи на Библијата, претставниците на издавачите на книгите кои сега се познати како Јеховини сведоци. Сакал да разговара со нив за да добие натамошни објаснувања за библиските вистини што ги учел.

По многу распрашување, нашол три постари жени кои биле активни во поучувањето на другите. Тие извршиле големо влијание врз младиот Чарлс. Најпосле, во 1930, му се предал на Јехова Бог и бил крстен во вода. Ја напуштил својата работа како месар и отпатувал на север кон Сиднеј, каде што добил доделба како полновремен евангелизатор.

Пионерска служба во Австралија

Во наредните неколку години, подрачјата за проповедање на Чарлс ја опфаќале и сиднејската крајбрежна населба Бонди, како и селските подрачја на државата Нов Јужен Велс. Потоа бил доделен во Перт (Западна Австралија), на оддалеченост од илјадници километри на другата страна од континентот. Шест месеци проповедал во деловното подрачје на Перт, а потоа, со уште двајца други пионери, бил доделен во ретко населените подрачја на северозападна Австралија.

Проповедничката доделба на ова трио — Артур Вилис, Џорџ Ролстен и Чарлс — било подрачје четири пати поголемо од Италија! Населението било ретко, земјата пуста, а жештините големи. Понекогаш било потребно да патуваат повеќе од 500 километри помеѓу ранчовите, познати како станици за стока. Возилото што го користеле било дотраено, дури и за стандардот на 1930-те, но тие имале јака вера и биле одлучни.

Тесните, неасфалтирани патишта со дупки биле испрекрстени со козји патеки, и овде-онде ситната прашина (наречена бикова прашина) криела опасни дрвени трупци. Не е ни чудно што амортизерите на автомобилот често се кршеле. Задната оска се скршила два пати, а гумите многу пати биле испосечени. Пионерите често правеле облоги од стари гуми и ги прицврстувале со шрафови за кров за внатрешната страна од постоечките гуми за да го продолжат патувањето.

Како младо момче, го прашав Опа што било тоа што ги охрабрило да продолжат под такви тешки услови. Тој објасни дека, иако изолирани, тие биле блиски со Јехова. Она што понекогаш претставувало физичка тешкотија, рече тој, станувало духовен благослов.

Без никаква трага на супериорност или самооправданост, Опа изрази зачуденост што толку многу луѓе изгледа се претерано загрижени околу трупањето материјални работи. „Животот“, ме потсети тој, „подобро се проживува со што помалку багаж. Ако Исус бил спремен да спие под отворено небо кога тоа било потребно, тогаш треба да бидеме среќни и ние да го сториме истото ако тоа го бара нашата доделба“ (Матеј 8:19, 20). И навистина, тој и неговите другари го направиле тоа.

Поканети на странско подрачје

Во 1935, Опа добил нова проповедничка доделба — да им сведочи на островјаните во Јужниот Пацифик. Со екипа од други шестмина отпловил со едреникот Lightbearer (Светлоносец) на Watch Tower Society, долг 16 метри.

Во една прилика, на Коралското Море на север од Австралија, откажал помошниот мотор на Lightbearer. Немало никаков ветер и не можеле да пловат, а биле илјадници милји далеку од копно. Иако постоела опасност од бродолом на Големиот Коралски Гребен, Опа бил импресиониран од извонредното спокојство. „Морето беше многу мирно“, напишал во својот дневник. „Нема никогаш да го заборавам заоѓањето на сонцето секоја вечер на тоа мирно море. Глетката беше толку убава што ми се врежа во сеќавањето засекогаш“.

За среќа, пред да бидат однесени кон гребенот, се вратил ветерот и пристигнале безбедно со раширени едра во Порт Морсби (Папуа Нова Гвинеја), каде што го поправиле моторот. Од Порт Морсби отпловиле кон островот Четврток, а потоа кон Јава, голем индонезиски остров. Опа развил голема љубов спрема оваа земја која е опишана како „бисерен ѓердан нанижан околу екваторот“. Во тоа време, Индонезија била холандска колонија и затоа дедо научил и холандски и индонезиски. Литературата која ја нудел во проповедничката активност, меѓутоа, била на пет јазика: холандски, индонезиски, кинески, англиски и арапски.

Опа бил многу успешен во делење на библиска литература. Еднаш Клем Дешан, кој бил одговорен за експедитот на Watch Tower во Батавија (сега Џакарта), бил повикан кај еден холандски офицер кој внимателно го набљудувал нашето проповедничко дело. „Колку луѓе имате таму долу на Источна Јава?“, прашал офицерот.

„Само еден“, одговорил брат Дешан.

„Очекувате да ви верувам?“, се карал офицерот. „Сигурно имате цела војска работници таму, судејќи по количината на литература што ја имате поделено насекаде!“

Опа мисли дека тоа му бил еден од најголемите комплименти во животот. Но секако дека го заслужил бидејќи за него не било чудно да даде од 1.500 до 3.000 примероци литература секој месец.

Брак, забрана и војна

Во декември 1938, Опа се оженил за една млада Индонезијка која се викала Вилхелмина, мојата баба. Ома, то ест баба, беше љубезна, кротка, вредна и мила. Тоа го знам бидејќи таа ми беше најблискиот пријател во детството.

После нивното венчавање, Опа и Ома заедно продолжиле со нивната пионерска служба. Дотогаш, другите членови од екипажот на Lightbearer биле раштркани во другите делови од светот или се вратиле дома. Но Опа ја направил Индонезија свој дом и бил одлучен да остане.

Додека наближувала Втората светска војна, холандската влада која била на власт во Индонезија, а и под притисок на свештенството, почнала да поставува забрани на активноста на Јеховините сведоци, и на крајот го забранила нашето дело. Поради тоа, проповедањето се вршело со тешкотија, така што се користела само Библијата. Скоро во секој град што го посетиле Опа и Ома, биле одведени пред властите и биле испрашувани. Биле третирани како криминалци. Кратко по забраната, мажот на сестра ѝ на Ома бил затворен поради неговиот став на христијанска неутралност. Умрел во еден затвор што бил под холандска власт.

Опа и Ома живееле во камион којшто бил претворен во камп приколка. Користејќи го тој подвижен дом, сведочеле по цела Јава. Во 1940, кога се најавувала закана од јапонска воена инвазија, биле благословени со ќеркичка, мојата мајка. На бебето му дале име Виктори по насловот на предавањето кое, две години пред тоа, го одржал тогашниот претседател на Watch Tower Bible and Tract Society, Џ. Ф. Ратерфорд. Во пионерската служба биле сѐ додека не се родило бебето.

Во почетокот на 1942, Опа, Ома и Виктори се наоѓале на холандски товарен брод кој се враќал од Борнео кога се чула силна експлозија од еден јапонски разурнувач. Се изгаснале сите светла и луѓето почнале да пискаат. На тој начин војната влегла во животот на моето семејство. Иако безбедно стигнале во пристаништето, Јапонците ја нападнале Јава само неколку дена после тоа, а еден холандски офицер на јапонските војници им кажал каде се наоѓаат Опа и Ома.

Кога Јапонците ги нашле, им зеле сѐ што имале, дури и малите играчки на Виктори и биле одведени во различни концентрациони логори. Дозволиле Виктори да остане со Ома, а Опа не ги видел следните три и пол години.

Живот во концентрациони логори

Во текот на неговото заточеништво, Опа бил преместуван од град в град — од Сурабаја во Нгави, во Бандунг и на крај во Тјимахи. Тие постојани преместувања биле со цел да се спречи секаков обид за организирано бегство. Затворениците биле воглавно Холанѓани, со неколку Британци и Австралијанци. Додека бил во логорите, Опа го научил берберскиот занает, вештина која сѐ уште повремено ја користи. Единствената религиозна книга која смеел да ја има била Библијата — преводот King James.

Во меѓувреме, Ома и Виктори исто така биле преселувани од логор в логор. Во тие логори, командантот на логорот им наредувал на жените да служат надвор во „добротворни цели“. Од некоја причина, меѓутоа, Ома никогаш не била избрана. Таа подоцна дознала дека жените биле носени надвор за да служат како проститутки за јапонските војници.

Бидејќи јапонските војници не биле наклонети кон женските деца, Ома секогаш ја облекувала Виктори како момче и кратко ѝ ја стрижела косата. Името Виктори [Победа] создало голем проблем кога заповедникот на логорот сакал да знае што значи името — Победа за империјалистичката јапонска војска или Победа за Американците?

„Победа за Божјето Царство над сите земски влади!“ — горделиво одговорила баба ми.

Како казна поради тоа што не сакале да речат: „Победа за империјалистичката јапонска војска“, Ома и нејзината петгодишна ќерка биле присилени да стојат исправено и мирно како војници осум часови на жешкото тропско сонце. Без сенка, без вода, без да седат и без да се наведнат. Но со Јеховина помош, го преживеале тоа страшно искушение.

Една година по заточеништвото на Ома, командантот на логорот ѝ рекол дека умрел нејзиниот сопруг! Таа нажалено ја ставила сликата на Опа на дното на својот исчукан куфер и продолжила, и покрај тагата.

Животот во воениот логор бил тежок. Дневните оброци за секое лице се состоеле од по една чаша тапиока за појадок, 190 грама леб од скроб за ручек, а за вечера една чаша варен ориз во ретка супа од зеленчук. Поради таквите оскудни оброци, вообичаена била недохранетоста, а секој ден имало жртви на дизентерија.

Во текот на заточеништвото, поради недохранетост Опа бил болен од пелагра и оток (болест од изгладнетост). Ома исто така за малку ќе умрела бидејќи својата храна често ѝ ја давала на Виктори за да не умре од глад. Суровоста и гладот станале постојани придружници. Можеле да преживеат само поради што останале блиску до својот Бог Јехова.

