ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w02 15/12 стр. 8-13
  • „Приближете му се на Бог“

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • „Приближете му се на Бог“
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2002
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Продолжете да ‚примате спознание‘ за Бог
  • Изрази ја својата љубов кон Јехова
  • Гради блискост преку молитва
  • Како можеш да се приближиш кон Бог
    Спознание кое води до вечен живот
  • „Тој ќе ви се приближи вам“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2002
  • „Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“
    Приближи му се на Јехова
  • Колку си близок со Јехова?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2015
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2002
w02 15/12 стр. 8-13

„Приближете му се на Бог“

„Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“ (ЈАКОВ 4:8).

1, 2. а) Какви тврдења честопати изнесуваат луѓето? б) Каква опомена дал Јаков, и зошто била потребна?

„БОГ е со нас.“ Овие зборови красат национални симболи, па дури и војнички униформи. „Нашата доверба е во Бог“ е испишано на безброј монети и банкноти на денешните валути. Вообичаено е луѓето да тврдат дека имаат близок однос со Бог. Но, зарем не се согласуваш дека, за навистина да се има еден таков однос, потребно е многу повеќе отколку само да се зборува за него или да се истакнуваат слогани?

2 Библијата покажува дека е можно човек да има личен однос со Бог. Но, потребен е напор. Дури и некои помазани христијани во првиот век требало да го зајакнат својот однос со Јехова Бог. Христијанскиот надгледник Јаков морал да предупреди некои на нивните телесни склоности и на нивното губење на духовната чистота. Во тој совет ја дал и следнава силна опомена: „Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“ (Јаков 4:1—12). Што мислел Јаков со изразот „приближете му се“?

3, 4. а) На што можеби биле потсетени некои читатели на Јаков во првиот век со изразот „приближете му се на Бог“? б) Зошто можеме да бидеме уверени дека е возможно да му се пристапи на Бог?

3 Јаков употребил еден израз што им бил познат на многу негови читатели. Мојсеевиот закон им давал на свештениците конкретни упатства за тоа како да „доаѓаат близу до“, односно да му пристапуваат на Јехова во името на неговиот народ (Излез 19:22). Така, читателите на Јаков можеби биле потсетени дека приликата да му се пристапи на Јехова не е нешто што треба да се земе здраво за готово. Јехова е најдостоинствената личност во универзумот.

4 Од друга страна, пак, како што забележува еден библиски изучувач, „оваа опомена [во Јаков 4:8] открива голем оптимизам“. Јаков знаел дека Јехова секогаш со љубов ги повикувал несовршените луѓе да Му се приближат (2. Летописи 15:2). Исусовата жртва го отворила патот за пристап до Јехова во една поцелосна смисла (Ефешаните 3:11, 12). Денес, патот за пристап до Бог им е отворен на милиони! Но, како можеме да ја искористиме оваа прекрасна прилика? Накратко ќе разгледаме три начини на кои можеме да му се приближиме на Јехова Бог.

Продолжете да ‚примате спознание‘ за Бог

5, 6. Како примерот на младиот Самоил илустрира што е вклучено во ‚примањето спознание‘ за Бог?

5 Според Јован 17:3, Исус рекол: „Ова значи вечен живот, да примаат спознание за тебе, единствениот вистински Бог, и за оној кого го испрати, Исус Христос“. Во многу преводи на овој стих има една мала разлика од Превод Нов свет. Наместо да речат „да примаат спознание“ за Бог, тие едноставно го преведуваат овој глагол со „да го запознаат“ Бог или „да го познаат“ Бог. Меѓутоа, многу изучувачи забележуваат дека смислата на зборот што е употребен во оригиналниот грчки јазик вклучува нешто повеќе — еден постојан процес, процес што може да води дури и до блиско познанство со другиот.

6 Блиско да се познава Бог не било нешто ново во времето на Исус. На пример, во хебрејските списи читаме дека, кога Самоил бил момче, „уште не го познаваше Господа“ (1. Самоил 3:7). Дали ова значи дека Самоил знаел многу малку за својот Бог? Не. Неговите родители и свештениците сигурно го научиле многу. Меѓутоа, хебрејскиот збор што се користи во тој стих може, според еден изучувач, да „се користи за најблиските познанства“. Самоил сѐ уште не го запознал Јехова толку блиско, како што ќе го запознае подоцна кога ќе служи како Јеховин говорник. Како што растел, Самоил навистина го запознавал Јехова, стекнувајќи близок личен однос со него (1. Самоил 3:19, 20).

7, 8. а) Зошто не треба да нѐ обесхрабрат подлабоките библиски учења? б) Кои се некои длабоки вистини од Божјата реч што ќе биде добро да ги проучиме?

