Животна приказна
Во срцата на нашите деца всадивме љубов кон Јехова
РАСКАЖАЛ ВЕРНЕР МАЦЕН
Пред извесен број години, мојот најстар син, Ханс Вернер, ми даде една Библија. На внатрешниот дел од корицата имаше напишано: „Драг тато, нека Јеховината реч и понатаму нѐ води како семејство по патот на животот. Со благодарност, твојот најстар син“. Родителите ќе разберат колку овие зборови ми го исполнија срцето со благодарност и радост. Во тоа време не ни знаев со какви предизвици допрва ќе мораме да се соочиме како семејство.
РОДЕН сум во 1924 година во Халстенбек, оддалечен околу 20 километри од германското пристаниште Хамбург, а ме одгледаа мајка ми и дедо ми. Откако чиракував како изработувач на алати, во 1942 бев регрутиран во Wehrmacht, оружените сили. Она што го доживеав во II светска војна додека се борев на рускиот фронт е премногу страшно за да се опише со зборови. Добив стомачен тифус, но по лекувањето повторно ме испратија на фронтот. Во јануари 1945 се наоѓав во Лоѓ (Полска), каде што бев тешко ранет и сместен во една воена болница. Кога војната заврши, сѐ уште бев таму. Во болницата и, подоцна, во казнениот логор во Нојнгам имав време да размислувам за работите. Ме измачуваа прашањата: Дали навистина постои Бог? Ако да, зошто допушта толкава суровост?
Кратко откако ме пуштија од казнениот логор, во септември 1947, се оженив со Карла. Бевме израснале во ист град, но Карла беше католичка, а во моето воспитување религијата немаше никаква улога. Свештеникот што нѐ венча ни предложи барем заедно да ја кажуваме Господовата молитва секоја вечер. Правевме како што ни рече тој иако, всушност, не знаевме за што се молиме.
По една година ни се роди Ханс Вернер. Отприлика во истото време, Вилхелм Аренс, колега на работа, ме запозна со Јеховините сведоци. Ми покажа од Библијата дека еден ден војните ќе престанат (Псалм 46:9). Во есента 1950, му го предадов мојот живот на Јехова и се крстив. Колку само бев радосен кога една година потоа се крсти и мојата драга сопруга!
Воспитување на децата по Јеховините патишта
Во Библијата прочитав дека бракот потекнува од Јехова (Битие 1:26—28; 2:22—24). Тоа што бев присутен на раѓањето на нашите деца — Ханс Вернер, Карл-Хајнц, Михаел, Габриела и Томас — ја зајакна мојата обврзаност да бидам добар сопруг и татко. Карла и јас бевме возбудени при раѓањето на секое од нашите деца.
Конгресот на Јеховините сведоци во Нирнберг, во 1953, беше еден значаен настан за нашето семејство. Во петокот попладне, во говорот „Да се подигаат деца во општеството на новиот свет“ говорникот кажа нешто што никогаш не го заборавивме: „Најголемото наследство што можеме да им го дадеме на нашите деца е желбата да бидат Божји слуги“. Со Јеховина помош, Карла и јас сакавме да го правиме токму тоа. Но, како?
Во почетокот ни стана навика да се молиме заедно како семејство секој ден. Тоа им ја врежа на децата важноста на молитвата. Секое дете уште од мали нозе научи дека секогаш пред оброк се молиме. Дури и кога уште беа бебиња, веднаш штом ќе го видеа шишенцето, ги наведнуваа главчињата и ги склопуваа своите мали рачиња. Во една прилика бевме поканети на свадбата на еден роднина на мојата сопруга, кој не беше Сведок. По церемонијата, родителите на невестата ги поканија гостите во нивниот дом на еден мал оброк. Сите сакаа веднаш да почнат со јадење. Но, нашиот петгодишен Карл-Хајнц сметаше дека тоа не е во ред. „Ве молам, прво помолете се“, рече тој. Гостите го погледнаа него, потоа нас, и на крајот домаќинот. За да се избегне каква и да е непријатност, јас се понудив да упатам една благодарна молитва за оброкот, на што домаќинот се сложи.
Таа епизода ме потсети на Исусовите зборови: „Од устата на бебињата и доенчињата си прибави фалба“ (Матеј 21:16). Сигурни сме дека нашите редовни и искрени молитви им помогнаа на децата да гледаат на Јехова како на свој љубезен небесен Татко.
Нашата одговорност кон Јехова
Поучувањето на децата да го љубат Бог бара, исто така, редовно читање и проучување на неговата Реч. Имајќи го тоа на ум, одржувавме семејна студија секоја седмица, претежно во понеделник навечер. Со оглед на тоа што разликата во годините меѓу најстарото и најмалото дете беше девет години, потребите на децата беа многу различни, така што не можевме секогаш да го обработуваме истиот материјал со сите.
На пример, за децата од претшколска возраст поуката беше сосема едноставна. Карла ќе разгледаше со нив само еден единствен библиски стих, или ќе ги користеше сликите од публикациите темелени на Библијата. Сѐ уште имам драги спомени за тоа како помалите деца нѐ будеа рано наутро качувајќи се на нашиот кревет за да ни ги покажат нивните омилени слики од книгата The New World (Новиот свет).a
Карла разви вештина стрпливо да ги поучува децата за многуте причини што сите ги имаме за да го љубиме Јехова. Ова може да звучи едноставно и отворено, но, всушност, физички и емоционално тоа беше речиси полновремена работа за Карла и за мене. Сепак, не се откажувавме. Сакавме ние да впишеме во нивните нежни срца пред врз нив да почнат да влијаат други луѓе кои не го познаваа Јехова. Од таа причина инсистиравме децата да присуствуваат на семејната студија веднаш штом беа во состојба да седат.
Како родители, Карла и јас сфативме колку е важно да им дадеме исправен пример на нашите деца во врска со обожавањето. И сеедно дали јадевме, работевме во градината или одевме на прошетка, се обидувавме да го зајакнеме односот со Јехова кај секое дете (Второзаконие 6:6, 7). Водевме сметка секое од нив да си има сопствена Библија уште од рана возраст. Освен тоа, откако ќе ги добиевме списанијата, го пишував името на секој член на семејството на неговиот личен примерок. На тој начин децата учеа да ја препознаваат својата лична литература. Дојдовме на идеја да им доделуваме на децата да прочитаат извесни статии од Разбудете се! По нашиот неделен ручек, ни објаснуваа како го разбрале материјалот.
Им го дававме на децата вниманието што им беше потребно
Се разбира, работите не одеа секогаш подмачкано. Како што децата растеа, откривме дека за да им всадиме љубов во срцата, потребно е да знаеме што веќе има во нивните срца. Тоа значеше да ги слушаме. Понекогаш нашите деца чувствуваа дека имаат причина да се пожалат на нешто, па затоа Карла и јас седнувавме и разговараме со нив. Воведовме посебен половина час на крајот од семејната студија. На секого му беше дозволено сосема отворено да каже што чувствува.
На пример, Томас и Габриела, двете најмали деца, сметаа дека ние, како родители, покажуваме пристрасност кон нивниот најстар брат. Во една прилика, отворено проговорија и рекоа: „Тато, ние мислиме дека ти и мама секогаш му дозволувате на Ханс Вернер да си тера по свое“. Во почетокот, тешко можев да си поверувам на ушите. Меѓутоа, откако размисливме објективно, Карла и јас моравме да признаеме дека децата имаа право. Затоа, вложувавме уште поголем напор да постапуваме со сите деца на ист начин.
Понекогаш ги казнував децата избрзано или неправедно. Во таквите прилики ние, како родители, моравме да научиме да се извиниме. Потоа, му пристапувавме на Јехова во молитва. Беше важно децата да увидат дека татко им беше спремен да му каже на Јехова и на нив: ‚Жал ми е‘. Како резултат на тоа имавме топол и пријателски однос со нив. Тие честопати ни велеа: „Вие сте ни најдобрите пријатели“. Тоа нѐ правеше многу среќни.
Кога се работи заедно како семејство се унапредува единство. За таа цел, секој си имаше да изврши редовни задачи. На Ханс Вернер му беше доделено еднаш седмично да оди во продавница и да купи сѐ што е потребно, што обично значеше дека заедно со список со артиклите што требаше да ги купи тој добиваше и извесна сума пари. Една седмица, не му дадовме список ниту пари. Тој ја праша мајка си за тоа, и таа му кажа дека уште немаме пари. Тогаш децата почнаа да шепотат меѓу себе, и потоа секое од нив ја донесе својата касичка и ја испразни на масата. „Мамо, сега можеме да одиме да купуваме!“ — извикаа сите. Да, децата научија да помогнат во случај на нужда, и тоа уште повеќе го зближи семејството.
Како што растеа, момчињата почнаа да покажуваат интерес за девојки. На пример, Томас многу се заинтересира за една 16-годишна девојка Сведок. Му објаснив дека ако има сериозни намери со девојката, мора да биде подготвен да се ожени со неа и да преземе одговорност за жена и за деца. Томас увиде дека не е спремен за брак, бидејќи имаше само 18 години.
Напредување како семејство
Додека сѐ уште беа мали, децата едно по едно се запишуваа во Теократската школа за служба. Ние внимателно ги слушавме нивните задачи и бевме охрабрени бидејќи ја гледавме длабоката љубов на децата кон Бог. Покраинските и обласните надгледници, кои повремено престојуваа кај нас, раскажуваа искуства од нивниот живот или ни читаа од Библијата. Овие мажи и нивните сопруги им помогнаа на членовите на нашето семејство во срцата да негуваат љубов кон полновремената служба.
Со нетрпение ги очекувавме конгресите. Тие беа клучен фактор во нашите напори да ја всадиме кај децата желбата да бидат Божји слуги. За нив беше посебен момент кога ќе ги ставеа своите конгресни значки пред да тргнеме на пат за конгресната локација. Бевме трогнати кога Ханс Вернер се крсти на десетгодишна возраст. Некои сметаа дека е премлад да му се предаде на Јехова но, кога имаше 50 години, тој ми рече дека е многу благодарен што му служи на Јехова веќе 40 години.
На децата им покажавме дека личниот однос со Јехова е важен, но не вршевме притисок врз нив да се предадат. Сепак, ни беше драго што и другите напредуваа кон крштавање кога беа спремни за тоа.
Учиме да ги фрламе нашите бремиња на Јехова
Нашата радост не знаеше за граници кога, во 1971, Ханс Вернер дипломираше во 51. клас на Библиската школа Гилеад на Watchtower и беше доделен да служи како мисионер во Шпанија. Едно по едно, и другите наши деца поминаа некое време како полновремени министри, што како родители многу нѐ усреќи. Отприлика во тоа време Ханс Вернер ми ја даде Библијата, како што спомнав во почетокот на оваа статија. Нашата среќа како семејство изгледаше потполна.
Потоа откривме дека треба уште поблизу да се прилепиме кон Јехова. Зошто? Затоа што видовме како некои од нашите возрасни деца наидуваат на проблеми што сериозно ја испитаа нивната вера. На пример, нашата драга ќерка Габриела не беше поштедена од неволји. Во 1976, таа се омажи за Лотар. Кратко по венчавката тој се разболе. Додека стануваше сѐ послаб, Габриела го негуваше сѐ до неговата смрт. Тоа што гледавме како еден здрав член на семејството се разболе и умре, нѐ потсети колку ни е потребна Јеховината љубезна рака (Исаија 33:2).
Предности во Јеховината организација
Кога во 1955 бев наименуван за собраниски слуга (денес наречен претседавачки надгледник), не се чувствував спремен за таа одговорност. Имаше многу работа, а единствениот начин да држам чекор со обврските беше некогаш да станувам во четири часот наутро. Мојата сопруга и децата ми беа голема поддршка, грижејќи се да не се вознемирувам навечер кога имав да завршам уште работи.
Сепак, како семејство, поминувавме заедно колку што беше можно слободно време. Понекогаш мојот работодавач ми дозволуваше да ја користам неговата кола за да можам да го однесам семејството на излет. Децата уживаа во приликите кога ја проучувавме Стражарска кула во шумата. Исто така, пешачевме заедно, понекогаш пеевме песни во придружба на мојата усна хармоника додека одевме низ шумите.
Во 1978 бев наименуван за заменик покраински надгледник (патувачки министер). Совладан од сево ова, се помолив: „Јехова, чувствувам дека јас не можам да го сторам тоа. Но, ако сакаш да се обидам, тогаш ќе го сторам најдоброто“. По две години, на 54-годишна возраст, му го префрлив мојот мал бизнис на најмладиот син Томас.
Сите наши деца пораснаа, што на Карла и мене ни даде прилика да правиме повеќе за Јехова. Истата година бев наименуван за покраински надгледник и доделен во еден дел од Хамбург и во целиот Шлезвиг-Холштајн. Поради нашето искуство во подигањето семејство, можевме да покажеме особено разбирање кон родителите и нивните деца. Многу браќа нѐ нарекуваа нивни покраински родители.
Откако десет години ме придружуваше во покраинското дело, Карла мораше да се оперира. А истата година, лекарите открија дека јас имам тумор на мозокот. Затоа, престанав со мојата служба како покраински надгледник и имав операција на мозокот. Поминаа три години пред да можам повторно да дејствувам како заменик покраински надгледник. Сега Карла и јас сме во 70-тите години и повеќе не сме во патувачкото дело. Јехова ни помогна да увидиме дека нема смисла да се држиме за предност која повеќе не можев да ја извршувам.
Осврнувајќи се наназад, Карла и јас сме му благодарни на Јехова што ни помогна да всадиме во срцата на нашите деца љубов кон вистината (Пословици 22:6). Низ годините, Јехова нѐ водеше и нѐ школуваше, помагајќи ни да ги извршуваме своите одговорности. Иако можеби сме стари и немоќни, нашата љубов кон Јехова е исто толку млада и жива како и секогаш (Римјаните 12:10, 11).
[Фуснота]
a Издадена од Јеховините сведоци, но сега не е на располагање.
[Слика на страница 26]
Нашето семејство, како пешачиме покрај реката Елба (Хамбург), 1965
[Слика на страница 28]
Некои членови на семејството на меѓународниот конгрес во Берлин, во 1998
[Слика на страница 29]
Со мојата сопруга Карла