Добро се сеќавам на омилената изрека на Опа: „Слобода значи да бидеш во хармонија со Божествениот, Јехова“. На тој начин, Опа се сметал слободен во вистинска смисла, дури и кога поднесувал сурово заточеништво. Љубовта што тој и Ома ја имале спрема Јехова секако им помогнала ‚сѐ да претрпат‘ (1. Коринтјаните 13:7). И Гејл и јас сега се стремиме да го задржиме тој близок однос со Бог.

Ослободување и значајна повторна средба

Конечно, завршила Втората светска војна во 1945. Кратко после капитулацијата на Јапонија, Опа бил транспортиран со воз. На патот од Џакарта до Бандунг, возот го запреле индонезиски војници. Иако непријателствата со Јапонците престанале, Индонезијците се бореле за независност од Холанѓаните. Опа бил толку изненаден кога го симнале од возот што заборавил да зборува англиски и почнал да зборува холандски. За Индонезијците, холандскиот јазик бил јазикот на непријателот, а непријателот требало да се убие.

За среќа, додека војниците го претресувале Опа, му ја пронашле неговата австралиска возачка дозвола за која тој сосема заборавил. Индонезијците за среќа не војувале со Австралија. До ден-денеска, откритието на дозволата која го потврдила неговото австралиско државјанство Опа го смета за божествена интервенција, бидејќи на истата таа станица, само после неколку часови, истите тие војници убиле 12 Холанѓани кои патувале со возот.

Набргу по таа случка, Ома и Виктори чекале да бидат транспортирани од пределите зафатени со војната. Додека чекале крај патот, поминувала една бескрајна колона камиони со војници и цивили. Наеднаш, без некаква причина, колоната застанала. Ома случајно погледнала во отворениот заден дел на најблискиот камион, а таму, на нејзино изненадување, седел еден ослабен човек кого веднаш го препознала. Тоа бил нејзиниот сопруг! Немало зборови да се изразат емоциите на нивната повторна средба.

Назад во Австралија

Во 1946, кога дедо ми се вратил со своето семејство во Австралија, после 11 години во Индонезија, животот не им бил лесен. Се вратиле како воени бегалци — сиромашни, недохранети и многу од месните жители ги сметале за сомнителни. Ома и Виктори најмногу морале да страдаат поради расната предрасуда кон азиските имигранти. Опа морал да работи долги часови за да го издржува семејството и да им обезбеди дом. И покрај овие потешкотии, тие издржале и преживеале без да им трпи духовноста.

Сега, по 48 години, Опа живее во Мелбурн, каде што сѐ уште учествува во службата од куќа до куќа. Доживеал Виктори и нејзините деца да ја прифатат вистината, да му ги предадат своите животи на Јехова и секој по ред да стапи во полновремената пионерска служба.

Дез Занкер, мојот татко и Виктори се крстиле во раните 50-ти години, а Дез стана член на австралиската бетелска фамилија во 1958. Откако се оженил за Виктори, која служела како специјален пионер, заедно биле пионери, а потоа биле повикани во патувачката служба. Потоа сум се родил јас, и морале да ја напуштат патувачката служба за да ме одгледуваат мене. Сепак, после 27 години, тато сѐ уште е пионер.

Во почетокот на 1990, Ома мирно почина дома во истата куќа каде што мајка ми порасна. И јас пораснав во истата куќа во Мелбурн, а и моите помали брат и сестра. Вистински благослов е тоа што целото семејство живееше во иста куќа. Понекогаш беше тесно, но не се сеќавам дека ми пречело. Дури и за време на првите четири години од нашиот брак, жена ми Гејл живееше тука и ѝ се допаѓаше. Кога на крај заминавме на нашата нова доделба, плачев. Во таа куќа добив толку голема поддршка и љубов.

Но, Гејл и јас сега имаме причина за неизмерна радост, затоа што можеме да го правиме она што моите родители и нивните родители пред нив го правеле. Кога го напуштивме нашиот дом, најдовме утеха во причината за нашето заминување — да ја вршиме Јеховината волја во полновремената служба. Ние се трудиме да го следиме извонредниот пример на нашите верни претци, кои нашле слична утеха додека работеле на тешки задачи, кога биле крајно сиромашни, па дури и кога со години биле во јапонски концентрациони логори (2. Коринтјаните 1:3, 4).

Опа секогаш наоѓал утеха во инспирираните зборови на цар Давид што ги упатил до Јехова: „Милоста Твоја е подобра од животот“ (Псалм 62:3). Дедо ми секогаш имаше голема желба вечно да ја ужива таа милост. А целата негова фамилија сака да го сподели тоа со него.

[Слика на страница 21]

Ома и Опа Харис

[Слика на страница 23]

Креиг Занкер (позади), со сопругата, родителите и помалиот брат и сестра

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели