Повторно доживување на Исусовите последни денови на Земјата
СЕДМИ ден е од еврејскиот месец Нисан 33 година н. е. Замисли си дека набљудуваш настани во римската провинција Јудеја. Напуштајќи го Јерихон и неговото бујно лисје, Исус Христос и неговите ученици напорно чекорат угоре по еден правлив, кривулест пат. Многу други патници исто така се на својот пат кон Ерусалим за годишната прослава на Пасхата. Меѓутоа, Исусовите ученици имаат во мислите нешто повеќе од ова заморно искачување.
Евреите копнеат по еден Месија кој може да донесе олеснување од римскиот јарем. Мнозина веруваат дека Исус од Назарет е долгоочекуваниот Спасител. Веќе три и пол години тој зборуваше за Божјето Царство. Ги лекуваше болните и ги хранеше гладните. Да, им донесе утеха на луѓето. Но, верските водачи се мачат од Исусовото огнено разобличување и решени се да дадат да биде убиен. И покрај тоа, еве го како намерно чекори пред своите ученици по спржениот пат (Марко 10:32).
Додека Сонцето се спушта зад Маслинската Гора пред нив, Исус и неговите придружници стигнуваат до селото Витанија, каде што ќе ги поминат следните шест ноќи. За да им изразат добредојде, таму се нивните љубени пријатели Лазар, Марија и Марта. Вечерта нуди едно ладно олеснување од топлото патување и го обележува почетокот на Сабат на 8 Нисан (Јован 12:1, 2).
9 Нисан
После Сабат, Ерусалим врие од активност. Илјадници посетители веќе се собрале во градот за Пасхата. Но, бучната бркотница што ја слушаме е повеќе од вообичаена за ова време од годината. Љубопитните мноштва итаат удолу по тесните улици кон градските порти. Додека си го пробиваат патот низ натрупаните врати, каква само глетка ги дочекува! Многу славеници се спуштаат по својот пат кон Маслинската Гора на патот за Витфагија (Лука 19:37). Какво е значењето на сево ова?
Гледај! Исус од Назарет доаѓа јавајќи на прлето од една магарица. Луѓето ги постилаат своите облеки на патот пред него. Други мавтаат со свежо пресечени палмини гранки и радосно викаат: „Благословен е Кој доаѓа во името Господово, Царот Израилев!“ (Јован 12:12—15).
Додека мноштвото се приближува до Ерусалим, Исус гледа кон градот и длабоко е трогнат. Почнува да липа, и го слушаме како претскажува дека градов ќе биде уништен. Кога Исус кратко време по тоа пристигнува во храмот, ги поучува мноштвата и ги лечи слепите и сакатите луѓе кои доаѓаат кај него (Матеј 21:14; Лука 19:41—44, 47).
Ова не поминува незабележано од страна на главните свештеници и книжниците. Колку само се вознемирени кога ги гледаат чудесните работи што ги прави Исус, како и веселењето на мноштвата! Неспособни да ја сокријат својата лутина, фарисеите бараат: „Учителе, забрани им на [прекори ги, NW] учениците Твои!“ „Ви велам“ — одговара Исус — „ако тие замолкнат, камењата ќе повикаат.“ Пред да замине, Исус ги забележува комерцијалните активности во храмот (Лука 19:39, 40; Матеј 21:15, 16; Марко 11:11).
10 Нисан
Исус пристигнува рано во храмот. Вчера, тој не можеше а да не биде распален од големата комерцијализација на обожавањето на неговиот Татко, Јехова Бог. Затоа, со голема ревност почнува да ги истерува оние кои купуваат и продаваат во храмот. Потоа им ги испревртува масите на лакомите менувачи на пари и клупите на оние кои продаваат гулаби. „Напишано е“ — извикува Исус — „,Домот Мој, дом за молитва ќе се нарече‘, а вие го направивте како разбојничка пештера“ (Матеј 21:12, 13).
Главните свештеници, познавачите на Писмото и главните мажи не можат да ги поднесат Исусовите постапки и јавното поучување. Колку само копнеат да го убијат! Но, осуетени се од мноштвото, бидејќи луѓето се вчудовидени од Исусовото поучување и постојано се ‚приврзуваат кон Него и Го слушаат‘ (Лука 19:47, 48). Додека се приближува вечерта, Исус и неговите придружници уживаат во пријатната прошетка назад до Витанија на една добра ноќна почивка.
11 Нисан
Рано изутрина е, а Исус и неговите ученици веќе се на својот пат преку Маслинската Гора кон Ерусалим. Кога пристигнуваат кај храмот, главните свештеници и постарите мажи брзо се конфронтираат со Исус. Во мислите уште им е свежа неговата постапка против менувачите на пари и трговците во храмот. Неговите непријатели злонамерно прашуваат: „Со каква власт го вршиш тоа и кој Ти ја дал таа власт?“ „И јас ќе ве прашам нешто“ — возвраќа Исус. „Па, ако Ми одговорите, и Јас ќе ви кажам, со каква власт го вршам тоа. Крштавањето Јованово од каде беше: од небото или од луѓето?“ Скуколени еден до друг, противниците резонираат: „Ако кажеме — ‚Од небото‘, ќе ни рече: ‚Па зошто не му поверувавте?‘ А ако речеме — ‚Од луѓето‘, се боиме од народот, оти сите го сметаа Јована за пророк“. Збунети, меко одговараат: „Не знаеме“. Исус мирно одговара: „Ни Јас не ви кажувам со каква власт го вршам тоа“ (Матеј 21:23—27).
Исусовите непријатели сега се обидуваат да го фатат во стапица да каже нешто за кое можат да го уапсат. „Треба ли“ — прашуваат тие — „да се дава данок на царот или не?“ „Покажете Ми една даночна пара!“ — возвраќа Исус. Тој прашува: „Чиј е овој лик и натпис?“ „На царот“ — велат тие. Збунувајќи ги, Исус јасно наведува за сите да чујат: „Подајте го царевото на царот а Божјото на Бога!“ (Матеј 22:15—22).
Откако ги замолкна своите непријатели со непобитни аргументи, Исус сега оди во офанзива пред мноштвата и пред своите ученици. Слушни како бестрашно ги разоткрива познавачите на Писмото и фарисеите. „Според делата нивни не постапувајте“ — вели тој — „оти тие говорат, а не извршуваат.“ Смело, тој објавува една серија лелеци врз нив, идентификувајќи ги како слепи водачи и лицемери. „Змии и породи аспидини“ — вели Исус — „како ќе побегнете од пресудата за во пеколот [од осудата на гехена, NW]?“ (Матеј 23:1—33).
Овие многу остри разоткривања не значат дека Исус е слеп за добрите страни кај другите. Подоцна, тој ги гледа луѓето како пуштаат пари во храмските благајнички ковчежиња. Колку само е трогателно да се набљудува една оскудна вдовица како ги пушта внатре сите свои средства за живот — две мали кованици што вредат многу малку! Со срдечно ценење, Исус истакнува дека, всушност, таа пуштила далеку повеќе од сите кои давале обилни прилози „од својот вишок“. Во своето нежно сожалување, Исус длабоко го цени сето она што едно лице е способно да го стори (Лука 21:1—4).
Исус сега го напушта храмот за последен пат. Некои од неговите ученици даваат забелешка за неговата величественост, дека е „украсен со убави камења и ветени дарови“. На нивно изненадување, Исус одговара: „Ќе дојдат дни и од сето ова што го гледате нема да остане ни камен, што не ќе биде урнат“ (Лука 21:5, 6). Додека апостолите го следат Исус надвор од пренатрупаниот град, се чудат на што ли мислеше тој.
Па, малку подоцна, Исус и неговите апостоли седат и уживаат во мирот и спокојството на Маслинската Гора. Додека ја набљудуваат прекрасната глетка на Ерусалим и храмот, Петар, Јаков, Јован и Андреј бараат појаснување на Исусовото потресно претскажување. „Кажи ни“ — велат тие — „кога ќе биде тоа, и каков ќе биде знакот за Твоето доаѓање [присутност, NW] и за свршетокот на светот?“ (Матеј 24:3; Марко 13:3, 4).
Во одговор, Мајсторскиот Учител дава едно навистина забележливо пророштво. Тој проречува тешки војни, земјотреси, оскудици на храна и чуми. Исто така, Исус претскажува дека добрата вест за Царството ќе биде проповедана ширум Земјата. „И тогаш“ — предупредува тој — „ќе биде мака [голема неволја, NW], каква што не била од почетокот на светот па досега, а и нема да биде“ (Матеј 24:7, 14, 21; Лука 21:10, 11).
Четворицата апостоли внимателно слушаат додека Исус дискутира за други аспекти од ‚знакот на неговата присутност‘ (NW). Ја нагласува потребата ‚да бидат будни‘. Зошто? „Зашто не знаете“ — вели тој — „во кој час ќе дојде вашиот Господ“ (Матеј 24:42; Марко 13:33, 35, 37).
Ова бил незаборавен ден за Исус и за неговите апостоли. Фактички, ова е последниот ден од Исусовата јавна служба пред неговото апсење, судење и погубување. Поради тоа што станува доцна, тие се враќаат назад пешачејќи го кусото растојание преку брдото кон Витанија.
12 и 13 Нисан
Исус го поминува 12 Нисан тивко со своите ученици. Тој увидува дека верските водачи очајнички бараат да го убијат и не сака тие да му ја попречат прославата на Пасхата следната вечер (Марко 14:1, 2). Следниот ден, 13 Нисан, луѓето се зафатени со правењето конечни подготовки за Пасхата. Рано попладнето, Исус ги испраќа Петар и Јован да ја подготват Пасхата за нив во една горна соба во Ерусалим (Марко 14:12—16; Лука 22:8). Малу пред зајдисонце, Исус и другите десетмина апостоли ги среќаваат таму за нивната последна пасхална прослава.
14 Нисан, после зајдисонце
Ерусалим се капе во меката светлина на квечерината додека полната Месечина се крева над Маслинската Гора. Во една голема наместена соба, Исус и 12-мината се потпираат покрај една подготвена маса. „Од сѐ срце сакав да ја јадам оваа пасха со вас, пред да пострадам“ — вели тој (Лука 22:14, 15). Нешто подоцна, апостолите се изненадени кога гледаат како Исус станува и ја става настрана својата горна облека. Земајќи пешкир и леген со вода, почнува да им ги мие нозете. Каква само незаборавна лекција за понизна служба! (Јован 13:2—15).
Меѓутоа, Исус знае дека еден од овие мажи — Јуда Искариотски — веќе средил да го предаде на верските водачи. Разбирливо, тој станува многу вознемирен. „Еден од вас ќе Ме предаде“ — открива тој. Апостолите се многу растажени поради ова (Матеј 26:21, 22). После прославата на Пасхата, Исус му вели на Јуда: „Што ќе правиш, прави побргу!“ (Јован 13:27).
Штом Јуда заминува, Исус воведува еден оброк за да ја комеморира својата претстојна смрт. Зема еден сомун бесквасен леб, кажува благодарност во молитва, го крши и ги упатува 11-мината да земат. „Ова е [Ова значи, NW] Моето тело“ — вели тој — „што се дава за вас; правете го ова за Мој спомен.“ Потоа зема еден пехар црвено вино. Откако кажува благослов, им го подава пехарот велејќи им да пијат од него. Исус додава: „Ова е [Ова значи, NW] Мојата крв на Новиот завет, која се пролива за мнозина, за опростување на гревовите“ (Лука 22:19, 20; Матеј 26:26—28).
Во текот на таа значајна вечер, Исус ги учи своите верни апостоли за бројни вредни поуки, а меѓу нив и за важноста на братската љубов (Јован 13:34, 35). Ги уверува дека ќе добијат „помошник“, светиот дух. Тој ќе ги потсети на сите работи што им ги имаше кажано (Јован 14:26, NW). Подоцна таа вечер, тие мора да се многу охрабрени кога го слушаат Исус како кажува една горлива молитва во нивна корист (Јован, поглавје 17). Откако пеат песни на фалба, ја напуштаат горната соба и го следат Исус надвор по студениот воздух на доцната ноќ.
Поминувајќи ја долината Кедрон, Исус и неговите апостоли се упатуваат кон едно од нивните омилени места, градината Гетсиманија (Јован 18:1, 2). Додека неговите апостоли чекаат, Исус оди малку потаму за да се моли. Неговиот емоционален стрес е поголем отколку што може да се опише со зборови додека сериозно го моли Бог за помош (Лука 22:44). Самата помисла за прекорот што би се натрупал врз неговиот драг небесен Татко, е крајно болна.
Исус едвај заврши со молењето кога Јуда Искариотски пристигнува со една толпа која носи мечови, палки и факли. „Радуј се [Добар ден, NW], Рави!“ — вели Јуда бакнувајќи го Исуса нежно. Ова е сигналот за мажите да го уапсат Исуса. Ненадејно, Петар замавнува со својот меч и му го отсекува едното уво на робот на првосвештеникот. „Врати го ножот на местото негово“ — вели Исус додека му го лечи увото на човекот. „Сите што се фаќаат за нож, од нож ќе загинат“ (Матеј 26:47—52).
Сѐ се случува така брзо! Исус е уапсен и врзан. Во страв и збрканост, апостолите го напуштаат својот Господар и бегаат. Исус е одведен кај Ана, поранешниот првосвештеник. Потоа го одведуваат кај Кајафа, сегашниот првосвештеник, за да му се суди. Во раните утрински часови, Синедрионот лажно го обвинува Исус за хулење. Потоа, Кајафа го одведува кај римскиот управител Понтиј Пилат. Тој го испраќа Исуса кај Ирод Антипа, владетелот на Галилеја. Ирод и неговите стражари го исмејуваат Исуса. Потоа е испратен назад кај Пилат. Исусовата невиност е потврдена од Пилат. Но, еврејските верски водачи вршат притисок врз него да го осуди Исуса на смрт. После значително вербално и физичко малтретирање, Исус е изведен на Голгота, каде што безмилосно е прикован на еден маченички столб и страда од агониска смрт (Марко 14:50—15:39; Лука 23:4—25).
Би било најголема трагедија во историјата ако Исусовата смрт би донела траен крај на неговиот живот. За среќа, тоа не било случај. На 16 Нисан 33 н. е., неговите ученици биле зачудени кога дознале дека тој е подигнат од мртвите. Со текот на времето, повеќе од 500 луѓе биле во можност да потврдат дека Исус повторно е жив. А 40 дена после неговото воскресение, една група верни следбеници го видела како се вознесува на небото (Дела 1:9—11; 1. Коринтјаните 15:3—8).
Исусовиот живот и ти
Како влијае ова врз тебе — всушност, врз сите нас? Па, Исусовата служба, смрт и воскресение го величаат Јехова Бог и се пресудни за извршувањето на Неговата величествена намера (Колосјаните 1:18—20). Тие се од витална важност за нас на тој начин што нашите гревови можат да ни бидат простени на темел на Исусовата жртва, и така можеме да имаме личен однос со Јехова Бог (Јован 14:6; 1. Јованово 2:1, 2).
Засегнати се дури и мртвите од човештвото. Исусовото воскресение го отвора патот за нивно враќање во живот на Божјата ветена рајска Земја (Лука 23:39—43; 1. Коринтјаните 15:20—22). Ако сакаш да знаеш повеќе за таквите работи, те покануваме да присуствуваш на Меморијалот на Христовата смрт на 11 април 1998 во една од Салите на Царството на Јеховините сведоци во твоето подрачје.
[Рамка на страница 6]
„Разбојничка пештера“
ИСУС имал силна причина да рече дека алчните трговци го претвориле Божјиот храм во „разбојничка пештера“ (Матеј 21:12, 13). За да ја платат храмската такса, Евреите и прозелитите од другите земји морале да ги заменат своите странски пари за прифатлива валута. Во својата книга The Life and Times of Jesus the Messiah, Алфред Едерсхајм објаснува дека менувачите на пари обичавале на 15 Адар, еден месец пред Пасхата, да отпочнуваат со својот бизнис во провинциите. Почнувајќи на 25 Адар, се селеле во подрачјето на Храмот во Ерусалим за да профитираат од приливот на Евреи и прозелити. Дилерите воделе просперитетен бизнис, наплаќајќи услужна такса за секоја променета пара. Исусовото осврнување на нив како на разбојници укажува на тоа дека нивните услужни такси биле толку претерани што тие, всушност, ги изнудувале парите од сиромашните.
Некои не можеле да си донесат свои жртвени животни. Секој кој го правел тоа, морал да даде животното да му го провери некој инспектор во храмот — за услужна такса. Не сакајќи да ризикуваат животното да биде одбиено откако го носеле долго растојание, мнозина купувале левитски „одобрено“ животно од корумпираните дилери во храмот. „Многу сиромашни селани таму биле добро стрижени“ — вели еден изучувач.
Постои доказ дека едно време, високиот свештеник Ана и неговото семејство имале личен интерес од храмските трговци. Рабинските списи говорат за „[храмските] базари на синовите на Ана“. Доходите од менувачите на пари и од продажбата на животни на храмската парцела биле едни од нивните главни извори на приход. Еден изучувач вели дека Исусовата постапка на истерување на трговците „не била насочена само против престижот на свештениците туку и против нивниот џеб“. Како и да било, неговите непријатели секако барале да го ликвидираат! (Лука 19:45—48).
[Табела на страница 4]
Последните денови од Исусовиот човечки живот
Нисан 33 н. е. Настани Најголемиот човек*
7 Петок Исус и неговите ученици патуваат 101, пас. 1
од Ерихон до Ерусалим (7 Нисан
одговара на недела 5 април 1998,
иако хебрејските денови траеле
од вечер до вечер)
8 Петок навечер Исус и неговите ученици 101, пас. 2—4
пристигнуваат во Витанија;
започнува Сабат
Сабота Сабат (понеделник, 6 април 1998) 101, пас. 4
9 Сабота навечер Оброк со Симон лепрозниот; 101, пас. 5—9
Марија го помазува Исус со нард;
мнозина доаѓаат од Ерусалим за да
го видат и чујат Исус
Недела Триумфално влегување во Ерусалим; 102
поучува во храмот
10 Понеделник Рано патување во Ерусалим; го чисти 103, 104
храмот; Јехова зборува од небото
11 Вторник Во Ерусалим поучува во храмот 105 до 112,
користејќи илустрации; ги осудува пас. 1
фарисеите; го забележува прилогот
на вдовицата; дава знак за својата
идна присутност
12 Среда Мирен ден со учениците во 112, пас. 2—4
Витанија; Јуда подготвува
предавство
13 Четврток Петар и Јован ја подготвуваат 112, пас. 5 до
Пасхата во Ерусалим; Исус и 113, пас. 1
другите десетмина апостоли
се придружуваат подоцна истото
попладне (сабота, 11 април 1998)
14 Четврток Прослава на Пасхата; Исус им ги 113, пас. 2
навечер мие нозете на апостолите; Јуда до 117
излегува за да го предаде Исус;
Христос го воведува Меморијалот
на својата смрт (после зајдисонце,
сабота, 11 април 1998)
После полноќ Предавство и апсење во градината 118 до 120
Гетсиманија; апостолите бегаат;
судење пред главните свештеници
и Синедрионот; Петар се одречува
од Исус
Петок Повторно пред Синедрионот; кај 121 до 127,
изгрејсонце Пилат, потоа кај Ирод, а потоа назад пас. 7
до зајдисонце кај Пилат; осуден на смрт; прикован;
закопан
15 Сабота Сабат; Пилат им дава дозвола на 127,
стражарите за Исусовиот гроб пас. 8—10
16 Недела Исус воскреснат 128
* Наведени се броевите што ги идентификуваат поглавјата во книгата Најголемиот човек кој некогаш живеел. За табела која ги содржи деталните библиски референци за Исусовата конечна служба, види „Све је Писмо од Бога надахнуто и корисно“, страница 290. Овие книги се издадени од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.