Кирил и Методиј — библиски преведувачи кои измислиле азбука
„Нашата нација е крстена и сѐ уште немаме учител. Ние не разбираме ни грчки ни латински . . . Не ги разбираме пишаните букви ниту нивното значење; затоа испрати ни учители кои ќе ни ги објаснат зборовите од Писмото и нивната смисла“ (Ростислав, кнез од Моравија, 862 н.е.).
ДЕНЕС, повеќе од 435 милиони луѓе кои ги зборуваат јазиците од словенското семејство имаат пристап до превод на Библијата на свој мајчин јазик.a Од нив, 360 милиони ја користат кирилицата. Сепак, пред 12 века немало ни пишан јазик ни азбука на дијалектите на нивните предци. Луѓето кои помогнале да се исправи таа ситуација се викале Кирил и Методиј, телесни браќа. За луѓето кои ја љубат Божјата реч, смелите и иновативни напори на овие двајца браќа ќе отворат едно фасцинантно поглавје во историјата на сочувувањето и унапредувањето на Библијата. Кои биле овие луѓе, и со какви препреки се соочиле?
„Филозофот“ и управителот
Кирил (827—869 н.е., родено име Константин) и Методиј (825—885 н.е.) се родени во благородничко семејство во Солун (Грција). Тогаш Солун бил двојазичен град; неговите жители зборувале грчки и еден облик на словенски јазик. Присуството на голем број Словени и блискиот контакт меѓу неговите жители и околните словенски заедници можеби им дале на Кирил и Методиј прилика да стекнат присно познавање на јазикот на јужните Словени. А еден биограф на Методиј дури спомнува и дека нивната мајка имала словенско потекло.
По смртта на татко му, Кирил се преселил во Константинопол, главниот град на Византиската Империја. Таму студирал на царскиот универзитет и се дружел со истакнати педагози. Станал библиотекар во Света Софија, најистакнатата црква изградена на Истокот, а подоцна станал професор по филозофија. Всушност, поради своите академски дострели, Кирил го добил прекарот Филозофот.
Во меѓувреме, Методиј се занимавал со истата кариера како и татко му — политичка администрација. Стигнал до рангот архонт (управител) на една гранична византиска област каде што живееле многу Словени. Сепак, се повлекол во еден манастир во Витинија (Мала Азија). Кирил му се придружил таму во 855 н.е.
Во 860 н.е. патријархот на Константинопол ги пратил двајцата браќа во мисија во странство. Биле испратени кај Хазарите, луѓе кои живееле на североисточниот дел од Црното Море и кои сѐ уште се колебале да се одлучат меѓу исламот, јудаизмот и христијанството. На пат кон нив, Кирил останал извесно време на Крим. Некои изучувачи сметаат дека таму научил хебрејски и самарјански и дека превел една хебрејска граматика на јазикот на Хазарите.
Повик од Моравија
Во 862 н.е., Ростислав, кнезот на Моравија (денешна источна Чешка, западна Словачка и западна Унгарија) го испратил до византискиот император Михаило III барањето кое беше наведено во уводниот пасус — да им испрати учители на Писмото. Граѓаните на Моравија кои зборувале словенски веќе биле запознати со црковните учења од мисионерите од источнофранкското царство (сега Германија и Австрија). Меѓутоа, Ростислав го загрижувало политичкото и црковното влијание на германските племиња. Тој се надевал дека религиозните врски со Константинопол ќе му помогнат да ја одржи својата нација политички и религиозно автономна.
Императорот одлучил да ги испрати Методиј и Кирил во Моравија. Академски, образовно и лингвистички, двајцата браќа биле добро опремени да изведат една таква мисија. Еден биограф од деветтиот век ни кажува дека императорот, со тоа што ги наговарал да отидат во Моравија, резонирал: „Обајцата сте родени во Солун, а сите солуњани зборуваат чист словенски јазик“.
Се раѓаат азбука и библиски превод
Во месеците пред нивното заминување, Кирил се подготвил за мисијата на тој начин што измислил писмо за Словените. Се вели дека тој имал префинет слух за фонетика. Така, користејќи грчки и хебрејски симболи, се обидел да му даде буква на секој глас на словенски.b Некои истражувачи сметаат дека тој веќе имал поминато многу години положувајќи го темелот на таа азбука. И сѐ уште не е извесен точниот облик на азбуката која ја измислил Кирил. (Види ја рамката „Кирилица или глаголица?“)
Истовремено, Кирил започнал една брза програма на преведување на Библијата. Според традицијата, тој почнал со тоа што ја превел од грчки на словенски првата фраза од Евангелието по Јован, користејќи ја новоразвиената азбука: „Во почетокот беше Речта . . .“. Кирил продолжил со преведување на четирите евангелија, писмата на Павле и книгата Псалми.
Дали работел сам? Веројатно Методиј му помогнал во задачата. Освен тоа, книгата The Cambridge Medieval History наведува: „Лесно е да се замисли дека имало и други кои му помагале [на Кирил], луѓе кои сигурно во прв ред биле по раѓање со словенско потекло а со грчко образование. Ако ги испитаме најстарите преводи . . . го имаме најдобриот доказ за високо развиено словенско чувство за јазик, што мора да им се припише на соработници кои и самите биле Словени“. Останатиот дел од Библијата го довршил подоцна Методиј, како што ќе видиме.
„Како врани на сокол“
Во 863 н.е. Кирил и Методиј ја почнале својата мисија во Моравија, каде што им било укажано срдечно добредојде. Нивната работа, освен преведување библиски и литургиски текстови, вклучувала да поучуваат група мештани за новоизмисленото словенско писмо.
Меѓутоа, не било сѐ баш лесно. Франкското свештенство во Моравија жестоко се спротивставило на употребата на словенски јазик. Тие застапувале тријазична теорија, сметајќи дека само латинскиот, грчкиот и хебрејскиот се прифатливи за користење во обожавањето. Надевајќи се на поддршка од папата за својот новосоздаден пишан јазик, во 867 н.е. браќата отпатувале за Рим.
Во текот на патувањето, во Венеција, Кирил и Методиј имале уште еден судир со група тријазични латински свештеници. Еден средновековен биограф на Кирил ни кажува дека локалните бискупи, свештеници и калуѓери се нафрлиле на него „како врани на сокол“. Според тој извештај, Кирил возвратил на тој начин што цитирал од 1. Коринќаните 14:8, 9: „Зашто, навистина, ако трубата огласи нејасен повик, кој ќе се подготви за битка? Исто така, ако со јазикот не изговарате лесно разбирлив говор, како ќе се знае што се зборува? Всушност, ќе зборувате во воздух“.
Кога браќата конечно дошле во Рим, папата Адријан II им дал целосна поддршка за користењето словенски јазик. По неколку месеци, а додека биле во Рим, Кирил тешко се разболел. Умрел по помалку од два месеца, на 42-годишна возраст.
Папата Адријан II го охрабрил Методиј да се врати на работа во Моравија и во околината на градот Нитра, во денешна Словачка. Сакајќи да го зајакне своето влијание во тоа подрачје, папата му дал на Методиј писма со одобрување на користењето на словенскиот јазик и го назначил за архиепископ. Меѓутоа, во 870 н.е. франкскиот бискуп Херманрих, со помош на кнезот Светополк од Нитра, го уапсил Методиј. Тој поминал в затвор две и пол години, во еден манастир во југоисточна Германија. На крај, наследникот на Адријан II, папата Јован VIII, дал наредба Методиј да биде пуштен, повторно го вратил во неговата епархија, и ја потврдил поддршката од папата за користењето на словенскиот јазик во обожавањето.
Но, противењето од франкското свештенство продолжило. Методиј успешно се одбранил од обвиненијата за ерес, и на крај од папата Јован VIII добил була со која било дадено овластување за користење на словенскиот јазик во црквата. Како што признал тогашниот папа, Јован Павле II, Методиј го поминал животот „среде патувања, оскудици, страдања, непријателство и прогонство . . . дури и период на суров затвор“. Иронично е тоа што ова било од рацете на бискупи и кнезови кои биле поволно наклонети кон Рим.
Преведена е комплетната Библија
И покрај непопустливиот отпор, Методиј, со помош на неколку стенографи, го довршил преведувањето на останатиот дел од Библијата на словенски. Според традицијата, тој ја завршил оваа огромна задача за само осум месеци. Меѓутоа не ги превел апокрифните книги на Макавејците.
Денес не е баш лесно точно да се процени квалитетот на преводот што го направиле Кирил и Методиј. Постојат само уште неколку примероци од манускрипти кои датираат близу времето на првобитното преведување. Испитувајќи ги тие ретки рани обрасци, лингвистите забележуваат дека преводот бил точен и пренесувал природна свежина. Делото Our Slavic Bible (Нашата словенска Библија) наведува дека двајцата браќа „морале да создадат многу нови зборови и изрази . . . И сето тоа го сториле со зачудувачка прецизност [и] го отвориле словенскиот јазик до лексичко богатство без преседан“.
Трајно наследство
По смртта на Методиј во 885 н.е., неговите ученици биле истерани од Моравија од страна на нивните франкски противници. Нашле прибежиште во Бохемија, јужна Полска, и во Бугарија. На тој начин делото на Кирил и Методиј било продолжено и раширено. Словенскиот јазик, на кој двајцата браќа му дале пишан и еден траен облик, цветал, се развивал и подоцна се разгранил. Денес, словенското семејство опфаќа 13 засебни јазици и многу дијалекти.
Освен тоа, смелите напори на Кирил и Методиј да ја преведат Библијата донеле плод во различните словенски преводи на Писмото кои се на располагање денес. Милиони кои ги зборуваат овие јазици извлекуваат корист на тој начин што ја имаат Божјата реч на свој мајчин јазик. И покрај горкото противење, колку само се вистинити зборовите: „Словото на нашиот Бог останува довека!“ (Исаија 40:8).
[Фусноти]
a Словенските јазици се зборуваат во Источна и Централна Европа и во нив спаѓаат рускиот, украинскиот, српскиот, полскиот, чешкиот, бугарскиот и слични јазици.
b „Словенски“, употребен во оваа статија, го означува словенскиот дијалект кој го користеле Кирил и Методиј за својата мисија и литературно дело. Некои денес ги користат термините „старословенски“ или „црковнословенски“. Лингвистите се сложуваат дека не постоел еден заеднички јазик кој го говореле Словените во деветтиот век н.е.
[Рамка на страница 29]
Кирилица или глаголица?
Природата на азбуката што ја измислил Кирил предизвикала многу полемики, со оглед на тоа што лингвистите не се сигурни каква била таа азбука. Азбуката наречена кирилица верно се темели на грчката азбука, со десетина додатни симболи кои биле смислени за да ги претстават словенските гласови кои не се наоѓале во грчкиот јазик. Меѓутоа, некои од најраните словенски манускрипти користат едно многу поинакво писмо, познато како глаголица, а тоа е писмото за кое многу изучувачи веруваат дека го измислил Кирил. Се чини дека неколку симболи на глаголицата доаѓаат од ракописен грчки или хебрејски. Некои можеби се изведени од средновековните дијакритички знаци, но повеќето се оригинални и сложени творби. Се чини дека глаголицата е една многу засебна и оригинална творба. Меѓутоа, кирилицата се развила во денешните руски, украински, српски, бугарски и македонски писма, како и на 22 додатни јазици, од кои некои не се словенски.
[Карта на страница 31]
(Види во публикацијата)
Балтичко Море
(Полска)
Бохемија (Чешка)
Моравија (И. Чешка, З. Словачка, З. Унгарија)
Нитра
ИСТОЧНО ФРАНКСКО ЦАРСТВО (Германија и Австрија)
ИТАЛИЈА
Венеција
Рим
Средоземно Море
БУГАРИЈА
ГРЦИЈА
Солун
(Крим)
Црно Море
Витинија
Константинопол (Истанбул)
[Слика на страница 31]
Старословенска Библија од 1581 на кирилица
[Извор на слика]
Библија: Narodna in univerzitetna knjižnica-Slovenija-Ljubljana