‚Признавајте ги таквите‘
ВО КОРИНТСКОТО собрание не било сѐ како што треба. Имало шокантен случај за неморал, а меѓу браќата постоеле поделби. Некои се соочувале со сериозни лични проблеми или имале прашања на кои требало да се одговори. Некои браќа се изведувале еден со друг на суд; други, пак, дури го негирале воскресението.
Се појавиле и сериозни прашања. Дали мораат оние во религиозно разделено домаќинство да останат со своите сопружници кои не се соверници, или треба да се раздвојат? Каква била улогата на сестрите во собранието? Дали било прикладно да се зема од месо жртвувано на идоли? На кој начин треба да се водат состаноците — вклучувајќи ја и Господовата вечера? (1. Коринтјаните 1:12; 5:1; 6:1; 7:1—3, 12, 13; 8:1; 11:18, 23—26; 14:26—35).
Несомнено, загрижени за доброто на своите браќа во една таква проблематична духовна клима, Ахаик, Фортунат и Стефанин презеле едно патување за да го посетат апостол Павле во Ефес. Освен таквите вознемирувачки вести, можно е тие да му однеле на Павле и писмо од собранието што содржело прашања во врска со овие спорни работи (1. Коринтјаните 7:1; 16:17). Очигледно, овие тројца браќа не биле единствените кои биле загрижени за ситуацијата. Всушност, Павле веќе имал добиено вести од „домашните на Хлој“ дека меѓу членовите на собранието постоеле расправии (1. Коринтјаните 1:11). Бездруго, извештајот од гласниците му помогнал на Павле да добие појасно разбирање за ситуацијата, да одлучи каков совет да понуди и како да одговори на покренатите прашања. Изгледа дека писмото што ние сега го знаеме како Прво послание до Коринтјаните, е Павлов одговор што бил воден од Божјиот свет дух. Ахаик, Фортунат и Стефанин можеби биле тие кои го однеле писмото.
Кои биле Ахаик, Фортунат и Стефанин? Што можеме да научиме за нив преку проучување на Светото писмо?
Домаќинството на Стефанин
Домаќинството на Стефанин било „почеток [први плодови, НС]“ од Павловата служба во римската провинција Ахаја, Јужна Грција, отприлика во 50 година н. е. Тие биле крстени лично од Павле. Очигледно, Павле ги сметал за примерни, дека имаат зрело стабилизирачко влијание врз коринтјаните. Тој срдечно ги пофалил поради нивната активност во корист на собранието: „Ве молам уште, браќа: знаете дека домот на Стефанин е почеток во Ахаја и дека се определи да им служи на светиите. Покорувајте им се и вие на такви и на секого, кој што помага и се труди!“ (1. Коринтјаните 1:16; 16:15, 16). Кој точно го сочинувал Стефаниновиот „дом“, не е наведено. Изразот едноставно можел да значи членови на семејството, но исто така можел да ги вклучува и робовите или вработените. Со оглед на тоа што Ахаик било типично латинско име за еден роб, а Фортунат типично за ослободен роб, некои коментатори претпоставуваат дека можеби двајцата биле членови на истото тоа домаќинство.
Каков и да бил случајот, Павле го сметал Стефаниновото домаќинство за примерно. Неговите членови ‚се определиле да им служат на светиите‘. Стефаниновото семејство сигурно увидувало дека требало да се врши работа за доброто на собранието и доброволно ја прифатило оваа служба како лична одговорност. Нивната желба да вршат ваква служба за светите бездруго заслужувала морална поддршка и признание.
‚Тие го освежија духот мој и ваш‘
Иако Павле бил загрижен за ситуацијата во Коринт, пристигнувањето на тројцата гласници послужило за да го подигне. Павле вели: „Се радувам дека дојдоа Стефанин, Фортунат и Ахаик: тие го пополнија вашето отсуство, зашто го успокоија [освежија, НС] духот мој и ваш“ (1. Коринтјаните 16:17, 18). Поради околностите, физичката одделеност од коринтјаните веројатно била извор на загриженост за Павле, но сега присутноста на нивните пратеници ја надоместила отсутноста на целото собрание. Нивниот извештај веројатно послужил да се комплетира Павловата слика за ситуацијата и да се отстранат барем некои од неговите стравувања. Најпосле, можеби работите не биле толку лоши колку што си мислел тој.
Според Павле, мисијата на тројцата не само што го освежила неговиот дух туку послужила и да го подигне духот на коринтското собрание. Несомнено, за нив било олеснување да знаат дека нивните пратеници јасно му го објасниле на Павле секој аспект од ситуацијата и дека ќе се вратат со негов совет.
Затоа, Стефанин и двајцата негови придружници биле срдечно препорачани поради нивниот труд во корист на коринтјаните. Павловото ценење за овие мажи било толкаво што по нивното враќање тие требало да дадат водство во поделеното коринтско собрание. Апостолот ги поттикнува браќата: „Покорувајте им се и вие на такви и на секого, кој што помага и се труди! . . . Почитувајте ги [Признавајте ги, НС] таквите!“ (1. Коринтјаните 16:16, 18). Ваквите силни препораки јасно ја покажуваат потполната лојалност на овие луѓе и покрај напнатостите во собранието. Луѓето од ваков вид треба да се ценат (Филипјаните 2:29).
Верната соработка донесува одлични резултати
Нема сомневање во тоа дека тесната соработка со Јеховината организација и со нејзините претставници донесува одлични резултати. Кога Павле го напишал писмото што сега е познато како Второ послание до Коринтјаните, кратко по првото послание, работите во собранието веќе оделе на подобро. Постојаната стрплива активност на браќата како Ахаик, Фортунат и Стефанин, како и посетата од Тит, имале добар ефект (2. Коринтјаните 7:8—15; спореди Дела 16:4, 5).
Членовите на современите собранија на Јеховиниот народ можат да извлечат корист ако медитираат за краткото споменување на овие верни мажи во Светото писмо. На пример, да претпоставиме дека некаква ситуација која трае во локалното собрание не може брзо да се реши од извесни причини и предизвикува загриженост кај браќата. Што треба да се стори? Имитирај го Стефанин, Фортунат и Ахаик, кои не отстапиле од нивната одговорност да се посоветуваат со Павле за ситуацијата, а потоа доверливо препушти ги работите во Јеховини раце. Ревноста за праведност на никаков начин не ги натерала да преземат некаква независна постапка или да ‚негодуваат [да се разгневуваат, НС] против Господа‘ (Изреки 19:3).
Собранијата му припаѓаат на Исус Христос и во свое соодветно време, исто како во Коринт, тој ќе дејствува за да реши какви и да било тешкотии што би можеле да претставуваат закана за нивното духовно добро и мирот (Ефесјаните 1:22; Откровение 1:12, 13, 20; 2:1—4). Во меѓувреме, ако го следиме одличниот пример што го дале Стефанин, Фортунат и Ахаик и ако продолжиме да се трудиме во службата за нашите браќа, тогаш и ние лојално ќе го поддржуваме собраниското уредување, изградувајќи ги нашите браќа и ‚поттикнувајќи ги кон љубов и добри дела‘ (Евреите 10:24, 25).