Инвалидностите не знаат за граници
КРИСТИЈАН, кој живее во една африканска земја, бил грабнат од војници што се обиделе да го присилат да ѝ се придружи на војската, но тој одбил да се повини поради својата библиски школувана совест. Војниците го одвеле во еден воен логор каде што, откако четири дена го тепале, еден од нив го застрелал во ногата. Кристијан успеал да стигне до болница, но ногата, под коленото, морала да му биде ампутирана. Во една друга африканска земја, вооружени бунтовници им ги сечат екстремитетите дури и на мали деца. А од Кампучија до Балканот, од Авганистан до Ангола, минските полиња и понатаму непребирливо осакатуваат и онеспособуваат и млади и стари.
Исто така, свој данок земаат несреќите и болестите, како што е дијабетесот. Дури и токсините во околината можат да доведат до инвалидност. На пример, во неколку соседни населби од еден источноевропски град, извесен број деца се родени без некоја подлактица. Тие под лактот имаат само еден остаток. Доказите укажуваат на генетско оштетување што е предизвикано од хемиското загадување. Безброј други луѓе сѐ уште ги имаат сите свои екстремитети, но сепак се инвалиди поради парализа или некоја друга болест. Навистина, инвалидностите не знаат за граници.
Сеедно каква е причината, инвалидностите можат да бидат разорни. Џуниор ја изгубил својата лева потколеница на 20-годишна возраст. Подоцна рекол: „Имав големи емоционални проблеми. Многу плачев поради тоа што никогаш веќе нема да имам нога. Не знаев што да правам. Бев збунет“. Меѓутоа, со текот на времето, ставот на Џуниор значително се сменил. Почнал да ја проучува Библијата и научил некои работи кои не само што му помогнале да излезе на крај туку и му дале прекрасна надеж за една среќна иднина токму овде на Земјата. Доколку си инвалид, дали би сакал да имаш таква надеж?
Ако да, те молиме прочитај ја следната статија. Ти препорачуваме да ги побараш библиските наводи во твојата Библија за да можеш и самиот да увидиш што подготвува Творецот за оние што учат за неговата намера и го доведуваат животот во согласност со неа.