7 Дали примаш спознание за Јехова со цел блиско да се запознаеш со него? За да го сториш тоа, треба да ‚развиеш копнеж‘ по духовната храна што ја обезбедува Бог (1. Петрово 2:2). Не задоволувај се само со основните работи. Настојувај да научиш некои од подлабоките библиски учења (Евреите 5:12—14). Дали си обесхрабрен од таквите учења, мислејќи дека се премногу тешки? Ако е така, сети се дека Јехова е ‚Големиот Учител‘ (Исаија 30:20, NW). Тој знае како да им пренесе длабоки вистини на несовршените човечки умови. И може да ги благослови твоите искрени напори да го сфатиш она за што те поучува (Псалм 25:4).

8 Зошто не се преиспиташ во поглед на некои од „длабоките работи Божји“? (1. Коринќаните 2:10). Тоа не се сувопарни теми за кои можеби дебатираат теолозите и свештениците. Тоа се живи доктрини што даваат фасцинантен увид во мислите и во срцето на нашиот Татко полн со љубов. На пример, откупот, ‚светата тајна‘, различните сојузи што ги користел Јехова за да го благослови својот народ и за да ги исполни своите намери — овие и уште многу други вакви теми се радосни и наградувачки области за лично истражување и проучување (1. Коринќаните 2:7).

9, 10. а) Зошто гордоста е опасна, и што ќе ни помогне да ја избегнуваме? б) Кога станува збор за спознанието за Јехова, зошто треба да настојуваме да бидеме понизни?

9 Додека растеш во спознанието за подлабоките духовни вистини, внимавај на опасноста што може да дојде со спознанието — гордоста (1. Коринќаните 8:1). Гордоста е опасна, бидејќи ги отуѓува луѓето од Бог (Пословици 16:5; Јаков 4:6). Не заборавај, ниеден човек нема причина да се фали со своето спознание. За да илустрираме, размисли за следниве зборови од уводот на една книга што дава проценка на најновите научни достигнувања на човештвото: „Колку повеќе дознаваме, толку повеќе сфаќаме колку малку знаеме . . . Сѐ што сме научиле е ништо во споредба со она што допрва треба да го научиме“. Таквата понизност е освежувачка. А кога станува збор за најголемото спознание — спознанието за Јехова Бог — имаме уште поголема причина да останеме понизни. Зошто?

10 Забележи некои библиски изјави за Јехова. „Длабоки се Твоите замисли“ (Псалм 92:5). „Нема мерка на [Јеховината] мудрост“ (Псалм 147:5). „[Јеховиниот] ум е неизмерлив“ (Исаија 40:28). „О длабочино на Божјето богатство и мудрост и спознание!“ (Римјаните 11:33). Јасно, никогаш нема да знаеме сѐ за Јехова (Проповедник 3:11). Тој нѐ поучил за многу прекрасни работи, но сепак, секогаш ќе имаме пред себе неограничен обем спознание од кое ќе можеме да учиме уште. Зарем тој изглед не нѐ возбудува и истовремено не нѐ прави понизни? Затоа, додека учиме, секогаш да го користиме нашето спознание како основа да му се приближиме на Јехова и да им помогнеме и на другите да го сторат истото — а никогаш да не го користиме како средство да се воздигнуваме над другите (Матеј 23:12; Лука 9:48).

Изрази ја својата љубов кон Јехова

11, 12. а) Како треба да влијае врз нас спознанието што го примаме за Јехова? б) Што одредува дали едно лице има вистинска љубов кон Бог?

11 Со право, апостол Павле рекол дека постои врска помеѓу спознанието и љубовта. Тој напишал: „За ова постојано се молам, вашата љубов сѐ повеќе и повеќе да изобилува во точно спознание и во полна проникливост“ (Филипјаните 1:9). Наместо да нѐ надуе од гордост, секоја скапоцена вистина што ја учиме за Јехова и за неговите намери треба да ни ја зголеми љубовта кон нашиот небесен Татко.

12 Се разбира, многумина што тврдат дека го љубат Бог, всушност, не го прават тоа. Можеби чувствата што им надоаѓаат во срцето се сосема искрени. Таквите чувства се добри, па дури и пофални, кога се во склад со точното спознание. Но, тие сами по себе не се исто што и вистинска љубов кон Бог. Зошто? Забележи како ја дефинира таквата љубов Божјата реч: „Љубовта кон Бог значи ова: да ги држиме неговите заповеди“ (1. Јованово 5:3). Значи, љубовта кон Јехова е вистинска само кога се изразува преку послушни постапки.

13. Како ќе ни помогне побожниот страв да ја покажеме нашата љубов кон Јехова?

13 Побожниот страв ќе ни помогне да му бидеме послушни на Јехова. Оваа длабока страхопочит и длабока почит кон Јехова се резултат на тоа што примаме спознание за него, што учиме за неговата бескрајна светост, слава, моќ, правда, мудрост и љубов. Таквиот страв е пресуден за да му се приближиме. Всушност, забележи што вели Псалм 25:14: „Господ е близу до оние, кои се бојат од Него“. Затоа, ако имаме здрав страв да не не му угодиме на нашиот сакан небесен Татко, можеме да му се приближиме. Побожниот страв ќе ни помогне да обрнеме внимание на мудриот совет запишан во Пословици 3:6: „Мисли на Него на сите свои патишта и Тој ќе ги исправи твоите патеки“. Што значи тоа?

14, 15. а) Кои се некои одлуки со кои се соочуваме во секојдневниот живот? б) Како можеме да донесуваме одлуки на начин што го одразува нашиот побожен страв?

14 Секојдневно мораш да донесуваш одлуки, и големи и мали. На пример, каков разговор ќе водиш со твоите колеги, соученици, соседи? (Лука 6:45). Дали напорно ќе работиш на задачите што се поставени пред тебе или ќе бараш начини да поминеш со минимален труд? (Колошаните 3:23). Дали ќе се зближиш со оние што покажуваат мала или никаква љубов кон Јехова или, пак, ќе настојуваш да ги зајакнеш своите односи со духовно настроени луѓе? (Пословици 13:20). Што ќе сториш, дури и во мали размери, за да ги унапредиш интересите на Божјето Царство? (Матеј 6:33). Ако библиските начела како овие што се наведени овде те водат во твоите секојдневни одлуки, тогаш ти навистина мислиш на Јехова „на сите свои патишта“.

15 Всушност, во секоја одлука што ја донесуваме, треба да нѐ води оваа мисла: ‚Како би сакал да постапам Јехова? Кој правец би му бил најугоден?‘ (Пословици 27:11). Ваквото покажување побожен страв е одличен начин да изразиме љубов кон Јехова. Побожниот страв исто така ќе нѐ поттикне да останеме чисти — духовно, морално и физички. Запомни, во истиот стих во кој Јаков ги поттикнува христијаните ‚да му се приближат на Бог‘, тој исто така опоменува: „Исчистете ги рацете, грешници, и прочистете ги срцата, неодлучни“ (Јаков 4:8).

16. Што не можеме никогаш да постигнеме со тоа што ќе му даваме на Јехова, но сепак, што можеме секогаш да успееме да правиме?

16 Се разбира, изразувањето на нашата љубов кон Јехова вклучува многу повеќе отколку само да се воздржуваме од она што е лошо. Љубовта исто така нѐ поттикнува да го правиме она што е исправно. На пример, како реагираме на Јеховината изобилна дарежливост? Јаков напишал: „Секој добар дар и секој совршен подарок е одозгора, зашто доаѓа од Таткото на небесните светла и кај него нема промена во вртењето на сенката“ (Јаков 1:17). Точно, кога му ги даваме на Јехова нашите поседи, ние не го збогатуваме. Тој веќе ги поседува сите добра и богатства што постојат (Псалм 50:12). А кога му го даваме на Јехова нашето време и енергија, не му исполнуваме некоја потреба што инаку не може да си ја задоволи сам. Дури и кога ние би одбиле да ја проповедаме добрата вест за Божјето Царство, тој може да предизвика камењата да извикуваат! Тогаш, зошто да му ги даваме на Јехова нашите материјални средства, време и енергија? Пред сѐ, затоа што на тој начин ја изразуваме нашата љубов кон него со сето наше срце, душа, ум и сила (Марко 12:29, 30).

17. Што може да нѐ мотивира радосно да му даваме на Јехова?

17 Кога му даваме на Јехова, тоа треба да го правиме радосно, „зашто Бог љуби весел дарител“ (2. Коринќаните 9:7). Начелото што е запишано во Второзаконие 16:17 може да ни помогне радосно да даваме: „Секој нека принесе што може, според благословот што ти го додели Господ, твојот Бог“. Кога размислуваме колку великодушен е Јехова кон нас, чувствуваме желба великодушно да му даваме. Таквото давање го радува неговото срце, исто како што еден родител се радува на мал подарок од своето сакано дете. Изразувањето на нашата љубов на ваков начин ќе ни помогне да му се приближиме на Јехова.

Гради блискост преку молитва

18. Зошто вреди да размислиме како да го подобриме квалитетот на нашите молитви?

18 Миговите на лични молитви ни даваат една скапоцена можност — прилики за близок, доверлив разговор со нашиот небесен Татко (Филипјаните 4:6). Бидејќи молитвата е многу битно средство за да му се приближиме на Бог, вреди да застанеме и да размислиме за квалитетот на нашите молитви. Не мора да значи дека тие треба да бидат пример на речитост и организираност, но треба да бидат искрени изрази што доаѓаат од срце. Како можеме да го подобриме квалитетот на нашите молитви?

19, 20. Зошто да медитираме пред да се молиме и кои се некои соодветни теми за такво медитирање?

19 Можеме да се обидеме да медитираме пред да се молиме. Ако медитираме однапред, можеме да ги направиме нашите молитви конкретни и смисловни, а со тоа ќе ја избегнеме практиката да повторуваме фрази што се познати и веднаш доаѓаат на ум (Пословици 15:28, 29). Можеби ќе ни биде од помош длабоко да размислуваме за некоја од темите што ги спомнал Исус во својата пример-молитва и потоа да разгледаме како се однесуваат тие на нашите околности (Матеј 6:9—13). На пример, би можеле да се запрашаме која мала улога се надеваме да ја одиграме во извршувањето на Јеховината волја овде на земјата. Би можеле ли да му ја изразиме на Јехова нашата желба да му бидеме колку што е можно покорисни и да ја побараме неговата помош во извршувањето на која и да е задача што ни ја дал? Дали сме оптоварени со грижи за нашите материјални потреби? За кои гревови ни е потребно простување и кому треба повеќе да му простуваме? Кои искушенија нѐ погодуваат и дали сфаќаме колку итно ни е потребна Јеховина заштита во тој поглед?

20 Освен тоа, би можеле да размислиме за луѓето што ги познаваме и на кои особено им е потребна Јеховина помош (2. Коринќаните 1:11). Но, не треба да заборавиме да покажеме и благодарност. Ако запреме и размислиме за тоа, сигурно можеме да се сетиме на некои причини зошто да му се заблагодариме на Јехова и да го фалиме секој ден за неговата изобилна доброта (Второзаконие 8:10; Лука 10:21). Ако го сториме тоа, ќе имаме уште една корист — тоа може да ни помогне да стекнеме попозитивно и поблагодарно гледиште кон животот.

21. Проучувањето на кои библиски примери може да ни помогне кога му пристапуваме на Јехова во молитва?

21 И проучувањето може да ни помогне во молитвите. Во Божјата реч се запишани извонредни молитви на верни мажи и жени. На пример, ако пред нас стои некој тежок проблем што ни предизвикува тегобна загриженост, па дури и страв за нашата благосостојба или благосостојбата на нашите сакани, би можеле да ја прочитаме молитвата на Јаков во врска со претстојната средба со неговиот осветољубив брат Исав (Битие 32:9—12). Или, пак, би можеле да ја проучиме молитвата што ја кажал цар Аса кога на Божјиот народ му се заканувала сила од околу еден милион Етиопјани (2. Летописи 14:11, 12). Ако нѐ мачи некој проблем што се заканува да нанесе прекор на Јеховиното добро име, тогаш вреди да ја разгледаме молитвата на Илија пред обожавателите на Ваал на планината Кармел, како и молитвата на Неемија во врска со жалосната состојба на Ерусалим (1. Цареви 18:36, 37; Неемија 1:4—11). Читањето и медитирањето за таквите молитви може да ја зајакне нашата вера и да ни даде идеи како најдобро да му пристапиме на Јехова изнесувајќи му ги грижите што нѐ оптоваруваат.

22. Кој е годишниот стих за 2003 и што би можеле да се запрашаме одвреме навреме во текот на годината?

22 Јасно, нема поголема чест и нема повисока цел од тоа да обрнеме внимание на советот на Јаков ‚да му се приближиме на Бог‘ (Јаков 4:8). Да го правиме тоа напредувајќи во нашето спознание за Бог, настојувајќи сѐ повеќе да ја изразуваме нашата љубов кон него и развивајќи блискост со него во нашите молитви. Во текот на 2003 година, додека го имаме на ум Јаков 4:8 како годишен стих, да продолжиме да се преиспитуваме себеси во поглед на тоа дали навистина му се приближуваме на Јехова. Но, што е со вториот дел од таа изјава? Во која смисла Јехова „ќе ви се приближи вам“ и какви благослови ќе донесе тоа? Во следната статија ќе се дискутира за ова.

Се сеќаваш ли?

• Зошто треба сериозно да го сфатиме приближувањето кон Јехова?

• Кои се некои цели што би можеле да си ги поставиме во поглед на примањето спознание за Јехова?

• Како можеме да покажеме дека имаме вистинска љубов кон Јехова?

• На кои начини можеме да изградиме поголема блискост со Јехова во молитва?

[Истакната мисла на страница 12]

Годишниот стих за 2003 ќе гласи: „Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“ (Јаков 4:8).

[Слика на страници 8 и 9]

Додека растел, Самоил блиско го запознавал Јехова

[Слика на страница 12]

Молитвата на Илија изговорена на планината Кармел е добар пример за нас

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели