Сингапур ја гази слободата на обожавање
НОЌТА на 24 февруари 1995, во четири домови во градот Сингапур упаднала полиција. Уапсени биле вкупно 69 луѓе.a Помеѓу нив се наоѓала една 71-годишна жена и две 15-годишни девојчиња. Зошто? Дали поради некое кривично или превратничко дело? Не, ниту еден од нив не бил вклучен во нешто што дури и оддалеку би можело да се смета за опасно, неморално или антиопштествено. Тие не претставувале никаква закана за моралните вредности, безбедноста или благосостојбата на своите сограѓани од Сингапур. Па сепак, после претресот на четирите домови, полицијата ги одвела во полициската станица 69-те луѓе, кои биле собрани за да ја проучуваат Библијата и да се радуваат на заедничкото дружење. Таму биле задржани цела ноќ, биле сослушувани, им биле земени отпечатоци од прстите и биле фотографирани — да, тие биле тероризирани како да се некои обични криминалци! За сето ова време — кое траело 18 часа и во никакви услови — тие биле лишени од правото на правен совет, а дури им било забрането и да телефонираат за да ги известат членовите на своите семејства каде се наоѓаат. Човек може само да претпостави колку ваквата брза акција ги погодила овие мирољубиви граѓани, кои се подложни на законот!
Сценариото потсетува на условите за време на мрачните денови на нацистичка Германија и на бруталната комунистичка ера во Советскиот Сојуз и во Источна Европа. Ова не е нешто што случајниот посетител на Сингапур би очекувал да го најде во тој многу чист и богат, модерен град-држава. Сингапур стекнал репутација на чудо на XX век, во економскиот и во општествениот развој. Се декларира како демократска земја, со устав кој на своите граѓани им ги гарантира основните човекови права, вклучувајќи ги и слободата на говор, вероисповед и собирање.
Па сепак, оние кои биле уапсени во февруари, станале мета само затоа што биле Јеховини сведоци, кои се собрале заедно за да ја проучуваат Библијата и да се радуваат на христијанското дружење. Обвинението против нив гласело: „Присуство на состанок на една незаконска заедница“.
Всушност, на Јеховините сведоци во Сингапур им било одбиено законско признавање уште од 1972, кога собранието Сингапур било избришано од законските регистри, а литературата, вклучувајќи ги и Библиите, издадени од Библиското и трактатно друштво Стражарска кула, биле ставени под забрана. Не била дадена можност да се оспори претпоставката врз основа на која била преземена таа акција. Неодамна, пред судовите на Сингапур била доведена во прашање легалноста на оваа службена дискриминација, во случајот на четирите Сведоци кои биле осудени во февруари 1994 за поседување на забранета библиска литература. Жалбата против пресудите била разгледана во август 1994 и била одбиена по кратка постапка. Главниот судија Јонг Пенг Хау, од Врховниот суд, го изнел своето мислење следниот месец. Тој сметал дека немало никакво кршење на религиозната слобода и дека пресудите биле оправдани врз основа на тоа што Јеховините сведоци претставувале закана за националната безбедност, бидејќи нивните членови не учествуваат во воената служба. На 17 февруари 1995, четворицата Сведоци побарале дозвола да поднесат жалба против оваа негативна одлука до Сингапурскиот апелационен суд. Молбата била одбиена.
Последнава одлука била истакната и во сингапурскиот печат, кој е контролиран од страна на државата. Без сомнение, оваа одлука на врховниот суд и публицитетот што произлегол од тоа, ги навестиле настаните кои следеле потоа. Апсењето на 69-те Сведоци се случило по една недела. Обвиненијата против четворица од нив — државјани на Британија, Франција и Луксембург — подоцна биле повлечени. Меѓутоа, дури и за нив искуството било грозно. Еден човек со години живеел и работел со својата сопруга во Сингапур. Тие ги изгубиле своите работни места и изнајмениот стан и биле присилени да се збогуваат со многуте блиски пријатели.
Преостанатите 63 возрасни лица биле обвинети дека припаѓаат на едно забрането друштво, а некои биле обвинети и дека поседуваат забранета литература. Тие се казнети со максимално три години затвор или 3.000 сингапурски долари (2.100 американски долари) глоба или, пак, и едното и другото. Двете 15-годишни девојчиња се појавиле одделно во судот за малолетници.
