Џон Милтон и неговата студија
РЕТКО кој писател имал толку силно влијание врз светот како што имал Џон Милтон, авторот на англиската епска поема Загубениот рај (Paradise Lost). Според зборовите на еден биограф, Милтон „многумина го сакаа, малкумина го мразеа, но ретко кој не го знаеше“. До ден-денес, англиската литература и култура му должат многу на овој автор.
Како дошло до тоа Џон Милтон да има толку силно влијание? Од која причина околу неговиот последен труд, со наслов За христијанските учења (On Christian Doctrine), постоеле толку спротивставени гледишта што не бил издаден цели 150 години?
Неговите почетоци
Џон Милтон е роден во 1608 год., во едно богато семејство од Лондон. Како што самиот раскажува: „Татко ми беше тој што имаше желба да ја изучувам литературата, а јас учев со толкав апетит што, од 12-тата година натаму, ретко кога си легнував пред полноќ“. Бил одличен студент и магистрирал на Кембриџ во 1632 год. Потоа продолжил да чита историски книги и класична книжевност.
Милтон сакал да биде поет, но во тоа време во Англија дошло до револуција. Парламентот, предводен главно од Оливер Кромвел, назначил суд кој во 1649 год. донел одлука да биде погубен кралот Чарлс I. Милтон мошне убедливо ја бранел оваа постапка преку својата проза и станал гласноговорник на владата на Кромвел. Всушност, пред да стане славен како поет, Џон Милтон веќе бил добро познат по своите трактати на теми поврзани со политиката и моралот.
Во 1660 год. бил крунисан Чарлс II, со што била обновена монархијата. Тоа го довело во опасност животот на Милтон поради неговата поврзаност со претходната власт на Кромвел. Почнал да се крие, и извлекол жива глава само благодарение на влијателните пријатели што ги имал. За сето ова време, не згаснал неговиот голем интерес за духовните работи.
„Аршинот на Библијата“
Во врска со тоа кога и како почнал да се интересира за духовните работи, Милтон напишал: „За духовните работи почнав да се интересирам уште како момче. Ги истражував и ги читав и Стариот и Новиот завет на изворните јазици“. Така развил ценење за Светото писмо и го сметал за единствениот извор на сигурно водство во морален и во духовен поглед. Но, откако истражил што пишува во религиозните книги од негово време, бил потполно разочаран. „Дојдов до заклучок дека ќе погрешам ако моите верувања или мојата надеж за спасение ја засновам на таквите учења“, напишал тој подоцна. Решен неговите верувања да бидат строго по „аршинот на Библијата“, Милтон започнал да ги реди стиховите под различни наслови, за потоа да може да ги цитира.
Денес, Џон Милтон е најмногу познат по својата поема Загубениот рај, каде лирски го прераскажува библискиот извештај за тоа како човекот го изгубил совршенството (1. Мојсеева, 3. поглавје). Поемата е издадена во 1667 год. и најмногу таа му донела слава на Милтон како писател, особено во англиското говорно подрачје. Нешто подоцна го издал и нејзиното продолжение, со наслов Вратениот рај (Paradise Regained). Во овие свои поеми, тој опишува со каква намера Бог ги создал луѓето — да живеат како совршени во рај на Земјата — и кажува дека Бог повторно ќе ја претвори Земјата во рај преку Исус Христос. На пример, во Загубениот рај, архангелот Михаел претскажува дека доаѓа време Христос „сите верни да ги награди и во блаженство да ги прими, било на небо или на земја, зашто тогаш сета земја ќе биде Рај, многу посреќно место од ова во Еден, со дни бескрајно среќни“.
За христијанските учења
Долги години, Милтон имал намера да издаде и опширна расправа за христијанскиот живот и учења. И покрај тоа што во 1652 год. потполно го изгубил видот, тој продолжил да работи на ова свое последно дело со помош на секретари сѐ до својата смрт во 1674 год. Насловот што му го дал е Студија за христијанските учења напишана единствено врз основа на Светото писмо (A Treatise on Christian Doctrine Compiled From the Holy Scriptures Alone). Во предговорот напишал: „Повеќето автори што пишувале на оваа тема... го направиле тоа во многу кратки црти, со многу малку осврти на поглавја и стихови, односно на библиски текст на кој ги засноваат своите учења. Јас, за разлика од нив, се трудев да ги наполнам, дури и да ги преполнам страниците со цитати од секое делче на Библијата“. Вистина, За христијанските учења се осврнува на Библијата или цитира од неа над 9.000 пати.
Иако Милтон секогаш без колебање ги изнесувал своите гледишта, кога требало да ја објави оваа своја расправа тоа не било случај. Зошто? Како прво, бил свесен дека објаснувањата што ги дал на темел на Библијата многу се разликувале од оние на Црквата. Освен тоа, откако монархијата повторно завладеала, тој ја изгубил наклоноста на власта. Затоа можеби чекал да дојдат подобри времиња. Како и да е, по смртта на Милтон, неговиот секретар го зел манускриптот напишан на латински и го однел кај некој издавач, но тој одбил да го отпечати. Потоа државниот секретар на Англија му го одзел манускриптот и го ставил во архива. Дури по еден и пол век манускриптот на Милтон повторно излегол на виделина.
Во 1823 год., завитканиот манускрипт од познатиот поет случајно паднал во рацете на еден службеник во архивата. Со Англија тогаш владеел кралот Џорџ IV, кој наредил делото да биде преведено од латински на англиски, и јавно да се објави. Кога по две години излегло првото издание на англиски, предизвикало жестока полемика во теолошките и книжевните кругови. Еден бискуп веднаш го прогласил за фалсификат, не сакајќи да поверува дека Милтон, кого толку многу луѓе го сметаат за најголемиот англиски поет на религиозни теми, би можел толку цврсто да ги отфрли ценетите црковни учења. Бидејќи претпоставувал дека ќе има такви реакции и како потврда дека Милтон навистина е авторот, преведувачот додал фусноти кои наведуваат 500 сличности меѓу делото За христијанските учења и поемата Загубениот рај.a
Верувањата на Милтон
До времето на Милтон, Англија ја прифатила протестантската реформација и ги прекинала врските со Римокатоличката црква. Во основа, протестантите верувале дека единствениот авторитет на кој луѓето треба да се повикаат во однос на прашањата за верата и моралот е Библијата, а не папата. Но, во своето дело За христијанските учења, Милтон покажал дека и многу од протестантските учења и обичаи не биле во согласност со Светото писмо. Врз основа на Библијата, тој го отфрлил учењето на Калвин дека постои судбина и докажал дека луѓето имаат право самите да одлучат како ќе живеат. Се залагал за тоа со почит да се користи Божјето име Јехова, и самиот тој често го користел во сите свои дела.
На темел на Библијата, Милтон докажал дека душата на човекот може да умре. Објаснувајќи го текстот од 1. Мојсеева 2:7, напишал: „Откако човекот бил создаден како што е опишано овде, стихот вели: „Човекот стана жива душа“. ...Значи, човекот не е спој на два дела кои може да се одвојат; ниту, пак, како што мислат повеќето, е направен и се состои од два различни и посебни елементи, односно од тело и душа. Напротив, целиот човек е душата, и душата е самиот човек“. Потоа Милтон го поставува прашањето: „Дали умира целиот човек или само неговото тело?“ Откако изнесува многу докази дека од оној што умира не останува ништо, тој додава: „Но, најубедливото објаснување што можам да го наведам како доказ за тоа дека душата умира е она што го дал лично Бог, во Езекиел 18:20: Онаа душа што ќе греши, таа и ќе умре “. Покрај тоа, Милтон цитирал и стихови како Лука 20:37 и Јован 11:25 што покажуваат дека луѓето можат да се надеваат на воскресение од смртниот сон.
Што повлекло најсилни реакции во врска со делото За христијанските учења? На едноставен, но многу впечатлив начин, Милтон докажал врз основа на Библијата дека Христос, Божјиот син, му е подреден на Бог, Таткото. Откако ги цитирал Јован 17:3 и Јован 20:17, Милтон прашал: „Ако Таткото му е Бог на Исус и ни е Бог нам, а постои само еден единствен Бог, кој друг би можел да биде Бог ако не Таткото?“
Понатаму Милтон истакнува: „Самиот Син и неговите апостоли секогаш, кога и да рекле или запишале нешто, признаваат дека Таткото е поголем од Синот во сѐ“ (Јован 14:28). „И лично Исус Христос, во Матеј xxvi. 39, вели: ‚Татко мој, ако е можно, нека ме одмине оваа чаша. Но, не како што сакам јас, туку како што сакаш ти‘... Зошто да му се моли на Таткото, а не на себе, ако тој, всушност, е Бог? Ако е тој и човек и Семоќниот Бог, зошто воопшто да се моли за нешто што зависи од него?.. Синот секогаш го обожавал и му се восхитувал единствено на својот Татко, и така нѐ поучил и нас“.
Пропустите на Милтон
Џон Милтон искрено ја барал вистината. Сепак си имал и свои пропусти, а на некои негови гледишта влијаеле лошите работи низ кои поминал во животот. На пример, кратко откако се оженил за младата ќерка на еден дворски службеник, таа го оставила и се вратила кај родителите, каде останала 3 години. Во овој период Милтон напишал трактати кои го оправдуваат разводот не само во случај на неверство, единствената основа за развод што ја дал Исус, туку и во случај да не си одговараат еден со друг (Матеј 19:9). Истото мислење го задржал и во делото За христијанските учења.
И покрај неговите пропусти, делото За христијанските учења на моќен начин покажува кое е библиското гледиште за голем број важни теми. До ден-денес, овој негов труд ги обврзува сите што ќе го прочитаат да си ги измерат своите верувања со непогрешливиот аршин на Светото писмо.
[Фуснота]
a Еден нов превод на делото За христијанските учења, издаден од универзитетот Јејл во 1973 год., е уште поблизок до оригиналниот манускрипт на Милтон.
[Слика на страница 11]
Милтон внимателно ја проучувал Библијата
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола на The Early Modern Web at Oxford
[Слика на страница 12]
Милтон станал славен со поемата „Загубениот рај“
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола на The Early Modern Web at Oxford
[Слика на страница 12]
Последното дело на Милтон било изгубено 150 години
[Извор на слика]
Сликата е земена со љубезна дозвола на Rare Books and Special Collections, Thomas Cooper Library, University of South Carolina
[Извор на слика на страница 11]
Заднината е земена со љубезна дозвола на Rare Books and Special Collections, Thomas Cooper Library, University of South Carolina