Квалитетен живот без екстремитет
„ПЛАНИНАРОТ се врати на врвот.“ Ова го објави еден весник кога Том Витакер се искачил на врвот Монт Еверест. Пред тоа многумина се искачиле на тој висок врв, но Том Витакер бил првиот човек на кого му била извршена ампутација, а сепак го направил тоа! Витакер го изгубил стапалото во сообраќајна несреќа. Но, едно вештачко стапало, протеза, му овозможило повторно да почне со својот спорт. Слични направи им овозможуваат на илјадници други луѓе на кои им била извршена ампутација да се радуваат на еден квалитетен начин на живот. Всушност, повеќе не е необично да се види како луѓе на кои била извршена ампутација трчаат спринт, играат кошарка или возат велосипед.
Првите верзии на вештачки нозе и раце биле примитивни дрвени нозе и железни куки. Но, беа направени подобрувања кога војната остави илјадници осакатени. Не изненадува тоа што на еден воен хирург — Французинот Амброаз Паре од 16 век — му се припишува заслуга за воведувањето на првата генерација вистински протези. Денешните протетички направи користат хидраулика, софистикувани коленични зглобови, стапала со флексибилни јаглеродни влакна, силикон, пластика и други производи на високата технологија кои им овозможуваат на многу луѓе да одат и да се движат поприродно и поудобно отколку што некогаш сонувале дека е можно. Напредокот во микроелектрониката овозможува поприродно да се ракува со вештачките раце и дланки. На протезите им е подобрен и изгледот. На современите вештачки екстремитети им се вградени прсти, а некои дури изгледаат како да имаат вени. Всушност, една манекенка која ја изгубила ногата поради рак, носела протеза која изгледала толку природно што можела да ја продолжи својата кариера на менекенка.
Важен е умствениот став
Сепак, експертот за ментално здравје, Елен Винчел, предупредува: „Кога ќе доживеете лична криза како што е ампутацијата, длабоко сте предизвикани на секое поле од Вашето суштество — физички, емоционално, ментално и духовно“. Размислете за Вилијам, кој ја изгубил ногата од гангрена после една повреда. Тој вели: „Еден клуч за надминување на сите предизвици во животот е нашиот умствен став. Мојата инвалидност никогаш не ја сметав за пречка. Наместо тоа, задржав позитивен став во врска со сите назадувања што ги имав откако ми се случи несреќата“. Елен Винчел, на која исто така ѝ е извршена ампутација, се сложува, велејќи дека луѓето со позитивен став веројатно подобро ќе се прилагодат на загубата на екстремитет отколку песимистите. Како што вели Библијата, „веселото срце е како лек благотворно“ (Изреки 17:22).
Разбудете се! зборуваше со повеќе христијани кои добро се привикнале на загубата на екстремитет. Повеќето сугерираа дека луѓето на кои им била извршена ампутација избегнуваат премногу да се срамат или да бидат таинствени за својата инвалидност. „Повеќе би ми сметало кога другите би имале чувство дека тоа е некоја забранета тема“, вели Дел, кој ја изгубил левата потколеница. „Мислам дека тоа прави секој да се чувствува непријатно.“ Ако Ви недостига десната рака а Ве претставуваат некому, некои експерти препорачуваат да почнете да се ракувате со левата рака. Ако некој Ве прашува за протезата, кажете му за неа. Ако сте опуштени, тоа ќе му помогне на другото лице да се опушти. Обично, разговорот наскоро ќе се сврти на други теми.
Има „време кога се смее“ (Проповедник 3:4б) Една жена која ја изгубила раката, вели: ‚Над сѐ, задржете жива смисла за хумор! Секогаш мора да задржиме на ум дека ставот што го имаме кон себеси, во голема мерка го одредува ставот што ќе го има светот кон нас‘.
„Време кога се плаче“
Откако ја изгубил ногата, Дел во почетокот си велел: „Готово е. Мојот живот заврши“. Флоринду и Флориану ги изгубиле екстремитетите од копнени мини во Ангола. Флоринду вели дека плачел три дена и три ноќи. И Флориану водел слична битка со своите емоции. „Имав само 25 години“, пишува тој. „Еден ден можев да направам сѐ, а следниот ден не можев дури ни да станам. Бев депримиран и обесхрабрен.“
Има „време кога се плаче“ (Проповедник 3:4а). И сосема природно е да поминете низ еден период на тагување кога ќе доживеете некоја сериозна загуба. (Споредете Судии 11:37; Проповедник 7:1—3.) „Излезот од тагувањето е да поминете низ него“, пишува Елен Винчел. Честопати, од голема помош е да ги изразите своите чувства на некој сочувствителен слушател (Изреки 12:25). Но, тагувањето нема да продолжи засекогаш. Некои поединци можеби привремено стануваат емоционално нестабилни, критички настроени, вознемирени или повлечени после траумата од загубата на екстремитетот. Меѓутоа, овие чувства обично попуштаат. Ако не попуштат, може да настапи клиничка депресија — болест за која обично е потребна медицинска интервенција. Членовите на семејството и пријателите треба да бидат будни за секаков знак дека на нивниот сакан му е потребна таква помош.a
В. Мичел, кому му се парализирани обете нозе, пишува: „На сите ни се потребни луѓе кои се грижат. Речиси сѐ може да се поднесе ако човек чувствува дека е опкружен со пријателите и семејството, но и најмалото назадување може да го извади од колосек човекот кој се обидува сам да се пробие во животот. Пријателствата не се само случајни, тие мора активно да се започнуваат и активно да се одржуваат, инаку ќе пропаднат“. (Споредете Изреки 18:25.)
Квалитетен живот без екстремитет
И покрај инвалидноста, многумина кои немаат екстремитет водат квалитетен живот. На пример, Расел се родил само со горниот дел од левата нога. На возраст од 78 години, тој сѐ уште редовно вежба и води исполнет живот, иако сега користи бастун. Весел по природа, Расел признал дека неговиот прекар веќе долго време е Среќко.
Даглас, кој ја изгубил ногата во II светска војна, оди со помош на современа протеза. Како Јеховин сведок, шест години тој се радувал на службата како општ пионер, т. е. полновремен евангелизатор. А се сеќавате ли на Дел, кој мислел дека неговиот живот е завршен откако ја загубил ногата? И тој живее задоволителен живот како пионер и може самиот да се издржува.
Но, како си поминуваат жртвите кои загубиле екстремитет во сиромашните или во завојуваните земји? Светската здравствена организација вели: „Денес реалноста е дека само мал процент луѓе кои се инвалиди добиваат помош“. Многумина мораат да се ослонуваат на стапови и груби патерици за да се движат. Сепак, понекогаш можат да добијат помош. Флориану и Флоринду, жртви на копнените мини во Ангола, добиле протези од Меѓународниот црвен крст и шведската влада. Флориану среќно служи како слуга помошник во локалното собрание на Јеховините сведоци, а Флоринду служи како старешина и полновремен евангелизатор.
Едно здружение кое се грижи за инвалидите добро се изразува кога вели: „Хендикепирани се само оние луѓе кои ја изгубиле храброста!“ Интересно е тоа што Библијата играла голема улога во охрабрувањето на инвалидите. „Многу ми помогна тоа што ја учев библиската вистина додека се опоравував“, вели Дел. Слично на тоа, Расел вели: „Мојата надеж темелена на Библијата секогаш ми помагаше во тешкотиите“. Каква надеж дава Библијата за инвалидите?
[Фуснота]
a Видете ја статијата „Како да им се помогне на депримираните повторно да им се врати радоста“, во изданието на Стражарска кула од 15 март 1990 (англ.).
[Рамка на страница 8]
Фантомска болка
Фантомското чувство дека имате екстремитет се однесува на едно сосема реално чувство дека екстремитетот што недостасува е сѐ уште присутен. Тоа е нормално чувство што го имаат луѓето на кои им била извршена ампутација после операцијата и толку е реално што една брошурка за такви лица вели: „Бидете свесни за фантомското чувство кога ќе станете од кревет или од столица без протезата. Секогаш погледнувајте надолу за да се потсетите дека го немате стапалото“. Една пациентка која ги загубила обете нозе, станала за да се поздрави со лекарот но, наместо тоа, паднала на подот!
Друг проблем е фантомската болка во екстремитетот. Тоа е вистинска болка која се перцепира како да доаѓа од отстранетиот екстремитет. Интензитетот, видот и траењето на фантомската болка варира од лице до лице. За среќа, и фантомското чувство и фантомската болка обично се намалуваат со текот на времето.
[Слика на страница 6]
Современите протези им го прават животот многу попријатен на многумина инвалиди
[Извор на слика]
Фотографија со љубезна дозвола на RGP Prosthetics
[Слика на страница 7]
Тагувањето е нормална реакција на сериозната загуба
[Слика на страница 8]
Многу инвалиди се радуваат на квалитетен живот