ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w98 15/12 стр. 26-29
  • Одлука во полза на изборот

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Одлука во полза на изборот
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1998
  • Поднаслови
  • Јавен ред и морал
  • Изненадувачко охрабрување
  • Одлука
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1998
w98 15/12 стр. 26-29

Одлука во полза на изборот

НИКОЈ друг туку најславната Личност во целиот универзум го поддржува информираниот избор. Тоа е нашиот Творец. Поседувајќи неограничено спознание за потребите на човекот, тој великодушно дава упатство, предупредување и водство за мудриот правец кој треба да се заземе. Сепак, тој не ја занемарува слободната волја со која ги надарил своите интелигентни суштества. Неговото гледиште го одразил пророкот Мојсеј: „Живот и смрт ти предложив јас, благослов и проклетство. Избери го животот, за да живееш ти и потомството твое“ (5. Мојсеева 30:19).

Ова начело влијае на полето на медицината. Поимот информиран избор, или информирана согласност, постепено станува прифатен во Јапонија и во други земји каде што тоа не било толку вообичаено во минатото. Д-р Мичитаро Накамура го дал овој опис на информираната согласност: „Тоа е идејата дека лекарот, на лесно разбирлив јазик, му ја објаснува на пациентот болеста, прогнозата, методата на лечење и можните несакани појави, почитувајќи го правото на пациентот да одлучи за методата на лечење“ (Japan Medical Journal).

Лекарите во Јапонија со години изнесувале различни причини зошто му се спротивставуваат на овој начин на лечење на пациентите, а судовите биле склони да се покоруваат на тој медицински обичај. Затоа, беше пресвртница кога на 9 февруари 1998, главниот судија на токискиот Виш суд, Такео Инаба, донесе одлука во полза на информираниот избор. Каква беше таа одлука и кое беше спорното прашање што го доведе случајот до судовите?

Во јули 1992, 63-годишната Мизае Такеда, Јеховин сведок, дојде во контакт со болницата од Институтот за медицински науки при токискиот универзитет. Кај неа бил дијагностициран малиген тумор на црниот дроб и имало потреба од операција. Со длабока желба да го послуша библискиот налог против злоупотреба на крв, таа на своите лекари им ја објаснила желбата да добие само бескрвно лечење (1. Мојсеева 9:3, 4; Дела 15:29). Лекарите прифатиле еден формулар за ослободување од одговорноста, кој ги ослободувал нив и болницата од секаква одговорност која би произлегла од нејзината одлука. Тие ја увериле дека ќе ѝ ја исполнат желбата.

Меѓутоа, после операцијата и додека Мизае сѐ уште била под опојка, ѝ била дадена трансфузија на крв — во директна спротивност на нејзините јасно изразени желби. Напорите да се зачува неовластената трансфузија во тајност биле разоткриени кога изгледа еден вработен од болницата му ја издал работата на еден новински репортер. Како што можеш и да разбереш, оваа искрена христијанка била здробена откако дознала за неовластената трансфузија. Таа имала доверба во медицинскиот персонал, верувајќи му дека ќе го одржи својот збор и почитување кон нејзините религиозни убедувања. Поради емоционалната болка што ја доживеала заради ова тешко прекршување на односот лекар/пациент и со надеж да постави преседан кој би ги поштедил другите од сличен лош медицински третман, таа ја предала работата на суд.

Јавен ред и морал

Тројцата судии од токискиот Окружен суд го сослушале случајот и пресудиле во полза на лекарите, а со тоа против правото на информирана согласност. Во својата одлука, изречена на 12 март 1997, тие навеле дека секој обид да се направи договор за апсолутно бескрвно лечење не е важечки. Според нивното резонирање, стапувањето на лекарот во посебен договор да не даде крв дури и ако настане критична ситуација, би било прекршување на којо риозокуa‚ т. е. на општествените мерила. Според нивното мислење, главната обврска на еден лекар е да го спаси животот на најдобриот можен начин, па затоа таквиот договор би бил неважечки уште во почетокот, без оглед на религиозните убедувања на пациентот. Тие пресудиле дека, на крајот на краиштата, професионалното мислење на лекарот треба да има предност во однос на секое медицинско барање кое пациентот би можел да го даде однапред.

Освен тоа, судиите навеле дека од истите причини, иако од лекарот се очекува да ја објасни основната процедура, како и ефектите и ризиците на предвидената операција, сепак тој „можел и да не каже дали има намера да даде крв или не“. Нивната пресуда била: „Не може да се заклучи дека е незаконски ниту неисправно тоа што лекарите, како Обвинети, ги разбрале желбите на Обвинителката да не прима трансфузија на крв под какви и да било околности и постапиле така како да ќе ги почитуваат нејзините желби, наведувајќи ја на тој начин да ја прифати операцијата за која станувало збор“. Размислувањето било дека, доколку лекарите постапеле поинаку, пациентот можел да одбие операција и да ја напушти болницата.

Таа судска одлука ги шокираше и ги вчудовиди застапниците на информираната согласност. Дискутирајќи за судската одлука Такеда и за импликациите врз информираната согласност во Јапонија, професор Такао Јамада, водечки авторитет по цивилно право, напишал: „Ако се дозволи да се одржи резонирањето за оваа одлука, тогаш одбивањето трансфузија на крв и законскиот принцип за информирана согласност ќе станат како свеќа која трепери на ветрот“ (правен журнал Hogaku Kyoshitsu). Тој со силни зборови ја осудил присилната трансфузија на крв како „тешко кршење на довербата, слично на ненадеен напад“. Професор Јамада додал дека таквата постапка која ја уништува довербата „апсолутно не смее да се дозволи никогаш“.

