Прашања од читателите
Дали Исус го знае времето за Армагедон?
Се чини сосема разумно да веруваме дека го знае.
Некои би можеле да се прашуваат зошто воопшто се поставува прашањево. Веројатно поради Исусовиот коментар што се наоѓа во Матеј 24:36 (НС): „За тој ден и час никој не знае, ниту ангелите небесни ниту Синот, туку само Таткото“. Забележи ја фразата „ниту Синот“.
Овој стих е дел од Исусовиот одговор на прашањето од апостолите: „Кога ќе бидат овие работи, и што ќе биде знакот на твојата присутност и на завршетокот на системот на ствари?“ (Матеј 24:3, НС). Во своето сега прочуено пророштво во врска со доказите што го сочинуваат „знакот“, тој прорекол војни, оскудица на храна, земјотреси, прогонување на вистинските христијани и други работи на Земјата кои ќе ја покажуваат неговата присутност. Според овој знак, неговите следбеници можеле да препознаат дека крајот бил близу. Оваа близина тој ја илустрирал со времето кога една смоква почнува да пушта лисја, покажувајќи дека летото е близу. Тој додал: „Така и вие, кога ќе го видите сето тоа, знајте дека е близу, пред вратата“ (Матеј 24:33).
Но, Исус не кажал прецизно кога ќе дојде крајот. Наместо тоа, го навел она што го читаме во Матеј 24:36. Така гласи New World Translation of the Holy Scriptures (Нов свет преводот на Светото писмо), а многу современи Библии гласат слично. Сепак, некои постари верзии не го содржат делот „ниту Синот“.
На пример, Светото писмо на македонски јазик гласи: „А за тој ден и час никој не знае, ниту ангелите небесни, а само Мојот Отец“. Даничиќ—Караџиќ гласи слично. Зошто е испуштено „ниту [или: ни] Синот“, иако се наоѓа во Марко 13:32? Очигледно, ракописите од коишто работеле преведувачите, не го содржеле изразот. Но, во меѓувреме биле откриени голем број постари грчки ракописи. Овие, кои се многу поблиску до времето на Матеевиот оригинален текст, го содржат делот „ниту Синот“ во Матеј 24:36.
Интересно е што католичката Jerusalem Bible ја вклучува фразата, со една фуснота која вели дека латинската Вулгата го испуштила изразот „веројатно од теолошки причини“. Па секако! Преведувачите или препишувачите кои верувале во тројство, можеле да бидат искушувани да испуштат една фраза која покажувала дека на Исус му недостигало спознанието што го имал неговиот Татко. Како можел Исус да не знае извесен факт, ако и тој и Татко му биле делови од троеден Бог?
На сличен начин, A Textual Commentary on the Greek New Testament (Дословен коментар кон грчкиот Нов завет) од Б. М. Мецгер, вели: „Зборовите ‚ниту Синот‘ недостигаат во повеќето [ракописни] сведоштва од Матеј, вклучувајќи го и подоцнежниот Византиски текст. Од друга страна, најдобрите претставници на александриските, западните и цезариските видови текстови ја содржат фразата. Поверојатно е дека зборовите се испуштени поради доктринарната тешкотија што тие ја претставуваат отколку дека биле додадени преку асимилација во“ Марко 13:32. (Нагласено од нас.)
Тие „најдобри претставници“ на поранешните ракописи го поддржуваат дословниот текст кој изнесува еден разумен напредок во врска со спознанието. Ангелите не го знаеле часот за крајот; ниту Синот, туку само Таткото. А тоа е доследно на Исусовите зборови што се наоѓаат во Матеј 20:23, кадешто признал дека тој немал власт да дава истакнати места во Царството, туку Таткото.
Затоа, Исусовите сопствени зборови покажуваат дека, кога бил на Земјата, тој не го знаел датумот за ‚свршетокот на светот‘. Дали оттогаш го дознал?
Откровение 6:2 го опишува Исуса седнат на бел коњ и како јава ‚победувајќи и да ја доврши својата победа‘ (НС). Потоа доаѓаат коњаници кои претставуваат војни, глад и чуми, какви што сме доживеале откако во 1914 година започнала I светска војна. Јеховините сведоци веруваат дека во 1914 година Исус бил устоличен како Цар на Божјето небесно Царство, како оној кој ќе ја води идната битка против злобата на Земјата (Откровение 6:3—8; 19:11—16). Поради тоа што Исус сега е овластен како оној кој ќе победи во Божје име, се чини разумно дека неговиот Татко му има кажано кога ќе дојде крајот, кога тој ќе „ја доврши својата победа“.
Нам кои сме на Земјата не ни е кажан тој датум и затоа за нас сѐ уште важат Исусовите зборови: „Внимавајте, бидете будни . . . оти не знаете кога ќе настане времето . . . Што ви зборувам вам, им го зборувам и на сите: ‚Бидете будни!‘“ (Марко 13:33—37).