Никаква закана за националниот идентитет и единство
Ширум светот, во повеќе од 200 земји каде што живеат, Јеховините сведоци се познати како пристојни и чесни луѓе, кои се покорни на законот. Се препознаваат по нивното непопустливо одбивање да учествуваат во каква и да било превратничка, антидржавна дејност — нехристијанска постапка која може да има за последица исклучување или екскомуницирање. Навистина, сингапурската влада нема никаква причина да се плаши од нив. Тие во никој случај не претставуваат закана за сингапурската национална безбедност или за чувството на национален идентитет и единство (Римјаните 13:1-7). Ова беше јасно изложено во писмото од 21 март 1995, што го испрати Милтон Г. Хеншел, претседателот на Библиското и трактатно друштво Стражарска кула, до премиерот на Сингапур, Го Чок Тонг. Ова писмо овде е отпечатено во прилог на нашите читатели.
Луѓето од бизнисот, владата и приватниот сектор, кои ја сакаат слободата, ќе набљудуваат со интерес за да видат како ќе се одвива оваа ситуација во Сингапур. Дали владата на Сингапур ќе делува во склад со основните човекови права и слободи, прифатени со нејзиниот сопствен устав и меѓународната заедница на народи? Секако, Јеховините сведоци ширум светот се длабоко загрижени за своите сообожаватели во Сингапур. Тие ги спомнуваат нив во своите молитви и ја имаат на ум гаранцијата која се наоѓа во Библијата: „Господ ја сака правдата и не ги остава праведниците Свои“ (Псалм 36:28).
[Фуснота]
a Во месеците по апсењето на овие 69 лица, биле уапсени други 11 Сведоци и оптужени за поседување на незаконска литература.
[Рамка на страница 30]
21 март 1995
Го Чок Тонг
Премиер
Истана Анексе
0923 Сингапур
Република Сингапур
Ли Куан Јиу
Виш министер
Канцеларија на премиерот
460 Александра Роуд
37-00 ПСА Блдг
0511 Сингапур
Република Сингапур
Почитувани Господа:
Еден неодамнешен Ројтеров извештај од Сингапур, со датум 25 февруари 1995, беше многу вознемирувачки. Во него се вели дека состаноците на Јеховините сведоци за проучување на Библијата, биле прекинати од страна на полицијата и дека биле уапсени 69 луѓе. Овој извештај го насочи светското внимание врз ситуацијата на Јеховините сведоци во Сингапур, каде што нивните дејности и литература се забранети веќе преку 20 години.
Тешко е да се разбере зошто една религиозна организација која дејствува јавно, во повеќе од 200 земји, со целосна законска заштита, би била забранета во Сингапур, земја која ги поддржува начелата на демократијата. Сето тоа е уште повознемирувачко кога ќе се земе предвид сингапурската уставна гаранција за слобода на обожавање за своите граѓани.
Јеховините сведоци никогаш не претставувале никаква закана за националната безбедност каде и да се. Навистина, ширум светот тие имаат репутација на мирољубиви луѓе кои работат совесно, луѓе кои се морално исправни и подложни на законот — одлики кои верувам дека и Вие ги поддржувате во Вашата земја.
Точно е дека поради нивното стриктно придржување на библиските мерила за христијаните, ставот на Јеховините сведоци понекогаш бил погрешно сфаќан или погрешно прикажуван. Но, зарем тоа не било случај и со основачот на христијанството кој исто така бил погрешно прикажан како да бил против „цезарот“ — власта во негово време? Јеховините сведоци едноставно го следат примерот на Исус и на раните христијани. Тие ја почитуваат власта во земјата каде што живеат, ги плаќаат даноците и имаат добар морал. Тие се совесни и чесни граѓани. Јеховините сведоци никогаш не зеле удел во некаков вид превратничка дејност во која и да било земја, а можам да Ве уверам дека нивната присутност во Сингапур исто така не претставува никаква закана за вашите национални интереси.
Благодарение на неодамнешните извештаи во медиумите, репресивните мерки против Јеховините сведоци, преземени во Сингапур од страна на Вашата влада, сега се општопознати. Тоа е предмет на загриженост особено за нивните 12 милиони истомисленици ширум светот. Ве молам да ја употребите Вашата ценета положба како Виш министер за да ја поправите ситуацијата и да им овозможите на Јеховините сведоци во Вашата земја слобода на обожавање и слобода на совест, која им се гарантира според Уставот.
Верувам дека една отворена дискусија со претставници на Јеховините сведоци ќе Ви помогне да го отстраните секое недоразбирање во врска со организацијата и дејноста, а ќе Ве увери и дека владата на Сингапур нема никаква причина да се плаши од Јеховините сведоци. Со задоволство би направил подготовки за една таква средба.
Го очекувам Вашиот одговор.
Со почит,
Милтон Г. Хеншел
Претседател
[Извор на слика на страница 31]
Nik Wheeler/H. Armstrong Roberts