Срамежливата природа на Мизае ѝ отежнуваше да истапи во фокусот на вниманието. Но, увидувајќи дека би можела да има удел во одбраната на Јеховиното име и на праведните мерила кои се поврзани со светоста на крвта, одлучи да го стори својот дел. На правниот советник му напиша: „Јас не сум ништо повеќе од прашинка, па дури и помалку од тоа. Се прашувам зошто е употребена една таква некомпетентна личност како мене. Но, кога настојувам да го правам само она што го вели Јехова — оној кој прави и камењата да извикаат — тогаш, тој ќе ми даде моќ“ (Матеј 10:18; Лука 19:40). За време на тоа судење, стоејќи во преградата каде што се наоѓаат сведоците, таа со треперлив глас ја опиша емоционалната траума што ја доживеала поради предавството. „Се чувствував нападната, како жена која е силувана.“ Нејзиното сведоштво предизвика речиси да нема човек од оние кои беа во судницата тој ден, кој не се расплака.

Изненадувачко охрабрување

Поради одлуката на Окружниот суд, случајот беше веднаш предаден на Вишиот суд. Уводната дискусија во Апелациониот суд започна во јули 1997. Тогаш веќе бледата, но одлучна Мизае присуствуваше во инвалидска количка. Ракот се врати, и таа стануваше сѐ послаба. Мизае беше многу охрабрена кога главниот судија, со еден необичен потег, јасно го образложи правецот кој судот имаше намера да го заземе. Тој даде до знаење дека Апелациониот суд не се сложил со одлуката на понискиот суд — имено, дека лекарот имал право да ги игнорира желбите на пациентката, постапувајќи така како да ќе ги исполни, но тајно одлучил да стори нешто друго. Главниот судија рече дека судот нема да ја поддржи патерналистичката етика „Ширашиму бекаразу, јорашиму беши“b‚ што значи „Држете ги неупатени и зависни“ од медицината. Подоцна Мизае рече: „Многу сум среќна што можев да го чујам фер коментарот на судијата, кој е сосема поинаков од претходната одлука на Окружниот суд“. Таа додаде: „Токму за тоа го молев Јехова“.

Следниот месец Мизае почина во кругот на семејството полно со љубов и на медицинскиот персонал во една друга болница, каде што беа сфатени и почитувани нејзините искрени уверувања. Иако длабоко ожалостени поради нејзината смрт, синот Масами и другите членови на семејството беа одлучни да се погрижат случајот да се оконча, во склад со нејзините желби.

Одлука

Конечно, на 9 февруари 1998, тројцата судии на Вишиот суд ја изрекоа пресудата, поништувајќи ја одлуката на понискиот суд. Малата судница беше полна со репортери, академски граѓани и други кои верно го следеа судењето. Главните весници и телевизиски станици известија за одлуката. Некои наслови гласеа: „Суд: Пациентите можат да одбијат лечење“; „Вишиот суд: Трансфузија — кршење на правото“; „Лекарот кој извршил присилна трансфузија на крв, губи на судот“ и „Јеховин сведок добива отштета за трансфузија“.

Извештаите за одлуката беа точни и убедливо поволни. The Daily Yomiuri извести: „Судијата Такео Инаба рече дека било неприкладно тоа што лекарите презеле постапки кои пациентката ги одбила“. Исто така, тој јасно наведе: „Лекарите кои дале [трансфузија на крв], ја лишиле од можноста да го избере своето лечење“.

Asahi Shimbun истакнал дека, иако во овој случај судот сметал оти немало доволен доказ за постоење на некаков договор во кој обете странки се сложиле да не се користи крв, дури ни во ситуација која го загрозува животот, сепак судиите не се сложија со понискиот суд за законитоста на таквиот договор: „Доколку постои промислен договор меѓу странките кои се вклучени дека не треба да се дава трансфузија на крв под никакви околности, овој Суд смета дека тој не е против јавниот ред и, според тоа, не е неважечки“. Понатаму, овој весник го истакна гледиштето на судиите дека „секое човечко битие е осудено еден ден да умре и дека текот кон тој момент треба да го одреди секој поединец“.

Всушност, Јеховините сведоци истражувале за таа работа и уверени се дека го избираат најдобриот начин за да живеат. Тоа вклучува одбивање на познатите опасности од трансфузијата на крв и, наместо тоа, прифаќање бескрвни постапки кои нашироко се користат во многу земји и кои се во склад со Божјиот закон (Дела 21:25). Еден добро познат јапонски професор по уставно право истакнал: „Всушност, одбивањето лечење [трансфузија на крв], за кое станува збор, не е работа на избор ‚како да се умре‘ туку, напротив, како да се живее“.

Одлуката на Вишиот суд треба да ги освести лекарите дека нивните права — слободата да одлучуваат — не се толку големи, како што можеби некои мислеле. А тоа треба да има за резултат воведување на етички упатства во што повеќе болници. Иако оваа судска одлука е општоприфатена и охрабрувачка за пациентите кои имаа мал глас во нивното лечење, сепак сите странки не ја прифаќаат со цело срце. Државната болница и тројцата лекари се жалеа за случајот до Врховниот суд. Затоа, мораме да чекаме за да видиме дали највисокиот суд во Јапонија исто така ќе ги поддржи правата на пациентот, како што тоа го прави Суверенот на универзумот.

[Фусноти]

a Законски недефиниран концепт кој е оставен на интерпретација и примена на судијата за прекршоци.

b Тоа било кредо на феудалните лордови во периодот на Токугава за тоа како треба да владеат со своите поданици.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели