Вера во Бог — дали за неа е потребно некакво чудо?
АЛБЕРТ бил во почетокот на своите 20-ти кога почнал да трага по Бог. Испитал извесен број религии, но сѐ уште не бил задоволен. Читајќи делови од Библијата, дознал како Бог постапувал со такви поединци како Ное, Авраам, Сара и Мојсеј. Алберт се почувствувал привлечен кон Богот од Библијата. Меѓутоа, дали можел да биде сигурен дека Бог навистина постои?
Една вечер, Алберт се одвезол на едно осамено место каде што се молел: „Те молам, Боже, дај ми знак — што било, само да докаже дека постоиш“. Алберт чекал и чекал. Тој се присеќава дека, откако ништо не се случило, неговото очекување „се претворило во разочараност, празнина и гнев“.
Како Алберт, мнозина мислат дека залудно трагале по Бог. Можеби се збунети од проповедите на свештениците или, пак, се разочарани од трговските вештини на телевизиските проповедници. Погодени од лицемерието кое е очигледно кај мнозина од нивните ближни, некои не се сигурни во што да веруваат. Сепак, цар Давид од древниот Израел, го уверил својот син Соломон: „Ако Го бараш [Бог], ќе Го најдеш“ (1. Летописи 28:9).
Па тогаш, како Бог се открива себеси? Дали треба да очекуваш знак — некакво натприродно доживување кое ќе ти докаже дека Бог постои? Според една неодамнешна анкета за која известило списанието Time, повеќе од две третини од Американците веруваат во чуда. Статијата исто така забележала дека „црквите кои најбрзо растат во Америка, се харизматските и пентакосталните конгрегации чие обожавање се врти околу ‚знаци и чуда‘ “.
Дали навистина се потребни „знаци и чуда“ за да се верува во Бог? Во минатото тој правел чуда. За илустрација: Савле од Тарс, кој ги прогонувал следбениците на Божјиот Син, Исус Христос, имал едно извонредно доживување на патот од Ерусалим кон Дамаск. Оваа чудесна средба со воскреснатиот Исус довела до Савловото преобраќање (Дела 9:1—22). Така, еден поранешен прогонител станал апостол Павле — еден од најголемите поборници на христијанството!
Но, дали чудата секогаш предизвикуваат таков поволен одѕив? Дали искрената вера во Бог зависи од тоа дали некој доживеал некакво чудо?
[Слика на страница 3]
Божјиот Син на чудесен начин му зборувал на Савле од Тарс. Треба ли ти да очекуваш некакво чудо?